Космикомики

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Космикомики“ (италијански: Le Cosmicomiche) — збирка раскази на италијанскиот писател Итало Калвино, првобитно објавена во 1965 година, во Торино.

Содржина[уреди | уреди извор]

Првото издание на „Космикомики“ било објавено во ноември 1965 година, во издание на издавачката куќа „Einaudi“ од Торино.[1] Подоцна, одвреме-навреме, Калвино продолжил со пишување нови „космикомики“, објавени во збирката „Т со нула“ и во други изданија, а собраните „космикомики“ се објавени подоцна.[2] Во првото издание од 1965 година биле застапени следниве раскази:[3]

  • Месечината се оддалечува!
  • Како настана денот
  • Знак во космосот
  • Сè во една точка
  • Свет без бои
  • Игри без граници
  • Водениот дедо
  • Ајде да се обложиме
  • Диносауруси
  • Обликот на космосот
  • Светлосни години
  • Спирала

Меѓу новите „космикомики“, кои не се наоѓаат во изданието од 1965 година, се:[2]

  • Месечината како печурка
  • Ќерките на Месечината
  • Метеорити
  • Небо од камен
  • Додека трае Сонцето
  • Сончева бура
  • Школките и времето
  • Сеќавањето на светот
  • Ништо и безначајно мало
  • Имплозија

Најпосле, во збирката „Т со нула“ била обајвени следниве „космикомики“:[2]

  • Меката Месечина
  • Потеклото на птиците
  • Кристали
  • Крвта и морето
  • Митоза
  • Мејоза
  • Смрт

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Според објаснението кое го дал Калвино во интервјуата што се појавило во неколку весници, насловот „Космикомики“ настанла како комбинација на придавките „космичко“ и „комично“. На тој начин, авторот сакал со еден збор да го искаже неговиот однос кон древното при што комичното служи како филтер кои им е потребен на луѓето за да се соочат со големите нешта. Притоа, тој се инспирирал од немите филмски комедии и од стриповите (comics). Инспирацијата за расказите му се појавила откако прочитал некои дела од областа на космогонијата, астрономијата, теоријата на релативноста и еволуцијата, но додека ги читал овие дела, тој не планирал да ги искористи за своите идни раскази. Ист така, Калвино наведува дека зад „космикомиките“ стојат, во прв ред, Леопарди, цртаните филмови, како што се оние за Попај, а потоа Семјуел Бекет, Џордано Бруно, Луис Керол, Матиновото сликарство, а во некои случаи и Ландолфи, Имануел Кант, Борхес и Гранвиловите гравири. Еден од првите раскази што ги напишал бил „Знак во вселената“, првобитно објавен на 4 ноември 1964 година, во бројот XII на списанието „Il Caffѐ“. Притоа, уште од самиот почеток, авторот бил многу задоволен од расказот и се обидел уште повеќепати да го имитира. Според неговото признание, тој успеал да напише само уште еден расказ којшто претставува напредок во однос на „Знак во вселената“, а тоа бил „Спирала“ кој го смета за крајна точка на она што сакал да напише во „Космокомиките“, како и почетна точка на натамошната работа. Калвино ја отфрла тезата дека „Космикомиките“ претставуваат еден вид нова научна фантастика, зашто тие се обидуваат да имитираат некој „мит за постанокот“, а покрај тоа, разликата се состои и во односот меѓу научните податоци и фикцијата. Во своите раскази, Калвино се служи со научните податоци како со првична каписла со цел да излезе од вообичаените рамки на имагинацијата. Најпосле, според самиот автор, „Космикомиките“ се надоврзуваат на фантастиката од неговите романи, но и на неговите први воени раскази.[4]

Сместувајќи ги расказите во научнофантастична рамка, Калвино можеби сакал на човечката душа и на нејзините основни, па дури и банални, внатрешни случувања да им обезбеди трајност и универзалност. Притоа, тој се служи со научните податоци само како „првична каписла“ за излегување од вообичаените граници на имагинацијата и да зачекори „надвор од видливото, надвор од антропоморфната приказна“.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Intervju s autorom“, во: Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paideia, 2008, стр. 301.
  2. 2,0 2,1 2,2 Italo Kalvino, Nove kosmikomike. Beograd: Rad, 1999, стр. 87-88.
  3. Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paideia, 2008.
  4. „Intervju s autorom“, во: Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paideia, 2008, стр. 301-304.
  5. „O autoru, delu i prevodu“, во: Italo Kalvino, Nove kosmikomike. Beograd: Rad, 1999, стр. 87-88.