Мумџица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мумџица
Алдинска Планина, Мумџиница, Мумџиица, Мумџијца
Мумџица.jpg
Поглед на северозападната падина на Мумиџица со познатиот Планинарски дом „Караџица“
Највисока точка
Надм. вис.1606 м [1]
Истакнатост709 м
Географија
МестоМакедонија Македонија
Матичен венецЈакупица
Искачување
Најлесен патсредна тежина на планарење од рибникот на Кадина Река до Планинарски дом „Караџица“, лесно планинарење од ПД Караџица до врвот.

Мумџица е средновисока планина која се наоѓа во средишниот дел на Македонија, огранка на најголемиот планински масив Мокра.

Природни одлики[уреди | уреди извор]

Поглед на североисточната падина на Мумиџица и селото Алдинци

Мумџица е северна огранка на најголемиот македонски планински масив Мокра (Јакупица). Нејзината највисока точка изнесува 1606 метри надморска височина, а височината на котите на сртот се движат од 1571, 1565 и 1548 метри. Позната е и под имињата Алдинска Планина поради тоа што на неа е сместено единствено селото Алдинци, како и верзиите на името Мумџиница, Мумџиица или Мумџијца. На нејзината северозападна падина е сместен познатиот Планинарски дом „Караџица“. Има речиси меридијански правец на протегање во насока север-југ кој малку се отстапува и отклонува во правец југоисток - северозапад. Започнува од планинскиот јазол под Бегово Поле и врвот Солунска Глава во месностите Јуручица, Демирова Ливада и Здуње и се протега на десната страна во изворишното подрачје и горно течение на Кадина Река сѐ до нејзиното скршнување во источен правец под селото Алдинци. Се одликува со стрмни падини обраснати со густи шуми и зарамнето било кое е покриено со ниски грмушести растени. Бидејќи е пониска од 1700 метри, шумската покривка достигнува до самото било и врв на планината. Богата е со листопадна шума, особено многу честа и стара букова, а во мал дел веднаш над планинарскиот дом Караџица е застапена и густа зимзелена - борова и елова шума. Почвата е од различен вид, претежно црница со големи предели на песоклива почва во делот веднаш над селото Алдинци. Застапени се и многу гранитни карпи.

Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, Ѓорче Петров запишал дека Мумџијца не е ништо друго, освен поснижено продолжение на Црн Врв, на кој што го запазува изгледот и карактерот во секој поглед[2]. Таа се разликувала од него и сите околни планини само по богатите пасишта, со кои што таа смело конкурирала со Бистра и Шар[3].

Планинарење[уреди | уреди извор]

На падините на Мумџиница минува дел од добро обележаната и позната планинарска патека од трансферзалата „Македон“ која започнува од Богомила и преку врвот Солунска Глава оди сѐ до Драчево и Скопје, односно минува преку целиот планински масив на Мокра Планина или Јакупица. Од рибникот на Кадина Река до планинарскиот дом Караџица има час и половина пешачење по средно тешка патека која минува низ густа букова шума, сред самото село Алдинци и разновидна листопадна шума од јавор, брези, јасики и високи папрати. Од познатиот Планинарски дом „Караџица“ низ убава и густа борова шума за 10 минути пешачење по лесна патека се стигнува до билото и врвот на планината со кота 1571 метар надморска височина. Планинарскиот дом „Караџица“ кој е сместен на северниот крај на западната падина на Мумџица е всушност крстосница на повеќе планинарски патеки кои водат кон Бегово Поле и врвот Солунска Глава на југ, познатите Салаковски езера со врвовите Убава и Миленков Камен на запад, изворите на Кадина Река во местноста Јуручка Карпа на југозапад, селото Цветово и понатму кон Марков Манастир и Водно на север итн.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Топографска карта: лист Скопје 2-4 (Умово), размер 1:25 000, Военогеографски институт, 1973
  2. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.64
  3. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.64