Лопуд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Лопуд
LOPUD.JPG
Поглед од тврдината Сутврач
Croatia - Elafit Islands - Lopud.PNG
Географија
МестоЈадранско Море
КоординатиКоординати: 42°41′N 17°57′E / 42.683° СГШ; 17.950° ИГД / 42.683; 17.950
АрипелагЕлафитски Острови
Површина4,5 км2
Највисоко издигнување214 м
Највисока котаПолечица
Управување
Хрватска
ЖупанијаДубровничко-неретванска жупанија
Демографија
Население220
Густина на население49 /km2 (127 /sq mi)
Локација на Лопуд во Јадранско Море

Лопуд е еден од Елафитските Острови во Јадранско Море, кој ѝ припаѓа на Хрватска.

Географија[уреди | уреди извор]

Островот Лопуд ѝ припаѓа на јужно-далматинската група на острови и се наоѓа на околу 5 наутички милји (9 километри) северозападно од дубровничкото пристаниште Груж. Источно од Лопуд се наоѓа островот Колочеп, а на запад од островот Шипан. На западната страна на островот се наоѓа истоименото место.

Површината на островот е 4,63 км2. Највисоката точка на островот е врвот Полачица, со надморска височина од 216 метри. Должината на Лопуд е 4,6 км, а вкупната должина на крајбрежјето е 13,2 километри.

Историја[уреди | уреди извор]

Островот Лопуд, според некои археолошки наоди, бил населен пред илјадници години. На островот се наоѓаат бројни остатоци од старогрчки, римски и словенски градби. На местото на денешната кула Шпањола биле пронајдени делови од керамика од илирскиот период. До денес на островот се задржани и топоними со грчко потекло, како на пример Велики и Мали Скупио – од грчкиот збор скополес што значи остров, Иго, Игало – од грчкиот збор аигиалос, што значи крајбрежје или плажа. Дури и името на островот Лопуд доаѓа од романизираниот назив Лафодиа. Од римскиот период останати се фрагменти на релјефно обработениот камен на предроманичките цркви. Остатоци од старохрватската култура од IX и X век се предроманичките капели: Света Марија, Св. Илија, Св. Јован Крстител, Св. Петар и Св. Никола. Дубровничките историчари тврдат дека на островот Лопуд постоела хрватска населба уште во IX век.

Манастир на Лопуд

Од 1457 година, Лопуд станал еден од регионалните центри на Дубровничката република. Во тоа време на островот живееле повеќе од 1.000 жители, а напредокот на Дубровничката република значел и напредок на островот. Бродосопствениците од Лопуд имале сопствена флота од 80 бродови и свое бродоградилиште. Во тој период на островот постоеле 19 млинови, имало 700 овци, а била обработувана земја која денес е необработена и напуштена.

Локалниот парк е поранешна градина на вилата која потекнува од 19 век. Во градината растат повеќе видови на растенија кои биле собирани од целиот свет, како на пример евкалиптуси, бамбуси и разни видови на кактуси.

На Лопуд постојат 24 цркви, како и фрањевски и доминикански манастири. На видиковецот Белведере се наоѓа црквата Св. Јован, која била изградена најверојатно во 9-ти или 10-ти век, во типичен стил на старохрватска архитектура. Таа е еднобродна капела, со полукружен свод и мала купола која се издигнува над средишниот дел од кровот. Во ѕидовите од внатрешната страна се изѕидани 19 мазни глинени садови, кои веројатно имале цел да ја подобрат акустиката. Се смета дека во 14 век капелата била проширена во црква со готски и ренесансни мотиви, како што се розетите на фасадата и капителите на порталот. Веднаш до црквата, во 1697 година, бил надограден манастирот за калуѓерки, а во 1811 година било изградено гробиште. Сѐ до 15 век оваа црква била матична црква на островот Лопуд, а денес богослужение се одржува само на празникот на Св. Иван на 24. јуни.

На највисоката точка на островот се наоѓа тврдината Сутврач која потекнува од 1563 година.[1] Од неа има прекрасен поглед на целиот остров, се гледаат и другите Елафитски Острови, копнениот дел од дубровничкото крајбрежје и Срѓ. На островот има 1,6 километри долга патека, од која на спротивната страна се гледа другиот брег кој е стрмен и непристапен.

Вегетација[уреди | уреди извор]

На островот, како и на другите Елафитски Острови, има бујна шума, во која доминира алепскиот (Pinus halepensis), приморскиот бор (Pinus pinaster), питомиот бор (Pinus pinea)[2] и средоземна макија. На островот има палми, маслинови и ловорови дрва.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Стопанските гранки на островот се туризам, угостителство, риболов, земјоделство и лозарство. Лопуд е најразвиениот остров од Елафитскиот архипелаг, посебно во доменот на туризмот. Постојат неколку хотели, а најпознат е луксузниот хотел Лафодиа. Има и бројни кафулиња и ресторани.

На југоисточната страна на островот се наоѓа убавиот залив Шуњ, со песочна плажа која е една од најубавите на Јадранското Море.

На островот се наоѓа основното училиште Иво Куљеван, кое го изградил самиот тој.

Население[уреди | уреди извор]

Според попис на населението од 2001 година, на островот живеат 270 жители, претежно стари лица, со католичка вероисповед.

Познати личности[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Lopud | Proleksis enciklopedija“. proleksis.lzmk.hr. конс. 2018-12-15. 
  2. „WWW.HR - POČETNA STRANICA HRVATSKE“. www.hr. конс. 2018-12-15. 
  3. Lončarević, Vladimir. „Urban Talija - »duhovni Atlant«“ (PDF). 
  4. Dokumentation, Österreichisches Biographisches Lexikon und biographische (2003). „Kazali, Paško Antun“. ISBN 978-3-7001-3213-4 (German). конс. 2018-12-15. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]