Прејди на содржината

Паленке

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Координати: 17°29′2.328″N 92°2′46.788″W / 17.48398000° СГШ; 92.04633000° ЗГД / 17.48398000; -92.04633000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Пред-хиспански град и Национален парк Паленке
светско наследство на УНЕСКО
Палатата
Критериумкултурен: i, ii, iii, iv
Навод411
Запис1987 (11. заседание)

Паленке (мајански: Bàak) — еден од најмоќните мајански градови и религиозни центри кој својот подем го забележал во VII век. Денес Паленке е значајно археолошко наоѓалиште во Мексико и еден од важните извори за проучување на преколумбовската мајанска цивилизација. По својот пад, градот бил проголтан од џунглата, но својот сјај повторно бил достапен за светската јавност по неговото откривање и реставрирање. Наоѓалиштето лежи во близина на реката Усумакинта во мексиканската сојузна држава Чијапас, околу 130 километри јужно од градот Кармен, на надморска височина од 150 метри.

Паленке бил град со средна големина, многу помал од останатите големи мајански градови Тикал или Копан. Сепак, и покрај големината, Паленке е дом на една од најдобрата мајанска архитектура вклучивајќи и скулптури, камени резби и украсни архитектонски елементи. Голем дел од историјата на Паленке била реконструирана со помош на хиероглифите кои се наоѓаат испишани на спомениците и градбите и денес историчарите имаат подетални информации за династиите кои владееле со градот во VII век, како и информации за соперниците на градот како што се Калакмул и Тонина. Најпознат владетел со Паленке бил Пакал Велики, чиј гроб бил пронајден и ископан во храмот со натписите.

Потекло на поимот

[уреди | уреди извор]

Маите го напуштиле Паленке и тој бил празен неколку векови, сè до доаѓањето на шпанските истражувачи во Чијапас во XVI век. Првиот Европеец кој го посетил наоѓалиштето и објавил публикација за истиот бил свештеникот Педро Лоренцо де ла Нада во 1567 година. Во тоа време, локалните Маи наоѓалиштето го нарекувале „Отолум“, што во превод значи „земја со силни куќи“, но свештеникот го именувал наоѓалиштето како „Паленке“ (шпански:Palenque), што во превод значи „тврдина“. Поимот „Паленке“ станал и име на градот Санто Доминго дел Паленке, кој бил изграден во близина на наоѓалиштето на стари мајански рушевини.

Покрај општото мајанско име за градот, во употреба се користело и име за центарот на градот. Центарот се нарекувал „Лакам Ха“ што во превод значи „голема вода“ и името е инспирирано од големиот број извори и водни патеки во околината и центарот.[1] Паленке бил главен град и важен центар на класичномајанската град-држава „Бакал“ или „Бак“.[2]

Покрај топонимите за самиот град Паленке, низ текстовите на спомениците се забележуваат и следните топоними и називи:

  • Мат или Матал е глиф кој бил користен од митилошки суштества и владетели.[3]
  • Матави или Матвил е митолошко наоѓалиште кое се поврзува со глифот мат, место каде се одржувале митолошки настани.
  • Кан е старото име на градот Калакмул, еден од најголемите мајански градови.
  • Сак Нук Нах - куќа со бела кожа.
  • Токтан - основач на династијата Кук Балам.
  • Уш Те Кух - важен регионален центар од каде потекнувал дедото на Кинич Кан Бахлам.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]
Храмот на натписите.

Голем дел од ранокласичната историја на градот сè уште треба да се истражи со помош на археолошките ископувања. Како и да е, според постоечките зачувани артефакти и според записите за владетелите од доцнокласичниот период се доведува до заклучок дека историјата е многу подолга одошто се верува дека е. Исто така, земајќи го предвид фактот дека раните владетели и митолошки суштества користеле стар глиф (ахав) во нивните титули потврдува дека постои долга и сложена историја. Така на пример Кук Бахлам, за кој се верува дека е основач на династијата во Паленке, е наречен Токтан Ахав.

Препознатливите градби во наоѓалиштето кои денес се многу познати се најверојатно неколкупати обновувани за време на подемот на Паленке бидејќи често биле напаѓани од градот Калакмул и неговите сојузници.[5] Еден од најзначајните мајански ликови одговорен за преродбата на градот, архитектурата и уметноста е Кинич Ханаб Пакал или попознат како Пакал Велики. Тој владеел со Паленке од 615 до 683 година и е посебно познат по иградбата на споменикот, воедно и негов гроб, наречен Храм на натписите бидејќи содржи голем текст кој и денес е зачуван. Гробот на Пакал Велики го открил Алберто Руз Луилиер и овој гроб бил најбогатиот и најдобро зачуван гроб во античката историја на Америка. Таа титула ја држел сè додека не биле откриени гробниците во Моче во Перу, Копан и Калакмул.

Покрај гробот на Кинич Ханаб Пакал, вниманието на светската јавност кон Паленке било свртено и поради големиот корпус хиероглифи кои биле создадени за време на владеењето на синот на Пакал Велики Кинич Кан Бахлам и внукот Кинич Акал Мо Наб[6] Овие хиероглифи помогнале во реконструкцијата на историјата на Паленке и неговите владетели.[7] Ова откритие помогнало и во подлабоко проучување на мајанската цивилизација, посебно ранокласичниот мајански период.

Владетели на Паленке

[уреди | уреди извор]
Кинич Кан Балам II.

Низ мајанските натписи кои се наоѓаат на голем број од објектите во Паленке се дознале значајни информации за историјата на градот. Меѓу другото, значајни се информациите за владетелите на Паленке, па така досега познати владетели се:

Ранокласичен период

[уреди | уреди извор]

Првиот крал или ахав на Бакал за кој денес се знае бил Кук Балам I кој владеел четири години започнувајќи од 431 година. После него владеел крал за кој не се знае како точно се викал но во археологијата и историјата се нарекува со прекарот Каспер. Нареден крал кој владеел со Бакал најверојатно бил синот на „Каспер“ Буц Ах Сак Чик за кој многу малку се знаело во науката сè до откривањето на табла во 1994 година во која имало опис на ритуал за еден крал. Првата табла споменува дека негов наследник бил Ахкал Мо Наб I и поради тоа се верува дека тие биле во блиски семејни односи. Од непознати причини, Ахкал Мо Наб се стекнал со голем престиж и почитување, па така секој крал кој го наследувал бил горд да биде негов наследник.

Кога Ахкал Мо Наб I умрел во 524 година имало интерегнум или пауза во наследувањето на кралскиот престол кој траела четири години. Следен крал бил Кан Хој Читам I кој владеел цели 36 години. Неговите синови Ахкал Мо Наб II и Кан Балам I биле првите кралеви на Паленке кои ја користеле титулата кинич што во превод значи „големиот син“ и оваа титула се користела и од понатамошните кралеви. Балам I бил наследен од Јок Икнал во 583 година и се верува дека овој владетел всушност е жена. За време на нејзиното владеење се случил напад од страна на Калакмул кој го зазел Паленке на 21 април 599 година и ова е поддржано со натпис пронајден во наоѓалиштето. Вториот воен успех на Калакмул бил 12 години подоцна, поточно во 611 година, кога со Паленке владеел Ах Не Јол Мат син на Јол Икнал. За време на овој напад, кралот на Калакмул лично влегол во Паленке но претрпел пораз и настанала сериозна политилка криза. Ах Не Јол умрел во 612 година.

Доцнокласичен период

[уреди | уреди извор]
Поглед кон главниот плоштад на Паленке.
Кинич Кан Балам II.

Доцнокласичниот период на Бакал започнал со безредие создадено од поразите нанесени од страна на Калакмул. Според таблите и глифовите во Храмот на натписите, дури и основните религиски церемонии не биле одржувани во 613 година и за овој период самиот натпис вели:

Изгубена е божествената дама, изгубен е кралот.[8]

За понатамошниот развој на градот се верува дека по смртта на Ах Не Јол Мат, власта ја презел Ханаб Пакал преку политички договор. Ханаб Пакал ја извршувал функцијата крал на Бакал, но никогаш не бил крунисан. Тој бил наследен во 612 година од неговата ќерка Сак Кук која владеела само три години, сè до периодот кога нејзиниот син не станал доволно возрасен да ја преземе власта. Од тој момент, во историјата се верува дека династијата повторно била возобновена и Бакал почнал да чекори кон слава и развој. Внукот на Ханаб Пакал е најпознатиот мајански крал Кинич Ханаб Пакал. Тој ја презел власта на својата 12 годишна возраст и владеел од 615 до 683 година. Тој го внел Паленке во нова ера на слава и моќ. Пакал се оженил со принцезата од Октан во 624 година и имале најмалку три деца.

За време на владеењето на Пакал Велики голем дел од палатите и храмовите во Паленке биле возобновени и градот достигнал подем како никогаш до тогаш. Централниот дел, кој бил познат под името „палатата“, бил проширен и редизајниран во 654, 661 и 668 година. Во внатрешноста на структурите има натписи каде се вели дека во овој период Паленке повторно станал сојузник со Тикал и Јашчилан со што биле во можност да ги поразат шесте непријателски кралеви. Тоа е последниот текст кој е преведен од таа табла со натписи.

По смртта на Пакал во 683 година неговиот постар син Кинич Кан Балам станал крал на Бакал и бил наследен од неговиот брат Кинич Кан Хој Читам II во 702 година. Првиот од овие двајца, го продолжил архитектонскиот развој на Паленке. Исто така тој започнал различни проекти, како и завршување на изградбата на гробот на неговиот татко. Поради неговите архитектонски подвизи, денес е зачуван портрет на Кинич Кан Балам и се наоѓа на неколку споменици. Истото го правел и неговиот брат.

Во 711 година Паленке бил ограбен од Тонина и кралот Кинич Кан Хој Читам II бил заробен. Денес не е позната судбината на кралот по заробувањето, но се верува дека бил погубен во градот Тонина. Од тој момент, цели 10 години немало крал на кралскиот престол на Паленке. После паузата, во 722 година Кинич Ахкал Мо Наб III бил крунисан за крал на Паленке. Иако овој крал бил на кралскиот престол, не постојат сигурни извори кои би потврдиле дали тој бил и семејно поврзан со останатите кралеви. За овој период малку се знае, освен дека војната со Тонина и понатака продолжила и се забележал новиот пораз на Паленке.

Пропаѓање на градот

[уреди | уреди извор]

За време на VIII век, Бакал потпаднал во голема криза што резултуирало со стагнирање во изградбата на центарот на градот, појава која ги зафатила скоро сите мајански градови. Земјоделското население, и покрај стагнирањето во развојот на градот, продолжило да живее уште неколку генерации кога и тие го напуштиле градот. Паленке полека бил проголтуван од самата џунгла, со многу малку население и контакт со цивилизацијата.

Архитектура и уметност

[уреди | уреди извор]
Камена гравура на Пакал Велики.

Паленке е дом на голем број значајни мајански структури, храмови и натписи. Тие се важен извор за проучување на историјата на Маите и мајанската цивилизација воопшто. Како најмаркантните објекти во Паленке се вбројуваат:

  • Храмовите на крстот
  • Останати архитектонски објекти

Палатата

[уреди | уреди извор]

Палатата е всушност комплекс од неколку објекти поврзани меѓу себе. Палатата има и двор кој бил граден и прошируван низ текот на историјата и има вештачка голема тераса. Од објектите забележителна е кулата со четири спрата и околу неа се наоѓаат живеалишта украсени со бас-релјеф гравури во камен.

Храмот на натписите

[уреди | уреди извор]

Храмот на натписите започнал со градба во околу 675 година[9] и првичната идеја била да биде гроб на Ханаб Паскал. Во овој објект се наоѓа вториот најголем мајански текст во светот каде се испишани околу 180 години од историјата на градот. Пирамидата во Паленке е широка 60 метри, длабока 42.5 метри и висока 27.2 метри. Најголемиот камен во комплексот тежи од 12 до 15 тони. Вкупниот волумен на пирамидата и храмот е 32.500 кубни метри.[10]

Во 1952 година Алберто Руз Луилиер отстранил камен блок од подот на една соба во храмот и случајно открил влез со долги скали кои воделе кон гробот на Пакал Велики. Самиот гроб е значаен поради големиот изгравиран камен саркофаг, погатиот декор и скулптура која ги декорира ѕидовите на гробницата. Карактеристично за овој гроб е психодуктот, кој води од самиот гроб кон скалите и завршува со дупка во плочата која ја покрива самата гробница.

  1. French 2002
  2. Зборот „Бакал“ е придавка од зборот „бак“. Според тоа, најверојатно името на градот било Бак.
  3. Stuart 1979, 2005:21-23; Bowen and Anderson 1994
  4. see Stuart 2005: 129-131
  5. Martin and Grube 2000:
  6. Berlin 1959, 1965, 1968
  7. Mathews and Schele 1974
  8. Mesoweb
  9. Schele and Mathews 1998:97-99
  10. Scarre 1999

Користена литература

[уреди | уреди извор]
  • Berlin, Heinrich (1963) The Palenque Triad. Journal de la Société des Américanistes, n.s. 5(52):91-99. Paris.
  • Carrasco, Michael D. (2005). The Mask Flange Iconographic Complex [електронски материјал]: The Art, Ritual, and History of a Maya Sacred Image. Doctoral dissertation, The University of Texas at Austin. Електронски достапно на http://hdl.handle.net/2152/1027.
  • Carrasco, Michael D. and Kerry Hull (2002) The Cosmogonic Symbolism of the Corbeled Vault in Maya Architecture. Mexicon Volume XXIV, No. 2, април.
  • Fields, Virginia M. (1991) Iconographic heritage of the Maya Jester God. In Sixth Palenque Round Table, 1986. Virginia M. Fields, ed. стр. 167 - 174 Palenque Round Table (6 session, 1986) University of Oklahoma Press Norman.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

17°29′2.328″N 92°2′46.788″W / 17.48398000° СГШ; 92.04633000° ЗГД / 17.48398000; -92.04633000


Статијата „Паленке“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).