Урбанизам

Од Википедија — слободната енциклопедија

Урбанизам — дисциплина која се занимава со решавање на задачите од областа на планирањето и уредувањето на населените места. Етимолошкиот корен на зборот урбанизам доаѓа од латинскиот збор urbs (македонски: град).

Главни задачи на урбанизмот се создавање и одржување на ред и структура во населените места, како и обезбедување на систематски и координиран развој. Задачите на урбанизмот опфаќаат сложен комплекс од социјални, економски, инженерски, архитектонски, правни и проблеми поврзани со животната средина.[1]

Урбанизмот во една држава е детерминиран од општественото уредување, степенот на развој на производствените сили, културата и науката, природно-климатските услови, и националните особености на државата.[2]

Како цели на урбанизмот можат да се набројат: создавање на ред во населените места, реконструирање на делови од градот кои се нефункционални, создавање на еднакви возможности, стимулирање на развој и економски подем, зголемување на нивото на пристап (поврзување на инфраструктура и јавен транспорт со важни институции и јазли во урбаните места), создавање на компактни населби, зголемување на продуктивноста и ефикасноста на населените места, спречување на неконтролиран развој преку користење на контролни механизми.[3]

Основни области на урбанизмот како наука се планирање на просторот и уредување на просторот.

Историски развој на урбанизмот[уреди | уреди извор]

Во древниот свет[уреди | уреди извор]

Рушевини од древен град по течението на реката Инд.

Првите обиди да се воспостави некаков ред во планирањето и градењето на населените места датираат уште од средината на 3. милениум п.н.е. во градовите на древните цивилизации кои се протегале по долината на реката Инд (2500-1500 п.н.е.). Сите овие градови имале правоаголна улична мрежа како и отворени пространства (плоштади).

Рушевини од градот Вавилон во 1932.

Во Древниот Египет, Месопотамија, како и во други делови од древниот свет при планирањето на градовите се применувало разделување на градот на неколку геометриски правилни четврти (квартали), зонирање по социјално-економски признак (на пр. градот Кахун, во древен Египет во почетокот на 2-от милениум п.н.е.), определување на главна улица на градот (на пр. улицата посветена на божицата Иштар во Вавилон, во 7 век п.н.е.), создавање на примитивни водоводни и канализациски системи, и др.[4]

Хераклеја Врскаестис, Република Македонија.

Во урбанизмот во Древна Грција, при планирањето на градовите многу вешто се земале предвид местните природни услови и се потенцирало значењето на Агората и Акрополот (местата на концентрација на политичкиот и религиозен живот) како центри на градот. Овие урбанистички принципи најверојатно водат корени од Истокот и се прифатени како норми на урбанизмот во древна Грција (видете Хиподам Милетски, а во епохата на елинизмот широко се распострануваат поголем дел од тогашниот познат свет.[4]

Во книгата „Обредите на Џоу“ (3 век п.н.е.) можат да се најдат најдетални сведоштва за урбанизмот во Кина за периодот помеѓу 11 век п.н.е. и 3 век п.н.е. Во книгата се опишува како главниот град Луојанг бил планиран во квадратна форма, со девет вертикални и девет хоризонтални улици кои го делеле градот на четврти (квартали), а во самиот центар се наоѓал дворецот на владетелот.

Еден од најстарите примери за урбанистичко планирање во Кина.

Кај урбанизмот во Древниот Рим се забележува тенденција сите населени места да бидат претходно планирани (на пр. градовите Помпеја, Тимгад, Остија и др.). Римјаните создавале крупни системи за водовод и канализација, граделе плоштади и ги озеленувале улиците. Во Рим се појавил и првиот обид за систематизирање на урбанистичките норми и обичаи (во трудовите на Витрувиј во 1 век п.н.е.) преку формулирање на различните прашања од елинистичката и римската теорија во планирањето на градовите и архитектурата.[4]

По претходно определен план се граделе и културните центри во државите на древните Индијанци во Америка (на пример, архитектурниот комплекс Теночтитлан во Мексико, 2 век п.н.е.).

Во 5 век од н.е. во Индија бил составено делото „Шилпашастра“, кое служело како прирачник при раководење на изградбата на градовите.

Од сите овие примери се гледа дека уште државите од древниот свет користеле претходно утврдени норми и принципи при градењето на градовите, кои вклучувале архитектурно-уметнички естетски квалитети со цел да се создадат убави градови во кои граѓаните ќе се чувствуваат достоинствено, а во исто време да се потенцира и величието на владеечката класа.

Среден век[уреди | уреди извор]

Средновековниот утврден град Каркасон, Франција.

Во средновековието западноевропските градови биле опкружени со моќни, утврдени, камени ѕидови. Внатре во ѕидините, во самиот центар на градот се наоѓал замок на владетелот, црква или трговски плоштад (пазар) а меѓу центарот на градот и бедемите по тесни и криви улици биле расположени домаќинствата на жителите на градот. Со порастот на населението на градот, новите населби се ширеле радијално надвор од ѕидовите на градот и наскоро се правеле нови градски појаси на утврдување. Паралелено со претходните градски ѕидови се формирале тркалезни (прстенести) улици кои во комбинација со радијалните улици кои се протегале од центарот на градот и се ширеле нанадвор го определиле карактерот на средновековните европски градови, а имено радијално-прстенестата структура. Средновековните градови во Европа долго време биле лишени од секаков вид на комунални сервиси. Ограниченоста на територијата, заштитена со градски ѕидови, стимулирала интензификација на населените места (зголемување на густината на населението) и градење на повеќекатни станарски и општествени згради.[4]

Главната порта на кремљот во Тула, Русија.
Самуиловата тврдина во Охрид, Република Македонија.

Во Источна Европа, поготово во Русија, градовите биле градени по сличен принцип, што за разлика од западноевропските замоци, кои биле претежно заштитени домови на феудалците, руските кремли биле многу поопширни (ако стандардниот западноевропски замок опфаќал 2 до 4 хектата, руските кремли често опфаќале територија до 10,5 хеткара) и претставувале административно-политички и религиозни центри, градовите каде што освен домот на феудалецот и вишиот религиозен клерк, биле поместени и главните цркви, плоштади, складови со оружје, и намирници.[4]

Во источна Европа како и на Балканскиот Полуостров градењето на утврдени градови и манастирски комплекси (последните играат особено важна улога во средновековниот живот на територијата на Македонија и целиот балкански регион), добило особено голем размер во периодот помеѓу 14-17 век.

Во средновековна Кина при градењето на многу градови се применувало регуларно планирање. Регуларните планови вклучувале крупни дворскии комплекси (Забранетиот Град во Пекинг и др.).

Ренесанса[уреди | уреди извор]

Планот на Микеланџело за плоштадот на Капитол, 1568.

Со почетокот на ренесансата во западна Европа, новите економски прилики, услови и социјални потреби стимулираат нови обиди да се воспостави ред во планирањето и уредувањето на населените места. Архитектите од ренесансата им даваат ново лице на европските плоштади (пр. плоштад Капитолски музеи во Рим, дизајниран од Микеланџело). Исто така се развивала и теорија на архитектурата (делата на Алберти, Паладио), а биле изработувани и проекти за т.н. идеални градови (В. Скамоци и др.) во коишто веќе не се земале предвид само задачите поврзани со одбраната, занаетчиството и трговијата, туку и удобноста на граѓаните. Но во пракса било направено малку (од страна на спроведување на плановите за идеален град).[5]

Плоштад Свети Петар во Ватикан, Рим.

Со концентрирањето на огромна политичка власт и материјални ресурси во рацете на апсолутистичките монарси во редица европски држави помеѓу XVII и XVIII век, како и со трансформирањето на Рим во главен град на апсолутистичка држава (Папската Држава) и духовен центар, се создаваат услови за започнувањето на огромни по својот размер градежни работи со прекрасни естетски фасади, кои биле насочени кон олицетворение на силата и величието на власта на кралевите и на католичката црква. Во тоа време почнуваат да се распространуваат парадни плоштади (плоштадот Св. Петар во Рим, 1657-1663, од архитект Л. Бернини). Исто така се појавува тенденцијата за радијално распространување на градските улици од главните градски плоштади (Версај, Пијаца дел Пополо во Рим, и др). Кон почетокот на 19 век пак се појавуваат широки отворени плоштади, кои биле во синхрон со градските улици и со кејови на реки (плоштад Конкорд во Париз, 1753-1775, проектиран од страна на архитект Ж. А. Габриел).[5]

Дворцевиот плоштад, со Зимниот дворец во Санкт Петербург.

По реформите на Петар I со големи размери почнало градењето на новите руски градови. Во 1703 бил основан денешниот град Санкт Петербург, а исто така и Одеса, Екатеринбург, Севастопол. Новите градови се граделе по претходно регулирани планови. Најдобар пример е градот Сакнт Петербург, за чие проектирање биле повикани најпознатите италијански архитекти. Во 1830 година во градот веќе бил создаден систем од опширни заемноповрзани плоштади кои биле центрите на градот. Новите асамблеји на плоштади и отворени пространства во новите руски градови немале аналогија никаде на друго место во светот. Во развојот на рускиот урбанизам најважна улога играле имиња како М. Г. Земцов, И. К. Коробова, И. Е. Старова и др.[5]

Во САД и другите неевропски држави поголемиот дел од градовите се граделе на основа на еднообразна правоаголна улична мрежа, која образува слични по големина четврти (квартали). Во Централна и Јужна Америка, по шпанските освојувања градовите кои биле формирани во новите колонии како Мексико, Перу и др., биле градени во согласност со „Законот за Индија“ воспоставен од шпанскиот император во 1523. Градовите имале правоаголна улична мрежа, а во центарот на градот иамло главен плоштад со црква и административни згради.

Индустриска револуција[уреди | уреди извор]

Илустрација на работничка населба во Лондон во 1870.

Индустриската револуција од 19 век предизвикала интензивен развој на капиталистичките општества и рапиден пораст на градовите во многу држави низ светот. Индустријализацијата за кратко време предизвикала миграција на огромен број луѓе во големите градови, што резултирало во урбанистички хаос. Фабриките биле често до станбените четврти, што довело до загадување на воздухот, реките и почвата, а работниците живееле во четврти во кои најчесто немале достап до основни комунални услуги.

Кон половината на 19 век дошло до подобрување на положбата на работничката класа, која преку притисок се изборува да бидат донесени серија од актови со кои се гарантира достап до комунални и здравствени услуги. Се донеле и актови со кои се гарантирале минимални стандарди за здомување на работниците. Оваа тенденција за првпат започнала да се развива во Англија. Со цел подобрување на општиот стихиен карактер во градењето на градовите во развиените капиталистички држави, биле донесени неколкуте планови за реконструкција на центрите на градовите како Лондон и Париз. Ваквата состојба го стимулирала зародишот на модернизмот како правец во архитектурата и урбанистичкото планирање. Во 20. години од 20 век преовладувале два главни теоретски правци во урбанистичкото планирање, како дезурбанизмот и уранизмот (овој правец добил широка распространетост со проектите на познатиот швајцарски архитект Ле Корбизје).

Модерен урбанизам[уреди | уреди извор]

Визија на Ле Корбизје за модерниот град.

Модернистичкото движење во урбанизмот се појавило како резултат од тенденцијата да се реши урбаниот хаос, настанат со трансформацијата на градските средини по почетокот на индустриската револуција. Модерното урбанистичко планирање имало за цел да воведе потполен ред во структурата на градовите во индустрискиот свет, со цел да ги направи поефикасни, порационални и похигиенични. Централна теза на модернистичкото движење во урбанизмот е дека просторната организација и симетричноста во урбанистичкото планирање ќе биде лек за социјалните болести.[6]

Принципите на модерниот урбанизам за првпат биле дефинирани во „Атинска повелба“ на Меѓународниот конгрес за модерна архитектура (CIAM) во 1933 година. Решенијата на конгресот се запишани и објаени од стана на Ле Корбузје во неговото дело Функционалниот град во 1943. Атинската повелба предложува решение на урбаните проблеми, давајќи насоки за планирање на функционални градови, коешто вклучува: домување на граѓаните во многукатни станбени згради, строго зонирање на просторот, разделување на различните зони со широки зелени појаси.[7]

Населбата Карпош 2 во Скопје е пример за модерен урбанизам.

Најдобар пример за ваквиот период во урбанизмот може да се види кај планот на Ле Корбузје за Париз. Во центарот на планот има плоштад со железничка станица, а околу него неколку високи обалкодери со трговски простории во подножјето, кои го формираат јадрото на градот. Околу јадрото на градот биле предвидени нискокатни паркови и озеленети пространства. Различни делови од градот биле поделени во различни зони, секоја од кои имала различна намена (на пример станбена зона, трговска зона, индустриска зона итн.).[8]

Модернистички урбанизам во Бразилија, Бразил.

Овие принципи добиле масовeн подем после Втората светска војна, особено во европските земји кои се стремеле да ги реконструираат уништувањата предизвикани од војната, и да здомат милиони бегалци и раселени лица. Принципите биле широко прифатени и во планирањето на градовите во САД, каде што миграцијата на работна сила од југ на север предизвикала урбана сиромаштија и неформални населби. Принципите на модерниот урбанизам од Атнската повелба биле прифатени и од страна на Советскиот Сојуз и другите источноевропски социјалистички држави, кои барале најефикасен и рационален начин за здомување на работниците. Атинската повелба е прифатена и од страна на држави во развој од Третиот свет кои оделе по патот на индустријализацијата откако се здобиле со независност, притоа сакајќи да ги избегнат грешките на европската индустријализација во 19 век.[6]

Класични примери за модернистичко планирање се реконструкцијата на градод Авр (1947-1956, проект на архитектот О. Пере), Лондон во 1944, Чандигар во Индија(1951-1956, архитект Ле Корбузје и др.), Бразилија во Бразил (архитект Л. Коста). Класичен пример за применување на модернистички принципи во урбанистичкото планирање може да се најде и во предлог деталниот план за Скопје по земјотресот, дело на архитект Кензо Танге.

Современи правци[уреди | уреди извор]

Хроничен сообраќаен застој во САД и покрај ширината на патот.

Во многу држави (особено во прекуокеанските држави како САД, Австралија и Јужна Африка), модернистичката теорија на планирањето со совојата фукционалност довела до создавање на населени места кои биле монофукционални, просторно сегрегирани едни од други и просторно стерилни[9] (на пр. станбените зони се одделени од трговските зони, здравствените објекти се одделени од другите трговски објекти и др). Дури и за најосновни потреби како купување на намирници или посета на лекар, огромниот дел од граѓаните во големите градови во САД требало да користат автомобил како превозно средство.

Монофункционалниот карактер на населените места во САД довеле не само до тотална зависност од автомобилски превоз[10] дури и за наједноставни активности кои на многу други места се извршуваат на пешачко растојание, туку и создаваат чувство на отуѓеност и социјална изолација и апатија.

Принципи на Новиот Урбанизам во Селебрејшн, Флорида

Друг проблем поврзан со урбаната форма на прекуокенаските држави е феноменот на ексурбанизација. Почнувајќи од крајот на 40. и почетокот на 50., повеќето од половина од населението на држави како САД и Канада се сели во предградија надвор од границите на градот. Овој процес во втората половина на 20 век конзумира огромни пространства со обработлива почва и зелени површини, притоа екстремно расширувајќи ја инфраструктурата на градот, конзумира и огромни средства за нејзино сервисирање како и за обезбедување на растечките потреби за нови јавни иституции и комунални сервиси во новите предградија.[11]

Овие нови предградија кои се резултат од ексурбанизацијата се исклучиво со екстремно мала густина и монофукнкционални, што води до екстремна зависност од автомобилски сообраќај заради неодржливоста на јавни транспортни системи заради слабата густина на населеност.[10] Како резултат од сето тоа масивните застои во собраќајот се секојдневна слика во големите градови во САД.

Баланс меѓу пешачки и автомобилски сообраќај во Радовиш, Република Македонија е пример за принципите на Новиот Урбанизам.

Како резултат од сообраќајниот хаос во огромните градови Северна Америка, Австралија и други држави како и заради растечките економски, социјални и проблеми со животната средина поврзани со монофункционалниот карактер на модернистичкиот урбанизам, во почетокот на 90.години во САД се зародува движењето за Нов урбанизам. Почетоците на движењето на Новиот Урбанизам се поврзуваат со имињата Леон Криер, Кристофер Александер и Андес Двејни. Ова движење кулинира во 1993 година со формирањето на Конгресот за Нов Урбанизам.

Принципите на Новиот урбанизам предвидуваат дизајнирање на населени места кои се компактни (кои имаат релативно голема густина на домаќинства на територија на еден хектар), во кои доминираат пешачки зони но кои во исто време се во баланс со јавен транспорт и со автомобилски сообраќај (стимулирање на транзитно ориентиран развој - населби во чиј центар е ситуиран важен сообраќаен јазол). Овие нови населби се предвидени да бидат мултифункционални, т.е. трговските активности, канцелариите како и услужните дејности да се интегррани во станбените зони, што би резултирало во намалување на зависноста од автомобилите како превозно средство и би придонело до создавање на чувство на припадност во заедница.[12]

Области на урбанизмот[уреди | уреди извор]

Главни задачи на Урбанизмот се создавање и одржување на ред и структура во населените места, како и обезбедување на систематски и координиран развој.

Урбанизмот како професија се состои од две заемно поврзани области, имено планирањето на просторот (т.е. теоретскиот дел кој вклучува подготовка на урбанистички планови во кои се концептуализира постоечката урбана форма како и се дава визија за идниот развој на просторот) и уредување на просторот (т.е. практичниот дел кој вклучува механизми за регулирање на развојот и спроведување на планираното во урбанистичките планови).[13]

Планирање на просторот[уреди | уреди извор]

Дел од серија статии по

Просторен план на РМ
Генерален урбанистички план
Детален урбанистички план
Урбанистички план за село
Урб. план вон населено место
Архи.-урб. проект
Урбанистички проект

Министерство
Сектор за урбанизам

Останато

Историја на урбанизмот
Агенција за прос. планирање
Терминологија


Под просторно планирање се подразбира процесот на планирање на структурниот и естетскиот распоред на земјиштето и градбите, со цел да се осигури просторна, економска и социјална ефикасност, здравје и благосостојба во урбаните и руралните населени места.[3]

Урбанистите при процесот на просторното планирање треба да ги земаат предвид не само потребите на поединецот, туку и на населеното место како цело. При планирањето на урбаната структура урбанистите обрнуваат внимание на неколку важни фактори, како на пример обезбедување на комунални услуги (електричество, вода, канализација итн.), локација на патна инфраструктура, локација на здравствени, социјални, образовни, владини и др. јавни установи, густина на населени места (ова е особено важно, затоа што ако густината на домаќинствата во населено место е премногу мала, тогаш јавниот транспорт таму е неодржлив), однос помеѓу користењето на земјиштето и јавниот транспорт со цел создавање на можности за поголем и побрз пристап на луѓето кон можности и различни делови од населеното место, мешовито користење на земјиштето (пр. комбинирање на станбени и трговски зони), и др.[13]

Во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, Законот за просторно и урбанистичко планирање на Република Македонија предвидува донесување на следниве планови:[14]

Уредување на просторот[уреди | уреди извор]

Под уредување на просторот се подразбираат мерките кои се преземаат од страна на локалните власти насочени кон регулирање на користењето на земјиштето, со цел да се ограничи неконтролираното ширење на градот како и да се стимулира развојот на просторот.[15]

Задачата на системот за уредување на просторот е спроведувањето во пракса на целите предвидени во урбанистичките планови.[13]

Државните органи кои се надлежни за спроведување на мерките поврзани со уредување на просторот се секторите (во некои случаи и одделенија) за просторно уредување во општините.

Уредувањето на просторот ги вклучува следните активности:[15]

  • Регулирање на измени во користење на земјиштето (на пример, презонирање на имот од станбена во трговска употреба).
  • Регулирање на условите и стандардите кои треба да се следат при градење на нови населени места, или реконструкција на постоечки.
  • Регулирање на субдивизијата и консолидацијата на земјешните парцели.

Македонскиот систем за просторно уредување одговара на големиот дел од проблемите поврзани со урбаната динамика, но постои потреба тој да биде реформиран и трансформиран од систем кој не само регистрира промена и одговара на предизвици, туку и систем кој го предвидува и го олеснува развојот. Ова може да биде постигнато преку стимулирање на создавањето на јавни-приватни партнерства, преку давање на стимулации за инвестирање во области каде што вакви инвестиции се најпотребни, итн.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Основы теории планировки и застройки городов - Я.В.Косицкий, Н.Г.Благовидова. Архитектура-С. Москва, 2007
  2. Справочник проектировщика. Градостроительство - В.Н.Белоусов. Стройиздат, 1978
  3. 3,0 3,1 "Town Planning Guidelines". Department of Public Works. Ottawa, 1974.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 История градостроительного искусства Архивирано на 31 јули 2010 г. (Рабовладельческий и феодальный периоды) - Татьяна Федоровна Саваренская. Москва, 1984
  5. 5,0 5,1 5,2 История градостроительного искусства. Поздний феодализм и капитализм - Татьяна Федоровна Саваренская. Москва, 1989
  6. 6,0 6,1 Themenportal Europäische Geschichte, The Athens Charter, Eli Rubin
  7. CIAM (Congres Internationaux d'Architecture Moderne), from here to MODERNITY
  8. A brief biography of the Swiss architect Le Corbusier Архивирано на 6 октомври 2009 г., from here to MODERNITY
  9. Guidelines for Human Settlement Planning and Design. 2000, CSIR Building and Construction Technology
  10. 10,0 10,1 Frumkin, Howard (May-June 2002). Urban Sprawl and Public Health
  11. What is Sprawl? Архивирано на 5 јануари 2010 г.. SprawlCity.org
  12. Charter of the New Urbanism - Congress for the New Urbanism, 1996.
  13. 13,0 13,1 13,2 "Metropolitan and Urban Area-Based Interventions (TPI 811)", Dr. Johnny Coetzee. Department of Town and Regional Planning, University of Pretoria, 2010.
  14. „Закон за просторно и урбанистичко планирање“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-05. Посетено на 2010-05-28.
  15. 15,0 15,1 "Land Use Management and Land Development (TPU 810)", Riana du Plessis. Department of Town and Regional Planning, University of Pretoria, 2010.
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Урбанизам“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).