Итало Калвино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Итало Калвино (италијански: Italo Calvino) (15 октомври 1923, Сантјаго де Лас Вегас, Куба - 19 септември 1985, Сиена, Италија) бил италијански писател.

Итало Калвино

Биографија[уреди | уреди извор]

Калвино е роден во Сантјаго де лас Вегас, во близина на Хавана, Куба, каде што неговите родители, Марио и Евелина Калвино, работеле во научна лабораторија како ботаничари. Набрзо потоа, семејството се вратило во родната Италија, каде Итало Калвино го поминал поголемиот дел од својот живот. Младоста ја минал во Сан Ремо, но неговото мирно детство било прекинато со доаѓањето на Втората светска војна. Во тоа време, тој се запишал на Земјоделскиот факултет во Торино, при што ја продолжил семејната традиција. Сепак, тој се интересирал за политиката, при што неговите левоориентирани определби биле причина неколку месеци да помине во илегала, бидејќи не се јавил на мобилизацијата. Се зачленил во Комунистичката Партија на Италија (којашто ја напуштил во 1957 година) и поминал неколку месеци како партизан во бригадата „Гарибалди“. По војната, своите студии ги продолжил на Филолошкиот факултет во Торино, каде дипломирал во 1947, со теза посветена на делото на Џозеф Конрад.[1]
По Втората светска војна, Калвино најпрво работел во издавачката куќа „Еинуди“, најпрвин како аквизитер, потоа како рекламен агент, и најпосле како уредник, заедно со Павезе и Елио Виторини. Со оваа издавачка куќа, со одредени прекини, Калвино соработувал како писател, стручен соработник и уредник, сè до 1981 година.[2]
Калвино често патувал: во 1951 година го посетил СССР, во 1959 година бил во Њујорк, во 1964 година ја посетил Куба (каде што се оженил со Естер Џудит Сингер и го запознал Че Гевара), а во 1976 година пропатувал во различни земји, држејќи притоа предавања на универзитетите во САД, Мексико и Јапонија.[3]

Творештво[уреди | уреди извор]

Својот прв расказ „Аретуза“, Калвино го објавил благодарение на своето пријателство со Чезаре Павезе, по што ја започнал соработката со списанијата „Л’Унита“, „Политекнико“ и други. Подоцна, расказите објавени во овие списанија влегле во збирката „Последен доаѓа гавранот“ од 1949 година. Во тоа време, тој ја започнал и соработката со издавачката куќа „Еинуди“ која, со одредени прекини, траела до 1981 година.[4] Првиот роман, и воедно обид да се зафати со подолги форми, Калвино го објавил во 1946 година. Тоа е романот „Патека до гнездата на пајаците“, за кој во 1947 година, ја добил наградата „Ричоне“. Следувал проектот „Италијански бајки“, кој претставува избор и превод на ралични дијалекти на 200 бајки. По овој проект, Калвино ја напишал трилогијата „Нашите предци“ (1960 година), составена од три кратки романи: „Преполовениот виконт“, „Баронот на дрво“ и „Рицарот што не постои“. Раскажувачката дејност ја продолжил со книгата „Раскази“ (1958 година), наградена со „Багута“. Во 1963 година ја објавил и збирката раскази за деца „Марковалдо или годишни времиња“, кој е преведена и на македонски јазик. Во 1965 година следувало делото „Космикомичните приказни“, а две години подоцна и втората книга на овие приказни наречена „Т со нула“, за која одбил да ја прими наградата „Вијареџо“.[5]

Во 1968 година, Калвино учествувал на два семинари со Ролан Барт и почнал да се занимава со семиологија, а од неговиот престој во Париз значајно е неговото пријателство со Рејмон Кено и со членовите на групата УЛИПО, чијшто член станал во 1972 година. Како резултат на оваа соработка, во 1969 година ја објавил првата, а во 1973 година и втората верзија на „Замокот на вкрстените судбини“. Во 1972 година се појавила збирката раскази „Невидливите градови“, по што следувал период во кој Калвино напишал голем број на статии и раскази за познатиот весник „Кориере дела сера“. Во 1979 година го објавил и романотАко една зимска ноќ некој патник“ (преведен на македонски јазик). Овој роман доживеал огромен успех, како во Италија, така и надвор од неа. Следната година, Калвино се преселил во Рим и ја објавил збирката статии „Уште еден камен - размислувањата за литературата и општествениот живот“, додека во 1983 година излегла збирката „Паломар“. Во 1984 година, по покус престој во Аргентина, ја објавил книгата со есеи и статии „Збирка од песок“ и проширеното издание на „Старите и нови космикомични приказни“.[6] [7]

Калвино умрел во 1985 година, во Сиена, не успевајќи да ги заврши белешките за серија предавања на Универзитетот во Харвард, кои, во редакција на неговата сопруга, биле објавени постхумно под наслов „Американски предавања“ (1988), како и незавршената збирка раскази „Под сонцето на јагуарот“ (1986). Други постхумно објавени дела се: „За бајката“ (1988), збирката автобиографски раскази „Улицата до Сан Џовани“ (1990), преписката со другите писатели „Туѓите книги“ (1991), изборот од есеи за негови најомилени посатели „Како да ги читам класиците“, збирката со куси раскази и статии „Пред да кажам молам“ (1993), „Пустиникот од Париз“ и други.[8]

Во неговото богато творештво се вбројуваат и текстовите за музиката, театарот, соработките со филмските списанија, разни есеи и многу други ангажмани.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226.
  2. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226.
  3. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 227.
  4. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226.
  5. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226.
  6. Italo Kalvino, Naši preci, Paideia, Beograd, 2007.
  7. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226-227.
  8. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 227.