Прејди на содржината

Македонски Власи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Власи во Република Македонија
Вкупен број
9.695 (попис 2002)
Подрачја со значајно население
Крушево, Штип, Битола, Свети Николе
Јазици
влашки, македонски
Вероисповед
православие
Сродни народи
Власи

Македонски Власи — уставно признаено малцинство во Република Македонија. Нивната бројност е 9.695 лица, односно 0,48 % од вкупното население на Македонија.

Власите се народ од романско потекло кои говорат на посебен јазик. Во Македонија и на Балканот се познати под повеќе имиња, како Аромани, Цинцари, Куцовласи, на романски јазик сите Власи од јужниот дел на Балканскиот Полуостров се нарекуваат: Machedoni (Македоњ) [1] и др.

За нивното потекло постојат повеќе теории кои укажуваат дека тие се потомци на староседелското население на Балканскиот Полуостров кое се повлекло во планинските предели при доселувањето на Словените и другите народи.

Од повеќето теории најпознати се оние според кои се смета дека Власите се потомци на Римјаните, Византијците (Ромеите) поради нивниот јазик, а според некои се смета дека биле потомци на Античките Македонци.

Историја

[уреди | уреди извор]

Присутноста на Власите на територијата на Македонија се забележува уште во Средновековието, а познат е фактот дека братот на цар Самуил, Арон бил убиен од Власи - скитници во околината на Лерин. Нивната присутност била повремена само како сточари и трговци и не биле трајно население.

Првите трајни населувања на Власи во Македонија се случуваат на почетокот на 19 век, односно околу 1830-1832 година кога нивниот најразвиен и најголем град Москополе во јужна Албанија бил разурнат од албанските качачки банди поддржани од Али Паша Јанински.

Со честите продори и грабежи на албанските качачки банди на влашките градови и села во јужна Албанија, на планината Грамошта, во Епир и Тесалија голем број на Власи се населуваат во Македонија, претежно во западните делови во Крушево (кое до 1830 било мало село во Прилепската каза населено исклучиво со Македонци), Битола и околните планински села, западниот и јужниот дел на Егејска Македонија.

Постојаниот терор на Власите од нивните предели во јужна Албанија и особено во Тесалија принудува голем број на Власи - сточари да се населат во планинските предели во долината на реката Брегалница во Штипско, Кочанско и Овче Поле.

Овие Власи кои живеат во источна Македонија се познати и под името Каракачани. Номадските Власи од источна Македонија се познати и под името Црни Власи, за разлика од Власите во западна Македонија кои се познати под името чаршиски или Бели Власи[2].

Области и населени места

[уреди | уреди извор]
Процентуална застапеност на Власите во Македонија според пописот од 2002 г.
Карта на Власите во Македонија (2021)
Број на Власите во Македонија (2021)

Власите во Македонија се претежно населени во градовите, а во минатото живееле и во повеќе планински села во југозападна и источна Македонија, кои денес во најголем дел се раселени. Најголем број на Власи денес живеат во градовите Крушево, Штип, Битола и Скопје. Во помал број ги има и во Кочани и Велес. По области Власите се застапени по сливот на реката Брегалница: Овче Поле, Штипско, Кочанско со планините Осогово и Плачковица, како и градот Крушево и неколку села во Битолско на планинските предели североисточно од Битола.

Статистички Власите во Македонија се најзастапени во општините: Крушево со 10,53%, Штип со 4,6%, Битола со 1,33% и градот Скопје со 0,50%.

Култура и општествен живот

[уреди | уреди извор]

Македонските Власи имаат високо развиена култура и културен идентитет. Познати се влашките носии и килими (особено до с. Делисинци, Овчеполско) кои се дел од богата македонска етнолошка ризница.

Начинот на живот како сточари и богати трговци, оставил препознатливи културни белези во идентитетот на Власите. Власите-Каракачани од источна Македонија, кои биле сточари, се препознатливи по тоа што нивните жени носат тетовирани крстови на нивните чела и кај рачните зглобови.

Надалеку се познати богатите цркви во битолските влашки села Маловиште и Старо Змирново, како и во градот Крушево.

Во Македонија Власите имаат 2 свои политички партии и еден пратеник во Собранието на РМ. Во Општина Крушево влашкиот јазик е службен покрај македонскиот, иако Власите се помалку од 20% од населението.

На вториот канал на националната телевизија се емитува програма на влашки јазик, а постои и Унија за култура и издаваштво на Власите.

Македонските Власи по вероисповед се православни христијани. Постарите Власи, се многу посветени и религиозни луѓе.

Познати Македонски Власи

[уреди | уреди извор]
  1. Mircea și Luiza Seche, Dicționar de sinonime, Editura Litera Internațional, 2002, definiția „aromân”
  2. Трифуноски, Јован. „Кочанска котлина“. Скопје, 1970. стр.152