Прејди на содржината

Невски проспект (Гогољ)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Илустрација од Дмитри Кардовски за изданието од 1904.

Невски проспект – расказ од циклусот „Петроградски раскази“ на Николај Гогољ. Првобитно, расказот бил објавен во неговата збирка „Арабески“ од 1835 година.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Една вечер, поручникот Пирогов и младиот уметник Пискарев шетаат по Невскиот проспект во Петроград и здогледуваат две убави девојки, едната русокоса, а другата црнокоса. Пискарев е восхитен од русокосата убавица и почнува да ја следи, a кога пристигнува до нејзината зграда, таа го повикува да влезе и Пискарев сфаќа дека девојката е проститутка. Разочаран, тој бега во својот стан, каде сонува дека девојката е многу богата и дека го поканила на раскошен бал, но токму кога сакала да му ја открие својата тајна, тој се буди. Во следните денови, Пискарев постојано мисли на девојката, почнува да зема опиум и фантазира. Потоа, цврсто одлучува да ја спаси од проституцијата и повторно оди во нејзиниот стан, барајќи ја за жена. Кога девојката студено го одбива, тој се враќа дома и извршува самоубиство. Истовремено, поручникот Пирогов ја следи русокосата жена, сопруга на познатиот занаетчија Шилер. За да стапи во контакт со неа, тој оди во дуќанот на Шилер и порачува мамузи и корица за ножот, притоа отворено кокетирајќи со неа. Една недела, тој го искористува отсуството на Шилер и оди во неговиот стан, но токму тогаш влегува Шилер со неговиот пријател и тие го соблекуваат Пирогов до гола кожа.[2]

Осврт кон расказот

[уреди | уреди извор]

„Невски проспект“ е еден од најсилните раскази на Гогољ во кој е нагласен контрастот меѓу бедата и богатството. Во Петроград, чесните и чувствителните луѓе пропаѓаат, а напредуваат вулгарните егоисти и кариеристи, кои трчаат по заработка или по лесно уживање и кои не ги мачат никакви општетствени или морални прашања. Така, поручникот Пирогов дрско следи една жена, а кога подоцна ќе биде претепан од нејзиниот маж, тој совршено ја заборава навредата - спротивно на офицерската чест. Во таквата вулгарна средина не можат да опстанат фантазерите и идеалистите. Таков е уметникот Пискарев, кој откако ќе открие дека саканата девојка е проститутка, не може да го поднесе тој удар и извршува самоубиство. Притоа, Гогољ вака го опишува крајот на животот на овој надарен и чувствителен човек: „Никој не заплака над него; никој не можеше да се види покрај неговиот студен труп... плачеше само војникот-служител, и тоа затоа што испил некое шише ракија.“[3]

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXX.
  2. N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-41.
  3. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXII.