Озирис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Скулптура на Озирис

Според египетските верувања, Озирис имал божествено потекло, го снашла смрт, и бил осакатен од раката на злото, а по голема борба со овие сили и со помошта на Боговите тој повторно оживеал, и од тогаш станал цар на подземјето и судија на мртвите, а и бог на воскресението. Бил издигнат на толку високо место на небото што станал еднаков, а во одредени случаи и надмоќен од Ра, Богот-Сонце. Бил еден од најбитните богови во староегипетската религија и заземал видно место и во најстарите погребни книги и во „Книга на мртвите“. Исто така, бил еден од деветтемина богови на Енеадата од Хелиополис.

Мит[уреди | уреди извор]

Слика со Озирис

Митот за Озирис од Египет е многу сличен со истиот мит од Стара Грција:

Реја, т.е. Нут (мајката на Озирис) која била жена на Хелиос (Ра), имала тајна љубовна врска со Кронос (Себ, таткото на Озирис). Кога Ра го дознал ова фрлил клетва на Нут да не може да раѓа ни во еден ден, ни во еден месец, ни во една година. Тот (Хермес) кој и сам бил заљубен во истата божица, како заблагодарување за наклоноста што ја имал од неа, се коцкал со Месецот и од него го добил седумнаесеттиот дел од неговата светлост кој чини пет дена, кој тој подоцна ги додал на триста и шеесетте дена од кои претходно се состоеле годините. На тие пет додадени дена Нут родила повеќе богови. На првиот го родила Озирис, при што на Земјата се разгласило дека „се родил господар на целата Земја“. На вториот ден се родил Ароуерис, кој Грците го нарекуваат Аполон, а се нарекува и Хор (или Ор) Постариот. На третиот ден на свет дошол Сет, т.е. Тифон, кој насила излегол на свет преку раната што ја нанесол на мајчината слабина. Изида е родена во четвртиот ден во мочуриштата во Египет, а на последниот ден е родена Нефтида (или Нефтис), кои некои ја викаат Телеута и Афродита, а други Нике. Озирис се оженил со Изида, а Сет, пак, се оженил со Нефтида.

Откако Ра ја напуштил земјата за да владее со небото, Озирис станал крал на Египет. Тој се посветил на цивилизирање на својот народ, да го обрати од скудниот и варварски начин на живот и од практикување на канибализам; ги учел да држат култ кон плодовите на земјата и да живеат според законот на Маат (Божицата на редот, правдата и законот). Ги упатил во должноста за почитување и обожување на Боговите. Тој потоа почнал да патува по другите земји за да ги убедува луѓето да ги прифатат неговите поуки, но не ги принудувал со сила, туку по нивна слободна волја. Сет пак сакал да го да отстрани Озирис од власта, за да тој стане крал, па при враќањето на Озирис во земјата, сковал завера против него со уште седумдесет и две луѓе. Имено, на една фешта што ја организирал со неговите заговорници со лага го наговорил Озирис да легне во еден мошне убав ковчег, украсен со орнаменти, при што заговорниците веднаш прискокнале, го спуштиле поклопот, го заковале со клинци и го залеале во растопено олово, па го превезле преку некоја утока на Нил до морето.

Изида била во голема жалост и со скршено срце. По жалоста тргнала по целата земја во потрага по ковчегот. Од некои деца дознала преку која утока на Нил ковчегот бил пренесен до морето. Потоа дознала дека ковчегот, морските бранови го однеле до брегот Библос и таму нежно го наместиле во гранките на тамариска грмушка, која за кратко време израснала во големо, раскошно и убаво дрво, обраснувајќи околу ковчегот и покривајќи го од сите страни, па веднаш заминала таму. Кралот пак што владеел таму незнаејќи што има внатре, го исекол дрвото за да го користи како столб во неговата палата. Кога пристигнала, Изида за кратко време се зближила со владетелите на Библос во тоа време, односно со кралот Мелкарт и кралицата Астарта.

Кралицата, пак, поради пријателството и зближеноста со Изида, ја поставила за дадилка на едно од нејзините синови. Изида на детето му давала да цица прст, наместо дојка; исто така секоја ноќ го ставала во оган за да го уништи неговиот смртен дел. Потоа се претворувала во ластовица и летала околу столбот на палата, оплакувајќи ја својата тажна судбина. Ова го повторувала извесно време, сè додека кралицата не вреснала кога го видела своето дете во пламен, и така го лишила од бесмртноста. По овој настан Изида се открила која е и побарала да се исече дрвото и да се извади ковчегот, па се фрлила над него, и толку силно и грозно заплакала, што до смрт се преплашил помладиот кралски син. Потоа таа со ковчегот запловила накај Египет. Кога се вратила и кога никој не ја гледал го отворила ковчегот и се претворила во сокол, која мавтајќи со своите големи крилја предизвикала магија со која му внела животен здив на Озирис за еден ден. На тој ден таа на магичен начин била зачната од Озирис и од овој однос потекнува Хор Помладиот. Изида го скрила ковчегот од Сет, но тој при еден лов го пронашол и го распарчил телото на четиринаесет делови. Изида повторно тргнала да ги бара распарчените делови на нејзиниот маж и каде и да нашла некој дел од нејзиниот маж таму правела и негов кип. Во наоѓањето на деловите од својот маж доста ѝ помогнале Анубис и Нефтида. Ги пронашле сите делови, освен неговиот полов орган кој бил фрлен во Нил и изеден од некои риби, па како негова замена Изида направила негов модел (фалус). Телото на Озирис било повторно составено, Анубис го балзамирал и мумифицирал и заедно со помошта на магичните формули на Тот и некои ритуали, Озирис повторно оживеал и бил пратен да владее во подземниот свет. Синот на Изида и Озирис - Хор, кога пораснал тргнал во борба против Сет за да се одмазди. Тот му помагал со магии на Хор во битката. Во трите водени битки Хор победил, а Сет бил поразен, избркан од царството и протеран во пустина од каде што сакал да се врати и да го уништи Египет, т.е. сакал да се врати и да воведе целосен кармички хаос.

Симболизам[уреди | уреди извор]

Сет го убил и го расфрлал телото на Озирис по целата земја, исто како да искорнеме некое растение, па да го раскиниме на парчиња, да му го извадиме семето и да го расфрламе по земјата. Но водата надоаѓа и мртвото семе никнува повторно и се раѓаат нови, поголем број на растенија, а земјата зазеленува повторно, исто како што Озирис бил распарчен и расфрлан по целата земја, но повторно оживеал и се возвишел. Затоа тој е и бог на растенијата и растителноста и затоа е претставен на сликите со зелено лице. Зеленото лице исто така укажува дека тој бил господар на подземниот свет.

Значење[уреди | уреди извор]

Озирис бил еден од најважните Богови во египетската религија и бил обожуван од Египќаните уште од преддинастичкото време. Поради тоа што воскреснал од мртвите со помош на Боговите, тој бил сметан за бог на воскресението. Илјадници години мажите и жените умирале верувајќи дека боговите ќе го сторат она што го сториле за Озирис, дека како и тој и тие ќе одново ќе станат и ќе наследат вечен живот. Колку и далеку да ја следиме историјата на египетската религија во минатото, верувањето во воскресението никогаш не исчезнало.

Постојат докази во „Книгата на мртвите“ за поистоветувањето на Озирис со Ра, т.е. за еднаквоста на Озирис со Ра. Таму се илустрирани Ра и Озирис кои во облик на соколи стојат на пилон со лицата еден спроти друг. Ра на главата има диск, додека Озирис има бела круна, а на неа има два пердуви од ној (така е и прикажан на најголем дел од сликите). Веднаш се забележува фактот дека Озирисовата душа и при средбата со Ра ја задржува човечкиот облик на лицето; тоа е знак на неговата сродност со човекот. Озирис, исто така, го носел амблемот и бил претставник на Богот Хепер, кој го предизвикал настанокот на сите нешта, па така и воскресението. На овој начин Озирис е извор и зачетник на боговите, луѓето и сè останато.

Причина за одржување на култот кон Озирис во Египет бил фактот што тој на своите следбеници им ветувал воскресение на нивниот дух и негов вечен живот.

Наводи[уреди | уреди извор]