Чембало

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Чембало, клавичембало
Чембало „Рукерс-Таскин“(1646, преработено 1780)

Чембало „Рукерс-Таскин
(1646, преработено 1780)
Класификација
Сродни инструменти
Музичари

Чембало или клавичембало — општ поим кој се однесува на неколку видови на инструменти со клавијатура како големиот инструмент кој денеска се нарекува чембало, но и помалите слични инструменти како вигринал, музеларски виргинал и спинет. Сите овие инструменти произведуваат звуци со тргање на жиците наместо со удирање како кај пијаното и клавикордот. Се верува дека инструментите од семејството на клавичембала потекнуваат од цитрата на која некој некогаш ѝ ставил клавијатура.

Историја[уреди]

Спинет-виргинал

Потеклото на чембалото е прилично нејасно, но познато е дека за првпат се користело во доцниот среден век. Најраниот текст во кој се зборува за ваков инструмент датира од XIV век и затоа е можно чембалото да било измислено тогаш. Ова било време на развој на часовничарството и други облици на пред-модерната машинерија и така е најверојатно дека пронаоѓањето на механички инструменти како додаток на цитрата се случило во ова доба. Во латинскиот ракопис на авторот Хенри Арно де Цвол, цирка 1440 во кој се зборува за музички инструменти, се наоѓа и детален опис на мало чембало со дијаграми и три типа на функционирање на дигалката.

Најраните целосно зачувани чембала доаѓаат од Италија (најстариот примерок датира од 1521). Кралската Музичка Академија во Лондон поседува интересен исправен иструмент кој може да е и постар; за жал на тој инструмент му недостасува механизмот. Но како и да е овие рани италијански иструменти не укажуваат на првобитниот почеток на чембалото, бидејќи тие представуваат веќе префинети инструменти, а не рани прототипи. Италијанските изработувачи правеле чембала со еден мануел (клавијатура) со многу лесна конструкција и релативно мала напнатост на жиците. Овој дизајн се одржал во Италија во следните векови скоро без воопшто било какви промени. Италијанските чембала се сметаат за инструменти со задоволителен, но не спектакуларен музички тон и се користат како добра придружба за пејачи или други инструменти.

Револуција во изработката на чембалата се случила во Фландрија околу 1580 год. со делата на Ханс Рукерс и неговите потомци вклучувајќи го и Јоанес Куше. Чембалата на Рукерс биле посолидно изработени од италијанските. Бидејќи користеле подолги жици (секогаш во парови; или една со должина од 8 стапки и една со 4, или двете со 8), поголема напнатост на жиците, потешко куќиште и многу тенка и респонсивна смрекина резонантна штица, нивниот тон бил помоќен од оној на италијанските чембала, тие станале основа за изработка на сите наредни чембала ширум Европа. Фламанските изработувачи, исто така биле првите кои го измислиле чембалото со два мануела, кои првобитно се користеле за лесна транспозиција (на интервалот на една четвртина), а не за зголемување на експресивноста на инструментот. Во доцниот 17-ти век додатниот мануел почнал да се користи за констраст на тонови со можноста за спарување на регистрите на двата манеула за уште пополн звук. Фламанските чембала се исто така детално насаликани, резбани и декорирани.

Фламанскиот инструмент се развивал понатаму и во XVIII век во Франција, со делата на семејството Бланше и нивниот наследник Паскал Таскин. Овие француски иструменти го имитираат фламанскиот дизајн, но имале опсег поголем за четири или пет октави. Исто така француските инструменти со два мануела промотивно ги користеле мануелите за комбинирање на стопери како метода на свирење, а не на транспозиција. Француското чембало од XVIII век се смета за една од кулминациите на дизајнот на чембалото и е општоприфатено како модел за изработка на чембала денес.

Особено забележлив аспект на француската традиција на изработка од XVIII век е нејзината скоро-опсесија со Рукерс чембала. Во процесот наречен grande ravalement, многу од преживеаните Рукерс интрументи биле демонтирани и повторно монтирани со резонантни штици од нови материјали или конструкции на куќишта со тоа што им се додавала една октава. Се смета за веројатно дека многу од чембалата што во тоа време биле сметани како реставрации на Рукерс инструменти се всушност измами, но сепак врвни инструменти сами по себе.

Во Англија двајца имигранти по име Јакоб Киркман (од Алзас) и Буркат Шуди (од Швајцарија), достигнале еминенција со чембала кои биле познати по нивната тонална моќ и прекрасни фурнирани куќишта. Звукот на чембалата на Киркман и Шуди имресионирале многу слушатели, но денес ретко кој ги копира заради чувството на надвласт над музиката кои го оддаваат. Фимрата на Шуди подоцна припаднала на неговиот зет Џон Бродвуд, кој ја адаптирал за производство на пијана и станал водечки креатор и иноватор на ова поле.

Германските изработувачи генерално го следеле фламанскиот модел, но со осебен интерес за постигнување на разновидни полни и богати звуци, веројатно заради фактот што најеминентните германски изработувачи на чембала биле и изработувачи на органи. Некои германски чембала имале хор од жици долги 2 стапки (т.е. жици штимувани две октави над примарниот сет). Неколку дури користеле и стопер од 16 стапки, штимуван една октава под главните хорови од 8 стапки. Едно сѐ уште зачувано германско чембало има дури три мануела за контролирање на безбројните комбинации на жици кои можат да се употребат. Стоперите од 2 и 16 стапки на германското чембало не се особено омилени кај чембалистите денес, кои го преферираат францускиот тип на инструменти.

Токму во кулминацијата на развојот на чембалото, пијаното станало главниот инструмент со клавијатура. Пијаното бргу еволуирало од неговите 'чембалски' и акко резултат на тоа вештините и знаењето потребно за изработка на добро чембало изумреле и биле заборавени повеќе од еден век. Во раниот 20-ти век зголемениот интерес за автентична музичка изведба придонел за возобновувањето на чембалото. Ова подразбирало и груби „модернизации” на антиквитети како и изработка на чембала слични на современите концертни пијана. Овие инструменти свучеле изненадувачки немоќно за нивната големина, бидејќи нивните рамки и резонантни штици биле премасивни за да соодветствуваат со тенките и лесни жици на чембалото. Изработувачите обично поставувале стопери од 16 стапки во овие инструменти за да го потркепат звукот, иако оригинално инструментите со стопери од 16 стапки биле прилично незначајни и ретко употребувани.

Конечно, по одреден временски период било решено дека за изработка на квалитетни чембала мора да се следат техниките на старите мајстори. Двајца важни пионери во ваквата изработка биле истражувачите-мајстори Френк Хабард и Вилијам Доуд кои консултирале стара литература и прегледувале оригинални инструменти за да ја воспостават вистинската техника на изработка. Денес чембалата се изработуваат по тие возобновени принципи насекаде во светот. Работилниците истоа така изработуваат китови кои подоцна ги склопуваат купувачите заинтересирани за изработка на аматерско ниво.

== Механизам ==

Механизмот е прилично сличен кај сите чембала:

Шематски приказ на чембало со една клавијатура
  • клавишот е едноставен стожер кој се ниша на топуска која проаѓа низ дупка избушена на него.
  • дигалката е тенко, квадратно парче дрво кое седи исправено на крајот на клавишот и се држи за водилки (долна и горна) кои се две долги парчиња дрво со дупки низ кои дигалките можат да поминуваат.
Горниот дел на дигалката
  • Дигалката има тргалка (плектрум) кој стрчи скоро хоризонтално (обично плектрумот се поставува под сосема малку нагорен агол) и проаѓа под жицата. Историски, плектрумите биле обично правени од чавкино перо или од кожа, додека современите изработувачи користат пластика (делрин или келкон).
  • Ако се притисне предниот дел на клавишот (2), задниот дел оди нагоре, дигалката се подига, и плектрумот ја трга жицата (3).
Со притискање на клавишот, дигалката се подига и тргалката се допира до жицата и почнува да се витка. Потоа тргалката ја трга жицата и таа прави звук. Дигалката удира во препреката. Со отпуштање на клавишот, дигалката паѓа сама, а тргалката оди наназад за да ѝ даде да помине покрај жицата.
  • Со спуштање на клавишот, тој паѓа наназад под својата тежина и и плектрумот се врти околу својата оска одејќи наназад за да му дозволи да помине покрај жицата (4). Ова е изводливо заради тоа што плектрумот се држи на јазик кој е сврзан со зглоб и пружина за главниот дел на дигалката.
  • На врвот на дигалката стрчи филцен задушувач кој не и дозволува на жицата да вибрира кога клавишот не е притиснат (1).
Француска мотовилка. Лево: неспарени клавијатури. Притиснатиот горен клавиш ја подига дигалката А нагоре. Притиснатиот долен клавиш ги подига дигалките Б и В. Десно: Горната клавијатура е спарена со долната со влечење на истата. Притистаниот горен клавиш ја погига дигалката А нагоре. Притиснатиот долен клавиш ги подига дигалките А, Б и В.
Дигалка „кучешка нога“ - англиска мотовилка. Притистатиот горен клавиш ја подига дигалката „кучешка нога“ (дигалка А) нагоре. ДОлниот клавиш ги подига сите три дигалки А, Б и В.

Варијанти[уреди]

Облици на чембалa

Поимот се употребува за означување на различни членови од семејството на чембалото и таа поделба е прилично стандардизирана денес што историски не било случај.

Чембало[уреди]

Во современата употреба зборот чембало или го означува генералното семејство на иснтрументи или поконкретно членот во форма на концертно пијано со одприлика тријаголно куќиште, долги бас жици од левата страна и кратки сопран жици од десната; карактеристично за овој инструмент е тоа што профилот му е попродолжен одколку кај пијаното со поостра кривина на свитканата страна. Чембалото може да има од една до три, а понекогаш дури и повеќе жици по нота. Често една е е со висина од 4 стапки, една октава повисоко од нормалната висина од 8 стапки. Најчесто се среќаваат инструменти со еден мануел (особено ако се италијански), но други земји повремено прозведувале и чембала со по два или многу ретко со по три мануела (кај германски инструменти)

Виргинал[уреди]

Виргиналот е мала и поедноставна форма на чембалото (по изглед слично на клавикордот), со една жица по нота паралелна со клавијатурата од долгата страна на куќиштето. Генезата на изразот е нејасна; веројатно доаѓа од латинскиот збор virga (?). Треба да се знае дека изразот „виргинал” во Елизабетанско време се употребувала за било кој вид на чембало; така, ремек-делата на композиторот Вилијам Берд и неговите современици биле најчесто изведувани на чембала со полна големина во италијански стил, а не само на виргинали во денешна смисла. Виргиналите можат да бидат од типот на спинет-виргинали (најчестиот тип) или музеларски виргинали.

Спинет-виргинали[уреди]

Кај спинет-виргиналите клавијатурата е налево, а жиците се тргаат на едниот крај како кај другите чембала. Ова е најчестиот аранжман и кога се зборува за „виргинал” најчесто се мисли на ваков инструмент.

Музеларски виргинал[уреди]

Кај музеларските виргинали, (холандски: muselaar), клавијатурата е надесно или во средината така што жиците се тргаат по средината. Ова дава топол и богат звук, но по цена на фактот што работата на механизмот за левата рака е сместен по средината на резонантната кутија и како резултат на тоа секој звук од механизмот се слуша засилено. Еден коментатор во XVIII век има забележано дека кај ваквиот инструмент басот ”грофта како гуде” (музелар со арпикорд). Во XVI и XVII музеларите биле бездруго популарни, но престанале да се користат во XVIII век.

Покрај механичките звуци, централното тргање во басот прави проблем за повторување (на една или сет од ноти) заради тоа што жицата која веќе вибрира не може да се повтори пред да се исчека заради неможноста на плектрумот да проработи дотогаш. Така, музеларот е посоодветен за музика без сложени делови за левата рака.

Спинет[уреди]

Чембалото со жици кои се поставени под агол во однос на клавијатурата (обично околу 30 степени) се вика спинет. Кај ваквиот инструмент жиците се премногу блиску една до друга за да може дигалката да проаѓа на нормалниот начин; затоа овде жиците се сместени во парови, а дигалките проаѓаат низ големите празнини помеѓу секој пар и истите се свртени во обратни насоки, тргајќи ги жиците од секоја страна на празнините.

Клависитериум[уреди]

Клависитериумот е вертикално чембало. Многу малку биле произведени. Истиот принцип на штедење на простор подоца почнал се употребува кај пијаното. Овој инструмент има модофициран механизам кој може да работи вертикално - дигалките се во облик на четврт круг.

Варијации[уреди]

Не е чудо што постојат големи варијации на чембалото ако се земе в предвид дека се произведувалo во големи броеви през долг временски период.

Освен гореспоменатите варијации, чембалата варираат и по опсег.

Обично раните чембала имаат помал опсег, а подоцните поголем, иако постојат чести исклучоци. Најголемите чембала имаат опсег од близу над пет октави а најмалите под четири. Обично на најкратките клавијатури им се додавал продолжеток по методот на „кратка октава”.

Чембалисти[уреди]

Тревор Пинок

Современата изведба на чембало може да се подели на три периода, почнувајќи со кариерата на големиот возобновувач на чембалото, Ванда Ландовска (18791959). Ландовска користела чембало од марка Плејел кое, како и другите чембала во тоа време на раната возобнова биле мошне повлијаени од пијаното. Таквите инструменти, иако денес се сметаат несоодветни за изведба на автентича музика, сепак имаат некакво историско значење за делата кои се напишани баш за нив (како на пример концерти од Фаља или Пуленк). Во пост-Плејел периодот се вбројуваат познатите англиски изведувачи како Џорџ Малком и Тарстон Дарт кои изведувале на англиски иструменти изработени од мајсторот Томас Гоф и семесјтвото Гобл.

Во следната генерација на чембалисти спаѓаат пионерите на изведбата на иструменти направени по автентични методи од пораните периоди по истражувањата на познатите истражувачи-мајстори како Френк Хабард и Вилијам Доуд. Во оваа генерација на изведувачи спаѓаат Ралф Киркпатрик, Игор Кипнис, и Густав Леонхарт. Во последните декади меѓу најдобрите чембалисти спаѓаат Тревор Пинок, Кенет Гилберт, Кристофер Хогвуд, Тон Купман, Папас Јаковос, Кристоф Русе и Андреас Стајер.

Македонски чембалисти[уреди]

Цветанка Созовска

Некои познати композитори кои компонирале за чембало[уреди]

Снимки[уреди]

Malzvucnik.png Како звучи чембалото (извадок од Менуетот Бр.1 од Партитата Бр.1 во Х-дур, Јохан Себастијан Бах)

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]



Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Чембало“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).