Ревизор (комедија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Корица на првото издание на „Ревизор“ од 1836 година.
Марка по повод 200 години од раѓањето на Н. В. Гогољ (2009)
Поштенска марка со ликот на Гогољ и ликовите од „Ревизор“ во позадина

Ревизор (руски: Ревизоръ) е сатирична драма од рускиот драматург Николај Василевич Гогољ. Првобитно, драмата била објавена во 1836 година, но коригираната верзија излегла во 1842 година. Дејството е засновано на една анегдота помеѓу Гогољ и Пушкин, а во неа се исмеваат човековата алчност, неукост, како и политичката корупција во Руската Империја од тоа време.[1]

Постанокот на драмата[уреди | уреди извор]

На почетокот од октормври 1835 година, Ггогољ го замолил Пушкин да му даде сиже за комедија. Пушкин му излегол во пресрет на својот помлад пријател (нешто пред тоа му дал сиже и за “Мртви души”), и веќе во декември истата година Гогољ ја завршил комедијата „Ревизор“. Во почетокот на 1836 година, Гогољ ја читал комедијата во домот на поетот Жуковски, каде присуствувал и Пушкин. Впечатокот кај присутните бил блескав; Пушкин за сето време „се превиткувал од смеа“. Останувајќи доследен на својот став дека пиесата мора да биде играна на сцената, Гогољ направил чекори за изведба на „Ревизор“. Меѓутоа, цензурата не дозволила изведување на комедијата и благодарејќи само на заземањето на Жуковски, кој успеал да издејствува читање пред царот, таа била ставена на репертоарот. Приемната изведба „Ревизор“ се одржала на 19 април 1836 година на Александрискиот театар во Петербург, каде што Гогољ неколку години порано сакал да се вработи како актер. Публиката била шокирана: едни остро го напаѓале авторот, а други, воодушевено го фалеле. Комедијата „Ревизор“ е извонредна карикатура и жестока сатира на руските државни службеници во 1830-тите, во која е исмеан целокупниот бирократски поредок на тогашната Русија.

Приемната изведба „Ревизор“ се одржала на 19 април 1836 година на Александрискиот театар во Петербург, каде што Гогољ неколку години пред тоа сакал да стапи како актер. Публиката била шокирана: едни остро го напаѓале авторот, други, главно помладите, воодоошевено го фалеле. Во реакционерниот печат се појавиле жестоки повици и обвинувања дека без потреба и без цел ги прикажувал „опачините на животот“. Гогољ преживувал тешки моменти, речиси душевна траума. Неговото слабо здравје не можело да го издржи тоа и по совет на лекарите, тој решил да замине во странство, каде по половина година тешко ќе го потресе веста за трагичната смрт на Пушкин, без чиј совет, според неговите зборови, „ништо не преземал, ништо не пишувал“.

Ликови[уреди | уреди извор]

Ликовите од „Ревизор“
  • Антон Антонович Сквозник–Дмухановски - градоначалник на населеното место, подмитлив државен службеник кој се преправа дека е чесен.
  • Ана Андреевна - сопруга на градоначалникот, егоистична дама, воспитана според руските романи.
  • Марија Антоновна - ќерка на градоначалникот, милениче на нејзината мајка.
  • Иван Александрович Хлестаков - чиновник од Петроград, на возраст од 23 години, „вит, сув и малку приглуп“.
  • Осип - слуга на Хлестаков, кој имал навика да го кара неговиот господар во себеси.
  • Лука Ликич Хлопов - училишен надзорник, за кој Хлестаков имал мислење дека „мириса на црн лук“.
  • Амос Фјодорович Љапкин–Тјапкин - обласниот судија, кој „во животот прочитал пет-шест книги и затоа бил слободоумен“. Обожавал да кажува досетки и им придавал големо значење на сопствените зборови.
  • Артемиј Филипович Земљаников - управникот на болницата, лукав и голем лицемер.
  • Иван Кузмич Шпекин - управник на поштата, кој постојано ги читал туѓите писма.
  • Бопчински и Допчински - градски спахии, кои ја започнале целата збрка околу лажниот ревизор.
  • Христијан Иванович Хибнер - градскиот лекар кој не разбирал ниту еден збор на руски.
  • Љуљуков, Растаковски и Коропкин - угледни чиновници во пензија.
  • Степан Илич Уховјортов - полициски писар.
  • Свистунов, Пуговицин и Держиморд - полицајци
  • Абдулин - трговец
  • Феврона Петровна Пошљопкина - жена на браварот, која градоначалникот наредил да ја камшикуваат.
  • Мишка - слуга на градоначалникот
  • Повремено се појавуваат и подофицерската жена, кафеанскиот момок, гостите во кафеаната, трговците и граѓаните како молители.

Драмско дејство[уреди | уреди извор]

Дејството во драмата „Ревизор“ се одвива во 19 век (во царска Русија), во еден провинциски град, недалеку од Санкт Петербург. Заплетот започнува со веста за доаѓањето на ревизор од престолнината. Во круговите на градската администрација настанува општа паника. Сето тоа е резлутат на нивното долгогодишно неработење, корпуција и непотизам. Некои од нив се обидуваат да ги прикријат неправилностите во нивната работа, а други пак да извлечат корист од доѓањето на ревизорот. Едни имаат за цел да си ја задржат позицијата, а други пак да напредуваат во службата за сметка на полтронство и набедување. Во таа паника ја прифатиле гласината за лажниот ревизор. Тука настануваат комичните моменти. Тие го гоштеваат и му угодуваат на измамникот со цел да го придобијат на своја страна и да извлечат некоја корист. Градоначалникот е толку алчен што е подготвен и да ја омажи својата ќерка за лажниот ревизор, надевајќи се дека така ќе напредува во службата и ќе се вработи во Санкт Петербург, што е сон на секој малограѓанин.

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во „Ревизор“, Гогољ на сатиричен начин ги анализира ликовите и случувањата, особено осврнувајки се кон припадниците на државната бирократија. Во тоа време поголемиот дел од населението живеело во сиромаштија, големиот бирократски апарат станал помногуброен и сѐ покорумпиран, а в провинциите царувале малограѓанштината и полтронството.[2] Преку неговиот сатиричен пристап Гогољ ги изнесува на виделина односите во општеството поточно оттуѓеноста на бирократијата од граѓанството. Ваквата бирократија, наместо да му служи на граѓанството, всушност претставува еден затворен круг на луѓе лојални на власта каде што единствениот критериум за напредување наместо способноста е полтронството и семејните врски.

Таквата намера на авторот морала да доведе до раскрстување со традиционалните шеми. Во комедијата нема љубовна интрига, нема централен херој – таков херој е службеничкиот сталеж, составен од грабачи и лицемери, груби и беспошедни спрема послабите, а страшливите и понизни пред посилните, една маса што не може да помине низ филтерот на човечкото достоинство. Предводник на таа маса, на тоа провинциско беззаконие, е градоначалникот. Тој е мошне итар и опитен, ги знае сите врвици на плодоста и нечесноста, самиот вели дека успева да излаже „никаквеци над никаквеците“. Примањето поткуп за него е нормална работа – „тоа од самиот Бог е наредено“. Кон граѓаните се однесувал грубо, ги понижувал на секој чекор, но затоа кон претпоставените, за еден од кои ги смета Хлестаков, настојува да се покаже како примерен службеник кој не е како другите градоначалници што „се грижат најмногу за својата полза“. Неговата животна цел била да стане генерал, што ќе му овозможи да се прошири кругот на потчинетите, спрема кои би можел деспотски да се изживува.

Судијата Лјапкин-Тјапкин е втор по ранг во таа провинциска бирократска хиерархија. Поради тоа што прочитал неколку книги се сметал за образован човек. Прима како мито ловечки кучиња и повеќе мисли на ловот отколку на службата. Управникот на поштата Шпекин ужива да отвора туѓи писма; раководителот на болницата Землјаника воопшто не се грижел за жалната состоба на неговата установа; и другите службеници повеќе или помалку заборавиле на своите општествени и службени обврски. Спокојството на тој самовластен „поредок“ го нарушува доаѓањето на една непозната личност, која сите, свесни за своите постапки и службени неодговорности, ја прифаќаат за ревизор.

Всушност, стравот од одговорноста е причина еден површен и лекомислен човек во нивната претстава да добие димензии на ревизор од престолнина, зашто Хлестаков, дури откога видува дека му се дала шанса да изигра улога на која се надевал, но која сосема му одговора, го раздиплува карактерот на својата личност. Тој почнува да лаже, но често и самиот верува во она што го вели. „Тој лаже со чувства. Тоа е најубавиот, најпоетскиот миг во неговиот живот“. Одличен импровизатор, тој многу вешто ја искористува шансата. Така, исмевајќи го деспотско – бирократскиот поредок во Русија во првата половина од 19 век, Гогољ создал еден тип што може да се сретне во сите времиња. Комедијата „Ревизор“ го издржала најтешкиот испит за едно уметничко дело – испитот на времето. Таа и денес е постојано присутна во театарскиот репертоар, зашто лицемерието, корупцијата, бирократското самоволие, „хлестаковската“ површност и лекомисленост, што често имаат успех во животот, не изчезнале.

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Wikisource-logo.svg
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:

Поврзано[уреди | уреди извор]