Крвава Коледа (1945)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Македонска крвава коледа (1945)
МестоСкопје,  Македонија
Датумјануари 1945
ЦелМакедонци
Мртвио. 140
СторителиЈугославија ЈНА

Македонска крвава коледа (1945) е серија настани кои се однесуваат на Бунтот на Скопското кале на 7 јануари 1945 година, и сѐ она што следувало потоа. Во текот на целиот јануари, низ цела Македонија, убиени се околу 140 Македонци, коишто не се согласувале со новата југословенска политика.

На Скопското кале, на 7 јануари 1945 г., нема ниеден убиен Македонец. Ниеден убиен човек. Масовните убиства се случиле деновите потоа. [1][2][3][4]

Бунтот на Скопското кале[уреди | уреди извор]

Митко Тошев, учесник во Бунтот на Скопското кале од 7 јануари 1945, кон крајот на 20 век, сведочи:

- Парадиравме ние од Артилериската бригада - од Калето спрема Железничката станица. И извикувавме ’Не одиме за Сремски фронт, туку на Солун’. Тогаш бев млад човек, на 22 години. Бев идеалист. Видов дека тие луѓе се за Македонија. И јас во душата сум Македонец... За Македонија!


Митко Тошев бил и учесник во НОБ, борец против германските и бугарските наци-фашистички окупатори во Македонија. Според неговите и сведоштвата на други побунети и сите чинители во тие настани, генералот Михајло Апостолски уште истиот ден ги смирил страстите и бунтот.

Во почетокот на јануари 1945 г., во скопскиот Офицерски дом се одржува Вториот конгрес на Народноослободителниот сојуз на младината на Македонија. На него учествувале над 2.000 делегати од трите дела на Македонија, но и гости другите делови на Југославија.

Меѓу присутните во Скопје, според подоцнежната судска документација, имало и тројца „велико-српски провокатори“. Нивните имиња се Слободан Бранковиќ и Душан Бечиќ од Белград, и Александар Вељковиќ, роден во Ресен. Сведоштвата говорат дека пред македонските војници, Србите настапувале како велико-српски шовинисти – говореле за враќање на српскиот крал, обновување на кралска Југославија итн.

Во истовреме, југословенските партизани го планирале Сремскиот фронт (јануари - април, 1945 г.), како завршен удар против нацистичкиот окупатор во северна Југославија. За таа цел, се подготвувала и мобилизација на македонските партизани.

Како последица на сѐ тоа, во близина на Калето, на Божиќ, 7 јануари 1945 г., се случил војнички бунт и демонстрации против наредбата на југословенските командири – Македонци да бидат испратени на Сремскиот фронт. Протестирачите ја изразиле својата желба – наместо тоа, македонската војска да се насочи кон Солун, за да се ослободат сонародниците од Егејска Македонија. Бунтот не успеал, и веднаш потоа организаторите биле апсени и затворани.

По барање на командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ - генерал Михајло Апостолски, побунетите артилерци, построени пред тогашниот Офицерски дом - сега плоштад „Македонија", се вратиле во своите касарни во Кале. Набргу по демонстрациите имало и судења и пресуди по брза постапка. Вкупно 34 иницијатори и организатори на бунтот се разоружени и затворени. Четворица од нив биле ослободени, а 17-мина се осудени на временски или условни казни до 20 години.

Дури 13 лица од скопските касарни биле осудени на смрт, но за среќа, ниедна пресуда не е извршена.

Има мислења и претпоставки, дека ОЗНА намерно ги вметнала српските провокатори, за да почне со апсење и убивање анти-југословенски елементи. Тоа и се случило подоцна.

Штип[уреди | уреди извор]

По Скопското кале, и во Штип една седмица подоцна, на 14. и 15 јануари 1945, војници Македонци се кренале на бунт... Тука има шестмина војници осудени на смрт по брза постапка.

Илија Ѓозев - началник на известувачката служба на 15. Корпус, сведочи дека бунтови против Сремски фронт имало и во други места низ цела Македонија. А, потврдува и дека во Штип имало убиени Македонци.

Фактографијата сведочи за уште тројца убиени во штипската касарна во ноември истата 1945 година. И според бугарскиот историчар Стефан Дечев, Бунтот на Скопското кале и во Штип, во јануари 1945, е дело на македонски националисти. Тоа биле Македонци – македонски национал-патриоти, коишто претходно се бореле против германскиот и бугарскиот окупатор, а кои потоа биле и против одењето на Сремскиот фронт.

Велес, Куманово, Ресен[уреди | уреди извор]

Југословенските служби убивале и без пресуди. Тоа е точно. Ocвeн 9-те штипјани, тој период без пресуди, по налог на Светозар Вукмановиќ – Темпо и Лазар Колишевски, биле убиени уште 53 велешани, 17 ресенчани и околу 50 луѓе од Куманово, чијашто гробница сѐ уште не е пронајдена.

Дел од убиените биле соработници со наци-фашистичкиот непријател. Но, голем дел биле и невини Македонци.

Ако имало судење, ќе се знаело кој од убиените и осомничените бил со окупаторот, кој бил македонски националист – закана за Југославија, а кој бил, просто набеден поради лична нетрпеливост на некој моќник. Убиствата без судења се огромен грев, незаборав на Македонската Држава во однос на југословенскиот режим.

Базерник, Демирхисарско[уреди | уреди извор]

Никола Коларов во 1946 г. сведочи дека освен во Скопје и Штип, бунт против Сремскиот фронт имало и во демирхисарското село Базерник...

- И во Базерник и во околината се јави отпор кај мобилизираните младинци за војска, да одат за Срем. Тамошните позадинци открија дека јас сум ја раширил таа идеја.


Тоа се случувало при крајот на 1944 година. Никола Методијев Коларов е затворен и суден за македонски национализам и сепаратизам. Се борел за независна и обединета Македонија вон Југославија, вон Грција и вон Бугарија. Првично е осуден на 15 години затвор, а одлежал 12. Неговиот татко Методије Коларов е, исто така, суден за македонска национал-патриотска дејност. Во 1947 г. го осудуваат на смрт и тој е стрелан во затворот во Битола. Тие биле дел од тн. „битолска група“ судени за ВМРО. Втора жртва од оваа група е Крсте Вељановски, кој не ги издржал полициската тортура и мачењата и преживеал тешка психичка траума.

Сведоштва[уреди | уреди извор]

Вера Ацева е македонска партизанка, учесничка во Народноослободителна борба против германските и бугарските наци-фашистички окупатори во Македонија. Официјално прогласена и за „Народен херој“. 3а бунтувањето на Македонците против Сремскиот фронт, таа ќе појасни:

- Во тоа време, кога Југославија сѐ уште не беше ослободена, кога сѐ уште не беше завршена војната со Германија, ние ако тргневме на Солун, тоа ќе значеше дека ние ќе треба да се судриме со сојузниците, на чијашто страна дотогаш бевме. Тоа е прва работа. Второ - можевме ли ние да се носиме со грчката војска којашто беше добро вооружена, зашто таму веќе беа влезени Англичаните...!? И која можеби броеше 800.000 - милион војници, а ние имавме сто-илјадна војска, вооружена само со пушки, малку пушкомитралези и 10-20 митралези...


Натаму, Ацева вели дека ако македонските војници тргнеле на Солун, Англичаните ќе влегле во НР Македонија, во Југославија, и би го вратиле српскиот крал Петар... А, тоа ќе значело дестабилизирање на ФНРЈ и возобновување на Кралството Југославија.

Документите од тоа време посочуваат дека, пред сѐ, Велика Британија и премиерот Винстон Черчил по никоја цена не би дозволиле поголема македонска држава на сметка на Грција.

Трајан Гицев – војник од Сремскиот фронт, ќе рече:

- Ние таа вечер, не спиевме кога слушнавме дека нешто ќе има. Ама после чув дека генерал Михајло Апостолски ја смирил ситуацијата.


Генерал Михајло Апостолски за Бунтот на Скопското кале во јануари 1945, вели:

- Тогаш, Господ да не му даде кој не сакал Македонија да биде цела. Но, знаете ли што ќе се случеше ако тргневме на Солун? Тогаш ќе ја изгубевме Македонија. Знаете ли какви сѐ договори беа направени меѓу сојузниците? Ние не можевме да ја задржиме сојузничката (грчка и британска) војска на границата, а ќе ги упропастевме и оние придобивки коишто веќе ги имавме.


М-р Кирил Донски, исто така сведок на настаните на Скопското кале, раскажува:

- Бев со Михајло Апостолски... Тоа беше непријателска игра, за ние да ги нападнеме сојузниците. Во Грција имаше 2 англиски дивизии... Но, војниците беа национал-патриоти, а на некои и не им се одеше на Сремски фронт.


Мошне интересни се и објавените материјали - сеќавања од директните учесници во настаните од 1945 год. објавени во дневниот весник „Нова Македонија" во март 1991 година и тоа од Михајло Апостолски, Киро Бардаров од Струмица - еден од осудените на смрт, на процесот во врска со настаните од 7 јануари, Тодор Урдов од Дојран - осуден на временска казна, Стојан Козаров, осуден на смрт, Мите Ефтимов, осуден на временска казна, Илија Ѓозов од Радовиш, началник на штабот, Ристо Таневски, командир на батерија, Иван Штериев, командант на артериска бригада, Никола Коцевски Параспуров, заменик конандир на батерија и други. Секако, интересно е искажувањето на академик проф. Александар Т. Христов, којшто во процесот на судењето се јавува, во својство на обвинител, изнесено на таркалезната маса посветена на настаните во Скопското кале, одржана во Скопје на 8 март 1991 година и други. Во Архивот на Македонија, до пред некоја година стоеше на располагање, микрофилмот под сигнатура „Ми 1371", кој содржи 141 архивска единица, за настаните на Скопското кале.

Жртвите на Сремски фронт[уреди | уреди извор]

Војници Македонци сепак биле испратени на Сремскиот фронт. Историчарката Виолета Ачкоска пренесува сознанија дека србо-црногорските команданти намерно ги жртвувале Македонците - бунтовници од Калето. Има сведоштва и дека некои биле убиени уште на патот до Срем.

Многу е потресителен исказот на еден сведок, за едно момче кое (српско-црногорските команданти) го извадиле од бригадата, некаде кон Ниш, како учесник во настаните (бунтот на Калето) и барале доброволец да го убие. Никој од бригадата не се јавил. На крај излегол еден и го застрелал во главата.


Единствена вина на Македонците било тоа што не ја чувствувале Југославија како своја земја и сакале една независна, обединета Македонија. На Сремскиот фронт, којшто на повеќе начини не бил наша, македонска борба, во рамки на 15. Македонски народноослободителен ударен корпус, загинале 1.674 лица, околу 3.400 биле ранети, а 378 војници и старешини биле исчезнати. [5]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Настаните на Скопското Кале на 7 јануари 1945 година - Документи“, Институт за национална историја, Скопје, 1997 г.
  2. „Настаните на 7 јануари 1945 во артилереските бригади во Скопје" - Зборник со материјали од научниот собир посветен на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, 1941-1945, МАНУ, Скопје, 1997, стр. 113-123.
  3. „Јануарскиот масакар и вистината за него", дел 1, „Македонско време", бр. 32 за 1997, стр. 35-39.; „Јануарскиот масакар и вистината за него", дел 2, „Македонско време", бр. 33, за 1997, стр. 30-35.
  4. „Јануарските настани на Скопското кале - 1945", Зборник на документи, издание на Архивот на Македонија, Скопје, 1997, стр. 298.
  5. Милорад Гончин: „Во рововите на Срем“