Мустафа-пашина џамија
Мустафа-пашина џамија | |
---|---|
Мустафа-пашина џамија | |
Основни податоци | |
Место | Скопје Македонија |
Координати | 42°0′7″N 21°26′7.5″E / 42.00194° СГШ; 21.435417° ИГД |
Припадност | ислам |
Архитектонски опис | |
Архитектонски тип | џамија |
Завршен | 1492 |
Особености | |
Куполи | 1 |
Минариња | 1 |
Висина на минарето | 47 m |
Мустафа-пашината џамија — џамија во Скопје, којашто се наоѓа на потегот меѓу Куршумли ан, црквата „Св. Спас“ и Калето. Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на везирот Мустафа-паша, во чијашто чест и го добила своето име. Историски, во склоп на градбата влегувале турбе, шадрван, имарет и медреса, од коишто денес се зачувани турбето на Мустафа-паша, саркофагот на неговата ќерка Уми и шадрванот во дворот на џамијата, како и остатоци од надгробни нишани и имаретот и медресата.
Историја
Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на Мустафа-паша, кој бил везир на султаните Бајазит II и Селим I и извршувал високи функции во Отоманската Империја.[1] Тој поседувал голем имот во Румелија и четири села во околината на Скопје: Булачани, Батинци, Раштак и Црешево. Бил син на Абдулах (Абдулкерим), имал две жени, и двете по име Хуршид, и четири ќерки Хани, Уми, Шах Земан и Хума. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица. Евлија Челебија, во своите патеписни белешки, забележал постоење на медреса на Мустафа-паша во Скопје.
Од мермерната плоча над влезната врата, на која е запишан текст со арапско писмо, се дознава дека објектот бил изграден на темелите на некоја средновековна црква. За разлика од останатите градби во и околу чаршијата, Мустафа-пашината џамија не претрпела големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., но сепак по него се извршени некои реконструкциски зафати.[2] Последното обновување заврши во 2011 година, а на свеченото отворање на џамијата присуствуваше делегација од Турција, предводена од вицепремиерот Бекир Боздаг.[3]
Архитектура
Градбата на џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Нејзината основа е квадратна и е покриена со купола, чиј пречник изнесува 16,3 m. Куполата била изградена на тромпи коишто се украсени со арабески и од чијашто лева страна се наоѓаат мотиви насликани од времето на изградбата на џамијата, додека од десната страна понови и без некоја посебна уметничка вредност. Објектот е ѕидан со клепан камен и два реда тули. Влзот во џамијата е преку тремот, којшто е изработен од бел мермер, а пред него се наоѓаат четири мермерни столбови кои се поврзани со полукружни лакови. Целиот овој дел е покриен со три мали куполи. Минарето високо 47 m е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, на чијшто југо-источниот дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитвите. Во кружниот простор со арабеси, на исток и запад се запишани имињата на Мухамед и Алах, додека на југ и север оние на халифите: Евубекир, Омер, Осман и Али. Веднаш над влезната врата се наоѓа галерија (мехвил).[2]
Во рамките на џамијата влегуваат и турбето, каде што во 1519 година бил погребан Мустафа-паша; саркофагот на неговата ќерка Уми; шадрван, пред самиот влез на џамијата; надгробни нишани и остатоци од некогашните имарет и медреса.[1]
Галерија на слики
-
Разгледница со џамијата од 1917 год.
-
Внатрешноста на џамијата
-
Столб на тремот и минарето на џамијата
-
Влезот на џамијата
-
Натпис со посвета над вратата
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 Мустафа-пашина џамија, makedonskibiser.com.mk.
- ↑ 2,0 2,1 Мустафа-пашина џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ По пет години реставрација свечено отворена џамијата Мустафа Паша во Скопје, TRT, 29 јули 2011.
Поврзано
|
|