Марија Антоанета

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Марија Антоанета
Кралица на Франција

Марија Антоанета со розата
Владеење 10 мај 177421 септември 1792
Почивалиште

Базилика Сен-Дени, Франција

(21 јануари 1815, за време на Бурбонската реставрација)
Придружник на Луј XVI, Крал на Франција и на Навара
Деца Марија-Тереза-Шарлота, Војвотка од Ангулем
Луј-Жозеф, Престолонаследник на Франција
Крал Луј XVII
Принцеза Софија-Елена Беатриса
Династија Хабсбурговци
Татко Франц I
Мајка Марија Тереза

Марија Антоанета Хабсбург-Лоренска (германски: Maria Antonia Josepha Johanna von Habsburg-Lothringen; француски: Marie Antoinette Josèphe Jeanne de Habsbourg-Lorraine); (родена на 2 ноември 1755 во Виена - гилотирана на 16 октомври 1793 во Париз), била принцеза на Австрија и кралица на Франција и на Навара. Таа била петнаесеттото и претпоследно дете на Франц I, Свет римски император и на Марија Тереза Австриска. Нејзини браќа се Светите римски императори Јосеф II и Леополд II.

На 14 годишна возраст, на денот на нејзината свадба со Луј XVI, престолонаследник на Франција и таа ја добила истата титула. По смртта на кралот Луј XV, во мај 1774, нејзиниот маж Луј XVI го наследил францускиот престол како а Марија Антоанета ја добила титулата Кралица на Франција и Навара. По седум години брак, на свет донела девојче, Марија-Тереза Шарлота, кое било првото од нивните четири деца.

За време на теророт и кулминацијата на Француската револуција, сопругот на Марија Антоанета бил симнат од престолот, а кралското семејство било заробено. Марија Антоанета била осудена за предавство и била погубена на гиљотина на 16 октомври 1793, девет месеци по нејзиниот сопруг.

Познатата фраза „ако народот нема леб, нека јаде колачи“ често ѝ се препишува токму на Марија Антоанета. Сепак не постои цврст податок кој докажува дека токму таа ја кажала и истата денес се смета за новинарско клише.[1]

Детство и младост[уреди]

Родена во дворецот Хофбург во Виена во 1755 год., Марија Антоанета била најмладата ќерка на Франц I и Марија Тереза, императори на Светото римско царство. Марија Антоанета била опишувана како „малa, но потполно здрава принцеза“. Во австрискиот кралски двор била позната како "Мадам Антоан".[2]

Марија Антоанета, 12 години, од Мартин ван Маитенс (1767 год.)

Таа особено ја сакала музиката и научила да свири на чембало и свирела пред многу луѓе и гости во дворот.

Здодевниот живот во дворецот бил надокнаден со „приватниот“ живот кој Хабсбурговците особено го негувале и кој се одвивал во одредени дворци (најчесто во дворецот Шенбрун) кои биле забранети за останатите од кралскиот двор. Во нивното „приватно“ катче, целата фамилија без никакви осуди од останатите дворјани можеле да носат буржоаска облека, децата си играле со обичните деца (оние кои немале сина крв), го стекнувале своето образование и се негувале градини и менажерија. Марија Антоанета подоцна се обидува истата таа навика да ја наметна и во францускиот кралски двор реновирајќи го дворецот Мал Тријанон во Франција, којшто го добила на подарок од Луј XVI.

Според многу извори, нејзиното детство било малку комплексно. Од една страна, нејзините родители донеле неколку промени во животот во кралскиот двор, кои ја прават Австрија еден од најнапредните кралски дворови во Европа. Иако одредени функции во кралскиот двор останале формални како што се налагало, кралот и кралицата направиле доста промени во кралскиот двор. Како на пример, дозвола за влез во дворот, релативно поопуштен стил на облекување и укинување на одредени дворски прoтоколи како што бил ритуалот каде дузина дворјани присуствуваат во кралските одаи за време на раѓањето на наследниците. Овој ритуал воопшто не ѝ се допаѓал на кралицата така што таа не дозволила дворјаните да присуствуваат во нејзините одаи додека се пораѓала.

За разлика од идиличниот „приватен“ живот кој го водела, нејзината планирана улога во политиката била доста мала, иако била со цел да го зајакне сојузништвото на Австрија и Франција преку бракот, што било и првичната цел на мајка ѝ. Марија Антоанета често била запоставувана од својата мајка, која имала уште деца за кои требала да се грижи и да договара бракови. Од таа причина, подоцна Марија Антоанета го опишува својот однос со мајка ѝ како однос исполнет со страхопочит. Кај неа се појавила и недоверба кон образованите постари жени поради блискиот однос на мајка ѝ со нејзината постара сестра, принцезата Марија Кристина, која била родена на ист ден како мајка ѝ, и била нејзиното миленичка. Недостигот на контрола кон децата се одразил и на нејзиното образование, за што нѝ говори и фактот дека таа на 15 годишна возраст одвај умеела да чита и да пишува на својот мајчин германски јазик.

Бракот со Луј XVI (1767 – 1770)[уреди]

Марија Антоанета на чембало, од Франц Ксавер Вагеншон (1768 год.)

Причините кои водат до нејзината веридба со престолонаследникот на Франција започнуваат во 1765 кога Франц I, Светиот римски император, починал од инфаркт во август истата година и ја оставил својата сопруга Марија Тереза да владее заедно со најстариот син и престолонаследник, императорот Јосеф II. Во тоа време, за неколку од сестрите на Марија Антоанета веќе била договорена свршувачка или се воделе преговори за свршувачка (принцезата Марија Јосефина со кралот Фердинанд од Неапол, а Дон Фердинанд од Парма имал намера да се сврши со некоја од останатите принцези). Целта на овие бракови било да се зацврстат различните критични сојузништва во кои Марија Тереза влегла поради Седумгодишната војна во 1750-тите и ги вклучувало Парма, Неапол, Русија и најважно вечниот непријател на Австрија – Франција. Бракот меѓу младиот престолонаследник Луј и Марија Антоанета не би се склучил доколку овие две земји не биле приморани да влезат во сојуз поради Седумгодишната војна.

Во 1767 семејството заболело од мали сипаници. Антонина била една од неколкуте деца кои биле имуни бидејќи како помала веќе ја имала прележано. Жената на императорот Јосеф II, Марија Јосефина, починала прва. Самиот Јозеф II се заразил но за малку ја избегнал смртта. Ќерката на Марија Тереза, Марија Јосефина ги фатила сипаниците од својата снаа (со исто име) и набргу потоа починала. Марија Елизабета, уште една постара сестра на Антонина, исто така се заразила и иако не умирела, нејзиниот надворешен изглед бил уништен и како таква не била добра понуда за брак. За да ја надомести загубата, Марија Тереза за бракот со кралот од Неапол ја дала една од останатите своите ќерки, Марија Каролина. А принцезата Марија Амалија, најстарата сестра која имала право да се мажи, се свршила со Дон Фердинанд од Парма.

Така останала само 12-годишната Антоанета да биде идната невеста на 14-годишниот престолонаследник на Франција, Луј Август, кој ѝ бил далечен роднина. По внимателната спогодба помеѓу владите на Франција и Австрија, бил договорен мираз од 200.000 круни и како што било обичај биле разменети портрети и прстени. Антонина била омажена преку застапник на 19-ти април во црквата Свети Августин во Виена. Незиниот брат Фердинанд стоел на местото од младоженецот. И нејзиното име било официјално заменето во Марија Антоанета, престолонаследничка на Франција.

Официјално Марија Антоанета била предадена на французите на 7 мај 1770 на еден остров на реката Рајна во близина на Келн. Со целото примопредавање раководел Филип де Ноилес, кои подоцна станал и главен домаќин на домот на Луј XV од Франција. Една седмица подоцна таа го запознава и својот сопруг, Луј Август и кралските роднини (сестрите на Луј XV, познати како Мадами[3]). Пред да стигнат во Версај, таа го запознала и своите девери Луј Станислас Ксавие и Шарл Филип, кои ќе имаат важна улога во нејзиниот живот и по нејзината смрт. Потоа ја запознала и останатата фамилија, вклучувајки ја и најмаладата сестра на својот свршеник, Мадам Елизабет, која ќе ѝ остане најблиската и најлојалната пријателка до крајот на животот.

Целата церемонија околу венчавката се случила на 16 мај 1770 во дворецот Версај, по која следела првата брачна ноќ. Според обичаите обврските кон бракот започнувале со првата брачна ноќ. Но бидејќи ова не се случило, цели седум години репутацијата на престолонаследникот и престолонаследничката на Франција биле доведени до прашање.

Првичните реакции за бракот помеѓу Марија Антоанета и Луј Август биле несомнено различни. Од една страна, Марија Антоанета била особено популарна помеѓу народот. Кралскиот двор го сметал за особен успех нејзиното прво официјално појавување во Париз на 8 јуни 1773 на кое присуствувале преку 50 илјади луѓе, кои биле дојдени само за ја да видат идната кралица. Нејзината убавина и карактер лесно ги шармирале луѓето. Била висока, со светла кожа, светла коса и темно сини очи. Нејзиниот единствен недостаток бил повлечената вилицата нанапред што било наследно кај Хабсбурговците. По посетата на Операта петнаесет минути се аплаудирало и публиката скандирала „Господ да ја чува престолонаследничката“. Особено била почитувана поради нејзините хумани дела.Еднаш кога присуствувала на изрекување на смртна казна, лично се погрижила фамилијата да добие одредена сума како надомест за загубата а во друг случај, посвоила сираче.

Марија Антоанета, на 13-годишна возраст. Овој мал портрет му бил испратен на престолонаследникот за да може да ја види својата невеста пред да ја запознае, од Жозеф Дикре (1769)

Во францускиот двор овој брак не бил многу прифатен од страна на старешините, токму поради долгогодишната тензија помегу Австрија и Франиција. Многумина пак од дворот, од друга страна, биле активни во промовирање на бракот помеѓу престолонаследниците и разните саксонски принцези. Мадамите пак зад грб ја нарекувале "l'Autrichienne" („Австријката“). Многумина ја обвинувале дека сака од кралот да направи австриски слуга и да ги уништи долгите традиции (како на пр. назначувањето на луѓе на одредени позиции според познанството, а не според аристократската титула) или пак за тоа дека често правела шеги за влијанието на постарите жени во кралскиот двор. Со многу фамилии од кралскиот двор имала доста деликатен оснос.

Меѓусебниот однос на Марија Антоанета со Мадам де Бари требал да се подобри, бидејќи Мадам де Бари му била љубовница на Луј XV и како таква имала соодветно политичко влијание врз кралот. Таа дури влијаела и да се симне од власт војводата од Шосел, кој помагал во преговорите за франсуско-австрискиот сојуз, како и при преговорите за самиот брак на Марија Антоанета. Медамите не ја сакале Мадам де Бари и со малку манипулација успеале да ја убедат престолонаследничката да не ја прифати и признае љубовницата што многумина го сметале за политичка грешка на Марија Антоанета. По неколку месечен притисок од страна на нејзината мајка и од страна на австрискиот министер, Марија Антоанета се сложила да ѝ прозбори на Мадам де Бари, на новогодишната вечер во 1772. Иако целата конверзација била сведена на баналниот коментар на Марија Антоанета дека „денес има многу гости во Версај“, Мадам де Бари била задоволна и кризата била надмината. Подоцна Марија Антоанета станала покултурна кон Мадам де Бари на задоволство на Луј XV.

Од самиот почеток, престолонаследничката постојано се допишувала со својата мајка која тајно добивала информации за однесувањето на ќерката. Во своите први писма Марија Антоанета пишувала дека ѝ недостига драгиот дом во Австрија. Иако писмата биле трогателни, подоцна Марија Антоанета изјавила дека таа повеќе се плашела од својата мајка отколку што ја сакала. Антоанета била постојано критикувана од мајка си дека е неспособна „да ја разбуди страста“ кај својот сопруг, кој ретко спиел со неа, интересирајќи се повеќе за лов. Мајка ѝ одела до таа крајност што директно ѝ кажала на Марија Антоанета, дека повеќе не е убава и дека ја изгубила сета грандиозност што ја поседувала.

Луј Август како престолонаследник на Франција, од Луј, Михаел ван Лу (1769год.)

За да надомести поради незаинтересираноста на својот сопруг и бескрајните критики од својата мајка, Марија Антоанета почнала сè повеќе да троши на коцкање и облека, играјќи карти и обложувајќи се на коњски трки, како и патувања до градот, нова облека, чевли, помади и шминки. Од неа, според традицијата, и се очекувало да троши на облека за да се истакне над другите жени од кралскиот двор и да биде водечки пример за мода во Версај (предходната кралица Марија Лешчинска, починала во 1768, две години пред пристигнувањето на Марија Антоанета во дворот).

Марија Антоанета започнала да склопува цврсти пријателства со различни жени од својата придружба. Најзабележителни биле пријателствата со чуствителната вдовица, принцезата де Ламбал, која Антоанета ја назначувала како "интендантка на домакинството" (највисоката позиција, до која може да се издигне една придворна дама во францускиот кралски двор), милата и невообразена војвотка де Полињак, која го формирала и камен темелникот на блискиот круг на пријатели на кралицата - Посебно Друштво на Кралицата (на француски „Société Particulière de la Reine“).Полињак подоцна станала и кралска гувернанта и му била пријателка и на Луј. Блискоста на Марија Антоанета со овие дами била под влијание на разните популарни публикации, кои промовирале ваков тип на пријателства, но подоцна постоеле обвиненија за лезбејство меѓу овие дами. Други кои ја имале нејзината доверба биле братот на нејзиниот сопруг, графот д'Артоа, војводата на Прованса, и Кристоф Вилибалд Глук, нејзиниот поранешен учител по музика, кој го земала под свое патронство веднаш по неговото доаѓање во Франција.

Една седмица по премиерата на операта на Глук Ифигенија во Олида, која Марија Антоанета ја направила патрон на уметностите, Луј XV се разболел (27 април 1774). На 4 мај 1774 тој бил приморан да ја испрати својата љубовница надвор од Версај, а на 10 мај 1774 во три часот напладне тој починал од мали сипаници на 64 годишна возраст. Сопругот на Марија Антоанета, Луј XVI од Франција официјално бил крунисан на 11 мај 1774, во катедралата Нотр-Дам во Ремс. Марија Антоанета не била крунисана заедно со него и за време на целата церемонија на крунисувањето го придружувала доста кратко.

Владеење: 1774–1792[уреди]

1774–1778: Првите години[уреди]

Без разлика како е опишана во современите политички публикации, новата кралица имала многу мало политичко влијание врз својот сопруг. Луј, кој уште како мал бил анти-австриски воспитан, потпомогнат и подржан од неговите два најважни министри, главниот министер и министерот за надворешни работи, и многу често го блокирал нејзиниот избор на кандидати за одредени важни позиции (вклучувајќи го и Шоасел). Сите тројца биле анти-австриски настроени и биле свесни за потенцијалните последици доколку и дозволат на кралицата, а преку неа и на австрискиот двор, да имаат збор во француската политика.

Надвојводата Максимилијан Франсис во посета на Марија Антоанета и нејзиниот сопруг во Шато де ла Мует (7 февруари 1775)

Положбата на Марија Антоанета станала особено несигурна кога на 6 август 1775 нејзината снаа, графицата д`Артоа, родила син кој станал наследник на францускиот престол, кога татко му, графот д`Артоа, станал крал Шарл X на Франција во 1824. Како резултат на тоа во јавноста излегле многу карикатури каде најчеста тема била импотентноста на кралот и како кралицата бара сексуално задоволство кај други мажи и жени. Меѓу нејзините љубовници, за кои доста се говорело биле нејзиниот близок пријател, принцот де Ламбал и стројниот девер,графот од Артоа со кого кралицата била во добри односи.

Сето ова допринело кралицата да се оддаде на трошење за фустани од познатата Розе Бертин како и на коцкање и едноставно да се забавува. Еднаш, без престан играла карти цели три дена со играчи од Париз, сè до нејзиниот 21-ви роденден. Исто така започнала за има различни додворувачи,на кои им дозволила да влезат во потесните кругови, како што биле баронот де Бесенвал, војводата де Шони и Валентин Естерхази.

На Марија Антоанета ѝ била дадена целосна слобода да го реновира дворецот Мал Тријанон во Франција, кој ѝ го подарил кралот Луј XVI на 15-ти август 1774. Таа најмногу внимание обрнала на хортикултурата, уредувајќи го дворот во стил на англиските градини, со различни специфични растенија. Иако малиот дворец бил изграден во времето на Луј XV, дворецот Мал Тријанон станал асоцијација за екстравагантноста на Марија Антоанета. Постоеле многу гласини дека ѕидовите биле покриени со злато и дијаманти.

Поголем проблем бил секако неплатениот долг кој Франција го имала поради Седумгодишната војна. Истиот бил дури и зголемен кога Луј XVI влегол во војна со Велика Британија поради северноамериканските колонии.

Во средина на подготовките за испраќање на помош за Франција и во времето на првите либели, кралот Јосеф дошол во шестнеделна посета кај својата сестра и својот зет на 18 април 1777, за да види зашто нивниот брак не бил „исконзумиран“ и немало наследник. Често се верувало дека Луј XVI страда од фимоза и дека потребно е да направат одредени корекции. На 30 август 1777 бракот бил официјално „исконзумиран“. Осум месеци подоцна, во април, се шпекулирало дека кралицата е конечно бремена. Потврдено било истото на 16 мај 1778.

1778–1781: Мајчинството[уреди]

Во текот на нејзината бременост се случиле две нешта кои влијаеле на нејзиниот подоцнежен живот. Прво било враќањето на убавиот Швеѓанец, грофот Аксел фон Ферсен во Версај на две години. Второ, богатиот но злобен братучет на кралот, грофот де Шартес, бил прогонен поради неговото сомнително раководење во ослободителна војна против британската колонијална власт во Соединетите Држави. Покрај ова, братот на Марија Антоанета, кралот Јосеф, почнал да има претенции кон престолот на Баварија, право засновано на неговот втор брак со принцезата Марија Јосефа од Баварија. Марија Антоанета се залагала кај својот маж Франција да заземе став на страна на Австрија, но била одбиена од кралот и неговите министри. Тешенскиот мировен договор, потпишан на 13 мај 1779 го смирил краткиот конфликт, но овој инцидент уште еднаш го докажал малото влијание што кралицата го имала во политиката.

Марија Антоанета облечена во раскошен дворски фустан, од Елизабет Виже Лебрен (1778 год.)

Ќерката на Марија Антоанета, Марија-Тереза-Шарлота, на која ѝ била даденa почесната титула „Mадам Ројал“ била родена во Версај, после доста тешка бременост, на 19 декември 1778, следело тешкото породување каде кралицата буквално колабирала од задушување и крварење. Во спалната на кралицата имало голем број дворјани кои присуствувале на раѓањето и доктор коj требал да го сопре крварењето, доколку дошло до тоа. Поради ова грозоморно искуство, кралицата забранила присуство на лица од кралскиот двор во спалната каде се случувале нејзините идни породувања.

Татковството на бебето било ставено под знак прашање, особено од страна на војводата на Прованса, кој секогаш отворено преку разни дела ја покажувал својата желба за да го заземе престолот на својот брат. Сепак татковството никогаш не било сомнително за самиот крал, кој бил доста близок со својата ќерка.

Раѓањето на ќерка значело дека протисокот да се роди машки наследник продолжил. Марија Антоанета пишувала дека е загрижена за своето здравје, кои најверојатно било и причина за пометнувањето, летото 1779.

Во меѓувреме, кралицата, со дозвола од кралот започнала да внесува промени во традицииите кои постоеле во кралскиот двор. Некои промени, како што било укинување на раздвоенените простории за јадење веќе одредено време се практикувале, но наишле на голема осуда од страна на постарите дворјани. Особено важно било укинувањето на тешката шминка и на тесните корсети, за да се добие поженствен изглед и неговата замена отпрвин со полонеза, а потоа и со едноставен фустан од муслин кој го носела на портретот од Виже Лебрен. Исто така во 1780 год. започнала да учествува во аматерски претстави и мјузикли, во театарот кој бил изграден за неа и за останатите дворски дами кој сакале да се оддадан на убавината на глумењето и пеењето.

Портрет на Марија Антоанета во фустан од муслин, овој контроверзен портрет од страна на нејзините критичари се сметал за непристоен за една кралица , од Елизабет Виже Лебрен (1783)

Во 1780, два кандидата маркезот де Кастрис и грофот де Сегур, кои биле подржани од Марија Антоанета за одредени позиции, биле назначени за министри (едниот за министер на морнарицата а другиот за министер за војна). Иако многумина сметале дека овие позиции им биле дадени само поради подршката од кралицата, вистината била дека истите ја имале подршката од министерот за финансии Жак Некер. Подоцна истата година, здравјето на Марија Тереза започнало да се влошува поради едема и непознати респиратерни проблеми. Таа починала на 29 ноември 1780 во Виена, на возраст од 63 години. Била оплакувана низ цела Европа. Иако Марија Антоанета сметала дека со смртта на нејзината мајка ѝ ќе се доведе до опасност француско-австрискиот сојуз (како и самата лично), императорот Јосеф лично преку своите писма ја уверил дека нема никаква намера да го прекине сојузништвото. Марија Антоанета продолжила да се допишува со својата мајка сè до нејзината смрт.

Три месеци по смртта на нејзината мајка, се рашириле гласини дека Марија Антоанета е бремена, и истите биле потврдени во март 1781. Кралска посета на Јосеф II во јули, со цел да се обнови француско-австрискиот сојуз и да ја види својата сестра, била проследена со лажни гласини дека Марија Антоанета тајно му префрла пари од трезорот.

На 22 октомври 1781 кралицата го родила Луј-Жозеф-Ксавиер-Франсоа, на кого му била дадена титулата војвода од Бретања. Реакцијата за раѓањето на наследник најдобро била опишана во зборовите на самиот Луј XVI, кој ги напишал во својот дневник: „Мадам, вие ги исполнивте нашите желби и желбите на Франција, вие сте мајка на престолонаследникот.“ Во следните неколку недели пробувал да кажува реченици, во кои било вклучено „мојот син, престолонаследникот“. Три дена пред пораѓањето дошла и веста дека војната со Велика Британија поради северноамериканските колонии, завршила со предавањето на генералот Лорд Корнвалис, кај Јорктаун.

1782–1785: Опаѓањето на популарноста[уреди]

Покрај големото славење за раѓањето на престолонаследникот, политичкото влијание на Марија Антоанета, такво какво што било, не носело никаква корист на Австрија. Напротив по смртта на Маурепас, влијанието на Вергенес сѐ повеќе се зголемувало, а во врска со политичките прашања таа повторно била игнорирана. Истото се случило и по времето на војната кога нејзиниот брат сакал да го пробие патот преку реката Шелда, како и во обидот да ја преземе Баварија, барањето за австријска подршка било повторно одбиено сметајќи дека тоа не е во интерес на Франција.[4]

Marie Antoinette à la Rose, еден од најпознатите портрети на Марија Антоанета, со цел да ги смири критиките предизвикани од портретот во фустан од муслин, од Елизабет Виже Лебрен (1783 год.)

Кога од својот брат била обвинета дека е „будала“ поради својата политичка неактивност, Марија Антоанета рекла дека таа има малку моќ врз политиката. Кралот многу ретко зборувал со неа за политика, а неговото антиавстриско воспитување што го стекнал како дете ги поткрепувало неговите одбивања за учество на неговата жена во донесувањето политички одлуки. За да ја добие саканата информација морала да се преправа пред министрите дека ја има стекнато целосно довербата на кралот. Ова било причина во кралскиот двор да се смета дека таа има многу повеке моќ отколку што навистина имала. Како што напишала: „Би било ли мудро да имам конфликти со неговите (на Луј XVI ) министри, за прашања за кои што е речиси сигурно дека кралот нема да ме поддржи?“

Темпераментот на Марија Антоанета повеќе пронаоѓал вентил во надгледувањето на образованието на своите деца. Ова било спротивно на традицијата во Версај, каде кралицата најчесто имала мал удел во врска со „наследниците на Франција“, како што се нарекувале кралските деца. Тие најчесто биле испраќани во различни земји, кои се бореле да ја имаат таа привилегија. Откако кралската гувернанта од периодот на раѓањето на престолонаследникот, банкротирала и била принудена да се откаже од работата, постоела контроверзност за тоа кој ќе ја наследи. Марија Антоанета на оваа позиција ја назначила својата фаворитка, војвотката де Полињак. Ова наишло на неодобрување од страна на кралскиот двор, бидејќи се сметало војвотката е премногу „нескромно “ воспитана за да може да ја врши оваа работа. Од друга страна, и кралот и кралицата целосно ѝ верувале на Мадам де Полињак, а и таа имала сопствени деца со кои кралицата била блиска.

Во јуни 1783, Марија Антоанета била повторно бремена. Истиот месец, грофот Аксел фон Ферсен се вратил од Америка и бил примен во нејзиното потесно друштво. Тој заминал во септември да биде капетан на личната гарда на кралот на Шведска, Густав III, за време на неговата тура низ Европа. Два месеци подоцна Марија Антоанета имала повторно спонтано пометнување и сѐ повеќе се плашела за своето здравје. Во обид да се смири, за време на првата посета на Ферсен и потоа по неговото враќање на 7 јуни 1784, кралицата се занимавала со „Селцето на кралицата“ (на француски: „Hameau de la Reine“), модел на село во градината на дворецот Мал Тријанон, со мала воденица и дванаесет колиби, од кои девет сѐ уште постојат. Ова одвлекување на вниманието, предизвикало повторно врева меѓу народот, кога цената за селцето се обелоденила и стигнала до рацете на критичарите. Вистина било дека истото било копија од друг „модел на село“ во градина изграден во 1774 за принцот од Конде, на неговиот имот во дворецот дворецот Шантији.

Гравура на Марија Антоанета како селанка – често со своите пријателки се облекувала како селанка, во селцето во дворецот, имитирајќи го едноставниот селски живот за кој копнеела.

Постојано во потрага во нешто што ќе ѝ ги одвлече мислите, Марија Антоанета станала страстен читател на историски романи и нејзиниот научен интерес станал толку голем што била сведок на пуштањето на првиот балон на топол воздух. Била фасцинирана од философијата на Русо „назад во природата“, како и од културата на Инките во Перу и нивното обожување на сонцето, за кое читала во книгите од својата библиотека. Читала и биографии за важни британски личности како премиерот Вилијам Пит помладиот и британскиот амбасадор во Франција, војводата од Дорсет. Таа дури пројавила и интерес за учење на англиски и иако никогаш не успеала да го совлада течно, сепак можела со својот неправилен англиски да пишува писма до нејзината пријателка, војводката од Девоншир, чиј живот имал доста сличности со нејзиниот.

Покрај многуте нешта кои ги правела во слободно време, нејзина основна грижа станало здравјето на престолонаследникот, кое започнало да се влошува. Додека Ферсен се вратил во Версај во 1784 год. било јасно дека болежливиот прстолонаследник нема да дочека да порасне. Поради тоа, постоеле гласини дека кралот и кралицата се обидуваат да добијат уште еден наследник. Во ова време, во Париз се случила премиерата на „Свадбата на Фигаро“. Иако на почетокот била забранета од страна на кралот поради начинот на кој се исмевале благородниците, иронично, но операта го доживеала своето јавно претставување, поради огромната популарност што ја стекнала во кралскиот двор каде тајно бил разделен текстот.

Откако шестнеделната посета на Ферсен завршила, кралицата во август изјавила дека е бремена. Мислејки на идната принова во фамилијата, таа го купила замокот Сен-Клод, место што од секогаш го сакала. Планирала да го остави како наследство на своите помлади деца без никаков услов од кралството. Особено критикувана аквизиција од благородниците но и од сѐ поголемиот процент на населението, кое било шокирано од тоа како може француската кралица да поседува сопствен замок независно од кралот. Иако баронот де Бретоил работел во нејзина полза, поради купувањето не успеал да ја подобри сликата за кралицата кај народот. Скапата цена на имотот, речиси 6 милиони лири, на кои биле додадени и дополнителните трошоци за редекорација, значеле помалку пари за исплаќање на големиот долг на Франција.

На 27 март 1785, Марија Антоанета го родила вториот син, Луј-Шарл, кој станал војводата на Нормандија. Значително појак од болежливиот престолонаследник, кралицата новороденото бебе го викала моето топче љубов („chou d'amour “). Ова секако водело уште еднаш до различни сомневања за вонбрачност. Овие сомневања, заедно со постојаните публикации во либелите, безкрајните приказни за кралските интриги, случувањата со Јосеф II, како и купувањето на дворецот Сен-Клод лесно ја згаснале популарноста на кралицата и сликата на развратна, расипничка, празноглава странска кралица брзо се врежала во француската психа.

Овој официјален портрет на Марија Антоанета со нејзините деца Марија-Тереза-Шарлота, Луј-Жозеф-Хавиер-Франсоа и Луј-Шарл во нејзиниот скут требало да ѝ ја поврати репутацијата и да ја претстави како пожртвувана мајка, од Елизабет Виже Лебрен (1787 год.).
Софија Хелена Беатрис од Франција, Мадамозел Софија од Елизабет Виже Лебрен (1786 год.).

Иако се направило намалување на кралската придружба, финансиската состојбата во Франција постојано се влошувала и на крај кралот бил приморан, во соработка со министерот за финансии да го свика Советот на благородниците, последен пат свикан пред 160 години. Советот заседавал и се обидел да донесе некои реформи кои биле потребни да се олесни финансиската состојба доколку Парламентот одбие да сработува. Првиот состанок на Советот се одржал на 22 февруари 1878 и Марија Антоанета не била присутна. Нејзиното отсуство потоа било причина таа да биде обвинета дека го потценува работењето на Советот.

Без разлика, Советот немал никаков успех со и без кралицата, бидејќи не донел никакви реформи и наместо тоа дошло до ситуација да му се спротивставуваат на кралот, да бараат други реформи и помирување со Парламентот. Како резултат на тоа кралот го отпуштил министерот за финансии на 8 април 1787, а Верген умрел на 13 февруари. Кралот, уште еднаш игнорирајќи ги проавстриските кандидати на кралицата, назначил својот пријател од детството, де Монтморин, да го земе местото на Верген како министер за надворешни работи.

Во овој период, иако нејзините кандидати биле одбивани, кралицата започнала да ги занемарува своите безгрижни активности и сѐ повеќе да се вклучува во политиката и најчесто против интересите на Австрија. За ова постоеле повеќе причини. Прво нејзините деца биле „наследници на Франција“ и како такви нивната иднина како водачи на Франција морала да се осигура. Второ, концентрирајќи се на децата, кралицата сакала да ја поправи сликата за себе која ја добила со „Аферата дијамантска огрлица“. Трето, кралот започнал да се повлекува во донесувањето на одлуките во владата поради депресијата во која паднал поради целиот притисок врз него. Симптомите на депресија во либелите биле прикажани како пијанства. Поради сите овие нешта, Марија Антоанета на крајот активно влегла на политичката сцена, иако тоа никогаш не ѝ била целта. Во нејзината нова улога како политичар, со висок степен на моќ, кралицата го дала најдоброто од себе за да помогне да се смири ситуацијата помеѓу Советот и кралот.

Оваа промена во политичката улога го сигнализирало почетокот на крајот на влијанието на војводката де Полињак, бидејќи на Марија Антоанета не ѝ се допаѓале огромните трошоци и нивното влијание на финансиите во кралството. Војвотката заминала кон Англија во мај, оставајќи ги своите деца во Версај. Во мај исто така Етјен Шарл де Ломен де Брин, архиепископот од Тулуз и еден од сојузниците на кралицата, бил назначен за министер за финансии. Тој веднаш вовел нови мерки на штедење во кралскиот двор.

Сепак сето тоа не помогнало да се подобри финансиската ситуација. Бидејќи тој бил подржувач на кралицата неговиот неуспех влијаел и на политичкиот статус на кралицата. Финансиската клима на земјата била сѐ полоша и поочајна и резултирало со отпуштање на Советот на благородниците на 25 мај, бидејќи не успеале да пронајдат решение. Немањето соодветно решение и вината за тоа погрешно ѝ се препишувале на кралицата. Вистината била дека неуспехот бил сплет од неколку други фактори: неколку од војните биле прескапи, преголемата кралска фамилија, чии огромни навидум наивни трошоци ги надминувале дури и оние на кралицата, како и неподготвеноста од страна на многу аристократи да помогнат да се намалат трошоците на владата преку давање на повисоки даноци од своите споствени богатства. Летото 1787 Марија Антоанета го добила прекарот „Мадам Дефицит“, поради тоа што јавноста сметала дека таа сама ја уништила економијата на нацијата.

Кралицата се обидела да се одбрани со својата пропаганда, во која се прикажала како грижлива мајка, што особено се гледа од портретот од неа и нејзините деца направен од Елизабет Виже Лебрен (1787) и кој бил премиерно покажан во Кралскиот академски салон во Париз во август 1787. Оваа стратегија не била воопшто успешна, поради смртта на најмалото дете на Кралицата, принцезата Софија. Во тоа време Жан Батист Валлен-Деламот избегал од затвор од Франција и пребегал во Лондон од каде пуштил разноразни лаги за неговата наводна „врска“ со кралицата.

Политичката состојба во 1787 започнала да се влошува кога Парламентот бил распуштен и кулминирала на 11 ноември кога кралот се обидел да го искористи правото на присуство во Парламентот (правосудна ложа, - „lit de justice“) за да ги убеди да се донесат одредени реформи. Но неочекувано бил предизвикан од страна на својот братучед, кој предходно бил разрешен, војводата од Шартр, кој од неодамна починатиот татко ја наследил титулата војвода на Орлеанс кој јавно протестирал против постапките на кралот и поради тоа подоцна бил прогонет. Мајскиот декрет, кој излегол на 8 мај 1788 наишол на неодобрување од страна на јавноста. Конечно на 8 јули и 8 август кралот ја објавил својата намера да го поврати Сталешкото собрание „Estates General“, преку легислатива за негово избирање, собранието од 1614 па дотогаш била забрането.

Државен портрет на Марија Антоанета, од Елизабет Виже Лебрен (1788).

Марија Антоанета не била директно вклучена во случувањата во Парламентот, со Мајскиот декрет и Сталешкото собрание. Наместо тоа, нејзина примарна грижа при крајот на 1787 и почетокот на 1788 било подобреното здравје на престолонаследникот. Тој страдал од туберколоза, а во неговиот случај болеста мутирала и значително го згрбавила неговиот 'рбетен столб. Бил однесен во Шато а'Модо, со надеж дека свежиот селски воздух ќе помогне во неговото опоравување. За жал, преселбата не ја подобрила многу состојбата на престолонаследникот, која постепено почнала да се влошува.

Кралицата била присутна со својата ќерка, Мадам Ројал, кога султанот Типу Саиб од Мисоре го посетил Версај, за да бара помош против Британија. Уште поважно, таа го спровела повторното назначување на Жак Некер како министер за финансии на 26 август, иако била доста загрижена, дека повторното назначување ќе биде нејзина вина доколку Некер не успее да изнајде реформи за финансиската состојба во Франција.

Нејзините стравови почнале да се остваруваат, кога цените на лебот почнале да се зголемуваат поради суровата зима 1788-1789. Состојбата на престоонаследникот сѐ повеќе се влошувала и во Париз почнале да се појавуваат буни и безредија, а на 26 март, Луј XVI за малку ќе го загубел својот живот паѓајќи од кров.

" Ајде Леонарс, направи ми ја фризурата, морам да изгледам како актерка и да се појавам во јавноста која ме презира ", му рекла Кралицата на својот фризер, кој бил еден од нејзините „министри на мода“, додека се подготвувала за масовното славење поради враќањето на Сталешкото собрание на 4 мај 1789. Знаела дека нејзиниот ривал, војводата од Орлеанс, кој давал пари и леб на народот за време на зимата, ќе биде прифатен попозитивно прифатен од јавноста од неа. Следниот ден Сталешкото собрание за првпат заседавало.

Во текот на месец мај, во Сталешкото собрание почнало да се јавува тензија меѓу демократскиот трет сталеж (кој се состоел од буржоазијата и селаните) и кралските благородници од вториот сталеж. Браќата на кралот започнале да стануваат на се повлијателна позиција. И покрај овие случувања кралицата се концентрирала само на својот син, кој бил на смртна постела. На 4 јуни, престолонаследникот ѝ подлегнал на болеста во Модо, а кралицата била покрај него. Неговата смрт, која во нормални услови би била национално оплакувана, била практично игнорирана од страна на францускиот народ, кој наместо тоа се спремал за следното заседание на Сталешкото собрание и благонадежно решение за кризата со лебот. Кога третиот сталеж се декларирал себе си како Национално собрание и ја зазел Тениската сала во Версај, се појавиле гласини дека кралицата рекла дека посакува да се бања во нивната крв, Марија Антоанета во тоа време го оплакувала својот најстар син.

Јули 1789–1792: Француската револуција[уреди]

Особено реален портрет на Марија Антоанета, околу 1791 год. од Александар Кучарски.

Ситуацијата во јуни започнала да ескалира и да станува насилна, кога Националното собрание започнало да бара повеќе права, а Луј XVI почнал да се спротивставува и да пробува го потисне третиот сталеж. Секако, бидејќи неефективноста на кралот и непопуларноста на кралицата ја поткопувале монархијата како институција, сите овие обиди биле неуспешни. На 11 јули, Некер бил ослобден од должност, Париз бил опседнат со буни поради вестите и сето кулминирало со заземањето на Бастиља на 14 јули 1789 год. [5] Во неделите што следеле, многумина од најконзервативните кралски благородници како графот д'Артоа, војвотката де Полињак, ја напуштиле Франција, поради страв од убиство. Марија Антоанета, која била најмногу во опасност, останала до крај, за да му помогне на кралот да ја врати стабилноста, иако неговата моќ пополека била преземена од страна на Националното собрание, кое под своја власт го имало Париз и обирало луѓе за својата Национална гарда.

Крајот на август била донесена Декларација за правата на човекот и граѓанинот ((француски)La Déclaration des Droits de l'Homme et du Citoyen), што бил почетокот на уставната монархија во Франција. Покрај тоа, кралот сѐ уште бил потребен за да присуствува на одредени церемонии во кралскиот двор, иако ситуацијата во Париз станувала сѐ полоша поради кризата со леб во септември. Масата на крајот ја приморала кралската фамилија заедно со војводата на Прованса, неговата жена и Мадам Елизабет да се преселат во Париз, под будното око на Националната гарда. Во градот, кралот и кралицата биле сместени во дворецот Тилери во куќен притвор. За време на куќниот притвор, Марија Антоанета им се доверила на своите пријатели дека нема никаква намера во иднина да се вклучува во француската политика, бидејќи без разлика дали била вклучена или не, сѐ ѝ се препипувало на неа и поради тоа се плашела од последиците доколку во иднина продолжи со политичка активност.

Нападот на Бастиља на 14 јули 1789, од Жан-Пјер-Луј-Лорен Хол.

И покрај ситуацијата, Марија Антоанета сѐ уште била потребна и повикувана да извршува хуманитарни функции како и одредени религиозни церемонии. Тоа и го правела иако поголемиот дел од своето време го посветувала на своите деца.

Покрај нејзините обиде да остане далеку од очите на јавноста, повторно во либелите била лажно обвинета дека има афера со командирот на Националната Гарда, маркизот Ла Фајет. Вистина било дека таа го мразела поради неговите либерални определби и поради тоа што тој бил делумно одговорен за присилната преселба на кралското семејство од Версај.

Постојано надгледувана од револуционерните шпиони во нејзиниот сопствен дома, кралицата речиси немала никаква улога во изготвувањето на Францускиот устав во 1791, со кој во општи линии се намалил авторитетот и моќта на кралот. Марија Антоанета секако се надевала дека еден ден нејзиниот син ќе владее и била убедена дека насилството наскоро ќе престане.

Во овој период, се правеле многу планови и заговори со чија помош кралското семејство требало да избега. Кралицата одбила неколку, бидејќи не сакала да замине сама без кралот. Други пак биле одбиени од нерешителниот крал. Во прецизниот план за бегство од Париз на грофот Аксел фон Ферсен и баронот Бретел, некои од членовите на кралското семејство морале да се преправат во слуги на една богата руска бароница. Кралицата го одбила планот бидејќи од неа се барало да го напушти Париз само со нејзиниот син. Таа сакала целото кралско семејство да ја придружува. Кралот го губел драгоценото време околу тоа кои членови од кралското семејство треба да се вклучат во бегството, на кој датум да се случи како и точната рута по која би се патувала. По многу изминати денови, бегството се случило на 21 јуни 1791 и завршило со неуспех. Целото кралско семејство по 24 часа бегство било фатено во близина на Варен и во рок од една недела вратено во Париз.

Разултатот на ова фијаско било намалување на популарноста на кралот и кралицата. Партијата на јакобинците го искористиле неуспешното бегство за да ја доразвијат својата радикална програма. Нејзините членови повикувале за крај на било каков тип на монархија во Франција.

Марија Антоанета со своите деца во дворецот Тилери, кога разбеснетата толпа влегла во дворецот.

Иако новиот устав бил прифатен на 14 септември, Марија Антоанета се надевала дека до крајот на 1791 овој невкусен политички правец кој се случувал преку демократијата ќе биде сопрен и вратен назад. Таа силно се надевала дека Уставот ќе се покаже како нефункционален и дека нејзиниот брат, новиот австриски император Леополд II, ќе најде начин да ги победи револуционерите. Секако, таа не била свесна дека Леополд бил позаинтересиран да ја искористи состојбата на хаос во Франција во корист на Австрија, отколку да ѝ помогне на својата сестра или на нејзината фамилија.

Како резултат на офанзивната политика на Леополд, како и на неговиот син Франц II, кој го наследил својот татко во март, Франција ѝ објавила војна на Австрија на 20 април 1792. Ова предизвикало на кралицата да се гледа како на непријател, иако таа лично била против австриската политика за освојување на француска земја. Ситуацијата станала уште посложена летото кога француската армија постојано трпела порази од Австрија и кога кралот со своето право на вето не дозволил донесување на одредени закони со кои неговата моќ би била уште поограничена. Поради политичката активност на својот сопруг, во ова време Марија Антоанета го добила прекарот Мадам Вето. На 20 јуни, топла пробила во дворецот Тилери и барала од Кралот да се облече во трите бои на Франција за да ја покаже својата лојалност кон Франција. Кралот бил толку непопуларен и омразен, што на 31 јули, Националното собрание официјално ја суспендирало неговата моќ со зборовите: Луј XVI повеќе не е Крал на Франција.

Чувствителноста на симнатиот крал се покажала на 10 август, кога судирот помеѓу швајцарската гарда и републиканските сили го натерало кралското семејство да побара засолниште во Националното собрание. Неколку стотици војници на швајцарската гарда загинале во борбата. Кралското семејство на 13 август било сместено во затвор, во услови кои биде далеко потешки од нивниот предходен притвор во дворецот Тилери.

Една недела подоцна, многу од придружниците на кралското семејство, меѓу нив и принцезата де Ламбал, биле приведени на испрашување од страна на Париската комуна. Таа била префрлена во затворот „Ла Форс“ и била една од жртвите на Септемврискиот масакар, брутално убиена на 3 септември. Со нејзината глава, исечена и закачена на кол се парадирало низ градот. Иако Марија Антоанета од затворскиот прозорец не ја видела главата на својата драга пријателка додека истата се покажувала низ градот, таа се онесвестила штом дознала за свирепиот начин на којшто завршил животот на една нејзина поранешна придружничка.

На 21 септември, монархијата официјално завршуила и бил донесен Националниот конвент кој претставувал законска власт во Франција. Кралското семејство било преименувано во Капети и започнале подготовките да се изведе кралот пред судот.

Обвинет дека ја поткопува и е против Првата француска република, Луј XVI бил разделен од својата фамилија и осуден во декември. Конвентот, воден од Јакобинците, кои го одбиле предлогот да биде задржан како заложник, го осудил како виновен. Казната била изречена и спроведена еден месец подоцна кога бил осуден на смртна казна и гиљотиран.

1793: "Вдовицата Капет" и нејзината смрт[уреди]

Марија Антоанета пред да биде гиљотирана, графика во мастило на Жак Луј Давид, 16 октомври 1793

Кралот Луј XVI бил гиљотиран на 21 јануари 1793, на возраст од 38 години. Неговата сопруга и поранешна кралица, потоа нарекувана Вдовицата Капет тешко ја прифатила неговата смрт и во големата жалост одбивала да јаде и да станува од кревет. Не постојат податоци дали нејзиниот син бил прогласен како Луј XVII, сепак војводата на Прованс кој бил во прогон го признал својот внук за крал на Франција а себеси се признал за регент. Здравјето на Марија Антоанета во месеците што следувале брзо се влошило. Се смета дека во последните неколку месеци од нејзиниот живот страдала од туберколоза и од рак на матката, што предизвикувало чести крварења.[6]

Покрај нејзината состојба, по смртта на Луј, дебатата за нејзината судбина била главна тема во Националното собрание. Од една страна имало такви кои што биле за нејзино погубување, од друга страна некои ја подржувале идејата таа да биде замената за француските заробени војници или пак за одреден откуп од страна на Светото римско царство. Томас Паин предложил прогон во Америка. На почетокот на април бил формиран Комитет за јавна безбедност и луѓето како Жак Хеберт започнале да бараат судење на Марија Антоанета, до крајот на мај Жирондинците биле симнати од власт и притворени. Постоеле и барања Дофенот идеолошки да го доближат кон револуционерните идеи. Ова и било направено кога Луј-Шарл бил разделен од Антоанета на 3 јули и даден на еден чевлар да се грижи за него. На 1 август Антоанета била изнесена од кулата каде била притворена и била преместена во затворот Консиержери како затвореник број 280. И покрај различните обиди да ја извадат оттаму, како што била приказната со каранфилот во септември, Марија Антоанета штом ќе слушнела за плановите за бегство, веднаш ги одбивала.

Официјално нејзиното судење од страна на Револуционерниот трибунал започнало на 14 октомври. За разлика од нејзиниот сопруг, на кој му било дадено време да ја подготви одбраната, судењето на кралицата било изманипулирано, ако се земе предвид дека имала помалку од еден ден да ја подготви одбраната, како и претставата за жените на Јакобинците воопшто. Меѓу обвиненијата за кои ѝ се судело (повеќето, ако не и сите биле обвиненија кои произлегле од гласините во либелите) биле за организирање на оргии во Версај, за давањето на 7 милиони лири на Австрија, за заговор за убиство на војводата од Орлеанс, за наводен инцест со нејзиниот син како и за прогласување на синот за нов крал на Франција и за организирањето на масакарот на швајцарската гарда во 1792.

Погубување на Марија Антоанета на 16 октомври 1793 год.

Најсериозното обвинение било сексуалната злоупотреба на нејзиниот син. Тоа било според наводните обвиненија од Луј-Шарл, чиј мозок бил испран од страна на Хеберт и неговиот нов старател. На ова обвинение Марија Антоанета протестирала толку емоционално, што иронично но жените кои присуствувале на судењето започнале да ја бранат. Откако завршило судењето за овие обвинувања, таа изјавила „дека не можела да се спротивстави, бидејки самата природа одбива да реагира на такви обвиненија насочени кон една мајка“. Реално, одлуката за судењето била однапред решена од страна на Комитетот за јавна безбедност уште во времето кога бил откриен заговорот со каранфилите. Утрото на 16 октомври, по два дена сослушување била прогласена за виновна за предавство. Била погубена истиот ден, во 12.15 часот, облечена во едноставен бел фустан, две недели пред нејзиниот 38-ми роденден. Најзините последни зборови биле: „Извинете господине, не сакав да го направам тоа“ упатени кон џелатот кој случајно го згазнала пред да биде погубена. Нејзиното тело било погребано во неозначен гроб на гробиштата Мадлен во Париз. Кога војводата од Прованс станал крал Луј XVIII за време на реставрацијата на Бурбоните, на 15 јануари 1815, телата на Марија Антоанета и на Луј XVI биле ексхумирани и погребани со сите кралски почести на 21 јануари во гробницата на француските кралеви во катедралата Сен-Дени во Париз.

Извори[уреди]

  1. Lady Antonia Fraser, Marie Antoinette: The Journey, p.xviii, 160; É. Lever, Marie-Antoinette: The Last Queen of France, pp. 63-5; Susan S. Lanser, article 'Eating Cake: The (Ab)uses of Marie-Antoientte,' published in Marie-Antoinette: Writings on the Body of a Queen, (ed. Dena Goodman), pp. 273 - 290
  2. Fraser, Antonia, Marie Antoinette, The Journey, Anchor Books, (American edition, 2002): in Part One: Madame Antoine, p. 6.
  3. во оригинал „Mesdames Tantes“
  4. Fraser, 19–197.
  5. Fraser, 282–284.
  6. Fraser, 404–405, 408.

Надворешни врски[уреди]