Галички дијалект
Галички дијалект, мијачки дијалект или малорекански дијалект — дијалект од подгрупата на западни и северозападни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Галичкиот дијалект е дел од дебарската група говори, но освен со реканскиот, близок е и со гостиварскиот дијалект. Дијалкетот е карактеристичен по тоа што има користење на доста архаични зборови. Овој дијалект може да се најде и во историски книжевни дела на македонскиот јазик, како на пример „Тријазичникот“ на Ѓорѓија Пулевски.
Територија
[уреди | уреди извор]Дијалектот се зборува на територијата околу селото Галичник и во областа Мала Река, каде спаѓаат и селата: Гари, Лазарополе, Сушица, Тресонче, Осој, Селце и Росоки. Потоа малореканскиот говор се зборува и во двете села Ореше и Папрадиште, во областа Азот, Велешко, во селото Смилево, Железник и во Ехлоец во областа Копачка, Кичевско.
Фонолошки одлики
[уреди | уреди извор]- Во малореканскиот говор, за разлика од другите дебарски говори, има петочлен самогласен систем: и, у, е, о, а
- Тој е единствен дебарски говор каде со слоготворна функција се јавуваат самогласните л и р: врв, крв, прсти, срп, дрво; влк, влци, јаблко, млзет, слза.
- Во коренските морфеми носовката ѫ се рефлектира во о: глобок, зоп, рока, јодица, доп, гобав, собота, гроди, како и во примерите со јѧ > јѫ: Бодник, могла, моска, лога, ложица.
- Истата вредност се добива и во групите *trъ: ветор, итор, бистор, *tlъ: рекол, пекол, tnъ: огон и tmъ: седом, осом.
- Во согласниот систем, како најспецифична диференцијална црта во однос на другите дебарски говори е тоа што овој говор не ги познава фонемите ѕ и џ. Лексемите кои во другите говори и во стандардниот јазик се јавуваат со овие согласки, овде како нивна замена се употребуваат з и ж: звезда, звер; жеп, жамија, ожа, жигер, жам итн.
- Малореканскиот (галички) говор, заедно со велешкиот, се единствените говори во западното наречје, во кои редовно се чува в во меѓусамогласна положба: човек, бивол, товар, ѓавол, ковач, Благовец итн.
- Согласкаските групи *tj *dj ги наоѓаме во гласовите ќ и ѓ: меќава, вруќина, а во помал број случаи застапени се и разновидностите шч или ш: лешча, плешчи, машче, односно ж: прежа (преѓа). И во другите случаи, за разлика од целото дебарско говорно подрачје согласната група шт се јавува како шч, а жд се скратила во ж: гушчер, глужот, дожот.
- Согласката њ во овој говор добро се чува и се јавува во оние примери во кои се јавува и во стандардниот јазик: коњ, коњче, бања, јадење, пилиња, планиње.
- Во Дебарско Поле, Долна Река, Дримкол и Голо Брдо, согласната група *čr- се јавува со резултат чǎр-: чǎрпит, чǎрвец, чǎрвојадина, во Малесија како цǎр-: цǎрн, цǎрвен, а во Мала Река во сите осум села се јавува како цр-: црв, црпет.[1]
Морфолошки одлики
[уреди | уреди извор]- завршетокот на глаголите од а-групата често се изговараат како глаголи од е-група: играaт > играет
- употреба на трите членови: човеков, човекон, човекот.
- употреба на наставката -т за трето лице еднина сегашно време: Тој одит, таа јадет...
- употреба на предлогот в/во.
- Наставка -ови за образување множина на едносложните именки од машки род ови/еви: град-градови, стол-столови, час-часови, цар-цареви, вол-волови итн.
- За разлика од сите околни говори, во малореканскиот карактеристични се и имперфективните образувања на -ува кои се јавуваат само во овој говор: кажуват, купуват, влегуват итн.
- Посебна индивидуалност на говорот покрај долината на Мала Река претставува тоа што основната самогласка во презентот, освен во трето лице еднина, се јавува и во трето лице множина: носиш / тој носит / ние носиме / вие носите / тие носит; береш / тој берет / ние береме / вие берете / тие берет.
- Глаголскиот прилог во малореканските села се употребува со наставката -еќи: викаеќи, враќаеќи, одееќи итн.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|