Ле Корбизје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шарл-Едуар Жанере-Гри
„Ле Корбизје“
Ле Корбизје во 1933 г.
Роден(а) 6 октомври 1887
Ла Шо-де-Фон, Швајцарија
Починал(а) 27 август 1965
Рокебрин-Кап-Мартен, Франција
Националност Швајцарец / Французин

Ле Корбизје (француски: Le Corbusier) или кај нас само Корбизје е псевдоним на славниот француски архитект со швајцарско потекло, чие вистинско име било Шарл-Едуар Жанере-Гри (француски: Charles-Édouard Jeanneret-Gris). Роден е на 6 октомври 1887 во Ла Шо де Фонд (француски: La Chaux-de-Fonds) во Швајцарија, умрел на 27 август 1965. во Франција.

Ле Корбизје покрај архитект и теоретичар на архитектурата, бил и урбанист, сликар, скулптор и писател а познат е и како соосновач на пуризмот.

Раните години и образование, 1887-1913[уреди | уреди извор]

Ле Корбизје беше роден како Шарл-Едуар Жанере-Гри во Ла Шо де Фонд, мал град во северо-западна Швајцарија, во планинскиот масив Јура, кој е оддалечен само пет километри од француската граница.

Под влијание на Шарл Леплатение, кој учеше во Будимпешта и Париз, тој беше привлечен од визуелните уметности и учеше во уметничката школа во Ла Шо де Фонд. Негов професор по архитектура во уметничката школа беше архитектот Рене Шапалаз, кој имаше големо влијание врз првите куќи на Корбизје.

Во своите рани години тој често ја напушташе провинцијалската атмосфера на неговото родно место така што патуваше низ Европа. Во 1907 година тој замина за Париз каде што најде работа во канцеларијата на Август Пере, француски пионер во армираниот бетон. Помеѓу октомври 1910 и март 1911 тој работеше во Берлин за реномираниот архитект Питер Беренс, каде што веројатно се сретнал со Лудвиг Мис Ван дер Рое и Валтер Гропиус. Тука воедно и го научи германскиот јазик. Сите овие искуства имаа големи влијанија во неговата подоцнежна кариера.

Подоцна, во 1911 година Корбизје патуваше по Балканскиот Полуостров и ги посети Грција и Турција, исполнувајќи го скицникот со цртежи од тоа што го гледал, вклучувајќи многу значајни скици на Партенон, чии форми тој подоцна ќе ги величи во свето дело Vers une architecture (Кон новата архитектура)(напишано во 23 година).

Раната кариера: вилите, 1914-1930[уреди | уреди извор]

Корбизје предаваше во своето старо училиште во Ла Шо де Фонд во текот на Првата Светска Војна, не враќајќи се во Париз сѐ додека војната не заврши. Во текот на овие четири години во Швајцарија тој работеше во областа на теорија на архитектурата, од што произлегоа голем број на студии со модерен пристап. Помеѓу нив се наоѓа и проектот за куќата Дом-ино (1914-1915 година). Овој модел предлага отворена основа која се состои од бетонски плочи кои се потпираат на мал број тенки, армирано-бетонски столбови кои се распоредени околу рабовите на плочата, со скалишен простор кој обезбедува пристап до секое ниво само на едната страна од објектот.

Овој концепт стана темел за поголемиот дел од неговата архитектура во наредните десет години. Наскоро тој ќе започне своја сопствена архитектонска пракса со својот братучед Пјер Жанере (1896-1967), партнерство кое траеше до 1940 година.

Во 1918 година Корбизје се сретна со сликарот кубист Амеде Озенфан, во чии слики тој препозна сродна душа. Озенфан го охрабри за да слика и двајцата започнаа еден период на соработка. Отфрлајќи го кубизмот како ирационален и „романтичен“, двајцата заедно го објавија нивниот манифест Après le Cubisme (Пред кубизмот) и воспоставија ново уметничко движење - пуризам. Озенфан и Корбизје започнаа и со публикација на пуристичкото списание L'Esprit Nouveau.

Усвојувањето на псевдонимот, 1920[уреди | уреди извор]

Во првото издание на списанието, во 1920 година, Шарл-Едуар Жанере-Гри го усвои псевдонимот Ле Корбизје, видоизменета форма на мајчинското име на неговиот дедо "Lecorbésier", рефлектирајќи го неговото верување дека секој може повторно да се пронајде себеси. Усвојувањето на псевдоним за нечија иднетификација во тое време беше во мода кај уметниците во многу полиња, а особено кај уметнииците од Париз.

Помеѓу 1918 и 1922 година Корбизје не изгради ништо, концентрирајќи го своето внимание кон пуристичката теорија и сликањето. Во 1922 година Корбизје и Жанере отворија студио во Париз.

Неговите теоретски изучувања наскоро се претворија во неколку различни концепти за едносемејна куќа. Помеѓу овие се наоѓа и куќата "Citrohan", чие име претставуа игра на зборови инспирирана од францускиот производител на автомобили Ситроен, заради модерните индустриски методи и материјали кои Корбизје ги употребил во изградбата на куќата. Тука Корбизје предложил објект на три ката, со дневна соба со двојна висина, спални соби на вториот кат и кујна на третиот кат. Кровот е предвиден како проодна кровна тераса. На надворешноста на објектот Корбизје постави скали за да обезбеди пристап до вториот кат. Тука, како и кај другите негови проекти од овој период, тој ги дизајнира фасадите така што би можел да постави големи распони од непрекинати прозорски екрани. Куќата има правоаголна основа, со надворешни ѕидови кои не се исполнети со прозорци, оставени како бели, малтерисани простори. Корбизје и Жанере го оставија ентериерот како естетски слободен, со подвижен мебел направен од цевчести метални рамки. Внатрешните ѕидови исто така се оставени бели. Помеѓу 1922 и 1927 година Ле Корбизје и Пјер Жанере проектираа многу вакви приватни куќи за клиентите низ Париз. Во Болоња на Сена (француски: Boulogne-sur-Seine) и 16-от арондисмент на Париз, Ле Корбизје и Пјер Жанере ги проектираа и изградија Вила Липшитц (Villa Lipschitz), Вила Кук (Maison Cook), Вила Планис (Maison Planeix) и Вила ла Роше (Maison La Roche/Albert Jeanneret), во која сега се наоѓа Фондацијата Ле Корбизје.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Додека во 1929 година се враќаше од Јужна Америка во Европа, Корбизје се сретна со актерката и естраден уметник Жозефин Бејкер и направи неколку скици со нејзиното голо тело. Непосредно по неговото враќање во Франција, тој се ожени со шивачката и модел Ивон Галис. Таа почина во 1957 година. Исто така, познато е дека Ле Корбизје имал долгогодишна вонбрачна афера со шведско-американската наследничка Маргерит Тјадер Харис.

Ле Корбизје доби француско државјанство во 1930 година.

Смрт[уреди | уреди извор]

Спротивно од наредбите на неговиот доктор, на 27 август, 1965, Ле Корбизје замина на пливање во Средоземното Море, во Рокбрун-Кап-Мартен (француски: Roquebrune-Cap-Martin), Франција. Неговото тело беше пронајдено од околните бањачи и Корбизје беше прогласен за мртов во 11:00. Беше востановено дека почина од срцев удар, на возраст од 78 години. Неговата погребна церемонија се одвиваше во дворот на палатата Лувр, на 1 септември, 1965 година, по наредба на писателот и мислител Андре Малро, кој во тоа време беше министер за култура на Франција.

Смртта на Корбизје имаше силен удар на културниот и политичкиот свет. Неговата смрт одекна низ целиот свет, а признанија и почит за неговата работа му се доделуваа од сит страни на светот. Дури и еден од неговите најголеми уметнички противници, сликарот Салвадор Дали, ја призна неговата значајност. Исто така, тогашниот претседател на САД, Линдон Б. Џонсон рече: „Неговото влијание беше универзално, а неговите дела беа направени со квалитетот кој го поседувале многу малку уметници низ историјата“. Советскиот Сојуз додаде дека „Модерната архитектура го изгуби својот најголем мајстор“.

Неговиот гроб се наоѓа во Рокбрун-Кап-Мартен, помеѓу Ментон и Монако во јужна Франција.