Дорски ред

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Грчки дорски стил
Римски дорски стил

Дорски ред или дорски стил — еден од трите реда на организацискиот систем на класичната архитектура. Другите два реда се јонски и коринтски. Во античката грчка архитектура, двата основни реда се дорски и јонски, додека коринтскиот е изведен од јонскиот.[1] Постојат и два пониски реда, подебелиот тоскански ред и побогатата коринтска варијанта, сложениот ред. Постојат неколку верзии на дорски ред, од кои прва и најстара е грчкиот дорски ред од 7 век пр.н.е. Друга добро позната верзија е римскиот дорски ред.

Во својата оригинална верзија, грчките дорски столбови стојат директно на рамната основа на столбот (стилобат) на храмот без посебна платформа. Трупот на столбот е канелурисан и завршува вертикално со капител без орнаменти. Капиталот се состои од два дела: првиот, кој се протега од трупот нагоре, ехинус (во облик на перниче) и квадратна плоча наречена абакус што го носи главниот венец.

Нагласени особини и на грчката и на римската верзија на дорскиот ред се триглифите и метопите. Триглифите се украсни вдлабнатини поставени за да го претстават работ на традиционалната дрвена греда што седи на едноставен фриз кој е долниот дел од главниот венец. Под секој триглиф има стилизирани тркалезни клинови кои изгледаат како да се заковани за да го стабилизираат потпорниот систем на столбот и гредата. Триглифите се центрирани над секој столб и со уште еден, а понекогаш и два меѓу столбовите. Просторот помеѓу триглифите се метопи кои понекогаш се едноставни, а понекогаш помалку извајани. Растојанијата меѓу столбовите обично се постигнуваат со пропорционални и модуларни мерки, иако двете надворешни растојанија меѓу столбовите обично се помали за да им дадат поголема визуелна моќ на аглите на храмот.

Римскиот дорски ред се разликува по тоа што висината на главниот венец е намалена. Триглифите на краевите на главниот венец се центрирани со столбот, а не на аголот на архитравот како во грчката верзија, така што столбовите се пропорционално малку витки. Под капителот, астрагална профилација го опкружува столбот како прстен. Крунската профилација има помазни премини помеѓу фризот и венецот и на тој начин го нагласува горниот раб на абакусот. Римскиот дорски ред исто така има профилација на платформата која инаку е во облик на квадрат, а понекогаш е издигната на плинта. Исто така, римските дорски столбови се рамномерно канелурани.

Еден од најпознатите храмови од дорскиот ред е грчкиот Партенон изграден во 5 век пр.н.е.

Дорски храм[уреди | уреди извор]

Терминот „дорски храм“ се однесува на стандардните делови и нивната организација што ја сочинуваат надворешноста на секој храм што е означен како „дорски“.[1] Неговите три главни дела се: скалеста платформа (стилобат), столбови и главен венец кој опфаќа се што лежи на столбовите[1]. Дорскиот столб се состои од: труп, со вертикални жлебови наречени канелури; капител составен од проширен ехинус во облик на перниче; и квадратна плоча наречена абакус.[1]

Главниот венец, или ентаблатура, е најсложениот од трите споменати единици. Поделен е на архитрав - низа камени блокови кои лежат директно на столбовите, фриз со триглифи и метопи и испакнат венец (корниш). На подолгите страни на храмот, венецот е хоризонтален, а на потесните (фронтални) е скршен така што го опфаќа забатот меѓу неговите горни делови.

Целата на храмот била изградена од камени блокови кои се прилегнуваат еден на друг без малтер (тие биле клесани исклучително прецизно за составите да бидат целосно глатки). Каде што имало потреба, биле врзувани со метални спојници или стеги.

Столбовите, со многу мал исклучок, се составени од делови, таканаречени тамбури. Една од главните особини на столбовите од дорскиот ред на античкиот грчки храм е тоа што лежи директно на стилобатот и нема стапало.

Покривот бил направен од печени ќерамиди со дрвени рожници, а дрвени греди биле користени и за таванот.

Темелите на грчките храмови не се директно поврзани со редовите, бидејќи има значителни варијации во големината на зградата или регионалните преференции на градителите, иако нивните основни особини се многу слични.[1] Јадрото на храмот е целата или наосот (просторијата во која престојува статуата на божеството) и предворјето, пронаос, кој има два столба и по еден пиластер од двете страни. Неретко се среќава уште едно предворје додадено зад целата, што ја прави зградата уште посиметрична.[1] Во повеќето храмови, оваа централна единица е опкружена со низа столбови (колонади), наречени перистил. Таквите градби се познати како периптерални. Во близина на најголемите храмови во јонска Грција може да се сретне и двојна колонада.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Janson 1975.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Janson, H. W. (1975). „Stari svet, 5. Grčka umetnost“. Istorija umetnosti – Pregled razvoja likovnih umetnosti od praistorije do danas (Umetnost). Beograd, Jugoslavija: Prosveta.CS1-одржување: ref=harv (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]