Шехзаде Мустафа (син на Сулејман I)
Шехзаде Мустафа | |
---|---|
Роден(а) | 6 август 1515 Маниса, Отоманско Царство |
Починал(а) | 6 октомври 1553 Конија, Отоманско Царство (38 години) |
Почивалиште | |
Сопружник | Фатма Хандан Хатун Бегум Нурџихан Хатун |
Деца | Шехзаде Сулејман Шехзаде Ахмед Шехзаде Мехмед Фатма султан Разије султан |
Династија | Отоманска династија |
Татко | Сулејман I |
Мајка | Махидерван султан |
Вероисповед | ислам |
Шехзаде Мустафа (османлиски: شهزاده مصطفى, турски: Şehzade Mustafa; роден на 6 август 1515 во Маниса – починал на 6 октомври 1553 година во Конија) — отомански принц, син на султанот Сулејман I и неговата сопруга Махидевран султан. Тој бил принц-гувернер на Маниса од 1533 до 1541 година, на Амасија од 1541 до 1549 година и на Конија од 1549 до 1553 година. Шехзаде Мустафа бил прв наследник на отоманскиот престол и неизмерно популарен принц меѓу војската и населението до неговото погувубање, по наредба на неговиот татко Сулејман.
Живот
[уреди | уреди извор]Мустафа е роден во 1515 година во Маниса во времето кога Сулејман сè уште бил принц и владетел на Маниса. Како прв роден син тој бил наследник на османлискиот престол но според некои историчари по женидбата на Сулејман со Рокселана тој како свој наследник го гледал Шехзаде Мехмед, најстариот син на Рокселана. Сулејман му овозможил повеќе прилики на Мехмед и според тоа тој го подготвувал за престолонаследник. За некои се смета дека Мустафа бил многу близок со своите полубраќа Мехмед (роден 1521 година), Селим (роден 1524 година), Бајазит (роден 1525 година) и Џихангир (роден 1531 година), а како пример за тоа е дека Селим ја третирал Махидевран како негова сопствена мајка со тоа што и го вратила своето богатство и помогнал да се изгради турбето на Мустафа во Бурса. Но, вистината е дека не се целосно познати какви биле нивните односи.
По овие случувања, Мустафа доживеал и втор шок од страна на неговиот татко по неговото преместување од Маниса во Амасија. Владеењето во Маниса му било доделено на Мехмед. И покрај тоа што бил преместен во Амасија, Мустафа добил декрет според кој неговиот татко сè уште во него гледал како иден султан. Според Сулејман, Мустафа бил испратен во Амасија за да обезбеди одбрана на источниот брег на Отоманското Царство и да научи како да управува со големата држава.
Во Амасија, Мустафа ја добил веста за смртта на својот брат Мехмед. Се чинело дека препреките за престолот на Мустафа ги снемало но тој сè уште се соочувал со уште еден предизвик, а тоа бил Шехзаде Бајазит, чија мајка била Рокселана. Во 1547 година во времето на Османлиско-сефевидската војна, Сулејман се сретнал со своите три синови на различни места за да разговара за политичката ситуација во земјата. По ова следувала трка кон престолот меѓу тројцата браќа, вклучувајќи го Селим. Во 1544 година Селим бил испратен во Маниса како управител[1].
Погубување
[уреди | уреди извор]Животот на Мустафа бил во опасност посебно по смртта на Паргали Ибрахим-паша и новиот сојуз меѓу Рустем-паша и Рокселана. Рокселана според повеќе извори направила заговор за соборување на Мустафа. Во текот на еден поход, Рустем-паша испратил еден од најдоверливите негови луѓе да извести дека султанот Сулејман не бил на чело на армијата, по кое војниците сметале дека дошло времето принцот Мустафа да го заземе престолот. Султанот на ова многу се налутил.
Така, во текот на Иранскиот поход, армијата на Сулејман заминала во градот Ерегли. Додека тој бил во Ерегли, Рустем-паша му понудил на Мустафа да се приклучи кон армијата на неговиот татко. Претходно пак, Рустем го предупредил султанот дека Мустафа се подготвувал да дојде во Ерегли и да го убие[2].
Мустафа ја прифатил понудата на Рустем-паша и заедно со својата војска заминал кон градот Ерегли. Сулејман овој потег го видел како закана и решил да го убие Мустафа. Кога Мустафа влегол во шаторот на Сулејман за да се сретнат, стражарите на Сулејман го нападнале и по долгата борба го убиле принцот[3] Името на човекот што го задавил Мустафа бил Махмут. Тој бил десна рака на Рустем-паша.
По смртта на принцот, јаничарите и анадолските војници се побуниле против одлуката на Сулејман. Јаничарите го поддржувале Мустафа заради османлиските традиции за наследство и успехот на Мустафа како воин.
Луѓето ја обвиниле сопругата на Сулејман, Хурем и неговиот зет Рустем, па дури и самиот султан за ова неправедно погубување. По протестите на армијата, Сулејман го разрешил Рустем од позицијата Голем везир и го испратил назад во Истанбул. Хурем обично се смета барем делумно одговорна за интригите во номинирањето на наследник на престолот, иако нема докази за ова[4].
Сулејман наредил Мустафа да добие државен погреб во Истанбул. После една недела, Мустафа бил пренесен во голем мавзолеј во Бурса. Погубувањето на Мустафа предизвикало немири во Анадолија, особено во Амасија, Маниса и Конија, затоа што народот го гледал како следниот султан и заради неговата дарежливост и храброст. Поетот Јахја-бег Ташлиџали составил елегија за мртвиот принц. Неговата приказна била слична на приказната за султанот Џем.
Семејство
[уреди | уреди извор]- Придружнички
Мустафа имал две придружнички:
- Фатма Хаднан Хатун (погребана во Учханим Кизлар, Бурса);[5]
- Бегум Нурџихан Хатун (погребана во Учханим Кизлар, Бурса);[5]
- Синови
Мустафа имал три синови:
- Шехзаде Сулејман (погребан во мавзолејот Шехзаделер, Амасија);[6]
- Шехзаде Ахмед (погребан во мавзолејот Тургутоглу, Конија);[7]
- Шехзаде Мехмед (убиен во 1553, погребан во Комплекс Мурадије, Бурса;[8]
- Ќерки
Мустафа имал две ќерки:
- Фатма султан (починала во Цариград), омажена за Мактул Ахмед-паша, управител на Румелија;[6]
- Разије султан (починала во Цариград);[6]
Медија
[уреди | уреди извор]- Во телевизиската серија Величествениот султан, Мустафа го глуми Мехмет Ѓунсур.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Sakaoğlu, Necdet; Bu Mülkün Sultanları, page 137.
- ↑ „Beosch, Moritz. The Height of the Ottoman Power; Murder of Prince Mustafa“. Архивирано од изворникот на 2016-07-23. Посетено на 2013-01-04.
- ↑ A General History of the Middle East, Chapter 13: Ottoman Era, Suleiman the Magnificent
- ↑ Peirce, Leslie P. (1993). The Imperial Harem: Women and Sovereignty in the Ottoman Empire. Oxford University Press. стр. 60. ISBN 0-19-508677-5.
- ↑ 5,0 5,1 Eğri, Sadettin (2016). Mahidevran (Gülbhar) Sultan Ve Itiknâmesi. стр. 50 n. 10.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Hüsameddin, Hüseyin (1927). Amasya Tarihi, Volume III. Istanbul. стр. 311.
- ↑ Konyalı, İbrahim Hakkı (2007). Konya Tahihi. Konya. стр. 280.
- ↑ Demirtaş, Funda (2010). Şehzade Mustafa’nın Öldürülmesi -Tahlilî Bir Yaklaşım-. Bilimname. стр. 217.
|
|
|