Префект

Од Википедија — слободната енциклопедија
Француски Префект

Префект (лат.: praefectus, од praeficere = “на чело“, “раководител”) во поширока смисла на зборот означува раководен претставник. Канцеларијата, одделението или областа што ја контролирал префектот се нарекувала префектура, но во различни пост-римски случаи имало префекти без префектура и обратно.

Префекти во Римското Царство[уреди | уреди извор]

Во Римското Царство за префект се назначувало лице кое било определeно од некој магистрат или од царот[1] со одредена задача при управувањето или военото раководење.

Префекти од римскиот сенаторски сталеж[уреди | уреди извор]

Praefectus urbi

- сенатор со висок ранг, формален заменик на царот на Рим и командант на Cohortes urbanae (градските војници, градскиот гарнизон). Во доцната антика функцијата "градски префект" била меѓу највисоките во Рим и Цариград.

Praefectus aerarii militaris

- тројца сенатори кои раководеле и се грижеле за aerarium militare (касата за ветерани).

Praefectus aeraris Saturni

- двајца сенатори кои раководеле со државната каса.

Praefectus alimentorum

- сенатор, задолжен да се грижи за alimenta (фондови за грижа за деца во неволја).

Praefectus frumenti dandi

- двајца поранешни претори, задолжени за поделбата на бесплатна храна во Рим.

Префекти од сталежот на коњаниците[уреди | уреди извор]

Praefectus Aegypti

- овластен за раководењето со Египет - највисоката позиција.

Praefectus praetorio

- преторијански префект (задолжен за Преторијанската гарда). Во доцната антика функцијата била преобразена во одговорен/водач на граѓанскиот доброволен корпус.

Praefectus annonae

- одговорен за снабдувањето на Рим со храна. Таква функција имало и во другите градови во Римското Царство.

Praefectus vigilum

- командант на Vigiles Urbani - (ноќна стража); ја имал и улогата на командант на противпожарните единици на Рим.

Praefectus civitatis

- римски полномошник во некој регион што сè уште не претставува посебна, самостојна провинција. Таков е примерот со Понтиј Пилат во префектот на Јудеја.

Praefectus Castrorum

- командант на камп на римска легија, кој како по правило бил избиран помеѓу центурионите.

Praefectus classis

- командант на една од римските флоти.

Praefectus fabrum

- командант на занаетчии во една легија.

Praefectus legionis

- командант на некоја од римските легија распоредени во Египет (одговара на Legatus legionis = Легат за другите легии).

Praefectus vehiculorum

- раководител на cursus publicus - државна служба за известување и врски.

Други префекти[уреди | уреди извор]

Praefectus collegii

- раководител на професионален (занаетчиски) сојуз.

Praefectus iure dicundo

- одговорен за функции на правдата.

Префект во Католичката црква[уреди | уреди извор]

Во католичката црква префектот е раководен свештеник, на пример, во некоја мисија (Апостолски префект) или во конгрегација и др.

Префектот во католички интернат (може да е и жена) ја извршува функцијата на педагог, кој се грижи за учениците во слободното време или нивната самоподготовка.

Функцијата префект во некои земји[уреди | уреди извор]

Во Франција префектот (франц.: préfet) е претставник на централната државна власт во департманите (Département).

Слична е задачата на префектот на модерна Италија, кој е одговорен за провинциите, заедно со органите на локалната самоуправа.

Наводи[уреди | уреди извор]