Гај Валериј Катул

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Гај Валериј Катул (латински: Gaius Valerius Catullus, Верона, 84 п.н.е. - 54 п.н.е.) - староримски поет.

Биографија[уреди | уреди извор]

Гај Валериј Катул се родил во Верона, околу 84 година п.н.е., во угледно и богато семејство. Се школувал во Верона и во Рим, каде уште на млада возраст влегол во најугледните кругови. Особено многу се дружел со Цицерон и со Непот, кои во него откриле талентиран поет. Во Рим ја запознал убавата и превртлива Клаудија, која ја опеал во своите песни под името Лезбија, според островот Лезбос каде живеела поетесата Сафо - неговиот поетски идеал.[1] Иако многу ја сакал, поради нејзиниот карактер, повеќе пати Катул имал кавги со неа, а најпосле, со тешко срце, ја оставил. Исто така, се знае дека патувал по Битинија и по Мала Азија. Тој имал имот на езерото Гарда (lacus Benacus), каде понекогаш престојувал, одмарајќи се. Умрел млад, на триесетгодишна возраст.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Катул напишал повеќе од сто пократки и подолги песни (љубовни, елегии и епиграми) во метрички облик и сите тие се сочувани до ден-денес.[3] Од техничка гледна точка, неговите песни се совршени, поради што го нарекле elegantissimus poetarum. Тој има големо значење за развојот на римската книжевност како првиот голем уметник што се изразувал во стихови, а уште пред Хорациј, тој ги пренесол еолските стихови во римската книжевност. Најголем придонес кон неговата поетска слава имале песните за саканата Лезбија, со што тој бил првиот претставник на римската лирика.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 107.
  2. „Gaj Valerije Katul“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 95-96.
  3. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 110.
  4. „Gaj Valerije Katul“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 96.