Ференц Казинци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ференц Казинци

Ференц Казинци (унгарски: Kazinczy Ferenc, 27 октомври 1759 - 23 август 1831) — унгарски поет, најнеуморниот агитатор на регенерацијата на унгарскиот јазик и литература на крајот од 18-ти и почетокот на 19 век. Неговото име денес е поврзано со Големата Јазична Реформа на 19 век, кога се исковуваат и возобновуваат илјадници зборови, кои му овозможуваат на унгарскиот јазик враќање на патот на индустриско-технолошкиот напредок и негово прогласување за службен јазик во Унгарија во 1844.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во Ерсемлјен, Унгарија. студира право во Каша и Еперјеш, како и во Пешта, каде исто така се здобива и со темелно знаење за француската и германската литература, а се запознава и со Гидеон Радај, кој пак му ја отстапува својата библиотека. Во 1784 Казинци станува помошник-нотар во Абој, а две години подоцна номиниран е за школски инспектор во Каша. Таму почнува да се посветува на својата идеја за возобновување на унгарскиот јазик и литература преку преведување на странски класици и проширување на древниот унгарски речник. Во 1788, со помоѓ на Давид Бароти Сабо и Јанош Бачањи, во Каша го основа првиот унгарски литературен информатор, списанието Magyar Muzeum (Унгарски Музеј);Орфеј, кој ќе го наследи во 1790 година е негова лична творба. Иако по доаѓањето на власт на Леополд II, Казинци, како не-католик бил приморан да го напушти своето работно место во Каша, неговата литературна активност воопшто не се намалува. Не само што му помага на Радај во основањето на првото унгарско драматуршко друштво, туку и го збогатува неговиот репертоар со неколку драми - преводи на неколку дела на странски автори. Неговиот Хамлет, кој е испечатен во 1790 година, својот препев го базира врз германската верзија на ова дело, во превод на Шредер.

Бидејќи е инволвиран во демократскиот заговор на опатот Игнац Мартинович, Казинци е уапсен во 1794 година и осуден на смрт; набрзо, казната му е смалена на доживотен затвор. Сепак, пуштен е од затвор во 1801 година, по што набрзо се венча со Софија Терек, ќерка на неговиот претходен патрон, и се повлекува на еден мал имот кај Шефалом, во близина на Сатор-Ујели. Во 1828 активно учествува на конференциите кои имаат за задача да ја основаат Унгарската Академија, чијшто почесен прв член ќе стане токму тој.

Умира од колера во Шефалом.

Творештво[уреди | уреди извор]

Казинци, иако поседува стилска префинетост, не може да се смета за моќен, оригинален мислител; неговата слава главно се заснова на неговите многубројни препеви, меѓу кои се истакнуваат оние на Лесинг, Гете, Виланд, Клопшток, Осијан, Ларошфуко, Мармонтел, Молиер, Метастазио, Шекспир, Кикерон, Анакреон и многу други. Исто така тој е и уредувач на делата на Бароши (Пешта, 1812, 8 тома) и на поетот Зрињи (1817, 2 тома), како и на песните на Габор Дајка (1813, 3 тома) и на Јожеф Киш (1815, 3 тома). Неговите собрани дела, во главно преводи, издадени се во Пешта, во периодот меѓу 1814 и 1816, во 9 тома. Неговите оригинални дела (Eredeti Munkái), во главно писма, се уредени од Јожеф Бајза и Ференц Толди и испечатени во Пешта, 1836-1845, во 5 тома. Неговите песни (Во денот на соединувањето), излегуваат во текот на 1858 и 1863 година.

Во 1873, неокласицистичка меморијална сала (мавзолеј) и гробница се изградени во Шефалом во негов спомен, според плановите на архитектот Миклош Иби. Денес тој припаѓа на музејот Ото Херман.

На истото место, се планира и градење на Музеј на Унгарскиот Јазик.

Белешки[уреди | уреди извор]

  • Public Domain Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостChisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: ref=harv (link)