Пршева Река

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пршева Река
Местоположба
Физички особености
УстиеТрска, Крива Лакавица
Особености на сливот

Пршева Река (или Пршово) — река во источна Македонија која извира и тече на планината Серта и низ селото Лубница во пределот Лакавичко во Радовишко.

Течение[уреди | уреди извор]

Извира на планината Серта во месноста Преслап на 840 метри и од таму тече во многу стрмен и длабок дол наречен Пршово, според кој во горното течение го носи и името Пршово, каде собира повеќе помали притоки од малите засеци на долот под гребените Иглишово Трло, Слека и Медиково Гумно од кои реката е полноводна. Односно, реката ја формираат два потоци, кои потоа се прихрануваат со вода од уште 5 потоци, од нив 4 потоци се од левата, а еден е од десната страна[1]. Пршева Река во горниот тек (извор – село Лубница) има изградено стрмна долина, која има вкупен пад од 330 метри или на секои 100 метри во должина речното корито паѓа за 13,3 метри во височина[1]. Поради големиот пад и стрмнина во долот Пршово, непосредно пред селото Лубница, постојат два водопади од кои едниот е со височина од над 2,5 метри. Излегува во котлинското дно течејќи низ селото Лубница кое го дели на два дела и од каде во долното течение го носи името Пршева Река. Во полскиот рамничарски дел, ја прима својата десна приток Дрнавец и од таму се разводнува и го губи својот водостој и се влева во реката Трска, која е лева притока на Крива Лакавица, која пак е главниот водотек во целата област.

Лубнички слапови[уреди | уреди извор]

Токму на просторот на стрмниот планински дол на Пршово на Серта, се појавуаат серија на разиграни слапови и водопади, кои ги има во изобилство[1]. Од нив 5 слапови (водопади) се повисоки од 2 метри, од кои 3 се повисоки од 4 метри[1]. Водопадите се распоредини од 590 до 750 метри н.в[1]. Првиот водопад се наоѓа веднаш над селото Лубница, а покрај него поминува планинарска патека, која продолжува паралелно со водотекот Пршево сè до преминот „Преслап“[1]. Водопадот I претставува типичен водопад, каде што водата паѓа вертикално, истиот е висок 4 метри и е составен од 2 дела, секој од нив е висок по 2 метри[1]. Во долниот дел, водопадот има формирано мал вир или „џиновски лонец“[1]. Вториот водопад (слап) се наоѓа на околу 100 метри низводно од првиот, истиот е изграден од три слапови со вкупна височина од околу 5 метри[1]. Третиот слап се наоѓа на 300 метри низводно од вториот[1]. Овој систем е изграден од четири слапови и сите заедно го формираат највисокиот  слап (слап III) на реката Пршева, кој има вкупна височина од околу 6 метри[1]. Водата кај третиот слап од овој систем на слапови (слап III) има речиси вертикален пад со височината од 2 метри и истиот има изградено „џиновски лонец“ или мал вир со кружна форма[1]. Четвртиот водопад или слап IV се наоѓа на 10 минути од третиот слап, овој слап има височина од околу 3 метри[1]. Петтиот слап од оваа група на високи слапови се наоѓа на левиот поток кој ја формира реката Пршева[1]. Овој слап е составен од два дела со вкупна височина од 2 метри[1]. Слаповите и водопади на Пршева Река се од привремен карактер, најмногу вода имаат во врнежливот период од годината, особено во текот на зимата и пролетта па сè до крајот на месец мај. Во текот на летото и почетокот на есента слаповите се без вода[1].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 Стојчески, Дарко (5 февруари 2019). „Лубничките Слапови (водопади) во заборавената Лакавичка Област“. ИГЕО Портал. Посетено на 6 февруари 2019.