Прејди на содржината

Старо Коњарево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Старо Коњарево

Воздушен поглед на селото

Старо Коњарево во рамките на Македонија
Старо Коњарево
Местоположба на Старо Коњарево во Македонија
Старо Коњарево на карта

Карта

Координати 41°21′57″N 22°57′18″E / 41.36583°N 22.95500°E / 41.36583; 22.95500
Регион Југоисточен
Општина Ново Село
ОбластПодгорје
Население300 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.2436
Повик. бр.034
Шифра на КО27036, 27536
Надм. вис.360 м
Старо Коњарево на општинската карта

Атарот на Старо Коњарево во рамките на општината
Старо Коњарево на Ризницата

Старо Коњарево — село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.

Селото претставува најисточно населено место во денешна Македонија и е сместено на тромеѓето помеѓу трите дела на регионот Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска).

Потекло и значење на селото

[уреди | уреди извор]
Влезот на селото

Името на селото се споменува во средниот век како Кунаране. Името доаѓа од старо и Коњарево, што е изведено од ојконимот Коњари со значење коњар (човек што чува коњи).[2]

Друго објаснување за името на селото е дека доаѓа од зборовите „коњ“ и „рев“, што значи коњско ревање. Според легенда, пак, Старо Коњарево го добило името по Беласичката битка од 1014 година и загинувањето на македонските војници, односно според плачот на нивните најблиски, кои обвиени во тага, силно ревале над нивните тела.[3]

Кога било основано селото Ново Коњарево во 1931 година, најпрвин било наречено Белите Кашти („Белите Куќи“), а по војната селото било преименувано во Ново Коњарево, со што и селото Коњарево го променило името во Старо Коњарево.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Реката Стар Дол низ селото.

Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Струмичкото Поле и во источниот дел на територијата на Општина Ново Село, чиј атар нашироко се допира со државната гранична линија со Бугарија, а на тесен дел и со државната гранична линија со Грција.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 360 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 37 километри.[4]

Низ селото поминува регионалниот пат 1402.

Старо Коњарево се наоѓа во подножјето на планината Беласица. Селскиот атар е сместен на тромеѓето помеѓу Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија.

Низ селото тече реката Стар Дол, која го дели на два дела.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во атарот на селото Старо Коњарево на 100 метри од македонско–бугарската граница се наоѓа наоѓалиштето „Голема Трпеза“.[3] Наоѓалиштето е сместено на издолжен рид со зарамнето плато на кое се наоѓала населбата со должина од околу 150 метри во насока север-југ и 70-тина метри во насока на исток-запад. Ридот од западната, северната и источната страна е заштитен со стрмни долови, додека од јужната страна со мал преслап е поврзан со подножјето на планината Беласица. Токму на овој дел се наоѓаат остатоци од кула и бедем на западната страна. Во подножјето на ридот на северната страна тече реката Струмица. Наоѓалиштето досега не е истражувано, но судејќи по површинските наоди тој му припаѓал на периодот на доцното бакарно време/раната бронза што не ја исклучува можноста во подлабоките слоеви да се пронајдат остатоци и од неолитот.

Селото за првпат се споменува во повелбата на српскиот крал Стефан Дечански од 1328 година, кога тој го подарува на манастирот Хиландар, а се споменува и во повелбите на неговиот наследник, најголемиот српски средновековен цар Стефан Душан (вл. 1331-55).[3]

Селото се споменува во османлиски дефтер од 1570 година под името Кунаране. Во истата година, во селото живееле 5 муслимански и 55 христијански семејства.[5]

По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е заеднички со Атарот. Тој зафаќа простор од 15,9 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 917 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 475 хектари, а на пасиштата 131 хектар.[4]

Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга, а денес работат услужни објекти.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948570    
1953645+13.2%
1961742+15.0%
1971847+14.2%
1981887+4.7%
ГодинаНас.±%
1991900+1.5%
1994616−31.6%
2002611−0.8%
2021300−50.9%

Во текот на XIX век, селото било со мешано население. Според Васил К’нчов, во 1891 година во Конарине живееле 315 семејства, од кои 300 турски и 15 македонски.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[7]

Селото било средно по големина, населено со македонско население. Така, тоа во 1961 година броело 742 жители, а во 1994 година 616 жители.[4]

Според пописот од 2002 година, селото Старо Коњарево броело 611 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 300 жители, од кои 269 Македонци и 31 лице без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 315 570 645 742 847 887 900 616 611 300
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Селото е соочено со масовно иселување од 1990-тите години.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Старо Коњарево било село во Петричката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ново Село, во која покрај селото Старо Коњарево, се наоѓале и селата Бадолен, Барбарево, Бајково, Дражево, Зубово, Ново Коњарево, Ново Село, Смолари, Стиник и Сушица. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Смолари во која влегувале селата Дражево, Коњарево и Смолари.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1784 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на културата.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 733 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 732 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Поглед на главната селска црква „Вознесение Христово“
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Голема Трпеза — населба од неолитското време;
  • Градиште — населба од доцноантичкото време;
  • Кале — градиште од доцноантичкото време;
  • Соколче — населба од доцноантичкото време; и
  • Сред Село — некропола од римското време.
Цркви[18]
Реки
  • Стар Дол — мала река, десна притока на Струмица; и
  • Струмица — река во близина на селото.

Личности

[уреди | уреди извор]
Починати во Старо Коњарево

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 119. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 1 2 3 4 „Старо Коњарево“. Општина Ново Село. 2025-12-24. Посетено на 2026-02-06.
  4. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 285-286. Посетено на 6 февруари 2026.
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XVI век за Кустендилскиот санųак, Т.V/3, Скопје, 1982, стр.615-618
  6. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 187.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 февруари 2026.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
  16. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 8 февруари 2026.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 410. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]