Париска комуна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Барикади низ Париз, 18 март 1871 г.

Париска комуна (француски: La Commune de Paris) — назив за социјалистичката револуционерна власт воспоставена во Париз од 18 март до 28 мај 1871 година.

Прогласување на Комуната[уреди]

По поразот на Франција во Француско-пруската војна од 1870-1871, француската влада на 18 март пристапи кон разоружување на париската Национална гарда, која беше значително проширена во функција на одбраната на Париз од Прусите, вклучувајќи ги и сиромашните слоеви. Граѓаните одбија да го предадат оружјето и топовите и ги протеруваат претставниците на владата. Владата пребегна во Версај, а во Париз е прогласена Париската комуна. Централниот комитет на Националната гарда веднаш закажа избори за Комуната, кои се одржуваат на 26 март.

Помеѓу 92 избрани претставници на Комуната (или, поточно, на Советот на комуната) имаше републиканци, јакобинци и социјалисти од различни бои. За претседател на Советот во отсуство беше избран Огист Бланки, кој беше уапсен на 17 март од страна на Версајската влада.

Активности на Комуната[уреди]

Париската комуна во текот на своето краткотрајно постоење усвои и спроведе повеќе социјални мерки, како укинување на ноќната работа во париските пекарници, одложување на плаќањето на долговите и укинување на каматите на долговите, воведување на правото на работниците да управуваат со претпријатијата на сопствениците што пребегнале од градот итн. Црквата беше одделена од државата, а и образованието беше ослободено од патронажата на црквата. Покрај тоа, Комуната ја замени француската тробојка со црвеното знаме и го усвои републиканскиот календар од Француската револуција од 1789.

Задушување на Комуната[уреди]

Версај на 2 април почна со нападите врз Париз. Версајските сили релативно лесно се пробиваат низ западниот, побогат дел од градот, но наидуваат на сериозен отпор кога доаѓаат до западните, работнички квартови на градот. Таму, по исцрпувачките и крвави борби во текот на т.н. „Крвава недела“ на 28 мај Комуната е задушена. При тоа се проценува дека во текот на „Крвавата недела“ се убиени 10 до 50 илјади лица.

По задушувањето на Комуната 12.500 лица се изведени пред суд од кои околу 10.000 се прогласени за виновни. Од нив 23 се егзекутирани, а голем дел се осудени на затворски казни. Покрај тоа 4.000 се депортирани на Нова Каледонија на доживотни казни.

Значење на Комуната[уреди]

Како прво освојување на власта од страна на работниците, Париската комуна е една од најпочитуваните историски настани од страна на анархистите и марксистите.

Надворешни врски[уреди]