Ако една зимска ноќ некој патник

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Ако една зимска ноќ некој патник“ (италијански: Se una notte d'inverno un viaggiatore) е роман на италијанскиот писател Итало Калвино од 1979 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од следниве делови:[1]

  • I: Писателот му се обраќа на Читателот, кој штотуку ја купува неговата најнова книга. Притоа, авторот наведува дека книгата во потполност се разликува од неговите претходни дела и му дава некои совети во врска со читањето. Читателот зазема удобна положба и почнува да чита, нестрплив да ја открие содржината на романот.[2]
  • „Ако една зимска ноќ некој патник“: Еден човек пристигнува на железничка станица во мал провинциски град, со задача да му го предаде својот куфер на друг човек кој не се појавува. Затоа, тој влегува во станичното бифе каде почнува разговор со една жена, а подоцна во бифето влегува полицаец, кој му соопштува дека примателот на куферот е убиен, му наредува веднаш да си замине и го испраќа до перонот на кој застанува експресниот воз.[3]
  • II: Откако веќе прочитал триесетина страници од книгата, Читателот открива дека дејствието се прекинува поради печатарска грешка. Утредента, тој ја враќа книгата во книжарницата, а продавачот му соопштува дека, по грешка, во романот на Калвино е вметнат текстот од сосема друга книга, дело на некој полски писател. Меѓутоа, заинтригиран од прочитаното, Читателот ја зема книгата на полскиот писател. Истовремено, во книжарницата, тој запознава девојка која е голема љубителка на книгите. Кога се враќа дома, Читателот открива дека во рацете држи сосема поинаква книга во споредба со онаа која ја читал претходниот ден.[4]
  • „Заминувајќи од населбата Малборк“: Во едно мало место во Полска, момчето Грицви се подготвува да замине на имотот на господинот Каудерер, кој пак го донел својот син Понко во домот на Грицви. Додека Понко ги става своите работи во неговата соба, Грицви ја здогледува фотографијата на непозната девојка, успевајќи да го прочита нејзиното име - Цвида Оцкарт. Тогаш почнува остра тепачка меѓу Понко и Грицви, кој е вознемирен поради тоа што Понко ќе му ја преземе собата и поради опасноста да ја освои девојката која му се допаѓа. Истовремено, Грицви е возбуден од можноста да ја запознае Цвида. Непосредно пред да го напушти домот, Грицви дознава дека веќе подолго време постои крваво непријателство меѓу семејствата Каудерер и Оцкарт.[5]
  • III: Читателот продолжува со читањето на книгата и утврдува дека во неа има празни страници. Тој ѝ се јавува на девојката од книжарницата (Људмила), а таа му договара средба со еден професор на универзитетот. Меѓутоа, кога Читателот оди таму, Људмила не се појавува на средбата, а професорот почнува да му ја чита книгата „Наведнувајќи се над стрмниот брег“.[6]
  • „Наведнувајќи се над стрмниот брег“: Еден човек престојува на морскиот брег, во летувалиштето Петкво, каде редовно на плажата ја гледа Цвида. Еден ден, вработениот во метеоролошката опсерваторија, господинот Каудерер, го замолува да го замени во работата, зашто тој треба да отпатува некаде. Потоа, човекот стапува во контакт со Цвида за која открива дека секоја среда го посетува затворот. Цвида го замолува да ѝ купи сидро, со образложение дека сака да го скицира, но никој не сака да му продаде сидро. Неочекувано, Каудерер му закажува состанок на гробиштата. Утредента, човекот оди во опсерваторијата и таму затекнува избеган затвореник, кој го замолува да ја извести Цвида.[7]
  • IV: Во кабинетот се појавува и Људмила, а професорот им соопштува дека романот „Наведнувајќи се над стрмниот брег“ е недовршен. Но тогаш, во кабинетот влегуваат сестрата на Људмила, Лотарија, и друг професор, канејќи ги на дебатата за романот „Без страв од ветрот и од вртоглавицата“ за кој тврдат дека е продолжение на претходниот, само напишан на друг јазик.[8]
  • „Без страв од ветрот и од вртоглавицата“: Дејствието на романот се одвива за време на неименувана револуција. Додека луѓето се обидуваат да влезат во градот преку железниот мост, Алекс ја запознава Ирина која има вртоглавица. Подоцна, тој го посетува својот другар Валеријано и таму повторно ја среќава Ирина, која му се заканува со револвер. Тројцата стануваат неразделни, па дури имаат и заеднички сексуални односи. Алекс, пак, има тајна задача да открие кој е уфрлениот шпион во револуционерниот комитет. При една заедничка средба, Алекс наоѓа лист хартија кај Валеријано на кој е напишано неговото име и така дознава дека е осуден на смртна казна, како предавник.[9]
  • V: И книгата „Без страв од ветрот и вртоглавицата“ се прекинува, според објаснувањето на Лотарија, поради тоа што таа била поделена на повеќе делови кои се наоѓале кај студентите. За конечно да ја расчисти мистеријата околу сите претходни недовршени книги, Читателот оди во издавачката куќа каде разговара со д-р Каведања, кој му објаснува за бројните недоразбирања и грешки кои се случиле при печатењето на сите наведени книги. Истовремено, тој му дава фотокопија од ракописот на сосема друга книга, која Читателот почнува да ја чита.[10]
  • „Фрли поглед надолу каде што сенката се згуснува“: Во Париз, еден човек со сомнително минато, познат како Руди Швајцарецот, и девојката со име Бернадет се обидуваат да се ослободат од трупот на Жожо, кого го убил Руди во договор со Бернадет. По неколку неуспешни обиди, тие го ставаат телото на Жожо во пластична вреќа и го фрлаат од покривот на една зграда со намера неговата смрт да изгледа како самоубиство. Меѓутоа, кога се враќаат на приземјето, таму ги чекаат тројца луѓе кои ја познаваат Бернадет. Тогаш, еден од нив од вреќата го извлекува чевелот на Жожо.[11]
  • VI: Каведања му го дава на Читателот писмата на преведувачот Ермес Марана, основачот на некоја тајна организација која ги одземала започнатите романи. Заинтригиран од авантурите на Марана, Читателот почнува да го чита романот споменат во писмата.[12]
  • „Во мрежата од линии што се преплетуваат“: Еден доцент е опседнат од ѕвонењето на телефоните мислејќи дека секогаш го бараат него. Додека трча низ градот, тој слуша како ѕвони телефонот во една куќа и се јавува. Непознат глас му кажува дека на одредена адреса се наоѓа киднапираната девојка Марџори. Доцентот се присетува на својата студентка Марџори за која дознава дека веќе два дена не доаѓа на настава. Затоа, тој оди на наведената адреса и таму ја здогледува токму неа. Откако ќе ја спаси, Марџори го навредува.[13]
  • VII: Читателот оди во станот на Људмила при што дознава дека порано таа живеела со Марана и дека женските ликови во неговите писма се однесуваат на неа. Потоа, Читателот и Људмила водат љубов, а тој почнува да чита нова книга.[14]
  • „Во мрежата од линии што се пресекуваат“: Еден успешен бизнисмен, сопственик на повеќе фирми, се плаши од киднапирање, па презема мерки за безбедност. Истовремено, тој е опседнат со оптичките трикови и дома има соба со огледала кои го умножуваат неговиот лик. Во една прилика, него го киднапираат, но за чудо, го носат во неговиот дом и го затвораат во собата со огледала. Во собата ја здогледува и љубовницата, а кога во собата влегува неговата сопруга, тогаш сфаќа дека таа е киднаперот. Заробен во собата со огледала, тој повеќе не е сигурен кој е неговиот вистински лик.[15]
  • VIII: Во оваа глава се дадени извадоци од дневникот на прославениот писател Сајлас Фланери во кој го опишува незадоволството од својот начин на пишување и желбата да се оддели од своето Јас и да напише сосема поинаква книга; во тоа време, тој се наоѓа во едно место во Алпите и секој ден набљудува некоја непозната девојка како чита, посакувајќи да напише книга која ќе ја чита таа; притиснат од издавачките куќи, кои му бараат нови наслови, Фланери се измачува и не е способен да пишува; еден ден, него го посетува преведувачот Марана, соопштувајќи му дека во Јапонија се појавиле фалсификати од неговите книги; другпат, кај него доаѓа Лотарија, која пишува теза за неговото творештво, а потоа го посетува и девојката која ја набљудува - Људмила и продолжува да се гледа со неа; најпосле, него го посетува и Читателот кому му дава да прочита една нова книга; по средбата со него, Фланери добива идеја да напише роман кој се состои само од почетоците на повеќе романи и во него да се зборува за еден читател и за една читателка.[16]
  • „На тепихот од лисје осветлени од месечината“: Ученикот на професорот Океда посакува да го напушти за да почне академска кариера. Истовремено, него го привлекува ќерката на професорот, Макико. Во една прилика, тој случајно почнува сексуален однос со сопругата на професорот, а тој чин го набљудуваат Макико и професорот Океда. Тогаш, на ученикот му станува јасно дека никогаш не ќе може да се оттргне од својот професор.[17]
  • IX: Читателот лета со авион кон Атагвитанија со намера да го пронајде Марана за кого се сомнева дека стои зад сите недовршени книги. На аеродромот, полицијата му ја одзема книгата „На тепихот од лисје осветлени од месечината“ која е на списокот на забранети книги. Меѓутоа, една девојка, која личи на Лотарија, му дава друга книга. Наскоро, тој е уапсен и затворен, а притоа во повеќе наврати ја среќава истата девојка, која секогаш има различни имиња. Во затворот, тој почнува да ја чита книгата „Околу празниот гроб“, а еден ден го носат во лабораторијата со машини за меморирање на книгите. Таму, тој има сексуален однос со девојката.[18]
  • „Околу празниот гроб“> Непосредно пред да умре, Дон Анастасио Самора му кажува на синот Начо да оди во селото Окедал за да ја запознае својата мајка од која бил одделен уште како новороденче. Патем, Начо јава паралелно со друг човек со кого се обидува да воспостави контакт, но тој не му одговара. Во селото, Начо оди во куќата на татко му и таму разговара со слугинката Анаклета Игерас и со домаќинката Хасмина. Притоа, за двете помислува дека се неговата мајка, но ниту една не сака да му ја открие вистината. Тогаш, Начо дознава заедна песна во која се пее за татко му, а Анаклета му ја раскажува случката опеана во песната: Кога неговиот татко посегнал по Анаклета, нејзиниот брат Фаустино го предизвикал на двобој; двајцата ископале празен гроб и почнале да се борат со ножеви; татко му победил и го напуштил селото, но кога подоцна го откопале, гробот бил празен; тогаш, околу гробот се појавил човекот кој го видел Начо на патот кон Окедал; тој се претставил како Фаустино и го предизвикал Начо на двобој.[19]
  • X: Испратен од власта во Атагвитанија, Читателот заминува во Ирканија. Таму се среќава со директорот на полициската архива, Аркадијан Порфирич кој му раскажува за меѓународната соработка на тајните служби, за сеопфатната цензура и за апсењето и ослободувањето на Марана. Од него, Читателот дознава за новата книга што ја пишува писателот Анатолин и набргу се среќава со него. Анатолин му дава делови од романот, но токму во тој миг го апси полицијата.[20]
  • „Која приказна таму долу го чека својот крај?“: Еден млад човек го набљудува градот и си замислува дека го брише целиот свет; во неговата фантазија, во пресрет му доаѓа саканата девојка, Франциска, но патот му го препречуваат службениците од Одделот Д кои, исто така, работеле на бришењето на светот. Тогаш, тој се обидува пак да го врати избришениот свет, но без успех. Затоа, почнува да трча кон Франциска, меѓутоа земјата почнува да се расцепува и насекаде се отвораат огромни провалии. Наеднаш, тој ги отвора очите и ја здогледува Франциска која ја кани во блиската кафетерија.[21]
  • XI: Читателот оди во библиотеката барајќи ги недовршените романи кои сака да ги прочита, но сите барани наслови се недостапни од различни причини. Тој почнува разговор со неколку други читатели, кои ги изложуваат своите погледи за смислата на читањето. Наеднаш, тој сфаќа дека сака да се ожени со Људмила.[22]
  • XII: Читателот и Читателката лежат во брачниот кревет читајќи ги своите книги. Таа ја гаси светилката, а тој завршува со читањето на романот „Ако една зимска ноќ...“ на Итало Калвино.[23]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Романот „Ако една зимска ноќ...“ е посветен на Даниеле Понкироли.[1] Во него, Калвино, всушност, му нуди на читателот десет посебни, недовршени приказни (романи) со нови ликови и настани или со истите ликови, но со целосно изменета фабула. Според зборовите на Калвино, намерното прекинување на приказните не значи дека имал намера да пишува за „незавршеното“ во книжевноста, зашто во романот станува збор за „завршено со помош на прекин“, за „завршено со скриен и нејасен крај“, бидејќи „живееме во свет со започнати и незавршени приказни“. Токму поради тоа, во секоја од одделните проказни, Калвино го запира раскажувањето на најинтересното место, оставајќи го читателот да се запраша, како ќе заврши. Уште повеќе, со ваквата постапка, авторот настојува да постави бројни прашања поврзани со процесите на пишувањето и на читањето, како што се: Од каде потекнува задоволството од читањето на некоја книга? Дали може несовршениот поединец да напише сеопфатна книга? Како постојано да се задржи вниманието на читателот? Што бара читателот од книгата и како то аочекување влијае врз впечатокот што таа ќе го остави врз него?[24]
Во едно предавање одржано во Буенос Аирес неколку години по објавувањето на романот, Калвино го дал следново објаснување: „Значи, морав да напишам почетоци на десет романи од измислени автори, сите на некој начин поинакви од мене и исто така различни меѓу себе; еден роман изграден врз сомнежи и збркани впечатоци; еден изграден врз цврсти и жестоки впечатоци; еден инстроспективен и симболичен; еден револуционерен и егзистенцијален; еден цинично-брутален; еден со опсесивни мании; еден логичен и геометриски; еден еротско-перверзен; еден телурско-исконски; еден апокалиптично-алегориски.“[25]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

За првпат, романот бил објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Темплум“, како 28. книга од библиотеката „Магма“.

Во 2012 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Магор“, во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, финансиран од Владата на Република Македонија. Преводот од италијански јазик го извршила Лилјана Узуновиќ, која го напишала и поговорот кон романот, насловен „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, Сузана В. Спасовска ја направила јазичната редакција, а Кочо Фиданоски е автор на корицата. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-223-107-5. Книгата е со димензии од 20 сантиметри, во тврд повез и со обем од 230 страници. Таа била испечатена во печатницатаБато енд дивајн“ од Скопје, во тираж од 1.000 примероци; техничкото уредување било извршено во „Магор“; додека доработката била направена во „Абакус комерц“ од Скопје.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012.
  2. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 7-13.
  3. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 15-28.
  4. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 29-37.
  5. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 38-45.
  6. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 46-57.
  7. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 58-71.
  8. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 72-80.
  9. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 81-93.
  10. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 94-105.
  11. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 106-118.
  12. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 119-135.
  13. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 136-143.
  14. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 144-164.
  15. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 165-172.
  16. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 173-203.
  17. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 204-215.
  18. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 216-226.
  19. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 227-239.
  20. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 240-249.
  21. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 250-258.
  22. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 259-265.
  23. Italo Kalvino, Ako jedne zimske noći neki putnik. Beograd: Paideia, 2001, стр. 266.
  24. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 223-224.
  25. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 224.