Лубница
Лубница | |
Панорамски поглед на селото Лубница | |
Координати 41°30′04″N 22°22′00″E / 41.50111° СГШ; 22.36667° ИГД | |
Регион | Југоисточен |
Општина | Конче |
Население | 252 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2424 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 22028 |
Надм. вис. | 585 м |
Слава | Илинден |
Мреж. место | Лубница |
Лубница на општинската карта Атарот на Лубница во рамките на општината | |
Лубница на Ризницата |
Лубница — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.
Според пописот од 2002 година, селото имало население од 361 жител[2], со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[3]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото е сместено во средишниот дел на Општина Конче, на само 3 километри од општинското средиште Конче. Исто како и Конче, се наоѓа на круната на Конечка Планина, близу изворот на реката Крива Лакавица. Лежи 20 километри јужно од градот Радовиш.[4]. Низ селото тече потокот Пршово или Пршева Река, која го дели на два дела.
Лубница е ридско село кое што се наоѓа на надморска височина од 570 метри, а атарот на селото е мошне голем и зафаќа површина од 45,7 км2[5]. Атарот на селото се издигнува до сртот на Конечка Планина каде што се допира со просторот на Општина Демир Капија[5], при што на своето подрачје опфаќа 934 хектари (ha) земјоделско земјиште, 322 ха пасишта и 2.091 ха шума.[4]
Лубница е поврзана со градот Радовиш преку регионалниот пат Р-606 во должина од 23 км, кој води преку Конче.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Лубница е населено уште од доцната антика, за што сведочат две наоѓалишта северозападно од самото село.[6]
Лубница е многу старо село, едно од најстарите села во Лакавичко и Радовишко за што сведочат пишани записи уште од XIV век. Имено, тоа под името Лубница заедно со Конче се споменати во пишан запис од 1366 година[7], кога е била изградена познатата црква „Св. Стефан“ во Конче.
Во XIX век било дел од Радовишката каза на Отоманското Царство.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото Лубница е многу старо со најстара потврда со истиот облик Лоубница од 1366 година, а според научните толкувања тоа доаѓа од старословенскиот збор Лоубъ кој означува 'кора од дрво; лико'[7]. Над селото на планината Серта има густа дабова шума со доста кори на пенушки од дрва поради каменестата почва на долот, што може да укажува на поврзаност со ова толкување и настанокот на името Лубница.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 565 жители, од кои 300 Македонци и 265 Турци.[8] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Лубница имало 480 Македонци.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци и 25 до 50 Турци.[10]
По Втората светска војна, од селото си заминале и последните Турци, кои последен пат биле забележани во 1953 година, кога имало 107 Турци. Во подоцнежните пописи, во селото не е забележано турско население.
Според пописот од 2002 година, селото имало население од 361 жител, од кои 359 Македонци, 1 Србин и 1 друг.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 252 жители, од кои 241 Македонец, 2 Албанци, 1 Србин и 8 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 565 | 480 | 599 | 646 | 592 | 595 | 444 | 374 | 366 | 361 | 252 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[16]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 599 |
1953 | 538 | — | 107 | — | — | — | ... | 1 | — | 646 |
1961 | 582 | — | 6 | ... | ... | 4 | ... | — | — | 592 |
1971 | 594 | — | — | — | ... | 1 | ... | — | — | 595 |
1981 | 444 | — | — | — | — | — | ... | — | — | 444 |
1991 | 372 | — | — | — | — | 1 | — | 1 | — | 374 |
1994 | 365 | — | — | — | — | 1 | — | — | — | 366 |
2002 | 359 | — | — | — | — | 1 | — | 1 | — | 361 |
2021 | 241 | 2 | — | — | — | 1 | — | — | 8 | 252 |
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Лубница е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови и семејства кои живеат во селото се: староседелски сојови: Попевци, Пинговци, Атанасови, Милевци живеат во свое посебно родовско маало наречено Милевско, Секулови, Крстеви, Стефановски, Ѓорѓиеви, Спасови, Миткови, Стојанови, Велкови, Василеви, Пингови, Колеви, Филипови, Герасовци се доселиле од Габревци и живеат во свое посебно маало на крајот на селото кон полето во месноста Ширина каде некогаш живееле Турци-јуруци.
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Конче, во која покрај селото Лубница, се наоѓале и селата Габревци, Горно Липовиќ, Долно Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото влегувале во рамките на некогашната Општина Конче, во која влегувале селата Конче и Лубница.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1613 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 248 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[19]
- Црква „Св. Константин и Елена“ — главната селска црква. Изградена е во 1840 година;
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква, осветена во 2006 година;[20]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — мала црква надвор од селото.
- Археолошки наоѓалишта[6]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Селска чешма на патот кон селото Загорци
-
Јаворот на сретсело
-
Патот кон селските гробишта и манастирската црква „Св. Илија“
-
Уреден дел од селото
-
Дел од селото
-
Дел од селските гробишта
-
Гробиштата над селото
-
Панорама на селото
-
Поглед на селото
-
Селото заедно со блиското поле
-
Поглед на дел од селото
-
Поглед на дел од селото
-
Поглед на дел од селото
-
Поглед на целата област Лакавичко над Лубница
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 мај 2016.
- ↑ Атанасов, Зоранчо (2011). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче (PDF). стр. 65–77. Посетено на 20 мај 2016.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Рехабилитација на регионалниот пат Р-606 Радовиш-Конче-Лубница, Македонија“ (PDF). Европска банка за обнова и развој. јуни 2009. Посетено на 25 мај 2016.
- ↑ 5,0 5,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 183. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 6,0 6,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 329. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 7,0 7,1 Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 380.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 235
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ ИЗГРАДЕН И ОСВЕТЕН МАНАСТИР ВО СЕЛО ЛУБНИЦА[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Лубница на Ризницата ?
- Сателитска снимка на Лубница на Карти на Гугл
|