Празни Торба

Од Википедија — слободната енциклопедија
Месноста Празни Торба

Празни Торба (или Празна Торба) — месност, односно превој на планината Караџица кој воедно претставува и вододелница помеѓу долините на Маркова и Кадина Река. За настанокот на името Празни Торба постои преданието според кое тоа име е дадено на изворот поради тоа што од него излегува толку силна и студена вода, што кога крај неа седнуваат на одмор селаните од околните села, кои одат во планината по дрва, за неколку часа ги испразнуваат торбите од резервите, коишто ги приготвиле за неколку дена.[1][2] Месноста Празни Торба претставува зарамнет планински преслап со надморска височина која се движи од 1358, 1389, 1317, 1359, 1362 и 1336 метри надморска височина помеѓу возвишенијата односно врвовите Каљаја висок 1710 - 1675 метри на југозапад и Бајрак (или Темна Бука) 1527 метри на североисток. Во самата месност Празни Торба се вкрстуваат три земјени колски патишта кои водат кон село Црн Врв и месноста-преслап Бразда-Салаково на запад и југозапад, селото Цветово на север и долината на Кадина Река кон месноста Круша и селото Алдинци на исток. На Празни Торба постои силен и убав извор на вода на кој се изградени поило и бачила на сточари од Цветово, а поради овие поволности и зарамнетиот терен месноста е погодна и за кампување со шатори на пат кон Салаковски Езера, врвот Убава и останатиот дел на Караџица и Јакупица. Веднаш наспроти Празни Торба се наоѓа и здогледува планинарскиот дом „Караџица“. Поради изразитата местоположба и височина, на месноста Празна Торба се наоѓа и базна станица за мобилна мрежа.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 54. ISBN 978-608-245-113-8.
  2. Ф. Трифуноски, Јован (1958). „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“ (српски). Филозофски факултет Скопје. стр. 183.