Михај Бабич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михај Бабич

Михај Бабич де Шентишван (унгарски: Szentistváni Babits Mihály, 26 ноември 1883 - 4 август 1941) — унгарски поет, писател и преведувач.

Животопис[уреди | уреди извор]

Учи на Универзитетот во Будимпешта од 1901 до 1905 и тогаш се запознава со Деже Костолањи и Ѓула Јухас. Наскоро станува учител и почнува да предава во неколку различни училишта низ земјата пред да се префрли на професорска позиција во Будимпешта во 1912 година.

Неговиот литературен живот почнува во 1908 година, кога за првпат се забележани неговите поеми.

Истата година патува за Италија, каде е привлечен од поезијата на Данте; во следните години неколкупати ќе ја посети оваа средоземна земја. Врз основа на овие искуства, подоцна, Бабич ќе ја препее целокупната Божествена Комедија на унгарски (Пеколот, 1913, Чистилиште, 1920 и Рај, 1923).

Кратко време по револуцијата од 1918 година, станува професор по светска и модерна унгарска литература на Универзитетот во Будимпешта, но наскоро, по паѓањето на револуционерната влада, поради своите пацифистички ставови, отпуштен е од работа.

Од 1911 година, станува постојан соработник на списанието Њугат.

Во 1921 се венча со Илона Тарнер, која подоцна и самата ќе издава поезија под името Софија Терек.

Во 1923, се преселува во Ештергом. Четири години подоцна, станува член на Kisfaludy Társaság (Друштвото Кишфалуди), а истата година и претседател на жирито за доделување на Баумгартеновата награда.

Станува главен уредник на списанието Њугат во 1929 година (првите четири години заедно со Зигмонд Морич) и останува на оваа почитувана позиција сè до својата смрт.

Во 1937 година, дијагностициран е со рак на гркланот. Умира по четири години.

Творештво[уреди | уреди извор]

Најпознат е по својата лирска поезија која ги следи класичните и англиските текови. Идеали му се либералниот хуманизам и бескомпромисноста на уметноста. Неговите песни се одликуваат со голема култура на формата и фрапантна виртуозност. Пишува есеи, а исто така е и врвен преведувач на дела од англиски (Шекспир, По), француски (Бодлер), германски (Гете), италијански (Данте), грчки и латински јазик. Влијанието на Бабич врз модерната унгарска литература е огромно. Бил и член на Унгарската Академија.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Паскал Гилевски, Антологија на унгарската поезија, Матица Македонска, Скопје, 2005.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]