Плавт

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Тит Макциј Плавт)
Плавт
Роден(а)254 п.н.е.
Сарсина, Умбрија
Починал(а)184 п.н.е.
Рим
НационалностРимска република
Влијаел(а) врзВилијам Шекспир, Жан Батист Поклен Молиер

Тит Макиј Плавт (Titus Maccius Plautus), (254 п.н.е. - 184 година п. н.е.) - римски писател, кој се смета за најголемиот римски комедиограф.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во малото планинско место Сарсина, во Умбрија, најверојатно во сиромашно семејство. Најпрвин работел во театарот во Рим, а потоа многу патувал и тргувал, но немал среќа во трговијата. Како сиромашен човек повторно се вратил во Рим и таму работел во една мелница. Притоа, напишал три комедии, кои биле добро примени кај публиката, така што, охрабрен од успехот, ја напуштил мелницата и до смртта се занимавал со пишување.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Во антиката, на Плавт му се припишувале околу 130 комедии од кои, познатиот римски полихистор Марко Теренциј Варон, во 1 век п.н.е. како автентични издвоил 21 комедија, кои по неговото име биле наречени fabulae Veronianae. Од нив, целосно се сочувани 20, а една (Vidularia) е сочувана само делумно. Сите негови комедии претставуваат адаптација на новата античка комедија: за три или четири, со сигурност се знае дека се на Менандро; две се на Дефил; додека една му се припишува на Алексид.[2]

Со своите драми Плавт доживела голем успех кај необразованата римска публика, што се должело на слободната и жива обработка на грчките оригинали кои тој ги менувал, обработувал, поедноставувал и комбинирал според својата волја. Притоа, тој внесувал нови елементи со цел да ги направи делата привлечни за римската публика. На пример, тој вметнувал кратки дијалошки сцени во кои ликовите си разменуваат закани и навреди; во неговите дела често е присутен мотивот на робот кој трча; како и ликот на робот кој зборува слободно и дрско; наспроти него, понекогаш се појавува ликот на робот кој му е верен на својот господар; понатаму, во неговите дела има мноштво груби шеги, алитерации и игри на зборови; најпосле, тој го зголемил музичко-рецитативниот елемент, којшто во одредени негови дела зафаќа дури и две третини од дејството.[3]

Во повеќето негови комедии, заплетот се гради околу неколку вообичаени теми, како што се: итроштините на некој роб, кој му помага на својот господар да го освои срцето на некоја девојка, во што му пречи или некој соперник или нејзиниот строг татко; често, девојката е проститутка или робинка за која до крајот на делото се открива дека, всушност, е родена како слободна граѓанка; често се јавува мотивот на девојка која била грабната во младоста, а како кулминација, кон крајот на драмата, таа е препознаена како нечија одмана загубена ќерка; најпосле, како чести ликови во неговите драми се: војникот-фалбаџија, готвачот и паразитот.[4]

Комедиите на Плавт имаат големо значење, зашто тие се речиси единствената напишана трага на говорниот латински јазик од тоа време. Инаку, неговиот јазик се наоѓа на границата на стандардниот латински јазик при што е нагласено жив и еластичен, приспособен кон секој лик во комедиите. Неговите комедии биле многу ценети во периодот на доцната Римска Република и во раното Царство, но подоцна ја загубиле популарноста, зашто нивниот јазик бил архаичен. Плавт бил повторно откриен и неговата популарност се зголемила во ренесансата, а неговите дела послужиле како пример на некои комедии на Шекспир.[5]

Дела на Плавт[уреди | уреди извор]

Најпознати дела на Плавт се следниве:

  • Амфитрион (Amphiruo) - една од најдобрите комедии на Плавт во која богот Јупитер го зема ликот на тебанскиот крал Амфитрион за да ја обљуби неговата жена Алкмена. Богот Меркур, пак, го зема ликот на Сосиј, верниот слуга на Амфитрион. Така, на сцената се јавуваат два пара двојници, со што се нижат многу комични ситуации. Ова дело Плавт го нарекол трагикомедија (tragico-comedia), бидејќи тоа е спој на спротивставени елементи - високиот морал на Алкмена и бурлескниот бес на нејзиниот сопруг, но веројатно и затоа што обработува митолошка тема што традиционално спаѓа во областа на трагедијата.[6]
  • Ќупот со злато (Aulularia) - оваа комедија, позната и како „Скржавецот“, ја обработува приказната за стариот скржавец Еуклион, кој наоѓа ќуп со злато и живее во страв некој да не му го украде. Неговиот стар сосед Мегадор ја бара раката на неговата ќерка (Федра), но Еуклион мисли дека тој го посакува златото. Меѓутоа, Федра е бремена од внукот на Мегадор, Ликонид, која своевремено ја обљубил, но сега сака да ја земе за жена. Плашејќи се за своето злато, Еуклион го закопува во шумата, но робот на Ликонид го краде златото. Крајот на драмата е загубен, но веројатно Еуклион си го повратил златото, а Федра се омажила за Ликонид.[7]
  • Бакхиди (Bacchides) - и оваа драма, чиј почеток е изгубен, обработува двен мотив. Во неа се зборува за сестрите Бакхиди, две хетери со исто име, од кои, едната маѓепсува млад и богат човек, а другата паѓа во рацете на некој војник, но во неа е вљубен младиот Мнесилох. Со измама, робот зема пари од таткото на Мнесилох со цел да ја откупи Бакхида од војникот, но несмасно ги губи парите. Сепак, итриот роб повторно успева да го измами таткото на Мнесилох. Најпосле, драмата завршува среќно, со заедничка веселба.[8]
  • Заробеници (Captivi) - драмата е малку невообичаена за Плавт бидејќи има малку сентиментален карактер и во неа нема женски ликови. Двајцата сина на еден човек паднале во ропство - еден во детството, а другиот додека бил војник. Несреќниот татко купува голем број непријателски војници, надевајќи се дека меѓу нив ќе ги најде своите синови. Најпосле, по низа настани во кои главната улога ја има еден паразит со своите досетки, таткото успева да ги најде двата сина.[8]
  • Менехми (Menaechmi) - драмата ја обработува темата на двајца идентични близнаци, наречени според името на еден од нив. Едниот близнак, Менехмо, бил грабнат кога имал седум години, а другиот брат, Созикле, го зема името на својот брат за да го сочува споменот на него. Подоцна, Созикле тргнува во потрага по својот брат и пристигнува во Епидаур, каде што живее тој. Кога стигнува во Епидаур, Созикле-Менехмо ги среќава љубовницата на својот брат, неговата жена и таткото на жена му при што се случуваат комични настани. На крајот се решаваат сите забуни и драмата завршува среќно.[9]
  • Чудовиште (Mostellaria) - во драмата се опишува како младиот Филолах, додека татко му е на пат, купува робинка и ја доведува во куќата за да живее со него. Притоа, парите за робинката ги позајмува од едне лихвар. Неочекувано се враќа татко му и тогаш на сцената настапува робот на Филолах, Транион кој, сакајќи да го спречи таткото да влезе во куќата, го лаже дека во куќата се наоѓа духот на некој убиен човек. Кога доаѓа лихварот за да си ги побара парите, Транион мора да смислува нови лаги.[10]
  • Војникот фалбаџија (Miles gloruisus) - во средиштето на оваа драма е војникот Пиргополиник, чие име значи „освојувач на многу градови“, а кој настрадува од еден роб поради својата тврдоглавост и вообразеност. Ликот на надмениот војник често се среќава и во другите комедии на Плавт.[10]
  • Лажливец (Pseudolus) - во драмата се раскажува како некој македонски војник купува девојка по цена од 20 мини, но остава капар од само 15 мини. Подоцна, гласникот на војникот ги плаќа и останатите пет мини, по што треба девојката да му ја однесе на војникот. Меѓутоа, во девојката е вљубен и младиот Атинец, Калиодор. Потоа се случуваат повеќе комични дијалози меѓу гласникот на војникот и Псевдол (робот на Калиодор, кој сака да ја откупи девојката, но нема пари. Притоа, двајцата се натпреваруваат со своиет лаги и најпосле, преовладува Псевдол.[11]
  • Конопот (Rudens) - и оваа драма има малку сентиментален карактер. Дејството се случува во Кирена, во близината на еден храм на Венера и селската куќа на стариот Атинец, Демон, чија ќерка Палестра уште како дете била грабната, а потоа доспева во рацете на сводникот Лабракс. Младиот Атинец, Плесидип, се вљубува во неа и на сводникот му дава капар, сакајќи да ја откупи. Лабракс решава скришно да ја одведе девојката на Сицилија, но патем се случува бродолом во близината на Кирена. Палестра и уште една девојка успеваат да се спасат и ги примаат во храмот на Венера. Во храмот пристигнува и Лабракс, кој исто така се спасува. Тој се обидува да ги земе девојките, но нив ќе ги одбранат Демон и Плесидип. Еден рибар во својата мрежа го извлекува ковчегот на Лабракс за кого почнува расправа меѓу него и робот на Плесидип. На крајот, расправата води кон тоа не само да се пронајде богатството на Лабракс, туку во ковчегот да се пронајдат и предметите кои покажуваат дека Палестра е одамна загубената ќерка на Демон.[12]
  • Три гроша (Trinummus) - во оваа драма се раскажува како младиот Лезбоник, додека татко му е на пат, ја продава куќата без да знае дека во неа има скриено богатство. Соседот и пријателот на Хармид ја купува куќата за да ја спаси. Тој пријател за три гроша изнајмува и еден сикофант кој, наводно, го носи чеизот за сестрата на Лезбоник. Главниот комичен заплет настапува кога сикофантот ќе го сретне Хармид, кажувајќи му дека му носи вести од него самиот. Сепак, драмата завршува среќно со двојна свадба.[13]
  • Магариња (Asinaria) - ова е комедија со елементи на фарса, а името го добила според магарињата што ги продава еден роб, но парите не му ги дава на својот господар Демент, туку ги задржува со цел да ја откупи девојката за синот на Демент, Аргирип. Во дејството на оваа драма владеат итрите робови, кои во сплетките успеваат да го вклучат и Демент. Меѓутоа, тој настрадува, бидејќи неговата строга сопруга ќе го фати на дело со љубовницата на синот. Посебна одлика на оваа драма е тоа што во 495. стих се наоѓа изреката „Човек на човека е волк“ (Homo homini lupus).[14]
  • Казина (Casina) - драмата го добила името според робинката Казина, во која истовремено се вљубуваат татко и син. Нивните робови се борат за девојката и најпосле фрлаат коцка при што девојката му припаѓа на таткото. Но, на венчавката, синот се преоблекува во невеста и на татко му и на неговиот роб им приредува бројни комични сцени. На крајот, сепак девојката мажи за синот, а за неа се открива дека е ќерка на соседот.[15]
  • Ковчежето (Cistellaria) - драмата зборува за љубовните маки на двајца млади. Селенија работи за една хетера и му станува љубовница на младиот Атиљанин, Алкесимарх. Нејзиниот вистински идентитет ги откриваат работите скриени во ковчежето при што се дознава дека таа е слободна граѓанка и сестра на девојката за која таткото на Алкесимарх сака да го ожени.[15]
  • Пламенче (Curculio) - во средиштето на дејството на оваа драма е еден паразит според кого е наречена драмата. Федром е вљубен во робинката Планезија, но нема пари да ја откупи. Паразитот Куркулион (во превод: пламенче) го краде прстенот со печат од некој вообразен војник, кој депонирал пари кај некој банкар за да ја откупи Планезија. Со помош на писмото запечатено со печатот на прстенот, Куркулион доаѓа до девојката за својот господар. Војникот е бесен, но прстенот открива дека Планезија е одамна загубената сестра на војникот.[16]
  • Епидик (Epidicus) - драмата, наречена според името на главниот јунак, еден роб, има замрсен заплет. Робот Епидик постојано позајмува пари од својот господар, најпрвин за да ја откупи свирачката во која се вљубува синот на неговиот господар, а потоа за да ја откупи заробеничката во која подоцна се вљубува синот на господарот. Меѓутоа, измамите на Епидик се откриени. Сепак, како и во другите дела на Плавт, драмата има среќен крај, т.е. се открива дека заробеничката, всушност, е одамна загубената ќерка на господарот, па на Епидик сè му е простено и тој е ослободен.[17]
  • Трговецот (Mercator) - и оваа драма ја обработува темата на љубовното соперништво меѓу таткото и синот. Таткото го испраќа синот по некоја работа во странство, но тој се вљубува во една робинка во Родос и ја зема со себе дома во Атина, претворајќи се дека ја донел како подарок за мајка си. Меѓутоа, и неговиот татко се вљубува во девојката.[17]
  • Персијанецот (Persa) - драмата е наречена според персиската облека во која се облекол еден вљубен роб за да го измами сводникот и со украдените пари да ја откупи девојката што ја љуби.[18]
  • Малиот Картагинец (Poenulus) - драмата ја обработува љубовната историја на еден млад Картагинец и робинката која е сопственост на еден сводник. Од непознати причини, во ракописите, комедијата има два краја, а таа е интересна од историски причини, зашто содржи неколку цитати на малку познатиот пунски јазик.[18]
  • Стихо (Stichus) - драмата, наречена според името на робот, раскажува за брачната верност. Две сестри, по две години стрпливо чекање, конечно ги дочекуваат своите сопрузи. Комичните елементи во драмата се претставени преку активностите на еден паразит, кому му помагаат робовите на двајца господари вљубени во иста девојка.[18]
  • Простакот (Truculentus) - драмата е наречена според името на еден груб, но совесен, селски роб. Делото има малку заплети и ја обработува темата на итрата проститутка која ги искористува своите тројца љубовници - младиот Атињанин, надмениот војник и момчето од селото.[18]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плавт, Скржавецот (Аулуларија). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 127-137.
  2. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плавт, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 127.
  3. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 128.
  4. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 128-129.
  5. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129.
  6. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129-130.
  7. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 130.
  8. 8,0 8,1 „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 131.
  9. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 131-132.
  10. 10,0 10,1 „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 132.
  11. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 133.
  12. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 133-134.
  13. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 134.
  14. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 134-135.
  15. 15,0 15,1 „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 135.
  16. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 135-136.
  17. 17,0 17,1 „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 136.
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 137.