Стар Дојран

Од Википедија — слободната енциклопедија
За други значења на поимот Дојран, видете на појаснителната страница
Стар Дојран
Знаме на Стар ДојранГрб на Стар Дојран
Стар Дојран is located in Македонија
Стар Дојран
Стар Дојран
Местоположба на Стар Дојран во Македонија
Координати: 41°11′N 22°43′E / 41.183° СГШ; 22.717° ИГД / 41.183; 22.717Координати: 41°11′N 22°43′E / 41.183° СГШ; 22.717° ИГД / 41.183; 22.717
ДржаваРепублика Македонија
РегионЈугоисточен Регион
ОпштинаОпштина Дојран
Управа
 • ГрадоначалникАнго Ангов (СДСМ)
Надм. вис.&10000000000000157000000157 м
Население (2021)
 • Вкупно413
Часовен појасUTC+1
 • Лете (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 034
Рег. таб.GE
Мреж. местоwww.opstinadojran.gov.mk

Стар Дојрансело и административен центар на Општина Дојран, на брегот на Дојранското Езеро.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Стар Дојран е една од најпознатите туристички атракции во Македонија. Се наоѓа на три километри јужно од поголемата населба Нов Дојран, а оддалечен е и неколку километри од грчката граница. Стар Дојран со Дојранското Езеро и прекрасната средоземна клима, има одлична местоположба.

Дојранското Езеро и поширокото подрачје сместени се во граничните делови на две крупни геотектонски единици, т.е. на границата меѓу српско-македонскиот масив на исток и вардарската зона на запад. Терените на овој регион се изградени од прекамбриски, палеозоиски, мезозоиски горно еогенски и неогенски квартени.

Хидрогеолошки одлики[уреди | уреди извор]

Хидрогеолошките одлики на сливното подрачје на Дојранското Езеро се од големо значење за хидролошкиот режим, бидејќи голем дел од водите што дотекуваат и истекуваат од езерото се одвива преку подземен пат. Од досегашните хидрогеолошки истражувања вршени во дојранското подрачје и пошироко, беше изготвено хидрогеолошко толкување и хидрогеолошка карта. Од хидрогеолошкото картирање на РМ, се заснива на литолошко-тектонскиот склоп на теренот, структурата на порозност и филтрациони својства на карпите. Со оглед на критериуми на дојранскиот регион, издвоени се два основни вида на хидролошки средини:

  1. Водопропусни кои се поделени во три групи: неврзани квартални седименти, цврсти зелени и слични карпи и карбонатни карпи;
  2. Водонепропусни карпи најраспорстранети се: делувијален нанос, беласички гранити, серицит- хлоритските шкрилци, еоценски конгломерати и други.

Од аспект на хидрогеолошките и техноекономските вредности на дојранскиот регион издвоени се 4 вида на аквифери од практично и тематско значење, а тие се : аквифери во езерски седименти, аквифери во пролувијалните седименти, аквифери во мермерите и зона на геотермални води.

Тектонски одлики[уреди | уреди извор]

Јавори и Дојранското Езеро во Стар Дојран

Поширокото подрачје на Дојранскиот басен се одликува со сложена тектонска градба, создадена во повеќе етапи и фази. Процесите на тие тектонски фази се сочувани со набирања и раседување на различни карпести комплекси. Како поважни етапи се издвојуваат прекамбриската, каледонско - херцинската и алписката. Траги од прекамбриските тектонски движења се јавуваат на Беласица, каде гнајсевите се набрани во антиклинала и во Вардарската зона, претставени со Богданечката антиклинала. Каледонско - херцинската тектонска етапа маркантно е изразена со силно набирање и раседување на палеозоиските карпи издолжени во насока Северозапад-Југоисток. Алписката етапа е претставена со четири тектонски фази, кои и дале главни структурни обележја на Вардарската зона.

Релјеф[уреди | уреди извор]

Подрачјето на единицата на локална самоуправа Дојран е претежно ритчесто. На западниот брег од езерото се наоѓа височината Калатепе со надморска височина од 691 метар. На северозападниот дел благо се издигнува Асанлиско Поле, кое преку с. Николиќ се прелева во плодна котлина. На северозапад над Асанлиско поле се издигнува ридот Боска со надморска височина од 720 м, на исток се падините на Круша Планина, кои многу благо се спуштаат кон езерото при што се создаваат мошне плодни површини. Најнискиот брег е на југ, кај населбата Кара-Дојран во соседна Грција.

Историја[уреди | уреди извор]

Античка историја[уреди | уреди извор]

Во V век п.н.е. долината на Празијас (сегашното Дојранско Езеро) ја населувале Пеонци. Тие живееле „на“ Езерото. Во дрвени колиби заградени со трска и поставени на скели кои се потпирале на долги дрвени колци. Со копното ги поврзувале единствено корабите со кои управувале многу вешто заради што најчесто и обидите на освојувачите (Персијците) биле безуспешни. Се женеле по многупати, а се занимавале со лов, риболов, земјоделство и сточарство. Биле многу добри пливачи и нуркачи. Секој од нив во својата колиба имал отвор кон езерото (на дното на колибниот под) преку кој ловеле риба во изобилство и со неа ги хране дури и коњите и говедата. Регионот околу езерото Презијас во тој период територијално припаѓал на Македонската држава чиј крал бил Аминта, па на неговиот син Александар И по него, па Пердика II (454 - 413 година п.н.е.) па Архелај I (418 - 399 година п.н.е.). Во првиот и вториот век п.н.е. за времето на Филип II и Александар III Македонски и во периодот кога Римјаните почнале да навлегуваат на Балканот ( II век п.н.е.) на западниот брег на Празијас (денес, месност Топлец) на површина од 30 - тина хектари веќе бил распространет антички град — тврдина со најстарото познато име Тауријан. Во 395 година при делењето на Римското Царство на Западно и Источно чиј центар бил Визит (Цариград), Тауријан станал дел од Источното Римско Царство односно Византија.

Среден век[уреди | уреди извор]

Потоа доаѓа времето кога на Балканот се населуваат Словените. На почетокот на деветтиот век Тауријан важел за град кој благодарение на местопожбата и развојот зазема значајно место во поглед на историските, културните и економските случувања. Иако нема пишани и документирани податоци кои прецизно ќе го одликуваат Тауријан во овој век сепак, најверојатна е претпоставката дека токму во некоја од годините на IX век заради епидемија на колера и последиците од неа градот е поместен малку подолу - на југ. Новиот град добива ново име Полин.

И новиот град покрај езерото ги прифаќа навиките на веќе стариот Тауријан. Основни животни радости остануваат да бидат: добриот риболов, успешниот лов, родната градина и здравиот пород на стоката. Сепак наоѓајки се на крстопатот каде што се судирале интересите на Византијците и Бугарите, каде што се ширела или стеснувала македонската држава на Самоил (период од 969 до 1018 година) и од каде поминале освојувачките војски на српските кралеви (Милутин 1282 година и Душан 1331 - 1355 година) Полин морал да се соочува и со не така пријатните нешта на тогашноста. Неговите жители освен војните морале да ги плаќаат и разните даноци кон Византиската држава. Во периодот на 1026 и од 1037 до 1039 година жителите на Полин се соочиле и со земјотреси, суши, поплави и со епидемии што следуваат по нив.

За време на Османлиското Царство[уреди | уреди извор]

Саат-кулата во Стар Дојран

Живеејки во времето на сето тоа, тие во својот Полин покрај езерото ги "дочекале" и сосема новите и најдолготрајни гости - господари, Турците - Османлии. Турците го дале третото име на градот - ДОЈРАН. Во втората половина на XV век Дојран бил нахија - центар на неколку селски општини. Речиси во истиот период (1519 година) или 148 години по доаѓањето на Tурците во Дојран, некои документи велат дека во него живееле 232 семејства. Од нив само три биле муслимански, а сите останати 229 семејства биле христијански. Помасовно колонизирање на Дојран со турско население се случува во првата половина на XVII век. Тогаш во околината на Дојран настанале и селата во кои и денес живее исклучиво турско население: Ѓопчели, Чаушли, Севендекли, Дедели, Куртамзали, Органџали и други кои денес се раселени. Заради блискоста и влијанието на актуелните општествени и политички процеси, Дојран бил град со амфитеатрален изглед од два дела: долен - каде што живеело месното население и горен во кој се лоцирало турското население.

Улица во Дојран во почетокот на XX век

Градот бил изграден во стилот на цариградската и солунската архитектура. Имал калдрмисани улици, чиста вода за пиење каптирана од изворите над градот и спроведена до повеќе градски чешми преку канали со керамички цевки, градска бања - амам кој и служел на сите жители, мажи и жени, христијани и муслимани, три цркви и три џамии, неколку училишта (повеќе основни и една гимназија) и една заедничка саат-кула. На Дојран во тоа време припаѓале и околу 79 села при што имало околу 30.000 жители, од кои над 18.000 Турци, повеќе од 9.500 Македонци, околу 160 Евреи и 1.000 Роми.

Современа историја[уреди | уреди извор]

Дојран во 1913 година

Против разурнатиот град во тоа време како да се свртело и езерото поплавувајки го неговиот крајбрежен дел со се она што некогаш било кафеани, куќи, пазари и улици. Соочувајки со суровата реалност на својот Дојран кој не нудел буквално никакви услови за живот во него, шеесетина рибарски семејства во 1919/20 година својот копнеж за враќање на старото огниште го дотрошуваат во близина на темелите на стариот Тауријан. Тие на 4 километри од разрушениот Дојран создаваат нова населба која ја нарекуваат Нов Дојран. Но како и претходните "господари" Турците така и Кралството СХС на овие простори населува 29 семејства српско население, при што е формирана населбата Сретеново. Со тек на времето почнуваат да се враќаат семејства и во стариот град Дојран. Тогашната власт од свои причини управно - административниот живот го лоцирала во разурнатиот град. Така постепено отпочнало паралелно пулсирање на животот во Нов и во Стар Дојран.

Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[1] Во Втората светска војна Дојран повторно бил цел на желбите на соседите за конечно да биде ослободен на 5 ноември 1944 година. Тоа значело квалитативно нов почеток и подеднаков и впечатлив напредок за двата Дојрана. Покрај Дојранското Езеро денеска на македонска страна постојат четири населби: Нов Дојран, Стар Дојран, Николиќ и Сретеново во кој живеат околу 4.000 жители. Населението некаде во средината на 1950-те години почнува да се занимава и со туризам. Во негова функција денес покрај Дојранскиот брег постојат 40 објекти (хотели и одморалишта) на претпријатија од целата земја, 4 комерцијални хотели и уште толку модерни казина и над 600 викендички.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 250 Македонци, 200 Грци и 25 до 50 други жители.[2]

На пописот од 2002 година, селото имало 363 жители. Следува табела на националната структура на населението:[3]

Етнички групи[4]
Македонци
  
70,24 %
Турци
  
15,70 %
Срби
  
8,81 %
Роми
  
2,47 %
Албанци
  
1,65 %
останати
  
0,82 %
Власи
  
0,27 %
Националност Вкупно
Македонци 255
Албанци 6
Турци 57
Роми 9
Власи 1
Срби 32
Бошњаци 0
останати 3

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Стар Дојран има 413 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 288
Албанци 4
Турци 56
Роми 11
Власи 3
Срби 18
Бошњаци 0
Други 33
Панорама на Дојранското Езеро со поглед кон Стар Дојран

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во населбата Стар Дојран се наоѓа и Општината Дојран, која покрива неколку населени места, вклучувајќи го и Нов Дојран.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Поглед од брегот на Дојранско Езеро кон Дојран
Поглед од брегот на Дојранско Езеро кон Дојран

Во Стар Дојран, како центар на општината се наоѓаат неколку административни одделенија:

-Одделение за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина;

-Одделение за правни, финансиски, јавни и општи работи, локален економски развој, буџет;

-Одделение - инспекторат со даночно одделение.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 385 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Сретеново.[5]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 603 гласачи.[6]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран
Црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран
Цркви[7]
Археолошки наоѓалишта

Личности од Дојран[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  2. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  3. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  4. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име попис.
  5. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  6. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  7. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  8. 1
  9. Дојран годинава со обновена црква "Св. Илија", догодина и со наколна населба. Архивирано од изворникот на 2016-08-05. Посетено на 2017-01-10.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]