Миргород (Гогољ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Миргород - збирка раскази (во два дела) на рускиот писател Николај Гогољ. Двата дела од збирката се објавени во 1835 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката ги содржи следниве раскази:[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Миргород“ е втората збирка раскази на Гогољ, која се наоѓа во органска врска со неговата прва збирка „Вечери во селцето крај Диканка“. Впрочем, не случајно во неа Гогољ го ставил поднасловот „Раскази што служат како продолжение на Вечерите во селцето крај Диканка“. Тој континуитет е особено присутен во „Тарас Буљба“ и во „Виј“ во кои доминираат фолклорните и фантастичните елементи и националниот романтизам. Меѓутоа, погрешно е да се мисли дека „Миргород“ е само продолжение на првата збирка, зашто таа означува нова етапа во творештвото на Гогољ, и тоа како по животниот материјал што е искористен во неа, така и во однос на проблематиката и уметничкиот метод. Притоа, многу уметнички елементи присутни во првата збирка сосема исчезнале и воопшто не се повторуваат во „Миргород“.[2] Исто така, во збирката се присутни суптилна иронија и сарказам полн со горчина и со сомилост.[3]

Во „Миргород“ Гогољ продолжил со реалистичкото прикажување на руските благородници, а тоа е особено видливо во расказите „Старовремски спахии“ и „Приказна за тоа како се скара Иван Иванович со Иван Никифоревич“, кои според општата тематика и по уметничката постапка претставуваат продолжение на расказот „Иван Фјодорович Шпонка и неговата тетка“ од првата збирка раскази „Вечери во селцето крај Диканка“. Во овие два расказа со извонредна релјефност е прикажана бесцелноста на една паразитска класа. Така, во „Старовременските спахии“ се опишува идиличниот брак на старците Афанасиј Товстогуб и неговата жена Пулхерија кои се сакаат и се грижат еден за друг. По смртта на сопругата, Афанасиј е потресен, но оваа слика се менува на крајот од расказот, кога во текот на десетина години не се случува ништо, а ликовите во расказот не прават ништо освен што јадат, пијат и спијат. Наспроти тоа, во расказот за Иван Иванович и Иван Никифоревич постои драмски конфликт. Двајцата соседи живеат во најголема слога, а потоа со години се судат околу една ловечка пушка. Притоа, психологијата и карактерот на двајцата главни јунаци Гогољ ги слика со генијално пронајдени реалистични детаљи. Како што забележува големиот руски критичар Белински, она што воодушевува во „Приказната за тоа како се скара Иван Иванович со Иван Никифоревич“ е тоа што авторот прави до солзи да се смееме на глупостите на двете живи карикатури, но на крајот нè наведува од длабочината на душата да се сожалиме на тие идиоти. Според него, токму тоа во тоа се состојат божествената уметност на творењето и уметничкиот талент кому поезијата е таму каде што е животот.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXIV.
  2. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXVI-XXVII.
  3. Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 6.
  4. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXIII-XXVI.