Бозгунова Пештера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бозгунова Пештера
Почетниот дел на Бозгунова Пештера
МестоПатишка Река, Скопско
Длабочина82 м
Должина125 м
Надм. височина1150 м

Бозгунова Пештера (позната и само како Бозгуни или Безгуни, од албански: Shpella Bozguni) — пештера во близината на селото Патишка Река на источната падина на Сува Планина, југозападно од градот Скопје.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Отворот на Бозгунова Пештера

Бозгуновата Пештера се наоѓа на источните наклони на Сува Планина, над Патишка Река[1]. Поточно, пештерата е сместена веднаш десно над патот во делот каде што се наоѓаат викенд-куќите пред самиот почеток на селото Патишка Река. Веднаш од патот кон десно покрај едно бачило започнува мала пешачка козја патека која пробивајќи се низ шумата, достигнува до еден карпест предел на средина од падината каде што се наоѓа отворот на самата пештера. Отворот на Бозгунова Пештера се наоѓа на надморска височина од 1150 метри[1]. Во долината на Патишка Река, односно нејзиното породолжение Сува Река, најпозната е токму пештерата Бозгуни, која всушност претставува прва пештера на просторот помеѓу кањонот Матка и долината на Маркова Река, чии истражувања се објавени во научната и стручна литература уште во 1928 година.

Морфометриски одлики[уреди | уреди извор]

Влезниот дел на пештерата е доста широк односно со широчина од 9,5 метри и е условен со разурнувањето на таваницата[1]. Веднаш по влезот е една сала широка 13 метри, а долга 25 метри Подот е препокриен со глина, разурнати карпи и напласти[1]. Преку еден отсек од 3 метри, се навлегува во главната сала на пештерата, кој по страните има многу убави напласти и завеси со жолтеникава боја[1]. Салата е долга 37 метри, а наширокиот дел ѝ изнесува 25 метри. Во средината на салата има разурнати блокови од кои повеќето се препокриени со бигрена корка[1]. Овие блокови личат како една купа која е висока 19 метри[1]. На самиот врв има еден сталактит со обилк на човек. Во долниот дел на купата, напластите образуваат разни животински ликови како на лав, волк и др[1]. Од овој дел преку еден канал долг 12 метри се навлегува во третата сала која е долга 20 метри и широка 10 метри. Таваницата и ѕидовите се доста напукнати[1]. При првите истражувања во 1928 година запишани се податоци за надморската височина од 1050 метри и вкупна должина на пештерата од 82 метри. Поради големината на пештерата, покрај лилјаци во неа живеат и поголеми птици како бувови и соколи, а при некои истражувања на каналите во внатрешноста се пронајдени и остатоци од животински коски.

Предание[уреди | уреди извор]

Постојат преданија и легенди скоро за секоја пештера во Македонија[1], вообичаено со слична содржина, па така и за Бозгуновата Пештера постои слично предание, според кое таа го добила името поради еден страшен настан од минатото. Зборот бозгун доаѓа од турскиот јазик со значење на пораз-пропаст (уништување), смрт[1]. Во преданието се вели дека за време на турската отоманска наезда, сето население од Патишка Река се сокрило во пештерата за да се засоли од турскиот аскер[1]. Кога поминувала турската војска под пештерата едно магаре пред пештерата почнало да реве, тоа непријателот го забележал и дошле пред пештерата и кога ги виделе бегалците внате, сите ги побиле (убиле)[1].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Манаковиќ, Душан (1973). „Пештери и пропасти во Скопската Котлина“. Географски видик. Скопје: Географско друштво на СР Македонија: 30.