Гамбија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гамбија
The Gambia
Знаме Грб
Гесло"Progress, Peace, Prosperity"
ХимнаЗа Гамбија, нашата татковина
Местоположба на Гамбија
Главен градБанџул
13°28′N 16°36′W / 13.467° СГШ; 16.600° ЗГД / 13.467; -16.600
Најголем град Серекунда
Службен јазик англиски
Демоним Гамбиец
Уредување Република
 •  Претседател Адама Бероу
Независност
 •  од Обединетото Кралство 18 февруари 1965 
 •  Објавена република 24 април 1970 
Површина
 •  Вкупна 10,380 км2 (164-та)
 •  Вода (%) 11.5
Население
 •  проценка за 2007 ООН г. 1,700,000 (146-та)
 •  Густина 153.5 жит/км2 (74-та)
БДП (ПКМ) проценка за 2008 г.
 •  Вкупен $2.264 милијарди[1] 
 •  По жител $1,389[1] 
БДП (номинален) проценка за 2008 г.
 •  Вкупно $808 милиони[1] 
 •  По жител $495[1] 
Џиниев коеф. (1998)50.2
висок
ИЧР (2013) 0.441[2]
низок · 172ра
Валута Даласи (GMD)
Часовен појас GMT
Се вози на десно
НДД .gm
Повик. бр. 220

Гамбија (англиски: The Gambia) или служ. Република Гамбија (Republic of The Gambia) — држава во Западна Африка. Државата е најмала држава во Африка, која на север, исток и југ се граничи со Сенегал, а на запад излегува на Атлантскиот Океан.

Државата се протега по течението на реката Гамбија, река според која е и именувана државата. Гамбија има вкупна површина од 10.500 км2 со вкупно население од околу 1.700.000.

Гамбија својата независност ја стекнала од Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска на 18 февруари 1965 година со главен град Банџул, додека најголем е градот Серекунда. Слуќбен јазик во Гамбија е англискиот и најголема вероисповед е исламот.

Историјата на Гамбија е многу слична со историјата на останатите западноафрикански држави во поглед на ропството, кое пак било причина да се создаде колонија на реката Гамбија, на почетокот од Португалија, а подоцна колонијата била управувана од Обединетото Кралство. По независноста Гамбија е релативно стабилна држава со мал краток воен период во 1994.

Државата е земјоделски богата и нејзината економија се заснова најмногу на рибарство, полјоделство и туризам. Една третина од населението живее под линијата на сиромаштијата со 1.25 долар на ден.[3]

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Името на државата потекнува од називот на нејзината најголема и главна река - Гамбија. На македонски јазик името на реката и името на државата е исто. За разлика од македонскиот, на англиски јазик, Службениот јазик во државата, Гамбија се именува како The Gambia и членот the се додава за да се направи разлика од реката која се именува како Gambia. Сепак, доста често државата се именува и без членот.

Историја[уреди | уреди извор]

Првите писмени извори за регионот околу Гамбија датираат од записите на арапските трговци од 9 век и 10 век. Во 1066 година, жителите на Текрур, кралство кое се наоѓало северно од река Сенегал, станале првите црнци кои го прифатиле исламот. Муслиманските трговци најмногу тргувале со робови, злато и слонова коска. Во почетокот на 14 век, голем дел од денешната територија на Габон била дел од Мали. Португалските трговци во регионот пристигнале кон 1447 година. Во текот на 1588 година, претендентот за португалскиот престол ја предал територијата околу реката Гамбија на англиските трговцим со решението на Елизабета I. Во текот на 1618 година, кралот Џемс I од Англија дал решение за создавање на британска трговска компанија. Во периодот од 1651 до 1661 година, дел од Гамбија станала индиректно колонија на Полско-литванската Државна Заедница. Кон крајот на 17 век и почетокот на XVIII век, Англија и Франција водат војна за политичкото и економското влијание во регионот на реките Сенегал и Гамбија. По Версајскиот договор од 1783 година, реката Гамбија се дала на Обединетото Кралство, а Франција задржила мал дел од реката, кој и бил отстапен во 1857 годинја на Велика Британија. Во текот на тој период, голем дел на робови биле давани и продавани за потребите на големите европски сили. Во 1807 година, Британската Империја ја забранила трговијата со робови. Гамбија како посебна колонија станала во 1888 година.

Земјата својата независност ја стекнала во 1965 година, како уставна монархија. Во 1970 година Гамбија станала република по одржаниот референдум. До 1994 година, на чело на земјата стоел претседателот Давда Кајраба Џавара, кој бил избран на пет пати. Но во 1994 година се случил воен удар, и на чело на земјата дошол Јаја Џаме и таму се задржил сè до 19 јануари 2016, кога бил сменет со Адама Бероу, и покрај противењата и оспорувањата на изборните резултати.

Географија и клима[уреди | уреди извор]

Карта на Гамбија.

Гамбија е многу мала и тесна држава чии граници го следат течението на реката Гамбија. Државата е широка околу 30 милји со вкупна површина од 11.300 км2. Околу 1.300 км2 од површината на земјата е покриена со вода. Гамбија наликува на енклава во територијата на Сенегал бидејќи сите 460 километри граница се со Сенегал. Гамбија е најмала држава во Африка, повеќе од двојно помала од Македонија. Гамбија има 50 милји брег на Атлантскиот Океан.[4]

Климата во Гамбија е тропска. Од јуни до ноември периодот е многу топол и врнежлив. Од ноември до мај температурата е поладна и посува.[4]

Сегашните граници на Сенегал се според договорот од 1889 година помеѓу Обединетото Кралство и Франција.

Политички систем[уреди | уреди извор]

Споменик во чест на државниот удар во Банџул.

Пред државниот удар од 1994 година, Гамбија била најстара повеќепартиска демократија во Африка. Уште од независноста се одржувале парламентарни избори за мандат од пет години. Преку 30 години Народната Прогресивна Партија на Гамбија била доминантна во политиката. Последните избори кога била доминантна оваа партија биле во април 1992. Со ударот во јули 1994 година, на членови од најголемата партија им било забрането да се мешаат во политика.

Уставот од 1970 година бил ревидиран од страна на новото раководство од 1994 година и со новиот устав власта во државата е поделена на законодавна, извршна и судска со загарантирано почитување на човековите права. Државата е со еднодомен парламент и со претседателски систем.

Административна поделба[уреди | уреди извор]

Поделби на Гамбија.
Поделби на Гамбија.

Гамбија е поделена пет поделби и еден град. Поделбите на Гамбија се според уставот на Гамбија.[5] Поделбите се:

  1. Долноречна поделба (Манса Конко)
  2. Централноречна поделба (Џанџанбурех)
  3. Северен брег (Кереван)
  4. Горноречна поделба (Басе)
  5. Западна поделба (Брикама)
  6. Банџул - класифициран како град.

Поделбите понатака се поделени на 37 окрузи, од кои Комбо Сент Мери може да се смета и за дел од Банџул[6]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Гамбија има либерален пазар кој е окарактеризиран со поголемо производство на земјоделски производи, особено кикирики, поразвиен туризам и со минимални административни процедури. Околу 30 % од БНП на Гамбија е земјоделството и истото запослува околу 70% од работната снага на државата. Производството на кикирики е 6.9% од вкупното БНП.

Население, јазик и религија[уреди | уреди извор]

Гамбијка.

Гамбија е дом на голем број етнички групи со добар соживот и со одлично зачувување на културните и лингвистичките вредности. Најголема група се Мандинка, па потоа следуваат Фула, Волоф, Џола и Сонинке. Покрај овие во Гамбија живеат и околу 3.500 доселеници од Европа и Либан. Повеќе од 63 % од Гамбијците живеат во рурални средини, иако денес голем број средини се урбанизираат и голем број на млади луѓе се преселуваат во порубаните средини.

Религија[уреди | уреди извор]

Религија во Гамбија (2012)[7]
Религија процент
Муслимани
  
95,7 %
Римокатолици
  
4,2 %
Останати
  
0,2 %

Постојат поголем број на религиозни групи, а најголеми во земјата исламот и христијанството. Околу 95.7% од населението се муслимани а 4.2% се христијани според ''CIA factbook''. Членовите 17, 25, 32, 33 и 212 од Уставот гарантираат за заштита при слободата на религија[8]. Член 60 од Уставот забранува формирање политички партии кои се формираат врз религиозна основа[8]. Мешаните бракови меѓу муслиманите и христијаните се честа појава.[9]. Во некои области, исламот и христијанството се практикуваат со африканската традиционална религија[9]. Постојат неколку атеисти во земјата[9].

Најголемиот дел од муслиманите се сунити кои припаѓаат на Маликиската школа, под влијание на суфизмот, додека има и верници од редот Тиџанија и Кадирија[9]. Суфиските редови се молат заедно во заеднички џамии[9].

Се проценува дека 4,2% од населението е христијанско, а помалку од 1% ја имаат старата традиционална религија. Христијанската заедница, која се наоѓа главно во западниот и јужниот дел на земјата, е претежно римокатоличка, но исто така има и неколку протестантски групи, вклучувајќи ги и англиканците, Методистите, Баптистите, Адвентистите итн.[9]

Во земјата постои и мала група следбеници на бахајството и на хиндуизмот[9].

Култура[уреди | уреди извор]

Гамбијците се познати по нивната музика и танци. Иако Гамбија е најмала држава во Африка, нивната култура е поголем центар за културно влијание. Националните граници и реката ја образиле посебноста на народот и културата. Без природни граници, Гамбија е дом на многу националности кои се присутни низ цела Африка, особено тие во Сенегал. Исто така влијанието на Европа е доста присутно, особено поради важноста на Гамбија низ историјата на ропството.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „The Gambia“. International Monetary Fund. Посетено на 2009-04-22.
  2. „2014 Human Development Report Summary“ (PDF). United Nations Development Programme. 2014. стр. 21–25. Посетено на 27 јули 2014.
  3. Human Development Indices, Table 3: Human and income poverty, p. 35. Посетено на 1 June 2009
  4. 4,0 4,1 „The Gambia - Geography“. The World Factbook. Central Intelligence Agency. 2008-12-18. Архивирано од изворникот на 2018-12-24. Посетено на 2009-01-08.
  5. „The Gambia - Government“. The World Factbook. 2006-09-19. Архивирано од изворникот на 2018-12-24. Посетено на 2006-09-29.
  6. Gwillim Law (2006-04-19). „Divisions of Gambia“. Administrative Divisions of Countries ("Statoids"). Посетено на 2006-09-29.
  7. „Africa :: GABON“. CIA The World Factbook. Архивирано од изворникот на 2008-12-10. Посетено на 2017-07-20.
  8. 8,0 8,1 „Gambia's Constitution of 1996 with Amendments through 2004“ (PDF). Constitute Project. Посетено на 25 May 2016.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 9,6 International Religious Freedom Report 2007: Gambia. United States Bureau of Democracy, Human Rights and Labor (September 14, 2007). Статијава содржи текст од овој извор, кој е во јавна сопственост.

Додатни информации[уреди | уреди извор]

  • Sternfeldt, Ann-Britt. (2000). The Good Tourist in The Gambia: Travelguide for conscious tourists. Translated from Swedish by Rolli Fölsch. TheGoodTourist. Sexdrega, Sweden. ISBN 91-947010-4-8.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Влада
General information
Туризам