Долно Барбарево

Координати: 42°00′00″N 22°07′30″E / 42.00000° СГШ; 22.12500° ИГД / 42.00000; 22.12500
Од Википедија — слободната енциклопедија
Долно Барбарево

Воздушен поглед на селото Долно Барбарево

Долно Барбарево во рамките на Македонија
Долно Барбарево
Местоположба на Долно Барбарево во Македонија
Долно Барбарево на карта

Карта

Координати 42°00′00″N 22°07′30″E / 42.00000° СГШ; 22.12500° ИГД / 42.00000; 22.12500
Регион  Источен
Општина  Пробиштип
Население 4 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2210
Повик. бр. 032
Шифра на КО 21010
Надм. вис. 580-620 м
Долно Барбарево на општинската карта

Атарот на Долно Барбарево во рамките на општината
Долно Барбарево на Ризницата

Долно Барбарево — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Пробиштип, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Свети Николе.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 620 метри.[2]

До селото се стигнува преку регионалниот пат 1205, преку исклучување во самиот град Пробиштип, а потоа патот продолжува преку селата Плешенци, Долни, Горни Стубол и Горно Барбарево. Од селото Горно Барбарево, патот продолжува како земјен пат.

Долно Барбарево е сместено на тромеѓето помеѓу Пробиштипската, Кратовската и Светиниколската општина, а покрај јужното подножје на еруптивната планинска верига ПлавицаЦрни Врв.

Селото е сместено на силно еродиран терен во изворниот дел на реката Белошица, а недалеку од некогашниот Секулички Превој, преку кој во минатото минувал караванскиот пат Стоби-Пауталија, односно денешен Ќустендил.

Долно Барбарево е сместено спроти Горно Барбарево на источните падини на ридот Големо Брдо (770 м.). Други околни ридови се: Струга, Големо Брдо, Ковиљ, Мици Габер и други.

Историја[уреди | уреди извор]

До ослободувањето, Горно и Долно Барбарево биле едно село во кои се разликуваа следниве две големи маала: Шуке Маало, или Големо Барбарево, сместено од левата страна на Белошица, и Амбар Маало, или Мало Барбарево, сместено од десната страна на реката на околу 1,5 км растојание од првото маало. По ослободувањето, Шуке Маало е прогласено за село Горно Барбарево, а Амбар Маало за село Долно Барбарево.

Народното предание Барбарево го смета за многу старо село. Дека во неговиот простор постоела населба уште во многу далечпото минато сведочи фактот што на конусниот рид Градиште се сочувани остатоци од старовремската тврдина, за која А. Керамидчиев смета дека потекнува уште од времето на Римјаните. Карактеристично е името на ова село, кое несомнено потекнува од грчкиот збор „варварис“ од што може да се заклучи дека го основале Варвари, односно Словени, (како што Византијците ги нарекувале) при своето доселување во оваа област. Преданието вели дека во средниот век Барбарево се наоѓало во месноста Селиште и дека тогаш неговите жители биле мадемџии (рудари) и работеле во рудниците на преседлината Џгури. На денешното место тоа било преместено за време на некое безредие (веројатно за време на Карпошовото востание). И по преместувањето на селото барбаревци не било претворени во чифчии, туку останале раети — мадемџии и доганџии.

Ова село, како и Горно Барбарево, се состои од повеќе родовски маала што едно од друго се оддалечени 50—100 метри. Во некои маала, веднаш до куќите, се наоѓаат градини засадени со зеленчук и овошки.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 11,2 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 628,3 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 347,3 хектари, а на шумите само 88,9 хектари.[2]

Во основа, може да се каже дека селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Долно Барбарево, како составен дел на некогашното единствено село Барбарево, во минатото било раетско село чии жители имале обврски да работат во кратовските рудници. По ослободувањето од тие обврски било засилено овчарството за која сточарска гранка има поволни природни услови во просторот на селото. За време на предвоена Југославија неговите жители својот опстанок во прв ред го засновале на овчарството. По ослободувањето, бројот на овците значително е намален. Говедарството се заснова на одгледување оратни волови чиј број околу седумпати е поголем од бројот на кравите. Свињогојството и живинарството сосема слабо се застапени.

Во ова село, како и во Г. Барбарево ниедно домаќинство немало плуг, туку земјата се обработувала на традиционален начин — со дрвено рало. Најголем дел од површината под ниви се села со пченка, јачмен и пченица, додека производството на ’рж, суршка и овес е незначително. Скоро 1/3 од обработливата површина се користела за производство на граор и уров. За производство на индустриски култури (сончоглед, тутун, памук и афион) се користела околу 1/12 од обработливата површина. Одгледувањето на градинарски култури, особено бостан, грав и компири) релативно добро била застапено, a овоштарството и лозарството многу слабо.

Денес стопанството е сведено на најниска граница, обработливите земјоделски површини се претворени во пасишта, а градинарските, индустриските култури, лозарството и овоштарството воопшто не се застапени.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948369—    
1953390+5.7%
1961335−14.1%
1971203−39.4%
198159−70.9%
ГодинаНас.±%
199134−42.4%
199420−41.2%
200211−45.0%
20214−63.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Барбарево (Горно и Долно) живееле 780 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барбарево (Горно и Долно) имало 848 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[5]

Во 1961 година селото броело 335 жители, а во 1994 година само 20 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Долно Барбарево живееле 11 жители, сите Македонци.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 780 848 369 390 335 203 59 34 20 11 4
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Долно Барбарево е македонско село.[11]

Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Дејановци (2 к.), Ѓорчевци (9 к.), Дапчевци (4 к.), Савчевци (2 к.), Каревци (3 к.), Гаџевци (6 к.) и Шупанци (4 к.).
  • Доселеници: Богоевци (6 к.), доселени се во почетокот на XVIII век од Прилепско; Дамјановци (4 к.), доселени се кога и претходниот род од Скопско; Чупевци (7 к.), Коларци (1 к.) и Балтевци (2 к.), доселени се во втората половина на XVIII век од областа Горна Пчиња; Шопчевци (2 к.), доселени се од Шоплук, поточно од Кривопаланечко; Јанкуловци (1 к.), доселени се од околината на Врање во Србија; Караканци (2 к.), доселени се од селото Преод во Овче Поле.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Долно Барбарево било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Долно Барбарево, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Патетино, Равници и Стануловци. Некогашната општина Немањици постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Немањици и Орел.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Заедничката селска црква „Св. Петка“

Во селото постои избирачкото место бр. 1563 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[15]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 104.
  3. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
  4. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 ноември 2022.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област-Географско-историски осврт. Скопје.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Локални избори 2021“. Посетено на 13 ноември 2022.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]