Стивен Апија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стивен Апија
Лични податоци
Роден на 24 декември 1980(1980-12-24)(43 г.)
Роден во Акра, Гана
Држава Гана Гана
Висина &100000000000001780000001,78 м
Играчки податоци
Позиција среден ред
Повлекување 2012 (31 година)
Младинска кариера
Хартс оф Оук Хартс оф Оук
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1994-1997 Хартс оф Оук Хартс оф Оук 21 (19)
1997-2000 Удинезе Удинезе 43 (3)
2000-2003 Парма Парма 49 (2)
2002-2003Бреша Бреша 32 (7)
2003-2005 Јувентус Јувентус 48 (3)
2005-2008 Фенербахче Фенербахче 64 (11)
2009-2010 Болоња Болоња 2 (0)
2010-2011 Чезена Чезена 14 (0)
2012 Војводина Војводина 11 (1)
Репрезентација
1996-2010 Гана Гана 69 (16)
  • Сениорските учества и голови се сметаат само за домашни натпревари
податоците се од 6 јануари 2011.

† Учества (Голови).

‡ Учествата и головите за репрезентација се според податок од 17 ноември 2010

Стивен Апија (роден на 24 декември 1980, во Акра, Гана) — поранешен гански фудбалер, играч од средниот ред.

Технички одлики[уреди | уреди извор]

Може да дејствува како внатрешен играч во средниот ред со 4 играчи и на сите позиции во средниот ред со 3 играчи.

Кариера[уреди | уреди извор]

Клупска кариера[уреди | уреди извор]

Апија е роден во Акра и ја започнал својата кариера во екипата на Хартс оф Оук, каде во 1995 година со само 15 години станал професионалец. Како многу талентиран млад играч во 1996 година бил повикан на проби во младинскиот тим на турскиот Галатасарај, но не потпишал договор и се вратил во Хартс оф Оук.

Сепак во 1997 година се сели во Европа, откако бил забележан од страна на Пјетро Ло Монако, во тоа време главниот скаут на италијанскиот Удинезе. Откако и официјално потпишал договор со Удинезе, Апија го направил своето деби во Серија А на 11 февруари 1998 во ремито без голови против Милан, влегувајќи во игра во последните моменти од натпреварот на местото на Томас Локатели. После три сезони поминати во Удинезе, Апија го напуштил клубот, но неговиот трансфер во Парма во 1999 година бил загрозен од вирусен хепатит. Сепак, Апија ја совладал болеста и му се приклучил на новиот клуб во летото 2000.

По потпишувањето на договорот му бил доделен дресот со број 4., а на 1 октомври го направил своето деби за Парма во натпреварот на домашен терен против Фјорентина што завршил 2-2. Со Парма го освоил својот прв трофеј во Европа, триумфирајќи во Купот на Италија во сезоната 2001-02 каде во финалниот двомеч Парма била подобра од Јувентус (2-2 вкупен резултат, но заради гол во гости Парма го освои трофејот), а Апија играл и во двата натпревари. Во сезоната 2002-03 бил позајмен на Бреша, каде соиграчи му биле Роберто Баџо и Лука Тони.[1] Тој ја одиграл својата најуспешна сезона во кариерата постигнувајќи 7 гола во Серија А: против Реџина (2-2), Торино (0-2 победа), Парма (4-3 пораз), Пјаченца (1-4 победа), Аталанта (3-0 победа), Јувентус (2-1 победа) и Милан (1-0 победа). Неговите одлични перформанси му помогнале на клубот да заврши во горниот дел на табелата (9. место), само за вторпат во последните 40 години.

Неговите добри игри не останале не забележани во фудбалскиот свет, па во летото 2003 го направил својот најголем трансфер приклучувајќи му се на италијанскиот првак Јувентус, на позајмица од Парма за 2 милиона евра, со можност за постојан трансфер од 6 милиони евра во 2004 година.[2] Од клубот му бил доделен дресот со број 18., кој претходно го носел Марко Ди Вајо.[3][4] На 3 август, го направил своето деби за Јуве во Суперкупот на Италија против Милан, во кој неговиот тим победил по изведувањето на пенали и го освоил трофејот. Кон крајот на истиот месец го одиграл својот прв натпревар за Јувентус во Серија А, во победата над Емполи со 5-1 во првото коло за сезоната 2003-04. На 17 септември дебитирал во Лигата на шампионите против Галатасарај во победата со 2-1 во групната фаза. На 9 мај, во претпоследното првенствено коло од сезоната го постигнал својот прв гол за Јувентус, во победата над Сампдорија со 2-0 на домашен терен. Првата сезона во клубот од Торино била успешна и ја завршил со 30 настапи во Серија А, 8 во Купот на Италија (вклучувајќи ги и двата финални против Лацио) и 6 во Лигата на шампионите.

Следната сезона одиграл 18 натпревари во Серија А и постигнал 2 гола (против Каљари и Лече), од кој посебно впечатлив бил оној против Каљари кога успеал да издрибла двајца противнички играчи на левата страна и да го совлада противникиот голман со силен удар во споротивниот агол.[5][6] На крајот од сезоната Јувентус го освоил скудетото. Токму Апија ја започнал акцијата при одлучувачкиот гол за титулата во победата на гостувањето против Милан (главниот конкуент за титулата) со 1-0 во 35-тото коло; тој го проиграл Недвед со прецизно долго додавање од својата половина, чехот ја продолжил топката по аут линијата до Дел Пјеро, а овој му нафрлил на Давид Трезеге за победничкиот гол.

Со доаѓањето на Патрик Виера во Јувентус, тој го напуштил клубот во јули 2005 и потпишал за турскиот Фенербахче за сума од 8 милиона евра.[7] Во сезоната 2006-07 ја освоил титулата во турското првенство и суперкупот, а годината била одбележана и со стогодишнината од постоењето на клубот. Во јануари 2007 се повредил за време на пријателскиот натпревар на неговата репрезентација Гана, а операцијата на левото колено ја одложил за крајот на сезоната.[8]

По завршувањето на сезоната 2006-07, Апија изразил желба да го напушти клубот и веќе еден германски клуб испратил понуда од 4 милиона евра до Фенербахче, меѓутоа откако агентот на играчот контактирал други клубови без дозвола од Фенербахче[8], клубот од Истанбул ја одбил понудата.[8]

Во текот на следната сезона Апија и официјално поднел барање за раскинување на договорот заради лошиот однос на клубот спрема него.[8] Откако Фенербахче за ова ја известил ФИФА, случајот отишол во Советот на ФИФА за решавање на споровите, каде двете страни се тужеле меѓусебно.[8] Советот му наредил на Апија да му плати на Фенербахче 2.281.915 евра затоа што го прекршил договорот без вистинска причина.[8] Откако тој се жалел на Судот за спортска арбитража, се донело пресуда дека Апија не мора да му плаќа на Фенербахче заради тоа што клубот со раскинувањето на договорот сочувал повеќе во платите (€2,633,020.65) отколку во загубите (€2,496,278.85).[8]

Откако станал слободен играч, Апија во јануари 2009 бил на проби во Тотенхем, меѓутоа заради загриженоста на клубот околу ситуацијата со неговото колено и физичката подготвеност не му бил понуден договор. И покрај тоа што останал без клуб од неговото заминување од Фенербахче во јуни 2008, Апија останал стандарден во репрзентацијата во текот на целата сезона 2008-2009.

На 1 ноември 2009, Апија потпишал едно-годишен договор со Болоња, но заради честите повреди ги одиграл само последните два натпревари во Серија А во сезоната 2009-10, влегувајќи од клупата за резерви во второто полувреме на натпреварите Болоња-Катанија и Каљари-Болоња.[9] На крајот од сезоната Болоња не го обновила договорот со Апија и тој повторно станал слободен играч.

На 7 август 2010, ганскиот играч од средниот ред потпишал едно-годишен договор со Чезена, ново промовираниот клуб во Серија А. За Чезена одиграл 14 натпревари во Серија А, помагајќи му на клубот да избори опстанок, но по завршувањето на сезоната неговиот договор истекол.

Во декември 2011, Апија требало да потпише договор со Блекбурн Роверс откако задоволил на пробите, но според извештаите морал да се врати дома во Гана за да го погребе неговиот татко, кој починал минатиот месец, пред завршувањето на трансферот.[10]

Откако на 2 февруари 2012 потпишал договор на 6 месеци со српската Војводина, по завршувањето на сезоната 2011-2012 ја завршил својата кариера.[11]

Репрезентативна кариера[уреди | уреди извор]

Апија со репрезентацијата на СП 2006.

Тој бил еден од најдобрите играчи на Гана, со која играл на Олимписките игри во Атина 2004. Како капитен на Гана ја одвел својата репрезентација на првото историско учество за оваа репрезентација на Светските првенства, во Германија во 2006 година. Таму, тој го постигнал победничкиот гол од пенал против САД, помагајќи и на Гана да го освои второто место во групата зад Италија (подоцнежниот победник на турнирот), и да стигне до вториот круг, каде биле елиминирани од Бразил.

И покрај тоа што во следните две години на клупско ниво играл спорадично, продолжил да игра во континуитет за својата репрезентација, каде и понатаму бил капитен, исто така.

Тој бил избран во 23-цата на Гана и за Светското првенство 2010 во Јужна Африка, каде што, покрај тоа што не бил стартер, одиграл три натпревари.

По завршувањето на мундијалот, го најавил своето повлекување од националната репрезентација.[12]

Титули[уреди | уреди извор]

Клупски[уреди | уреди извор]

Гана Хартс оф Оук[уреди | уреди извор]

Италија Парма[уреди | уреди извор]

Италија Јувентус[уреди | уреди извор]

Турција Фенербахче[уреди | уреди извор]

Репрезентација[уреди | уреди извор]

Гана Репрезентација на Гана[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Calcio, Brescia: arriva Appiah“. tuttomercatoweb. 11 јули 2002. Посетено на 5 април 2015.
  2. „Gli eroi in bianconero: Stephen APPIAH“. tuttojuve.com. Посетено на 5 април 2015.
  3. „Appiah senza orecchino E' lo stile Juventus“. ricerca.gelocal.it. Посетено на 23 јули 2003.
  4. „Juve: Anelka e quel 18 sfortunato“. calciomercato. Посетено на 28 јануари 2013.
  5. „La Juve festeggia lo scudetto Poker al Cagliari di Zola“. repubblica.it. Посетено на 28 јануари 2015.
  6. „Appiah Juventus-Cagliari 2004-05 partita-scudetto“. youtube. Посетено на 28 јануари 2015.
  7. „Апија во Фенербахче“. www.ghanaweb.com. Посетено на 18 јули 2005.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 „CAS 2009/A/1856 – Club X. v/ A. & CAS 2009/A/1857 – A. v/ Club X.“ (PDF). CAS. 7 јуни 2010. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-07-21. Посетено на 18 февруари 2011.
  9. „Calcio, Bologna: arriva Appiah“. www.bologna2000.com.
  10. „Rovers turn to former Ghana captain Appiah as midfielder claims deal is close“. Read more: Blackburn Rovers sign Stephen Appiah. Daily Mail. 7 December 2011. Посетено на 24 December 2011. Надворешна врска во |publisher= (help)
  11. „Стивен Апија потпиша за Војводина“. sportlife.mk. 6 февруари 2012.
  12. „Ghana, Nigeria stroll as Egypt held“. Архивирано од изворникот на 2010-09-08. Посетено на 6 септември 2010.