Ендре Ади

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ендре Ади

Ендре Ади (унг. Ady Endre, 22 ноември 1877, Ерминдсент, Австроунгарија - 27 јануари 1919, Унгарија) е унгарски поет, еден од најважните поети на XX век, но и воопшто во историјата на целокупната унгарска литература.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ади е роден во Ерминдсент (град во денешна Романија кој се нарекува Едифалва на унгарски, односно Ади Ендре на романски и во двата случаи во чест на Ади), во Трансилванија, во осиромашено благородничко семејство.[1] Ендре бил постарото од двете деца. Посетувал едно протестантско училиште во Жила (денес Жалај, Романија), а потоа учел право во Дебрецен. Иако бил одличен студент, тој ги прекинал правните студии за му се оддаде на новинарството. Наскоро Дебрецен му станал здодевен (град кој подоцна ќе стане симбол за заостанатоста во неговата поезија) и се преселил во Наѓварад (денешен Орадеа, Романија), град со богат културен живот. Истовремено, Ади водел боемски живот, заглавувајќи во хронично пијанство. Тука, во унгарската провинција, тој дошол во допир со напредната граѓанска класа и добил одредени сознанија за случувањата во Европа, кои веднаш го привлекле.

Пресвртната точка во неговиот живот се случила во 1903 година, кога се запознал со една учена и отмена жена, Адела Брил (Госпоѓа Диоси), богата венчана жена која живела во Париз, но која повремено го посетувала својот дом во Наѓварад. Леда (како што Ади ја нарекол во своите песни) станала негова Муза. Таа го зела со себе во Париз, каде Ади го видел раскошниот живот, исполнет со пари, богатство и жени. Оттогаш, тој станал еден вид унгарски бегалец, разочаран од случувањата во Будимпешта, кој симболички го отфрлил своето благородничко потекло, нарекувајќи се себеси „благородник во опинци“. Меѓу 1904 и 1911 година, во период од седум години, Ади, исто толку пати ќе го посети Париз. Кога вратил оттаму по својата прва посета (која траела речиси една година), започнал да работи за весникот „Будимпештански журнал“ (Budapesti Napló), за којшто напишал повеќе од 500 статии и многу песни.

Заинтересиран за политика, Ади станал член на радикалната група „Дваесетти век“ (Huszadik Század). Во 1906 година била срушена унгарската влада, а бидејќи весникот во кој работел Ади пишувал во нејзина корист, тој одлучил да ја напушти земјата и повторно заминал во Париз. Во 1907 година, Ади бил принуден да ја напушти својата работа во „Будимпештански журнал“. Во 1908 година излегол првиот број на новото списание „Запад“ (Nyugat), заедно со една песна и есеј на Ади. До крајот на својот живот, Ади учествувал во одржувањето на овој месечник, кој станал собиралиште на најдобрите унгарски писатели, а во 1912 година станал уредник на списанието. Њугат е, без сомнение, најважното списание во историјата на унгарската литература. Сепак, бидејќи Њугат не се занимавал со политика, Ади не бил сосема задоволен, па почнал да пишува и за други весници. Тој бил особено критичен кон политичката ситуација која владеела во негово време. Го презирал национализмот на владеачките партии, но го критизирал и анти-национализмот на социјал-демократите; знаел колку Унгарија е назад во развитокот во однос на западните земји, но сепак ги забележувал и грешките на Западна Европа.

Во 1908 година, во Наѓварад, тој бил основач на литературната дружина „Утре“ (A Holnap), која издаде антологија во која биле застапени песни на Ади, Михај Бабич, Ѓула Јухас и Бела Балач. Од 1909 година, Ади често одел во санаториуми, зашто неговото психичко здаравје почнало да ослабува, како последица на неговиот хедонистички начин на живеење. Политичката ситуација во земјата станала критична, работниците протестирале и Ади можел да го предвиди доаѓањето на револуцијата. Неговиот личен живот исто така бил во криза - врската со Леда сè повеќе му станувала товар, бидејќи откако Ади станал познат поет, таа ја загубила доминантната позиција во врската. Оттука, Ади и Леда се разделиле во 1912 година. Во 1914 година, Ади се запознал со дваесетгодишната Берта Бонча (која во своите песни ја нарекол Чинчка), со која се допишувал уште од 1911 година. Во 1915 година, тие се венчале без дозвола на нејзиниот татко.

По атентатот на престолонаследникот Франц Фердинанд во 1914 година, Ендре ја очекувал Првата светска војна. Сите што ги познавал биле ентузијастички расположени во врска со војната, поради што тој останал сам, уплашен и загрижен за иднината. Како признание на неговото творештво, Ади бил избран за претседател на Академијата Верешмарти, организација на модерните писатели, но тешката болес го оневозможила да го одржи својот говор на промоцијата. На 27 јануари 1919 година, во Будимпешта, Ади умрел на имотот на својата жена - остарен, духовно скршен, во црни ракавици кои му ги криеле рацете, нагрдени од болеста како последица на неговите сексуални авантури. Сепак, Ади го доживеал крајот на Австроунгарската монархија и прогласувањето на Унгарската република, која веднаш го прогласила за почесен претседател и “татко на нова Унгарија”.[2]

Поезија[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 19 век, унгарските поети ги следеле стапките на Шандор Петефи и пишувале имитирајќи го народното творештво, но без да ја поседуваат Петефиевата визија (и уште повеќе - талент). Ади бил првиот унгарски поет кој ја напуштил традицијата и експериментирал со нов, модерен стил. Уште млад, во Дебрецин, Ади објавил две просечни збирки поезија: „Песни“ (1899) и „Уште еднаш“ (1903). Дури по познанството со Леда и враќањето од Париз, Ади ја објавил збирката „Нови песни“ (1906), со која веднаш го зазел централното место во унгарската култура. Оттогаш, тој нижел збирка по збирка, а унгарската културна јавност била остро поделена на два спротивставени табора: за и против Ади, поделба која останала до крајот на неговиот живот.[2] И ден-денес, останува мистерија како наеднаш Ади се преобразил од просечен провинциски поет во централно име на унгарската поезија. Недвојбено, Ади бил под големо влијание на творештвото на Бодлер и Верлен. Често го користел симболизмот и најмногу пишувал за Бог, Унгарија, љубовта и борбата да се преживее. Неговата поезија се одликува со оригинален поетски јазик и со посебен свет на слики и метафори. Најстрасните љубовни песни во унгарската поезија се оние кои Ади ѝ ги посветил на Леда.

Денес, заедно со Шандор Петефи, Ендре Ади се смета за најголемиот унгарски поет, кој не само што извршил далекусежно влијание врз развојот на унгарската поезија, туку извршил своевидна поетска и општествена револуција. Без сомнение, Петефи служел како животен пример и поетски патоказ за Ади, кој по сите симболистички и декадентни авантури се вратил на наследството на Петефи.[3]

Книги поезија[уреди | уреди извор]

Ади ги објавил следниве збирки поезија:[4]

  • Песни (Versek), 1899
  • Уште еднаш (Még egyszer), 1903
  • Нови песни (Uj versek), 1906
  • Крв и злато (Vér és arany), 1907
  • Во кочијата на свети Илија (Az Illés szekerén), 1908
  • Би сакал да ме сакаат (Szeretném ha szeretnének), 1909
  • Песните на сите тајни (A minden-titkok versei), 1910
  • Избеганиот живот (Menekülő Ėlet), 1912
  • Маргита сака да живее (Margita élni akar), 1912)
  • Љубов кон самите себеси (A magunk szerelme), 1913
  • Кој ме видел? (Ki látott engem?), 1914
  • На чело на мртвите (A halottak élén), 1918
  • Последните бродови (Az utolsó hajók), 1923 (посмртно)

Исто така, тој ги објавил и лирските есеи “Писма од Париз”, неколку збирки раскази и бројни новинарски статии и есеи.

Цитати[уреди | уреди извор]

  • Талентот има ужасна судбина во секоја епоха, дури и во Златното Доба.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јудит Фриѓеси, Béla Bartók and Turn-of-the-century Budapest, University of California Press, 2000, стр. 47 [1]
  2. 2,0 2,1 D. Kiš, „Endre Adi“, во: Endre Adi, Pesme, Rad, Beograd, 1964, стр. 104-105.
  3. D. Kiš, „Endre Adi“, во: Endre Adi, Pesme, Rad, Beograd, 1964, стр. 103.
  4. D. Kiš, „Endre Adi“, во: Endre Adi, Pesme, Rad, Beograd, 1964, стр. 107.