Прејди на содржината

Антон Попов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Антон Попов
Роден/а10 октомври 1915
Игуменец, Петричко
Починат/а23 јули 1942
Софија
Занимањеписател
ПериодXX век
Родното село на Антон Попов, Гега

Антон Николов Попов (Попово Маало, с. Игуменец (денес во Гега), Пиринска Македонија, 20 октомври 1915 - Софија, 23 јули 1942) — македонски писател, комунист, учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.

Неговиот прадедо поп Стојан се доселил од Берово. Тој, како соборец на Иљо Малешевски и учесник во Кресненското востание, бил убиен од Турците. Истата судбина го снашла и дедо му Костадин Попстојанов, војвода на чета во Горноџумајското востание, заедно со неговите двајца браќа. Татко му, учителот Никола Попов, зема активно учество во револуционерните борби, и во 1922 г. бил обесен од четниците на ВМРО.

Основно образование завршил со родното село, потоа продолжил во гимназијата во Самоков. Заради учество во ученички марксистички кружок и ширење на марксистички идеи помеѓу учениците на гимназијата бил исклучен и принуден да го продолжи своето средно образование во Неврокоп, каде и го завршил во 1933 година. Не можејќи поради материјални тешкотии да продолжи на факултет, станал учител во Гега и за кусо време создал интернат за 100 сиромашни деца во селото. Од 1934 година Антон Попов бил член и на Бугарската комунистичка партија (БКП).

Антон Попов (седнат, десно) со членови на Македонскиот литературен кружок: Никола Вапцаров, Михаил Сматракалев (седнати), Тодор Јанев, Кирил Николов (исправени), Софија, 1940.

Во 1936 година се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија, а есента 1937 година станува чиновник во Софиската општина. Во Софија работел и како новинар. Тој е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок, формиран во 1938 година. Во тоа време ја напишал статијата „Дали постои македонска нација“, во која дава образложен позитивен одговор.

На почетокот на мај 1941 година е мобилизиран во 25 пешадиски полк на Беломорието. По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност. По апсењето на Вапцаров на 4 март 1942 година, набрзо, на 24 април бил уапсен и Антон Попов.[1] Во судскиот процес против ЦК БРП на 22 јули е осуден на смрт и на 23 јули, заедно со Никола Вапцаров и четворица други бугарски комунисти, е стрелан на софиското гарнизонско стрелиште.

Во негова чест, Петричкиот партизански одред, формиран на 24 мај 1944 година, е наречен по него.

„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари... Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух - не беше признат.
Историјата на човештвото е полна со неправди...
...Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име,- да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја?... Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања-плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа?

(Извор: Антон Попов „Дневник“, Млада Македонија, 1938 г.).

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Антон Попов, „Творби“, Мисла, Скопје, 1993.
  1. Биографија, „Македонска нација“

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]