Животинска фарма

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Животинска фарма  
Farma.jpeg
Корица на македонскиот превод на „Животинска фарма“ во издаваштво на Икона
Автор Џорџ Орвел
Наслов на
оригиналот
Animal Farm
Земја Обединето Кралство
Јазик англиски
Жанр(ови) класика, сатира, образовна анимација
Издавач Secker and Warburg
Издадена 17 август 1945
Медиум печатена
Страници 112 стр. (оригинално)
OCLC 53163540
Претходна Лавот и еднорогот
Следна 1984

Животинска фарма - Бајка (англиски: Animal Farm - A Fairy Story) е сатиричен роман на Џорџ Орвел. Книгата е напишана меѓу ноември 1943 и февруари 1944 година,[1] а била издадена во Англија, на 17 август 1945 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од десет глави во кои е прикажан животот на една фарма во која животните ја преземаат власта.

  • Прва глава: Една вечер, господинот Џонс се вратил пијан на Сопственичката фарма. Тогаш, сите животни на фармата се собрале за да го слушнат обраќањето на стариот крмак Мајор, кој им раскажувал за тешкиот живот на домашните животни кои работат напорно, а сите производи ги присвојуваат луѓето. Затоа, тој ги поттикнал да се борат против луѓето, со цел да се изборат за слободата. Притоа, Мајорот им ја испеал борбената песна „Животните на Англија“ која сите животни ја прифатиле како своја химна.[2]
  • Втора глава: Три дена подоцна, на почетокот на март, умрел Мајорот. Тогаш, трите крмаци, Наполеон, Сноубол и Сквилер, започнале тајна активност за подготовка на бунтот на фармата. Во јуни, господинот Џонс се вратил пијан на фармата и заборавил да ги нахрани животните, кои почнале да негодуваат. Тогаш, Џонс и аргатите почнале да ги тепаат животните, а тие пак ги нападнале и ги избркале од фармата која ја нарекле Животинска фарма. Притоа, свињите ги објавиле седумте заповеди за однесувањето на животните: 1) Кој оди на две нозе, тој е непријател; 2) Кој оди на четири нозе или има крила, тој е пријател; 3) Ниедно животно не смее да носи облека; 4) Ниедно животно не смее да спие во кревет; 5) Ниедно животно не смее да пие алкохол; 6) Ниедно животно не смее да убие друго животно; 7) Сите животни се еднакви.[3]
  • Трета глава: Целото лето, животните го поминале во сложна работа. Единствено, во недела одмарале, кога ја пееле химната и го кревале знамето, по што држеле состанок. Свињите научиле да читаат, а Сноубол се истакнал со своите организаторски способности. Воопшто, свињите не работеле, туку го презеле управувањето со фармата. Меѓутоа, постепено, тие почнале да ги присвојуваат млекото и јаболката, а Сквилер ги убедил животните дека тоа го прават во нивна корист.[4]
  • Четврта глава: Во текот на летото, гулабите ја пренесле веста по другите фарми. Луѓето биле зачудени од настаните на фармата, но никој не му помогнал на господинот Џонс, зашто неговите соседи сакале да му го преземат имотот. Сепак, еден ден, тој ја нападнал фармата, но животните се одбраниле, а во борбата особено се истакнал Сноубол кој бил лесно ранет.[5]
  • Петта глава: Кога пристигнала зимата, животот на животните станал потежок, а кобилата Моли избегала кај луѓето. Сноубол направил план за изградба на ветерница која би произведувала електрична енергија, но Наполеон остро се спротивставил на планот. Сепак, на состанокот, Сноубол успеал да добие поддршка од животните, но тогаш Наполеон го нападнал со своите девет кучиња, кои цело време тајно ги воспитувал. За да си го спаси животот, Сноубол морал да побегне од фармата, а Наполеон и свињите целосно ја презеле власта. Еден ден, на сеопшто изненадување, Наполеон ја објавил одлуката за изградба на ветерницата.[6]
  • Шеста глава: Цела година, животните работеле напорно, но изградбата на ветерницата напредувала бавно. Во меѓувреме, Наполеон објавил дека фармата ќе тргува со луѓето, со посредство на нотарот Вајмпер, со што на животните им останало помалку храна. Истовремено, свињите се преселиле во куќата на Џонс, фалсификувајќи ја четвртата заповед. Една ноемвриска ноќ, силна бура ја урнала ветерницата, а Наполеон објавил дека тоа го направил Сноубол, обвинувајќи го дека цело време бил предавник и соработник на Џонс.[7]
  • Седма глава: Зимата, животните почнале повторно да ја градат ветерницата, работејќи уште повеќе, а во работата најмногу се истакнувал коњот Боксер. Сепак, на фармата завладеела глад, а за сите лоши работи бил обвинуван Сноубол за кого се тврдело дека тајно ја посетува фармата и прави штети. Сквилер ги убедил животните дека Сноубол воопшто не бил борец за слобода, туку дека бил агент на Џонс, а дека Наполеон се истакнал во борбата за независност. Потоа, Наполеон почнал да ги убива животните, претходно обвинувајќи ги за соработка со Сноубол. Најпосле, тој ја забранил химната „Животните на Англија“, а неговиот личен поет Минимус напишал песна во која се опејува Наполеон.[8]
  • Осма глава: Постепено, Наполеон целосно се отуѓил од животните на кои само им ги пренесувал наредбите со посредство на Сквилер, а кучињата биле задолжени да ги држат животните во страв и послушност. Така, на фармата завладеал терор, а животните биле принудени на ропска работа. Истовремено, сите морале да го слават Наполеон како голем водач. Најпосле, животните ја изградиле ветерницата, но соседниот фармер Фредерик ја нападнал фармата и ја уништил ветерницата. Сепак, животните победиле, иако претрпеле големи загуби. Наскоро, свињите ја прекршиле и петтата заповед и почнале да пијат алкохол.[9]
  • Деветта глава: Тешкиот живот на фармата продолжил, а животните повторно почнале да ја градат ветерницата. Во април, фармата била прогласена за република, а Наполеон бил избран за претседател. Боксер тешко се повредил при работата и бил однесен во касапница, но Сквилер ги убедил животните дека го однесле на болница, каде што умрел.[10]
  • Десетта глава: Поминале неколку години, дошле нови генерации животни и останале само неколку од оние кои биле сведоци на Бунтот. Ветерницата била завршена, а фармата била проширена со други имоти. Животните и понатаму работеле напорно, а животот им бил удобен само на свињите и кучињата. Сепак, животните продолжиле да се надеваат дека ќе дојде светлата иднина, задоволни дека не живеат под власт на луѓето. Еден ден, свињите почнале да одат на две нозе, а седумте заповеди биле избришани и заменети со една, која гласела: „Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“. Една вечер, свињите организирале забава на која ги поканиле соседните фармери. Тогаш, Наполеон објавил дека свињите се сопственици на фармата, дека престануваат непријателствата со луѓето и дека е вратено старото име на фармата. Другите животни ја набљудувале забавата, неспособни да направат разлика меѓу свињите и луѓето.[11]

Осврт кон книгата[уреди | уреди извор]

Според самиот Орвел, книгата се заснова на настаните кои довеле до завладување на Сталиновата ера пред Втората светска војна. Орвел, кој бил демократски социјалист,[12] бил критичар на Јосиф Сталин и на сталинизмот, особено по неговото искуство во Шпанската граѓанска војна.[13] Тој тврдел дека СССР станал брутална диктатура, заснована врз култот на една личност. Главни ликови во романот се животни и преку нив Орвел изразува политички настани и личности. Книгата била издадена во периодот кога СССР бил во својот најголем подем и голем број издавачки куќи одбивале да ја испечатат книгата. Така, печатењето на книгата задоцнило, но сепак книгата доживеала голем успех по печатењето, најмногу поради тоа што Студената војна веднаш ја проследила Втората светска војна.[14]

Во својот есеј „Зошто пишувам“ од 1947 година, Орвел вели: „Животинска фарма беше првата книга во која се обидов, потполно свесно, да ги спојам политичката и книжевната цел.“ И навистина, неговиот обид се покажал како целосен погодок: искористувајќи ја книжевната форма, на својот оригинален начин, тој се пресметал со политиката и системот во Британија во периодот меѓу двете светски војни, осудувајќи го она што довело или можело да доведе до состојбата опишана во книгата. Меѓутоа, големината на ова дело е во тоа што во неа може да се најдат сличности со подалечната или поблиската историја на многу земји во светот. Силата на неговиот талент и фантазијата, убедливото раскажување за неверојатните нешта, необичната фабула, атмосферата, неочекуваните пресврти и хуманистичката порака ја прават „Животинската фарма“ актуелна книга.[15]

Ликови[уреди | уреди извор]

Свињи[уреди | уреди извор]

  • Стариот мајор – алегорија на Карл Маркс и Владимир Ленин. Тој е стар, дванаесетгодишен крмак кој ужива голема почит меѓу животните поради неговата мудрост.
  • Наполеоналегорија на Јосиф Сталин. Тој е голем крмак кој не зборува многу, не е многу интелигентен, но ужива углед на фармата зашто за сè има свој став. Со текот на времето, тој ја приграбува целата власт на фармата и се претвора во диктатор.
  • Сноубол (Snowball) – базиран на Леон Тротски и на Владимир Ленин. Млад крмак кој се истакнува со своите организаторски способности, со постојаната иницијатива и со храброста. Постојано има спротивно мислење на Наполеон и поради тоа е прогонет од фармата и прогласен за предавник и непријател.
  • Сквилер (Squealer) – алегорија на Вјачеслав Молотов. Мал, дебел крмак со синти очи, кој му служи како потрчко на Наполеон. Тој е задолжен за пропагандата на фармата и постојано ги убедува животните во нешто што е спротивно на вистината.
  • Минимус – поет кој пишува химни во слава на Наполеон.
  • Четири млади крмаци - Тие благо протестираат против тиранијата на Наполеон, а поради тоа, подоцна се убиени како непријатели на фармата.
  • Млади прасиња - Наполеон ги одзема од родителите и ги воспитува за да му бидат верни.
  • Пинкај (Pinkeye) – младо прасе кое се споменува само еднаш.

Луѓе[уреди | уреди извор]

  • Џонс (Jones) – поранешен сопственик на фармата, неспособен и неорганизиран човек и алкохоличар.
  • Господин Фредерик (Frederick) – сопственик на соседната фарма Пинчфилд, алегорија на Германија. Тој е груб, итар и практичен човек кој сака да го приграби имотот на Џонс и затоа не му помага во првите денови од бунтот. Исто така, тој е нечесен во односите со фармата и за една зделка плаќа со лажни пари, а потоа организира напад на фармата и ја уништува ветерницата. Сепак, на крајот, тој воспоставува добри односи со Наполеон, држи говор во негова чест и ги фали неговите тирански методи.
  • Пилкингтон – сопственик на соседната фарма Фоксвуд, алегорија на Британија.
  • Господин Вајмпер (Whymper) – локален нотар, посредник помеѓу Животинската фарма и надворешниот свет

Коњи[уреди | уреди извор]

  • Боксер (Boxer) – најсилното и најработливо животно на фармата. Тој е чесен, трудољубив и правдољубив, но наивен и не многу интелигентен. Неспособен да ги разбере нештата, тој си измислува две пароли: „Ќе работам повеќе“ и „Другарот Наполеон е секогаш во право“.
  • Кловер (Clover) – крупна и кротка кобила, пријателка на Боксер. Таа ги согледува промените на фармата, но нема доволно интелигенција за да ги разбере работите ниту волја да им се спротивстави на свињите.
  • Моли (Mollie)– кобила, единствено животно на фармата кое не работи ништо. Нејзината единствена грижа е да изгледа убаво и најпосле, таа пребегнува кај луѓето.
  • Бенџамин (Benjamin) – магаре, еден од најстарите жители на фармата. Тој е молчелив и скептичен, па иако ја прифаќа револуцијата, секогаш е воздржан.

Останати животни[уреди | уреди извор]

  • Гавранот Мојсие (Moses) - Во времето пред бунтот, тој е во добри односи со Џонс, а потоа ги залажува животните со приказната дека на небото постои среќна земја за умрените животни. Потоа, тој ја напушта фармата, но повторно се враќа и тогаш е во добри односи со свињите.
  • Деветте кучиња - тие се агресивни и ги држат животните на фармата во постојан страв. Нив ги одгледал и воспитал Наполеон, земајќи ги кај себе уште како мали кученца, со намера да ги претвори во своја лична гарда.
  • Овците - Тие се глупави и му служат на Наполеон за спречување на секој обид за отпор или слободно мислење. Поради банални причини, неколку овци се убиени како непријатели на фармата.
  • Кокошките - тие се вредни, но глупави. Кога Наполеон ја зголемува испораката на јајца, тие организираат саботажа, но тој брзо ги скротува. Подоцна, три кокошки, организатори на саботажата, се убиени како непријатели на фармата.
  • Мачката - Таа е лукава, не зема активно учество во работите на фармата и постојано исчезнува, кога треба да се работи.

Покрај нив, во романот се појавуваат и други животни: козата Мјуриел (Muriel), кучињата Блубел (Bluebell), Џеси (Jessie) и Пинчер (Pincher), крави, гуски, коњи, патки, стаорци и зајаци.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 101.
  2. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 5-13.
  3. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 14-21.
  4. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 22-28.
  5. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 29-34.
  6. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 35-44.
  7. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 45-53.
  8. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 54-65.
  9. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 66-78.
  10. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 79-89.
  11. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 90-100.
  12. Why I Write“ (1936) (The Collected Essays, Journalism and Letters of George Orwell, Volume 1 – An Age Like This 1945–1950 p. 23 (Penguin))
  13. Orwell, writing in his review of Franz Borkenau's The Spanish Cockpit in Time and Tide, 31 July 1937, and Spilling the Spanish Beans, New English Weekly, 29 July 1937
  14. Morris Dickstein, Cambridge Companion to Orwell, p.134
  15. Džordž Orvel, Životinjska farma. Beograd; BIGZ, 1985, стр. 101.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Наводи[уреди | уреди извор]