Витрувиј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Медаљон со ликот на Витрувиј

Марко Витрувиј Полион (лат. Marcus Vitruvius Pollio) (~ 80-70 п.н.е., починал по 15 п.н.е.) бил римски писател, архитект и инженер, кој работел во I век п.н.е. За неговиот живот се знае многу малку. Дури и неговото име и средно име не се сигурни. Тие се споменуваат само од Кетиј Фавентин. Речиси сите податоци за неговиот живот се изведени од неговите дела.

Според неговиот личен опис, познато е дека служел во артилеријата (балиста) од трета класа.[1] Служел и како шеф на „балистата“, надлежен за артилериските експерти (doctores ballistarum) и лицата коишто раководеле со воените машини.[2] Витрувиј се смета за првиот познат инженер.[3]

Автор е на познатото дело „Десет книги за архитектурата“, кое го посветил на Октавијан Август.

Биографија[уреди]

Се родил како слободен римски граѓанин во Кампанија. Се мисли дека служел во римската војска во Шпанија и Галија под водство на Јулиј Цезар. Таму веројатно тој бил еден од воените инженери, кои конструирале опсадна машинерија. Во подоцнежните години тој бил вработен од неговиот спонзор, царот Октавијан Август, и се здобил со пензија до крајот на својот живот. Годината на неговата смрт не е позната, што значи дека Витрувиј не бил многу славен во своето време.

Десет книги за архитектурата[уреди]

Цртеж од 1684 година, на кој е прикажан Витрувиј (десно) како му ја предава книгата „За архитектурата“ на Октавијан Август

Витрувиј ја напишал книгата „Десет книги за архитектурата“, позната и само како „За архитектурата“ (De Architectura), која е трактат на латински јазик на тема архитектура, посветен на царот Октавијан Август, и веројатно првата целосна книга за оваа дисциплина. Воедно истата претставува единствената во целост зачувана книга за архитектурата од антиката. Витрувиј и самиот бил архитект. Фронтин го споменува во врска со стандардните големини на цевките [4]. Единствената зграда пак, за која знаеме дека е негово дело, како што и самиот ни кажува [5], е базилика кај Фанум Фортунае, денешниот град Фано. Базиликата има целосно исчезнато и дури и нејзината местоположба е спорна.

Во делото „Десет книги за архитектурата“ тој се обидел да објасни кои треба да бидат основните одлики на една зграда: firmitas, utilitas, venustas - т.е. зградата мора да биде јака или издржлива, корисна и убава. Според Витрувиј, архитектурата е имитација на природата. Како што птиците прават гнезда, така и луѓето градат куќи од природни материјали за да се засолнат. При усовршувањето на градежните вештини, тие ги измислиле архитектонските редови: Дорскиот, Јонскиот и Коринтскиот. Тие им дале смисла за пропорција, која кулминирала со увид во пропорциите на најголемото уметничко дело: човечкото тело. Ова го навело Витрувиј да го дефинира неговиот „Витрувијански човек“, подоцна исцртан од Леонардо да Винчи: човечкото тело е сместено во кружница и квадрат (фундаменталните геометриски фигури на космичкиот поредок).

Копија на Витруовиот одометар, конструиран од Леонардо да Винчи по описот на Витрувиј

Делото било повторно откриено во 1414 од фиренскиот хуманист Поџио Брачолини. Честа за афирмацијата на ова дело во Ренесансата му припаѓа на Леоне Батиста Алберти (1404-1472) кој ова го направил во неговото апохално дело De Re Aedificatoria (о. 1450). Првото познато издание на Витрувиј е произведено во Рим од Фа Џовани Скулптиј во 1486. Потоа делото било преведено на италијански околу 1520, на француски (Жак Мартин, 1547), англиски, германски (Валтер Х. Ривиус, 1575) и Шпански како и на неколку други јазици. Оригиналните илустрации не се заувани. Нови дрворезни илусатрации, базирани на описите во текстовите, биле придодадени во 16-тиот век, веројатно од Фра Џовани Џокондо во Венеција во 1511. Римските урнатини, римскиот форум, храмовите, театрите, триумфалните арки и нивните релјефи и статуи им давале визуелно изобилство од примери на читателите на текстот. Ова дело набргу станало најголемата инспирација за Ренесансната, барокната и неокласичната архитектура.

Карактеристики на работа[уреди]

Витрувиј самиот цитирал дела, кои за жал биле понецелосни од неговото. Тој бил помалку оригинален мислител и креативец, а повеќе кодификатор на постоечката архитектонска практика. Треба да се спомене дека Витрувиј обработувал многу поширока тема, отколку што би обработуваат денешни архитекти. Римските архитекти практикувале широк спектар на дисциплини; во денешно време тие би се сметале за инженери, архитекти, пејзажни архитекти, уметници и мајстори заедно.

Мисли[уреди]

  • На складното архитектонско решение не треба ништо да му се додава, ниту да му се одзема.
  • Архитектите треба да бидат образувани, вешти со моливот, упатени во геометријата, да знаат многу историја, да ги имаат проследено философите со внимание, да ја разбираат музиката, да имаат извесни познавања од медицината, да ги познаваат ставовите на поротниците и да бидат запознаени со астрономијата и теоријата за небесата.
  • Добрата градба има три услови: јачина, корисност и задоволство.
  • Сликите кои не личат на стварноста не треба да се одобруваат. Дури и кога тие се префинети дела изведени со уметничка вештина.

Наводи[уреди]

Корисна литература[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: