Злетово

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Злетово
Zletovo 1.JPG

Поглед кон Злетово

Злетово се наоѓа во Македонија
Злетово
Злетово (Македонија)
Координати 41°59′18″ СГШ 22°14′09″ ИГД / 
Општина Општина Пробиштип
Население 2477
Поштенски број 2212
Надморска височина 500
Flag of Macedonia.svg Портал:Македонија Flag of Macedonia.svg
Улица во Злетово
Црквата „Св. Богородица“
Фреска на Успението на Пресвета Богородица во Црквата „Св. Спиридон“
Спомен плоча во Злетово на паднатите борци од Втората Светска војна од Злетово и околните села
Злетовска река

ЗЛЕТОВО е мешана населба во општина Пробиштип. Од “турско“ па се до 1956 год., и од 1996 год., до 2004 е административен центар на Злетовска општина. Сега е само седиште на Злетовската парохија.

Содржина

Географиja и местоположба [уреди]

Од сите педесетина населби во Злетовската област, Злетово има најдобра местоположба. Тоа е лоцирано токму на местото кое се до почетокот на втората половина на минатиот век било предодрено за своевиден економски,општествен и духовен центар на областа. Тоа е просторот каде Злетовска река излегува од својата клисура, вдлабена во Осоговската планина, за да низводно почне да тече покрај брановидни рамнини и ниски конусни возвишенија. Во минатото,до средината на минатиот век Злетово лежи на десниот брег на Злетовска рака, а од тој период се проширува на левата страна. Инаку, претставува, по сите свои надворешни елементи, градба, локација на станбените згради, густината меѓу нив,економската активност на населението,распоредот од двете страни на неколкуте улици повеќе на урбана отколку рурална средина. Неговата катастарска општина зафака 1.051 ха. Од кои северниот дел е ридско - планински, а јужниот заравнини и алувијалната рамнина околу реката која продолжува и се надоврзува на Кочанско поле. Низ населбата минува некогашниот каравански пат Кратово-Кочани.

Во минатото, до средината на 20 век, Злетово се дели на три маала: Горно или Карадачко маало, Средно и Долно маало. Централно и најстаро било Средното маало.Таму е црквата Св.Богородица изградена во почетокот на 19 век,врз темелите од постара црква од средниот век од која е сочуван само олтарот. До црквата имало кула од типот на кратовските кули која е урната.Тука било и некогашното училиште,потоа и општината и пазариштето.Во ова маало и во Долното маало куќите се збиени и лоцирани околу главната улица и сите се на два - три ката.Долните простории се претворени во дуќани или занаетчиски работиулници;колари,ковачи,шивачи итн.Денес Злетово е проширено и расположени и на левата страна од Злетовска река.

Историja [уреди]

Злетово како населено место,во историските документи, за прв пат се спомнува во 1019 година кога Василиј II,во една своја Повелба, ја одредува дијацезата на тогашната Мородвиска епископија.Меѓутоа,од откриената материјална култура,питоси во средното маало,еден питос дури од 250 кгр.,земјени садови, надгробни споменици,римски монети,парчиња од старовремска керамика.Во неговата непосредна околина има трагови и остатоци (Балџар,Градиште,Марена,Мавраган,Турлевци) од тврдини и стари населби.Оттаму со право може да се претпостави дека особено поради експлоатација на рудното богатство,посебно во римскиот период, Злетово и неговата непосредна околина се густо населени. Тоа нешто натаму значи развој и на останатите сегменти на организиран живот:власт,одбрана,патишта итн.Со Словенската поплава и со уништувањето и деградација на населбите,тврдините итн. постепено се трансформира топонимијата,а секако и етничката слика на некогашната римска провинција.Од друга страна,покрај старите и врз основа на нивните урнатини се јавуваат нови населби во кои доминира словенскиот елемент со неговиот начин на живот. Интересно е што и до ден денешен,во народниот живот, сеуште има остатоци, траги (римски рупи,римски гробишта,римски мост итн. од римскиот период,додека од пред римјаните,и од византискиот нема. Од средината на 11 век и нешто подоцна овој дел од Византиската империја го потресуваат востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех при што настанува распад на централната власт, борба за превласт на локалното племство така да настанува хаотична состојба и голема економска регресија.Која е искористена од страна на Печенезите и Куманите кои од преку Дунав навлегуваат во овој дел од Македонија и Злетовската област.Првин се војнички поразени, а потоа асимилирани и од нив се останати само некои топоними во околината на Злетово.

Во втората половина од 13 век српскиот крал Милутин навлегува во Македонија и ги освојува “Полог, Скопје, Овче Поле, ЗЛЕТОВО и Пијанец“. Во почетокот на 14 век Злетово веќе фигурира како посебна економско-политичка единица ЗЛЕТОВСКА ЖУПА.

Посебен развој на економски и на културно-црквен план,а секако и демографски Злетово и Злетовската област доживуваат во времето на Цар Душан.Новоосвоената Злетовска област и Злетово се додаваат на областа со која владее Деспот Оливер.Деспотот Јован Оливер, и покрај оскудните податоци, има посебно позитивно влијание врз целокупниот развој на Злетово.Покрај другото,развој на рударството,а за да ја овековечи својата слава,своето владение и од друга страна да се “врзе“ црквата на солидарност и подршка на владетелот, Оливер Јован е толку моќен,политички и економски,што си гради манастир 1341 година во Лесново,село на 3,5 км,северено од Злетово,на темелите на постаро светилиште,кое просторно било со далеку поскромни димензии.Од Повелбата,натписот на грчки јазик уште убаво може да се прочита:“Се создаде овој светол и чесен храм на великиот војвода на небеските сили архангелот Михаил.Се создаде и се заврши во времето на крал Стефан,со трудот и издатоците на божјиот слуга,великиот војвода и неговата сопруга,слугинката божја,Ана Марија и нивниот син Кринко во 1341 година“. Понатаму следуваат даровите кои деспот Оливер ги неменува на манастирот:имот во селото Лесново,Луково и во Баково црквата “св.Никола со селото и на реката (Злетовска река.нз) селиштето Глобица,и селото Добрево, и во Древено со св.Прокопие, и катунот каде што живеат Власи, и во Штип св. Никола итн. Изборот на селото Лесново за градба на овој манастир никако не е случајно,туку длабоко промислено решение.Покрај тоа што е втемелен на постаро светилиште,во подножието на планината,е Злетово и Злетовска жупа постои озаконет “трг“, односно пазар и пазарен ден каде трошарината е наменета на манастирот.Во овој манастир кој е фрескоживописен неколку години подоцна(1346 г.) меѓу другите фрески се наоѓа единствената фреска на Цар Душан и Царицата Елена.

Крунисувањето на Стефан Душан за цар,прераснувањето на српската архиепископија во патријаршија е од големо значење за развојот на Злетово. Мородвиската епископија од јурсдикцијата на Охридската архиепископија се оделува и се пренесува во Злетово,односно се формира новата Злетовска епископија под јурсдикција на новооснованата Пеќска патријаршија. Така што Злетово станува и регионален црквено-духовен центар.Духовното средиште на епископијата е во манастирот во Лесново, додека седиштето на владиката е во Злетово.Епископијата и официелно се именува како Злетовска и како прв владика се споменува во 1353 година владиката Арсение.

Со самото тоа што во Злетово постои жупа, жупан,некаква жупска администрација (на пример,севаст,стаж,изгонџија,кефалија итн) ,“трг“, пазарен ден, владика и, веројтно црквена адиминистрација, тоа нешто претпоставува и градба на одредени утврди,седиште на жупанот, на владиката итн.така да може слободно се рече дека Злетово како населено место по своите битни карактеристки не се разликува од тогаш традиционалните средновековни урбани населби.

По смртта на Цар Душан и нешто подоцна на Јован Оливер,во рамки од раситнувањето на Душановото царство на пооделни феудални поседи,Злетовска област потпаѓа во владение на браќата Дејановци.По Маричката битка и пустошењата од страна на Турците браќата Дејановци стануваат како и многу други феудалци турски вазали. Тие во 1378 година ги потврдуват порано дадените имоти на мастирот Св.Пантелејмон во Света Гора и му додават нови имоти “и во Злетово Светога Димитрија и Свети Никола,с’ виногради,с’ валавници, и село Трстеник с’ метохом и с’ воденицами“ за да 1381 година,Констатин потврди дека Лесновскиот манастир со неговите села и други имоти се претворени во метох на Хилендарскиот манастир во Света Гора.

Со Турските освојувања на на раситените феудалнви поседи,кнежевини најчесто меѓу себе спротивставени, настанува прекин на континуитетот на економски и културен развој на балканските народи.Заземените земји Турците ги сметаат за сопственост на државата,на султанот.Поробените народи ја обработуват земјата и со своите приходи ја издржуваат војската и државната администрација.Во тимарскиот систем рајата била должна да изгради двор,куќа,сарај на спахијата, потоа амбар за жито, да му го носи житото во амбарот, на пазар итн. Ако спахијата има свој имот рајата била должна да му ги врши сите полски работи,а жените на рајата му ги вршеле и сите домашни работи.Покрај десетокот биле должни да дават и други даноци,за свињи,за воденици,за лозја,за овци итн.

Отпорот на населението кое е доведено до крајна сиромаштија и обесправеност резултира со одметништво,ајдутство.Така на пример,во 16 и 17 ајдутството зазема толку голем замав што стигнуваат наредби и од султанот. Како таа од 1618 година до кратовскиот кадија.Во неа се барат енергични мерки против ајдутите.Посебно се нагласува дека калуѓерите од манастирите Лесново,Крива Река и Трново не само што се здружиле со арамиите кои се во нивната околина, па слегуваат по патиштата и теснеците и ги убиваат патниците,туку им ги лекуват раните на разбојниците ,ги чуваат армиите и ги снабдуваат со храна...

Посебно е трагична Австо-турската војна од 1689 и Карпошевото востание за Злетово и Злетовска област. По повлекувањто на Австријанците и задушувањто на Карпошевото востание,Турските ордии и особено Кримските Татари отпочнуваат масовно уништување на населението и во Злетово и Злетовската област.Настанува време,како што ќе запише некој монах ’живите да им завидуваат на мртвите“.Тогаш, на пример, се избришани од лицето на земјата, селата Каралуково,Снеготин,Секулица... И Злетово не поминува подобро од овие села.По народното предание голем дел од населението е уништен, еден дел е избеган.Во Злетово останал само еден човек кој се скрил под воденечно коло на една воденица,а неговата жена во некоја пештера во месноста Пешни.

По овој погром и уништување на Злетово и покрај тоа што локалните турски спахии и бегови ќе ги откупат од Татарите злетовските робови, некои дури и од Одрин,заради потребната работна рака на нивните чифлици и спаилуци, за обнова и ревитализација ќе треба да се чека долга низа години.Во почетокот на 19 век, се забележува како во Злетово врз темели на старо светилиште се гради црква, се отвара првото училиште,а тоа нешто,секако, претставува напредок и ревитализација на животот во населбата.За жал, во последните три-четири децении од 19 век, посебно ќе интензивира пред крајот на 19 и првите години од 20 век, немилосрдната поделба на „патријашисти„ и на „егзархисти“.Оваа немилосрдна и понекогаш крвава борба е токму во врвот на оној дел од „рајата„,како што се учителите, поповите и трговците, кои требало да бидат своевидна елита, првенци во модернизација и национално освестување.

Меѓу првите луѓе кои се зафатени во мрежата ТМОРО, од овој крај се злетовчаните Кузман Јосифов,учителот Димитар Воденичаров и куририте Зафир П. и Тасе М.За време на познатата Виничка афера од Злетово се уапсени веќе споменатите Кузман Ј. и учителот Воденичаров.Додека,пак,игуменот Козма од манастирот Лесново е осуден на 101 година затвор во Подрум-Кале во Мала Азија.

За време на Илинденското востание,во почетокот на август,на 6 км.северо-источно од Злетово,во с.Луково се води голема битка меѓу здружените чети на макед. востаници (околу 100 на број) и турскиот аскер од гарнизоните во Злетово,Кочани,Кратово и Кр.Паланка.Притоа, загинуваат триесетина востаници,меѓу кои војводите Никола Дечев, Глигур Манасиев.Тука го загубува животот и студентот,полскиот Евреј ЈУЛИЈ РОЗЕНТАЛ кој во Софија се запознава со идеите и борбата на македонскиот народ и се прклучува во редовите на Организацијата.

Друг покарактеристичен случај од овој период е оној од 1908 година од времето на Уриетот,односно Младотурската револуција. Кога војводата Тодор Александров (поопширно види кај Ангел Динев:„Илинденска епопеа„ Скопје,1949 г.),под изговор дека е завршено со комитството ги наговара војводите Јордан Спасов и Јордан Секулички да ги распуштат своите чети.Потоа ги разоружува, ги соблака голи и ги вррзува на дрвени столбови и ги мажат со мед. Така да овие двајца предани дејци на Организацијата десетина дена, на жешкото августовско сонце, нападнати од оси,пчели,мравки. на до тогаш непознат,грозен начин кај нас, се умртвени.

Неколкуте месеци од Првата до Втората балканска војна Злетовска река е граница меѓу српската и бугарската окупациона зона.Злетово бидејки е лоцирано на десниот брег од реката во целина е под контрола на Србите. Недела дена пред отпочнувањето на 2 Балканска војна, злетовчанецот Славко Абазов војвода на ВМРО, со својата чета се обидува преку Злетово да навлезе во заднината српските положаи. Обидот со жртви од двете страни е одбиен.Но,по крткотрајната војна,овој „јуначки обид„ на војводата Славко Абазов Злетово „дебело„ ќе го плати.Имено,речиси целото Долно маало е запалено а населението емигрира во Кустендил,Бугарија.

Во периодот меѓу двете светски војни Злетово во административна смисла е прогласено за „варошица„ со тогашните инфраструктурни карактеристики.Меѓутоа, во општествено-политичка смисла,со оглед на тоа што е комуникација за навлегување на четите на ВМРО во Македонија,во целина е надвор од законодавството на Кралството СХС.Злетово,Кратовска околија и граничниот појас меѓу Србија и Бугарија е во „надлежност„ на „Здружението за борба против бугарските бандити„ на војводата Коста Пеќанец.Злетово и целата Кратовска околија е во „надлежност„ на локалниот војвода Мино Станковиќ.Овој човек,достаточно е да кажеме дека од бозаџија,слуга,без никаков имот за неколку години станува најбогат човек во Кратовска околија преку гол грабеж и незапамтено насилие. Ако тогашната Вардарска бановина била зандана,Злетово и Кратовска околија биле вистински пекол.Такво безаконие, грабеж,насилие не се памети ни во турско.Злетово,Злетовската област и Кратовската околија,народот никогаш во својата историја немал доживеано поголем,крајно бескруполозен терор,поголеми зулуми, никогаш и не се појавил таков монструм со човечки лик. (Поопширно види:Стеван Симиќ:Тужба до Негово Височенство Кнезот намесник Павле, Београд,препис во ИНИ,Скопје).

Интересно за овој период и да се одбележи,барем едно секавање од обичните селани од с.Јамиште.Велеа, во долно маало ќе дојде Мино со четата,а во горно вмровскиот војвода со четата.Тие војводите ќе се сртнат кај кметот сред село.Овој војводата од ВМРОТО не бил војвода туку трговец со стока.Ние селаните,шта да правиме,сукај баници, коли овци,печи петли,давај ракија,вино... На прашањето, еве долу во реката со две пушки не можете да го промашите.Е бе дете, одговараа, што ако го убиеме Миноте, ќе дојде друг Мино,сигурно не подобар од овега.Ама ќе биде сиромав и додека се збогати ни отиде кожата...Инаку,ако логички се размисли „идеологијата„ и на Здружението на борба против бугарските бандити и на ВМРОТО има еден заеднички именител ОРГАНИЗИРАН ГОЛ ГРАБЕЖ од двете страни!

По втората Светска војна, Злетово е во првата територијлно-административна поделба на НР Македонија е седиште на Злетовска околија. Со наредната територијлно-административна поделба Злетово се враќа на ниво на општина. Од средината на шеесетите години од минатиот век, во рамки од тогашните социјалистички експерименти се укинува и општина Злетово. Тоа нешто, ни повеќе ни помалку, без елементарно познавање на географија, историја, традиција итн. означува голема деградација и регресија во развојот на Злетово.

Економија [уреди]

Злетово, во контекст на својата местоположба, на излезот од клисурата на Злетовска река, од секогаш имало и има многу погодни природно-географски услови за земјоделско производство. Во Злетовско поле има дебели пластови земја составена од терцијални езерски сегменти помешани со вулкански материјал, свлечен од околните еруптивни висови. Уште има умерена континентална со влијание и на медитерска клима. Така да, постои можност покрај традиционалните култури за умерено континенталната клима да се одгледуваат и оризот, памукот, афионот и др. јужни култури.

Сточарството е, исто така, значаен економски фактор затоа што во северо-источниот дел се наоѓаат пространи летни пасишта кои овозможуваат одгледување на голем број на добиток. Во 19 век е карактеристично ткн. суватчиско сточарење. Трговците и месарите од Злетово, на пролет, откупувале јарци, овци, кози кои преку летото биле на испаша во планина, а на есен ги продавале, главно, на солунски трговци.

Третата стопанска гранка е рударството. Терцијалните вулкански активности создале големи количества на рудно богатство во Кратовско-злетовската рударска област. Богати наоѓалишта на оловно-цинкова руда, односно минералите сидерит, кварцит, барит и пирит кои содржат главно олово и цинк и мали количини на сребро.

Експлоатацијата на ова рудно богатство е интензивно за време на Римјаните. Така, на пример, и сега главната рудна жила бр. 1 во добревското рудиште се именува како „Римска јама„. Со доселувањето на Словените оваа дејност замира. Со освојувањето на овие простори од страна на Цар Душан рударењето во овој крај пак заживува.Посебен висок подем на развојот настанува со доселување на Сасите. Овие врвни европски рудари ги обновуваат старите римски и отвараат нови јами и рудокопи. Така да Злетово и неговата околина стануваат познати со производство на големи количини на олово, сребро, бакар и железо.

По Маричката битка и појавата на Турците голем дел од Сасите се иселуваат во Босна,а оваа дејност доживува голема деградација. За да, по преземени мерки од страна на Сулејман Величествениот рударството, пак заживува и се интензивира до толку што Кратова станува голем рударски центар во кој има и ковница на пари.

Со Австро-турската војна од 1689 год. и Карпошевото востание, Сасите и голем дел од населението го напуштаат овој крај и се преселуваат преку Сава и Дунав. А со тоа оваа дејност речиси е напуштена. Обидите на локалните турски власти врз основа на закрепостување на локалното население на рудниците се покажуваа за неуспешни. По Кримската војна, рударството во кратовско е прекинато. Се прави обид со изградба на нови топлиници на Злетовска река над Злетово и со користење водена енергија од Злетовска река која работела до 1882 г. Накусо, рударењето во 18 и 19 век не успеало да го постигне нивото на производство од 16 век.

Во 19 век, покрај топилница, во Злетово се гради и погон со користење на водена сила и работилница за производство на „шарлган„, односно зејтин кој се извезувал дури и во Кустендил. Ѓорче Петров наведува дека во тој период, во Злетово имало 10 коларски работилници во кои годишно се изработувале околу 800 дрвени двоколки. На неговиот пазар се продавале околу 300 крави, 700-800 глави друг добиток и за 20-30000 гроша дрвен градежен материјал.

Меѓу двете светски војни Злетово е прогласено за „варошица„, градче и има елементи на градско стопанство: 9 бакалници, 2 манифактурни дуќани, 2 кафеани и 32 занаетчиски дуќани. Меѓу нив преовладуваат каларите, шивачите, ковачите, кожушарите, грнчарите итн. Со индустријализацијата и модернизацијата на Македонија овие занаети полека изумираат. Сега за сега има неколку конфекции кои го асорбираат најголемиот дел од женското население, додека машкиот, особено помладиот дел од населението е во странство. Иако Злетово сега во споредба со првата половина од минатиот век е далеку поразвиено со нови совремни куќи, водовод, канализација, улици итн. но, останува невработеноста како основен проблем поради кои се јавуваат сериозни закани за интензивирање на депопулациа на населението.

Демографија [уреди]

Адекватно на своите местоположба и природно-географски погодности и, уште повеќе од остатоците на материјална култура, може со право да се претпостави дека Злетово како во античкиот така и во периодот на раните средни векови имало густо население и на тоа соодветен општествен, економски и политички живот.

Особен демографски просперитет, секако Злетово доживува во рамките од царството на Цар Душан поради интензивното рударство во Злетово и неговата околина. Во тие години Злетово е, како резултат на тие економски и природно-географски промени, одредено во ЗЛЕТОВСКА ЖУПА со сите консеквенци од тоа нешто. Дури и како седиште на ново формираната Злетовска епископија е одредено Злетово.

По турската инвазија и со нагласеното иселување на Германите, односно Сасите, населението како во целиот крај така и во Злетово се намалува.

Од турскиот попис на население од 1573 година (тефтдери за Кустендилски санџак,з.м,) иако е наменет за одредување на даночни намети и е на ниво на домаќинство, во Злетово се евидентирани 85 домaќинства, 50 неженети лица и 5 вдовици. Посредно, ако се има предвид дека се работи за ткн. патријахални домаќинства/семејства (повеке генерации родители деца, дедовци, баби, родители, браќа, сестри, братучеди итн.) и ако се земе дека во просек, и во долна граница, овие домаќинства да имаат, барем по 10 членови, тогаш Злетово би требало да има не помалку од 1000 жители. Ова нешто, само по себе, за тогашни околности, претставува релативно значајна концентрација на население на едно место.

Еден век подоцна, за жал, по Австро-турската војна и Карпошевото востание и неговото загушување и невидената одмазда од страна Турците и Кримските Татари, населението на Злетово е делумно уништено (старите и младите се ставени под нож, работоспособните претворени во робје, а дел се иселиле дури и преку Сава и Дунав.

Обновата и ревиталицијата на Злетово,(и покрај тоа што некои од беговите ги откупуваат своите робови, дури и од Одрин заради работна рака на своите чифлици), настанува од крајот на 18 и почетокот на 19 век. Тие години се гради, односно обновува врз темели на старо светилиште црквата и се отвара првото училиште. Нешто подоцна и првите стопански објекти, меѓу кое е топлиницата за олово, која со оглед на тогашната технологија за работа наметнува и потреба од поголем број работници.

Ѓорче Петров (во своите пишувања) наведува како Злетово во последната деценија од 19 век има 120 куќи, од кои 50 турски. И дека има 920 жители од кои 670 Македонци и 230 Турци и 20 Роми. По Балканските војни и иселувањето на Турците незнатно се намалува населението затоа што населението од околните села ги откупуваат имотите на Турците и се преселуваат во Злетово. По завршување на Првата светска војна Злетово на демографски план расте поради доселување од околните планински села. Ова нешто е посебно изразено во третата деценија од 20 век, односно пред 2 светска војна. Затоа што е прогласено за “варошица“, има општинска администација, жандармериска станица, училиште и да не се заборави на големата група работници и нивните семејства кои се населени заради припремни операции и обнова на рудниците во с. Добрево. Овој контигент население со почетекот на нападот на тогашна Југославија го напушта Злетово.

За време на окупацијата на Бугарија покрај ригорозните, ограбувачки давачки, реквизиции во житарици, стока, мобилизација итн. нема, на видлив план, позначјни промени во развојот на населението. Во текот на НОБ од Злетово се загинати 4 злетовчани.

По ослободувањето, и покрај штотуку почнатите процеси на модернизација на тогашна ФНРЈ и Македонија, и на процесите на деаграризација на селото и земјоделството; уништување на козите, “доброволни откупи“ на земјоделски и сточарски проиизводи, формирање на селски работни задруги итн. пред се, како резултат на културно-просветната активност, здравствена заштита итн. има процес на засилен пораст на населението. Така, на пример, во 1948 г. (попис на население) Злетово има 1232 жители. Пописот на население од 1961 година ќе открие како Злетово за 12 години го зголемило своето население за 263 жители, односно има 1495 жители. Во наредниот меѓупописен период 1961/1971 година, Злетово има позитивен популационен развој но со понизок интензитет од претходнот. Има пораст од 153 нови жители, односно вкупно 1648 жители. Изразито висок прираст на население во Злетово се забележува во периодот од 1971 до 1981 година. Тоа е резултат на урбанизацијата и модернизацијата како на СФРЈ, така и Македонија, но и во општината Пробиштип со отварње на нови индустриски капацитети, услужни дејности и други институции. Во овој десетгодишен период забележуваме пораст за 454 жители и Злетово брои 2102 жители. И во наредните 10 години до 1991 година пак имаме позитивен пораст на население но со посмирен интензитет 243 нови жители, односно Злетово има 2345 жители. За зал, споредбата од претпоследниот и последниот попис на население ќе ни открие дека по тектонските сруктурални промени од еден во друг облик на еконоски и општествен систем, Злетово има забавен пораст на население. За десет години прираст за само 132 лица, односно има вкупно 2477 жители. Десет години по овој попис на население, неофициелно, судејки по напуштањето на младото работоспосбно население, сеедно дали во странство или во Скопје и околните урбани средини, повеќе од евидентно е дека е почнат процес на депопулација. Во отуство на верификувани службени индикатори за ова нешто ќе се послужиме со податоците дека дека во Злетово има “повеќе погреби отколку свадби и крштевки“. Во прилог на ова ќе додадеме дека за прв пат, “од како е век и свет“, како што раскажуваат злетовчани, оваа 2012 година, на Водици, немаше младоженци од Злетово да се капат во реката и да го ловат крстот. Оваа традиција е специфична за Злетово. На Водици по крстот се пуштат само оние кои во текот на минатата година се оженети. Оваа година, овој традиционален обичај е спасен со помош на злетовските зетови...

Општествени институции [уреди]

Цркви [уреди]

Злетово како стара населба, покрај другото е позната и како седиште на Злетовска жупа и посебно како седиште на Злетовската епископија.Тоа нешто само по себе претпоставува дека има и поголем број на манастири и цркви. Иако не се знае точниот број на сите цркви манастири,во историските документи и извори фигурираат црквите Св.Димитриј и Св,Никола.За овие цркви како се гледа од една повелба на Константин Дејановиќ во 1380 година овој феудалец ги приложил на манастирот С.Пантелејмон во Света Гора. Уште се споменуваат и две други цркви:Св,Архангел и Св.Илија.Оваа последната Св.Илија, Цар Душан ја приложува на манастирот во Лесново. Од сите овие светлишта кои се споменуваат од времето на Злетовската епископија,во Злетово е останата само црквата посветена на Св.Богородица. Оваа црква и покрај одредено разногласие околу годината на градба, сигурно е дека имала повеке фази на градба.Првобитно била еднокорабна,градена од кршен камен и малтер.Од оваа градба е останата полукружната апсида во која е сочуван стариот живопис.Во наредната фаза на градба,на местото на старата црква била изградена нова, при што во новата црква била вклопена апсидата со живописот од старата црква.Таа била нешто потесна и подолга, и градена е со делкан камен. И таа е еднокорабна со полукружен свод.Додека нартексот од западната страна и тремот од јужната страна се од третата фаза на градба од 1853 година. Иако нема никаков запис од кој би се открил датумот на градба на првата фаза,единствената можност се гледа во сочуваниот живопис во апсидата од првата црква.Тој е релативно добро сочуван и од кој се открива дека потекнува од рака на искусен и талентиран зограф.Стилски,како што додава историчарот на уметноста К.Балабанов, живописот се покажувал за близок на делата кои се настанати во периодот од првата половина на 16 век. Најблизок компаративен материјал се наоѓал во живописот на црквата Св.Никола во Демир Хисар. Гробјанската, еднокорабна црква со далеку поскромни димензии Св.Илија е подигната во 1911 година,на јужната страна од гробиштата на ридот Илиица. И таа има строго наменски карактер,да се неутрализираат „недоразбирањата„ на злетовчани и нивните две црковни партии патријашисти и агзархисти. Злетово е седиште на Злетовската парохија.

Училиште [уреди]

Првото училиште во Злетово е отворено 1831 година. Тоа припаѓа на ткн. Сторовремска школа,односно некаков облик на приватна работа на даскалот којшто својата просветителска дејност ја врзува уште и за некој друга, обично занаетчиска дејност. Организацијата и материјалната страна на старовремското училиште е во „надлежност“ на населението во кое е отворено.Овој вид на училиште има повеќе морално-религиозен карактер отколку образовна компонента. Првиот учител од 1831 година е Ѓорги Мицов од Злетово,од тогаш па се до 1889 година кога престанува старовремското школо, Злетово постојано имало училиште и учители. „Современата метода„ во училиштето отпочнува во последната деценија од 19 век. И таа е резултат на црвено-просветните и политичките пропаганди на соседните земји и нивните донации со учебници,училишни помагала,учители, градба на училишни згради итн. Пради зголемиот број на ученици,црковно-училишниот одбор во почетокот на 20 век се обидува да се отвори класно училиште.Тоа нешто ќе се случи во учебната 1910/1911 година и има две генерации, 1 и 2 клас кога со отпочнување на Балкансаката војна, ова класно училиште е укинато. По ослободувањето е отворено основно осумгодишно училиште кое го носи името „Маршал Тито„, а од неодамна е преименувано во „Брака Миладиновци„.

Администрација и политика [уреди]

По завршување на 2 Балканска војна,со тогашната територијлна поделба, Злетово како општина е определено во Кумановскиот округ.Иако Злетовската област и Злетово како централно место е одалечено 14 часа одење до Куманово,а само 6 часа до Штип.Затоа се припрема проект каде се констатира „Злетовската околина е голема по површина и број на жители што би могло само по себе да претставува една добра околија со седиште во Злетово„.Наскоро отпочнува Првата Светска војна и ова нешто ќе биде заборавено.Дури по Ослободувањето 1945 година оваа идеа ќе биде рализирана,односно ќе се оформи Злетовска околија со седиште во Злетово.Меѓутоа по неполна година околијата се укинува и Злетово се спуштана ниво на општина. „Геометрите„ на тогашната адмистративно-територијална поделба прават уште некои неочекувани превиди.Пеесетината населби од Злетовска област како природно-географска целина ги распоредуваат во 4 општини.Најмногу во општина Пробиштип, 4 во Кратово,2 во Крива Паланка и 1 во Кочани.Карактеристичен е случајот со селото Рајчани.Од Злетово е одалечено само 3 км.Селаните од ова село своите потреби,училиште,лекар,пазар,црква ги задоволуваат во Злетово,а само „државните„ работи за лични карти, катастар, и разни други документи се принудени да патуваат,најчесто и пеш,по 25 км. до Кочани... Истиот овој „социјалистички геометриски систем„ е употребен и во 1956 година кога општината од Злетово се пренесува во Пробиштип. Оваа крајно арбитрарна и кратковидна „геометрија„ во 1996 година во тогашната територијално-административна поделба на Македонија е ревидирана и на Злетово му се доделува статус на општина.Меѓутоа, за жал, со наредното еспериментирање на овој план,2004 г.без осет и смисла за историја,географија, традиција Злетовската општина се укинува и се враќа на состојбата од 1956 година.

Културни и природни знаменитости [уреди]

Цркви[1]
Археолошки локалитети[2]

Редовни настани [уреди]

СЛАВА на Злетово е 2. август, односно Илинден.Тогаш Злетово е посетено од гости, пријатели. отселени роднини или случајни посетители, од сите страни,„секој што дошол е добродојден„. Прославата се изведува,обично за постарите,кај гробјанската црква „Св.Илија„.Таму од доброволни прилози се коли курбан и се готви јадење, обично ткн. манастирска манџа.За оние не можат да присуствуваат им се носи и дома „за здравје„. Младината приредува спортски игри во фудбал,мал фудбал и ракомет.Има и културно -уметнички главно, фолклорни манифестации.Покрај ова, се ангажираат оркестри од лимени инструменти со кои се интензивира празникот со песни и ора. Нема злетовчанец, и најсиромашниот, кој на овој ден не приредува ручек за своето семејство и за гостите од страна.Овој празничен ручек,многу често,знае да продолжи и во вечера и да заврши длабоко во ноќт,ако не и до „сабајле„.

ВОДИЦИ или Богојавление по злетовски, како црквено-народна манифестација, е посебно интересена и, изгледа, е единствена во Македонија.Имено, од како се памти од како постои „свет и век„како што ќе речат злетовчани, на овој празник, наутро сите МЛАДОЖЕНЦИ КОИ ЗАПЛИВАЛЕ ВО БРАЧНИ ВОДИ,ВО ПОСЛЕДНАТА ГОДИНА, ОД ВОДИЦИ ДО ВОДИЦИ, се собираат кај подлабок вир на Злетовска река (десетина години тоа е кај Пешка).Откако свештениците ќе ги отчитаат своите пораки, го флаат крстот во вирот,а младоженците се натпреваруваат кој прв ќе го фати.Потоа,кај среќниот младоженец кој го фатил крстот се оди на „визита„, му се честита, му се пожелува среќа,деца,внуци,правнуци итн., а тој ги чести со вино,ракија итн.Тие „визити„ траат по цел ден,а во зависнот расположението можат да се продолжат и до доцна во ноќта.

Личности [уреди]

  • Киро Попов,прв адвокат од Злетово;
  • Никола Димитров прв судија од Злетово;
  • Драги Арсов,прв рударски инженер од Злетово;
  • Горги Иванов катин, прв земј. инженер од Злетово;
  • Лазар Гичев,прв лекар од Злетово;
  • Димитар Игнатов, прв стоматолог од Злетово,
  • Горги Чолак,прв лекар ветеринар од Злетово,
  • Александар Апостолов,историчар,прв универзитетски професор;
  • Цветан Димитровски, прв електроинженер;
  • Викенти Тичев,прв машински инженер;
  • Боро Бутачки.прв хидроинженер;
  • Кристина Јованова,Дордо, прва жена, рударски инженер;
  • Трајко Ников,правник, зам. јавен обвнител на СРМ;

Хаџи Димитар Гуцев, виден трговец од турско време.

Култура и спорт [уреди]

ФК Злетовица (Злетово), а клубот претходно настапува под името ФК Акумулатори (Злетово). Во сезона 2003/04 ФК Злетовица настапува во 2 МФЛ (Втора Македонска Фудбалска Лига), но по седум одиграни кола, клубот се откажа од понатамошното натпреварување.Инаку, првиот фудбалски клуб во Злетово е формиран во 50 -те години од минатиот век со иметот МЛАДОСТ.

Иселеништво [уреди]

Иселувања од Злетово има и во „турско„ и подоцна до Ослободувањето и формирањето на НР Македонија.Меѓутоа, тие селидби се од политички карактер.Да се избегнат репресалиите од властите, да избегне служењето војска итн.Масовно иселување има за време на Втората Балканска војна кога целото Долно маало е опожарено, а населението е принудено да емигрира во Бугарија.По завршување на Балканската и Првата Светска војнз злетовчани се враќат во своето родно место.Карактеристично е за овој период што и во екот на тогашната светска економска криза од 1929 година и подоцна нема ни времени и трајни миграции. Првите миграции од економски карактер ќе се јават по укинување на општинската администрација, а со тоа и деградација на економските активности во земјоделството,занаетчиството,трговијата.Во почетокот на седмудесетите години од минатиот век со отварањето на границите спрема Западна Европа и покрај интензивната индустријализација и урбанизација на општинскиот центар,веќе се јавуваат, макар поединечни, првите економски мигранти.Подоцна, со стагнацијата во развојот на СФРЈ и особено по структуралните, економско-политички, промени од 1990 година,во контекст на ткн. транзиција која никако да заврши,кога замира стапанската активност во Македонија и изразито негативно е нагласена во општината, миграциите на младото и работноспособно население од Злетово стануваат секојдневие.Така да,сега Злетовчани се расеани буквало по целиот свет.Од Западна Европа (главно Италија и Словенија) па се до Австралија и Нов Зеланд и Северна Америка.Внатрешните миграции, посебно кај женската, млада популација, се ориентирани кон Скопје и незнатно кон околните урбани средини Штип и Кочани.Сезонските миграции се главно во Црна Гора.Меѓутоа, по ова, едно е повеќе од сигурно.Депопулацијата на Злетово иако нема официелни пописни информации не да е започната туку изразито нагласена. Самиот факт дека во минатата 2011 година немало „машка„ свадба е јасна потврда на изнесното мислење.

Наводи [уреди]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). „Карта на верски објекти во Македонија“. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  2. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  3. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 704.
  4. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 704.

Љ.Стојановиќ:Стари српски записи и натписи,Београд,1903 г.; Н.Вулиќ,Старине у нашој земљи,„Братство„ 17.; Група автори, Злетовска област,1974 год.; А.Урошевиќ,За некои топоними во Македонија,Географски разгледи 2-2,Скопје 1965 г.; Тодор Кондев,Осоговија,Зборник на ПМФ,Скопје 1966 г.; Ј.Иванов,Северна Македонија,Софија,1906 г.; Ѓорче Петров,Спомени,Скопје,1950 г.; Антоние Николовски и Коста Балабанов,Споменици на културата во СРМ,Скопје,1971 г.; Ангел Динев,Илинденска епопеа,Скопје,1949 г.; Јордан Иванов,Блгарски старини из Македонија,Софија,1931 г.; Јиречек Константин,Историја Срба,Београд,1952 г.; Стојан Новаковиќ,Срби и Турци 14 и 15 века,Београд.; Стеван Симиќ, Историја Кратовске области,Београд,1914 г.; Мала енциклопедија, Просвета,Београд,1959.; Сојузен завод за статистика, Пописи на население,Београд.; Републички завод за статистика, Попис на население,1991 и 2004 г.Скопје.

Надворешни врски [уреди]

  • Злетово - Обични луѓе, Лична Македонија