Дубровничка Република (1358-1808)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дубровничка република
Respublica Ragusina
Repubblica di Ragusa
поранешна држава
1358 – 1808
Знаме Грб
Границата на Дубровничката република во 1426 година
Главен град Дубровник (тогаш Рагуза)
Државно уредување република
Историја
 -  Основана 1358
 -  Замрела 1808

Рагушката република (на латински: Respublica Ragusina, на италијански: Repubblica di Ragusa) или денес позната исто така и како Дубровничката република била поранешна држава центрирана во градот Дубровник (тогаш Рагуза). Својот врв го достигнала во 15-ти и 16-ти век, пред да биде освоена од Француското Царство предводено од Наполеон. Имала население од околу 30,000 жители, од кои 5,000 живееле во градските ѕидини.[1] Мотото на Републиката било "Non bene pro toto libertas venditur auro", што значи „Ни за сето злато (на Светот) слободата не се продава“.[2]

Историска позадина[уреди | уреди извор]

Потекло на градот[уреди | уреди извор]

Според делото De Administrando Imperio на византискиот император Константин VII Порфирогенит, градот бил основан најверојатно во 7-от век, од страна на жителите на римскиот град Епидаурум (денешен Цавтат) после неговото уништување од страна на Аварите и Словените c. 615.[3] Некои од преживеаните жители се преселиле 25 km на север на мал остров близу брегот каде што основале нова населба, Лауса. Се смета дека при втор напад на Словените во 656 година целосно бил уништен Епидаурум.[4] Словените се населиле покрај брегот во 7-от век.[5] Тие ја нарекле својата населба Дубровник. Римјаните („Латините“) и Словените биле настроени антагонистички, иако до 12-от век двете населби се споиле. Каналот што го делел градот бил пополнет, со што била создадена денешната главна улица (Страдун) која станала градски центар. Така, името на обединетиот град станало Дубровник.[6]

Венециска власт (1205–1358)[уреди | уреди извор]

Во 1205 година, Венециската Република ја освоила Далмација со војската од Четвртиот крстоносен поход, и Рагуза била принудена да плаќа данок. Рагуза започнала да ја снабдува Венеција со производи како кожи, восок, сребро, и други метали. Венеција го користела градот како своја поморска база на јужниот Јадран. За разлика од Задар, немало голема спротивставеност помеѓу Рагуза и Венеција бидејќи градот сè уште не бил носител на трговијата помеѓу Истокот и Западот; за возврат, градот го задржал поголемиот дел од својата независност. Жителите сепак негодувале за растечкиот данок.[7]

По купувањето на Стон, Дубровничката Република изградила солана и одбранбен ѕид околу градот

Во средината на 13-ти век островот Ластово бил додаден на првобитната територија. На 22 јануари 1325, српскиот крал Стефан Урош III издал документ за продажба на неговите поморски поседи на градот Стон и полуостровот Пељешац на Рагуза.[8][9] Во 1333, за време на владеењето на српскиот крал Стефан Душан (Стефан Урош IV, r. 1331–1355), двата поседа и биле предадени на Рагуза.[10] Во Јануари 1348, Црната смрт го погодила градот и го десеткувала населението.[11]

Историја[уреди | уреди извор]

Свети Власиј, заштитник на Дубровник

Независност од Венеција (1358)[уреди | уреди извор]

Во 1358, со Задарскиот договор, Венеција била принудена да се откаже од своите поседи во Далмација. Дубровник прифатил блага хегемонија на унгарскиот крал Лајош I Анжујски. На 27 мај 1358 бил постигнат конечен договор во Вишеград. Градот го признал суверенитетот на Унгарија, но локалното благородништво продолжило да владее со мало мешање од страна на унгарскиот двор во Буда. Републиката профитирала од владеењето на Лајош од Унгарија, чие кралство не било поморска сила, и со кое тие имале мал судир на интереси.[12] Иако со Вишеградскиот договор Дубровник формално бил под јурисдикција на банот на Хрватска, градот успешно пружал отпор и на кралската и на банската власт.[13]

Во 1399, градот ја стекнал областа помеѓу Рагуза и Пељешац, наречена Приморје (Дубровничко приморје) со Слано (lat. Terrae novae).[14] Таа била купена од босанскиот крал Стефан Остоја. Кратката војна со Босна во 1403 и 1404 завршила со босанско повлекување.[15] Помеѓу 1419 и 1426, регионот на Конавле, јужно од Astarea (Жупа дубровничка), во кој спаѓа и градот Цавтат, бил додаден кон Републичките поседи.[14]

Османлиско сизеренство[уреди | уреди извор]

После падот на Цариград (1453), Републиката забрзано работела на зацврстување на својот фортификациски ситем. Кула Минчета била довршена во 1464 година и претставува симбол на неосвоивоста на Дубровник.

Во 1430 и 1442, Републиката потпишала договори со Османлиската империја со кои се дефинирал нејзиниот статус. Во 1458, Републиката потпишала договор со Османлијците за плаќање на данок. Дубровник секоја година на 1 ноември испраќал пратеници во Цариград, наречени поклисари, да исплатат одредена количина на данок. Султанот ја гарантирал заштитата на градот и им дал огромни трговски привилегии. Според овој договор, републиката го задржала автономниот статус и практично била независна,[16] и често стапувала во сојуз со Анкона.[17]

Републиката можела да стапи во односи со други сили и да склучува договори со нив (се додека не се во спротивност со османлиските интереси), а нејзините бродови пловеле под сопствено знаме. Вазалството исто така им овозможило посебни трговски права во рамките на Империјата.

Трговците од Дубровник можеле да пловат по Црното Море, што било забрането за сите не-османлиски бродови. Тие плаќале помалку давачки во споредба со другите трговци, а градот-држава добивал дипломатска поддршка од османлиската администрација во трговските спорови со Венецијанците.[18][се бара страница]

Од своја страна, Османлиите го гледале Дубровник како пристаниште од големо значење, бидејќи поголемиот дел од трговијата помеѓу Фиренца и Бурса (османлиско пристаниште во северозападна Aнадолија) се одвивала преку Дубровник. Фирентиските бродови пловеле преку пристаништата во Пезаро, Фано или Анкона за да пристигнат во Дубровник. После тоа стоката се пренесувала по копнен пат преку СараевоНови ПазарСкопјеПловдивЕдрење.[19][се бара страница]

Заедно со Англија, Шпанија и Џенова, Дубровник бил еден од најголемите кункуренти на Венеција во 15-от век на сите мориња, дури и на Јадранот.

Падот на Републиката[уреди | уреди извор]

Португалските истражувања отвориле нови океански патишта, со што трговијата со зачини се помалку се одвивала по Медитеранот. Освен тоа, со откривањето на Америка започнала криза со транспортот по Медитеранот. Ова било почеток на падот на Венециската и Дубровничката Република.

На 6 април 1667, разорен земјотрес го погодил градот при што загинале околу 2,000 граѓани, и до 1,000 други кои престојувале во Републиката,[20] вклучувајќи голем број на патрици и кнезот Шишмундо Геталдиќ. Земјотресот исто така срамнил со земја голем број на објекти, при што само надворешните ѕидини останале неоштетени. Згради во готски и ренесансен стил – палати, цркви и манастири – биле уништени. Од поголемите јавни градски градби, само палатата Спонза и предниот дел на Кнежевата палата го преживеале земјотресот. Постепено градот бил повторно изграден во поскромен барокен стил. Со голем напор Дубровник успеал да се обнови, но сепак останал само сенка на поранешната Република.

Дубровнички трговец, 1708

Во 1683 Османлиите биле поразени при опсадата на Виена. Фелдмаршал на австриската армија бил дубровчанецот Франо Гундулиќ. Во 1684, бил обновен договорот од Вишеград од 1358 и бил прифатен суверенитетот на Хабзбурзите над Дубровник како унгарски кралеви, со годишен данок од 500 дукати. Во исто време Дубровник продолжил да го признава и суверенитетот на Османлиите. Ова отворило повеќе можности за дубровничките бродови во пристаништата на далматинскиот брег, во кои тие често се закотвувале. Со договорот од Карловци (1699), Османлиите им ја отстапиле цела Унгарија, Трансилванија, Славонија, Далмација и Подоље на победниците Хабсбурзи, Венецијанци и Полјаци. После ова, Венеција зазела дел од територијата на Републиката и се приближила до нејзините граници. Ова претставувало опасност за целосно опкружување на Републиката и прекинување на копнените патишта. Со оглед на оваа опасност и предвидувајќи го поразот на Османлиите, во 1684 биле испратени емисари кај императорот Леополд во Виена, со надеж дека австриската армија ќе ја заземе Босна. За среќа на Републиката, Османлиите ја задржале контролата на својата внатрешност. Со договорот од 26 јануари 1699, Републиката отстапила два дела од својот брег на Османлиската империја со цел да ја оневозможи Венеција да ја нападне од копно, туку само од море. Едниот дел, северозападната граница кај градот Неум, денес е единствениот излез на Босна и Херцеговина на Јадранското Море. Југоисточното гранично село Суторина подоцна станало дел од Црна Гора. После договорот, Неум и Суторина станале дел од Херцеговинскиот Санџак во Босанскиот Пашалак.[21] Дубровник ја продолжил политиката на неутралност во Војната за австриското наследство (1741–48) и во Седумгодишната војна (1756–63).

Власт[уреди | уреди извор]

Кнежевата палата

Организацијата на власта се засновала на венециски модел: административните тела биле Големиот совет (Consilium maius, Maggior Consiglio, Velje vijeće), Малиот совет (Consilium minus, Minor Consiglio, Malo vijeće) (од 1238) и Сенатот (Consilium rogatorum, Consiglio dei Pregadi, Vijeće umoljenih) од 1253. На чело на државата се наоѓал Кнез (Rector).

Кнезот (латински: rector, италијански: rettore) имал мандат од еден месец. На овој начин требало да се оневозможи претераното зацврстување на власта и да се спречи можното самовластие. До 1358 кнезот (comes) доаѓал од Венеција со мандат од две години.[22] После тоа, кнезот бил избиран од Големиот совет. За време на мандатот, кнезот морал да живее во Кнежевата палата.[23] Кнезот бил чувар на државниот печат.[24]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. David Rheubottom (2000). Age, Marriage, and Politics in Fifteenth-Century Ragusa. Oxford University Press. ISBN 0-19-823412-0.
  2. Riley, Henry Thomas (1866). Dictionary of Latin quotations, proverbs, maxims, and mottos. Covent Garden: Bell & Daldy. стр. 274. Посетено на 28 February 2010.
  3. Krekić & Kazhdan 1991, стр. 665.
  4. Andrew Archibald Paton (1861). Researches on the Danube and the Adriatic; Or Contributions to the Modern History of Hungary and Transylvania, Dalmatia and Croatia, Servia and Bulgaria, Brockhaus
  5. Harris 2006, стр. 24.
  6. Peter F. Sugar (1983). Southeastern Europe Under Ottoman Rule, 1354–1804, University of Washington Press, ISBN 0-295-96033-7.
  7. Frederic Chapin Lane (1973). Venice, a Maritime Republic, Johns Hopkins University Press, ISBN 0-8018-1460-X
  8. Srpska akademija nauka i umetnosti 1908, p. 252
  9. Istorijski institut u Beogradu, SANU 1976, p. 21
  10. Miloš Blagojević (2001). Državna uprava u srpskim srednjovekovnim zemljama. Službeni list SRJ. стр. 211. ISBN 9788635504971.
  11. OLE J Benedictow (1973). The Black Death, 1346–1353, Boydell & Brewer, ISBN 0-85115-943-5
  12. Kenneth Meyer Setton (1978). The Papacy and the Levant, 1204–1571 Vol. 2, (Diane Publishing), ISBN 0-87169-127-2
  13. Janeković Römer 2003, стр. 99-100.
  14. 14,0 14,1 Sugar 2012, стр. 170.
  15. Harris 2006, стр. 69.
  16. Kunčević 2013, стр. 92–93.
  17. Sergio Anselmi, Venezia, Ancona, Ragusa tra cinque e seicento, Ancona 1969
  18. Suraiya Faroqhi, Bruce McGowan, Donald Quataert, Sevket Pamuk (1997). An Economic and Social History of the Ottoman Empire, Vol. 2, Cambridge University Press, ISBN 0-521-57455-2
  19. Halil Inalcik, An Economic and Social History of the Ottoman Empire, Vol. 1, Cambridge University Press, ISBN 0-521-57455-2
  20. Harris 2006, стр. 328.
  21. https://www.neum.ba/index.php/2011/06/28/od-pozarevackog-mira-1718-do-berlinskog-kongresa-1878/ Archived 2020-11-30 на Wayback Machine History of Neum between Treaty of Pozarevac and Berlin Congress (In Croatian)
  22. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Pravni leksikon.
  23. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Pongrac.
  24. Grubiša, D. (2010). Forms of Government in the Renaissance: Uniqueness of the Dubrovnik Model, Politička Misao, Vol. 47., No. 5., p. 175.[мртва врска]Предлошка:Neaktivna poveznica

Надворешни врски[уреди | уреди извор]