Салаковски Езера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Поглед на Салаковските Езера

Салаковски Езера — две леднички езера на планинскиот масив Мокра (Јакупица) во Македонија.

Местоположба и одлики[уреди | уреди извор]

Станува збор за две езера кои се единствени постојани езера на овој масив. Наречени се Салаковски Езера (Големо и Мало Салаковско Езеро), а се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица односно под врвот Убава, висок 2353 метри.[1]

Езерата се сместени на надморска височина од 2.178 метри во еден заеднички цирк, кој е создаден за време на плеистоцената глацијација. Имено цирк претставува широка вдлабнатина во форма на амфитеатар, кој настанува со делување на процесот на глацијација односно со делување на глечерските маси, кои движејќи се го продлабочуваат теренот. Во овој случај циркот е настанат со движењето на Салаковскиот ледник. Овој цирк е обиколен со билото Горни Пепељак од северозапад, Убава од југ и Салаковска Планина од исток. Во минатото Салаковскиот цирк бил исполнет со вода од едно глацијално езеро, но бидејќи истеката на ова езеро лежи врз ерозивни моренски мтеријали, таа постепено се всекува и езерото ја губи водата. Денес се останати само најдлабоките делови од тоа некогашно езеро (Големото и Малото Салаковско Езеро). До Салаковските Езера може да се дојде од повеќе населени места: Црн Врв од север, Алдинци (пл. дом Караџица) од североисток, Тажево и Белица (Порече) од југозапад и Патишка Река од северозапад.

За местоположбата, одликите и преданијата за Салаковските Езера кон крајот на XIX век пишувал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ запишал дека на скопските планини има две мали, но длабоки езера, коишто се наоѓаат едно до друго на планината Црн Врв. Со заедничко име ги викаат „езерината“, едното „големо“, а другото „мало“ езеро. Малото зафаќа место колку едно гумно, а големото е два пати поголемо од него.[2] Бреговите и на двете езера се образувани од високи карпи, коишто им придаваат изглед на вдлабнатини.[2] Кога има ветер, бучењето на водата се слуша подалеку, од што може да се претпостави дека стените (на дното) на езерата под водата се, исто така, карпести.[2] Некогаш тие езера биле без истек.[2] Тој исто така, веројатно помешувајќи ја со Салаковска Река, погрешно наведува дека од големото езеро потекува Патишка Река, којашто над Ибраимица се соединува со Сува Река.

Народни преданија и верувања[уреди | уреди извор]

Поглед на Салаковските Езера
Поглед на Салаковските Езера со врвот Солунска Глава во позадината

Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ издадена во 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров наведува 3 преданија кои ги има месното население за овие езера.

Според првото предание, соменатите езера, си имаат свој стопан - тоа е еден силен ѕвер, како што прилега на едни такви големи творби, какви што се тие езера.[2] Среде големото езеро над водата се издигнува една гранитна карпа и тука често се јавува ѕверот или стопанот на езерото за да види бел свет.[2] Штом види некој човек, тој се фрла во водата толку силно, што целата вода се заматува од него.[2] Овчарите од околните планини си ги капат во езерото овците и јагнињата. Кога ќе ги соберат блиску до водата, ги втеруваат внатре овните, а по нив овците сами се фрлаат во водата. На тој начин овците поминуваат низ езерото еднаш - два пати додека волната да им се измие добро.[2] Пред да ги втераат во езерото на капење, овчарите фрлаат во водата пари и стрелаат со пушки, за да ја покажат својата почит кон господарите на езерата.[2] Ако тоа не го направат, нужно ќе им се изгуби нешто. Или „ќосот“ (овенот) ќе го завлече стадото во вртежот и така ќе се удави целото стадо или дел од стадото ќе се качи на карпата и од таму нема да може да се истера, или најпосле во мирната вода ќе се удави некоја овца.[2] Во потврда на ова Ѓорче Петров наведува дека братучедот на неговиот раскажувач во неверување, без да ја изврши претходната церемонија, го втерал „ќосот“ во водата, а после него внатре влегло целото стадо при што повеќето овци излегле надвор, но 17 јагниња останале на средната карпа и на никаков начин не можел да ги натера да ја напуштат карпата и да излезат надвор.[2] Братучед му тогаш го препливал езерото до карпата и ги истерал јагнињата од таму.[2] За да излезе од езерото, тој замавнал со нозете од карпата за да земе сила, со чијашто помош сакал да се доближи до брегот, но не можел да се движи нанапред, затоа што нешто го влечело наназад - тоа бил стопанот (таласамот), кој го туркал наназад и го завлекувал долу во водата.[2] Со големи напори после 10 минути се појавил одгоре над водата и почнал да плива нанапред, но мачно можел да се одржува и да плива над водата, затоа што се чувствувал тежок, како да имал цела куќа над него.[2] На неговите повици за спас другарите му пуштиле прачка и го извлекле на брегот - ѕверот го пуштил за да прикажува на светот за случката.[2] „Но колку ќе биде жив? - не поминаа две недели и умре. Од тогаш и турско и каурско се плаши од ѕверот! Господ да чува!“.[2]

Поглед на Салаковските езера под врвот и гребен Убава

Другите две верувања и приказни се однесуваат на нивните физички својства, имено на подземните врски.[2] Се верува дека од нив под планината тече вода којашто избива кај селото Белица (Поречко) под јужната падина на Караџица на аголот со Даутица. Над тоа село има извор од планината Караџица.[2] За забележување е тоа што во тоа село мислат дека водата на тој извор потекнува од некоја друга планина во Скопско. Таа повраност на езерото со изворот се открила на следниот начин: Некојси овчар од село Белица случајно фрлил во изворот еден стап. Стапот излегол на изворот кај село Белица.[2] Поттикнат од тоа случајно откритие, тој намислил да ја прехранува својата куќа од овците на својот господар. На секои 20 дена тој колел по еден овен и го пуштал во езерото завиен во неговата кожа.[2] Овенот излегувал во изворот кај селото Белица од каде што жена му го прибирала. Господарот забележал дека стадото му се намалува и бидејќи не верувал во објаснувањата на својот овчар за причината на тоа намалување, тој излегол еден ден да го следи. Видел дека овчарот заклал брав и го пуштил во езерото завиен во неговата кожа.[2] Разлутен од тоа, тој го фрлил овчарот во езерото и кога жена му излегла по обичај да го прибере бравот, заедо со него го прибрала и телото на својот маж.[2]

Надворешни видеоснимки
Ѕверот од Салаковски Езера
Аматерската снимка „Ѕверот од Салаковски Езера“, филмувано издание на преданието запишано од Ѓорче Петров снимено во рамки на Геоекспедицијта на Мокра во 2016 година од серијалот „Уживај во Македонија

Според третото предание и верување, тие езера имаат поврзаност и со реката Треска.[2] На дното на реката во таа клисура имало една вдлабнатина во која се забележувал некаков воден вртеж. Веруваат дека таа пропаст е без дно и дека од неа извира една голема вода, којашто незабележано се соединува со водата на реката Треска. Почетокот на таа вода се наоѓа во езерата.[2] Среде големото езеро имало силен вртеж кој проголтувал и потопувал сѐ што ќе попаднело во него. Претпоставуваат дека под тој вртеж има една бездна пропаст, којашто води во реката Треска во гореспоменатата пропаст. По тој подземен ходник излегува вода од езерото во споменатиот извор на Треска. Пронаоѓањето и откривањето на таа тајна се припишуваат на еден овчар од тамошните блиски села. Тој бил главен кај некој господар, кому му ги пасел овците на Црн Врв крај езерата.[2] Еднаш, како што седел на карпата покрај езерото, кавалот му паднал во водата и се изгубил. Кавалот пропаднал во дното на езерото и по подземниот премин излегол на изворите на Треска.[2] Жената на овчарот која случајно излегла на реката да пере алишта го пронашла и го закачила вкуќи со другите работи на мажот ѝ. Овчарите кои пасат стада во планините имаат обичај еднаш во месецот да отидат дома на преслекување. Кога споменатиот овчар, по некое време отишол дома на преслекување, го нашол кавалот дома, закачен на ѕидот.[2] По објаснувањата на жена му се разбрала работата - тие ја дознале тајната за поврзаноста меѓу езерото и изворот крај реката Треска. Како и првиот овчар и последниот се користел од тој случај, но најпосле и него го стигнала судбината на првиот.[2]

Во записите на Ѓорче Петров се сретнува и уште едно предание кое повеќе се однесува на блиската месност и превој Бразда и во кое се вели дека кога Крали Марко посакал вода за својот манастир кој се наоѓа во подножјето на Црн Врв, ја пробил од едната страна карпата којашто го заградува големото езеро и пуштил од него вода од којашто се создала Маркова Река.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Стефанка Хаџи Пецова, Михаило Зиков, Пене Пенев, Душан Манаковиќ, Раде Дренковски, Илија Дроздовски, Вера Коробар, Бисерка Филипова, Стефан Бужаровски, Малинка Ристевска Јорданова (1999). Планинскиот масив Јакупица: истражување и вреднување на природното богатство. Студентски збор. стр. 48. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 2,24 2,25 2,26 2,27 2,28 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 57-59. ISBN 978-608-245-113-8.