Жан Батист Поклен Молиер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Молиер

Жан Батист Поклен Молиер (Париз, 15 јануари 1622 - Париз, 17 февруари 1673) — француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската книжевност. Автор е на 33 театарски дела во кои ги исмејува тогашното општество, расипаноста и лакомоста на аристократијата. Најпознати негови дела се „Тартиф“ (Le Tartuffe), „Дон Жуан“ (Don Juan), „Жорж Данден“ (Georges Dandin), „Скржавец“ (L'Avare) и „Учени жени“ (Les femmes savantes).

Животопис[уреди | уреди извор]

Молиер е роден во Париз, во 1622 година, во семејството на имотниот трговец со тапети Жан Поклен. Крстеното име на Молиер било Жан, исто како татко му, а дури подоцна му го додале името Батист, со цел да се разликува од помладиот брат, кој исто така се викал Жан. Многу подоцна, во 1644 година, Жан Батист Поклен го зел уметничкото име Молиер. На десетгодишна возраст, Молиер останал без мајка му, за која не се знае ништо друго, освен тоа дека и таа потекнувала од богато трговско семејство, дека била писмена и дека во бракот со Жан Поклен родила шест деца. Една година по нејзината смрт, Жан Поклен се оженил за неписмена девојка од трговско семејство. Жан-Батист, како најстаро дете во семејството, учел во познатиот колеџ „Клермон“ во Париз, заедно со децата на благородниците и на богатите луѓе. Таму, Молиер го научил латинскиот јазик, што му овозможило да ги чита во оригинал делата на античките писатели. Притоа, според една легенда, Молиер го препеал делото на Лукрециј, „За природата на нештата“ (De rerum natura). Татко му на Молиер го добил почесното звање „тапетар на кралската куќа“ кое рано му го пренесол на својот најстар син. Подоцна, Молиер дипломирал право на универзитетот во Орлеан, но тој немал никаква наклонетост ниту кон адвокатурата ниту кон трговијата, иако одредено време работел во дуќанот на татко му.[1][2]

Љубовта на Молиер кон театарот се родила уште во детството, кога заедно со дедо му ги посетувал театарските претстави низ Париз на кои уличните комичари изведувале лесни фарси. Наспроти очекувањата на татко му, во 1642 година Молиер се поврзал со глумечкото семејство Бежар во кое посебно се истакнувала надарената и убава глумица Мадлена. Со неа, Молиер го основал „Славниот театар“ (Illustre théâtre) којшто започнал да дава претстави во 1643 година, во Руан, а од 1 јануари 1644 година и во Париз. Како директор на театарот, Молиер бил затворен во средината на 1645 година поради долговите направени за наем на салата и за потребите на режијата. Сепак, тој бил пуштен од затворот откако за него била дадена гаранција, по што тој повторно ја собрал растурената театарска група и со неа тргнал на тринаесетгодишна турнеја низ Франција (1645-1658). Денес постојат докази дека неговиот театар гостувал барем во 15 места, при што во некои настапувал повеќепати, а понекогаш ја уживал поддршката на разни благородници.[3][4]

Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот.[5] Во 1662 година, на поодмината возраст, Молиер се оженил со младата Арманда Бежар, сестра или ќерка на глумицата Мадлена Бежар, а малку подоцна кралот им бил кум на нивното првородено дете.[6] Во Париз, тој смело влегол во борба против лицемерното општество, но жена му се покажала како лекомислена кокета. Единствено заштитата од кралот го спасила од прогоните на тогашните аристократи, бидејќи секое негово ново дело предизвикувало протести и клевети. Дворјаните и духовништвото се здружиле против Молиер, уривачот на нормите.

Молиер доживеал напад за време на четвртата претстава на своето последно дело „Вообразениот болен“ (Le malade imaginaire), во кое тој ја играл главната улога, и умрел веднаш штом бил пренесен во неговиот стан, на 17 февруари 1673 година. Притоа, по наредба на парискиот надбискуп, ниеден свештеник не сакал да го погребе Молиер според црковните обреди, така што морал да биде погребан ноќе, надвор од гробиштата Монмартр, таму каде вообичаено се закопувале злосторниците и самоубијците.[7][8]

Творештво[уреди | уреди извор]

За разлика од Париз, во кој доминирала обновената трагедија (Пјер Корнеј итн.), во провинциските места низ кои настапувал театарот на Молиер била популарна комедијата. Оттука, во овој период, тој ги преправал италијанските комедии и самиот пишуваат мали комични дела, а истовремено ги развил и своите глумечки способности. Во своите први дела Молиер немал друга цел освен да ја насмее публиката, но тие му овозможиле да се стекне со поширока популарност. Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот. На 24 октомври 1658 година, Молиер добил дозвола да настапи во кралскиот дворец, пред регентката Ана Австриска и малолетниот крал Луј XIV. Пред париската публика Молиер најпрвин се претставил со трагедијата „Никомед“ на Корнеј и со својата комедија „Вљубениот доктор“. Со нив постигнал одреден успех и истата година ги поставил своите дела „Расеанко“ и „Љубовен инает“. Во 1659 година доживеал огромен успех со делото „Смешните кокети“ (Le précieuses ridicules) во кое играл една од главните улоги. Инаку, веднаш по доаѓањето во Париз, неговиот театар се здобил со покровителството на „Господинот“, т.е. братот на кралот, а по првите успешни претстави имал поддршка и од самиот крал. Од друга страна, Молиер знаел како да му се додвори на кралот и често пишувал дела по порачка на кралскиот двор.[5][9]

Во 1662 година, Молиер го постигнал еден од своите најголеми успеси, со комедијата во пет чина „Училиште за жени“ (L'ecole des femmes), по што тој станал првиот глумец кому кралот му доделил постојана парична помош. Меѓутоа, овој успех му донел бројни непријатели на Молиер, и тоа: дел од благородниците, глумците од другите театри, помалку надарените писатели и свештенството, поддржано од кралицата-мајка. Како одговор на овие напади, Молиер ги напишал делата „Критика на Училиштето за жени“ и „Импровизација во Версај“, од кои, првото ѝ го посветил на кралицата-мајка.[6] Подготвувајќи се за големите кралски свечености во мај 1664 година, Молиер набрзина ја напишал галантната комедија со музика и балет „Принцезата од Елида“, а четири дена подоцна, во Версај биле прикажани и трите чина на „Тартиф“. До денес останува отворено прашањето, дали се работи за трите чина на комедијата што Молиер веќе претходно започнал да ја пишува или пак станува збор за целосно нова верзија на ова дело. Во секој случај, кралицата-мајка и благородниците издејствувале забрана на „Тартиф“.[6]

Во 1665 година, Молиер набрзина ја напишал комедијата „Дон Жуан“, која по петнаесет претстави, исто така, била забранета, а повторно била поставена дури по смртта на авторот. Новата верзија на „Тартиф“, овојпат во пет чина, била прикажана во август 1667 година, откако претходно била читана и играна на приватни средби. Искористувајќи го отсуството на кралот, и ова дело било забрането веднаш по првата претстава. Забраната била тргната во февруари 1669 година и само во таа година, „Тартиф“ бил прикажан 45 пати во театарот и петпати приватно.[10] Во 1672 година, Молиер ја напишал комедијата „Измамите на Скапен“, во духот на народната фарса и италијанската „комедија дел арте“.[8]

Во првиот период од неговото книжевно творештво, Молиер пишувал помалку оригинални дела, фарси и комедии, во кои како да се подготвувал за улогата на општествен сатиричар. Така, комедијата-едночинка „Смешните кокети“ ги исмејува обичаите и светскиот салонски живот, на кој му недостасувала природност, и кој во основа бил лага и лицемерие: две кокетни госпоѓици го одбиваат додворувањето на две момчиња (гроф и маркиз), и се вртат кон други двајца кои се облечени како гроф и маркиз, а кои се всушност преоблечени слуги во таа облека. Ова интересно сиже му пружило можност на Молиер да го прикаже потеклото и психологијата на лицемерството во 17 век.

Комедијата „Смешните кокети“ претставува пресврт во творештвото на Молиер, зашто во оваа едночинка тој првпат започнал да ги исмејува недостатоците на тогашното општество. Оттогаш, тој редовно поставувал претстави со современа тематика, испробувајќи се во сите видови комедии – фарси, ревии, херојски комедии, галантни комедии, комедии со балет и со музика, карактерни комедии, драматични комедии итн. На тој начин произлегле неговите главни дела, како: „Зганарел“, „Училиште за мажи“ (L'ecole des maris), „Училиште за жени“, „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“ (Le Misanthrope), „Жорж Данден“, „Скржавец“, Господинот де Пурсоњак“, „Граѓанинот-благородник“ (Le bourgeois gentilhomme), „Учени жени“, „Вообразениот болен“ итн.[9][11]

Темите со кои Молиер се занимава во своето прво големо дело се сведуваат на две прашања: брак и воспитување на девојките. По Молиер, во романите на Ричардсон и Русо, во драмите на Дени Дидро, ќе се смета дека од правилното решение на семејните и брачните прашања ќе зависи и правилното решение на социјалната и државната задача. Во две други драми од првиот период на Молиер, „Училиште за мажи“ и „Училиште за жени“, тој се јавува како апостол на слободното и природно чувство и остро ги критикува мажите кои на жената гледаат како на своја сопственост. Молиер е против сите форми на неприродни бракови, сметајќи дека не може да има здраво семејство ако луѓето стапуваат во брак со нееднаква возраст, социјална положба или без љубов.

Во неговите први комедии сè се решава брзо и едноставно. Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти, брзо се утешуваат после неуспехот, па и самите се смејат на својот неуспех. Но, после неколкугодишно пишување, веселата насмевка на ликовите од Молиер се заменува сè почесто со тажна и замислена нота. Молиер на почетокот не сакал да им објави војна на групите кои застанале против него. Тој едноставно бил „сликар“ на францускиот живот, и тоа многу успешен, штом луѓето се препознавале во неговите ликови.

Иако се држел до основните принципи на класичната поетика (поголемиот дел од неговите комедии се напишани во стихови, составени се од пет чина и се одликуваат со единство на дејството), Молиер често отстапувал од нив, а тоа особено се гледа во реалистичкиот опфат на животната материја, во изборот на ликовите, во слободното толкување на правилото за единство на времето и просторот, како и во народниот јазик кој често го говореле неговите ликови. Токму поради употребата на народниот јазик, Молиер бил критикуван од неговите современици, особено од Лабриер и Фенелон, кои му префрлале дека неговите ликови зборуваат како луѓето од улицата. Инаку, како и другите дела од класицизмот и делата на Молиер имаат одредена дидактичка нота. Така, тој ги слика пороците на луѓето, со цел гледачот да изведе заклучок за тоа што е добро а што зло. Така, во молбата упатена до кралот во врска со прикажувањето на „Тартиф“, Молиер напишал: „Бидејќи комедијата има за цел да ги поправа луѓето забавувајќи ги, сметав дека како комедиограф најдобро ќе сторам ако ги нападнам, сликајќи го смешното, пороците на мојот век.“ Сепак, поуките застапени во неговите дела никогаш не се претвораат во морализирање. Напротив, токму поуката и комичното, поврзани со реалистичниот приказ на луѓето, им даваат карактер на неговите комедии и им даваат долговечност.[12]

Најважните одлики на творештвото на Молиер се: длабоко познавање на општествените проблеми, извонредна дарба за цртање различни средини и карактери, непогрешливо сценско чувство, живост и природност на дијалозите и дарба за комичност. Сето тоа го приближило неговото дело и до најпростата публика, но истовремено тој ја стекнал и наклонетоста и на најстрогата книжевна критика.[13] Во своите дела Молиер исмејувал и критикувал бројни општествени групи, професии и сталежи, но тој не бил секогаш револуционерен. На пример, тој никогаш не ја напаѓал апсолутистичкиот монархистички режим, што веројатно се должело на неговиот опортунизам (поддршката од страна на кралот). Исто така, тој бил многу конзервативен во поглед на местото на жената во општеството. Молиер бил чист реалист чии дела не се искачуваат во сферата на чистата поезија или филозофија, туку на проблемите им приоѓа од аспект на здравиот разум и моралот. Сепак, благодарение на извонредните уметнички способности тој зазема едно од првите места во светскиот театар.[7] За значењето на Молиер како автор постои една легенда според која кралот Луј XIV го прашал прочуениот теоретичар на класицизмот, Боало: Кој е поетот кој најмногу ќе го прослави неговиот век? Кралот бил многу зачуден кога Боало му одговорил дека тоа е Молиер. И навистина, предвидувањето на Боало се остварило, зашто и ден-денес делата на Молиер продолжуваат да се прикажуваат во театрите ширум светот.[14]

Сепак, одредени критичари и историчари на книжевноста имаат негативен став кон творештвото на Молиер или кон некои негови дела. Така, тој често е посочуван како поет со слаба инвенција, кој не само темите туку и ликовите и настаните ги позајмувал од италијанските, римските, шпанските и француските автори. На пример, комедијата „Училиште за жени“ има свои примери во италијанската и во шпанската комедија, а делото „Скржавецот“ по својот дух е блиско до делото на римскиот автор Плавт. Всушност, самиот Молиер воопшто не криел дека позајмува од други автори, одговарајќи: „Го земам своето добро таму каде ќе го најдам.“ Меѓутоа, не може да се тврди дека стануав збор за механичко преземање на туѓите дела, туку неговите комедии претставуваат нов квалитет, дури и кога темите не се оригинални. Исто така, според некои критичари, Молиер не успеал да се крене во високата сфера на филозофијата и чистата поезија.[15]

За комедиите[уреди | уреди извор]

Во своите комедии, Молиер дава жива слика на луѓето и на животот во Франција во 17 век. Во неговите дела се присутни дворјани, граѓани, селани, свештеници и претставници на разни професии, со што се добива претстава за тогашниот семеен и општествен живот. Сатирата на Молиер не поштедува никого, но особено е свртена кон високите кругови: благородништвото и свештенството.[16]

Тартиф“ е едно од централните дела на Молиер во кое ги критикува лажната побожност и моралната расипаност. Но, ова дело може да се смета и како сатира на религиозноста, воопшто, зашто двата религиозни лика (Оргон и мајка му) се претставени како негативни, додека сите позитивни ликови не се одликуваат со никакви побожни чувства. Во прилог на оваа теза зборува фактот дека токму клерикалните кругови остро се бореле против прикажувањето на „Тартиф“, со право увидувајќи дека делото е насочено кон нив.[17]

Со „Дон Жуан“ Молиер ѝ задал удар на дворската аристократија. Со оваа комедија, тој се свртел кон оние маркизи кои ја употребиле целата своја сила за да го забранат „Тартиф“, и кои не му ја оставале на мир жената со своите додворувања. Преку ликот на Дон Жуан, тој ги разоткрива лицемерноста, циничноста, подмолноста и развратот на благородниците, кои се недостојни за високите титули кои ги носат. Низ зборовите на Зганарел и на дон Луј, Молиер ја исмеал моралната празнина и лекомисленоста на благородниците, кои немаат никаква цел во животот освен да уживаат во раскошот.[18]

Пороците на луѓето го инспирирале Молиер да ја напише филозофската комедија „Мизантроп“, во која го изразил големото незадоволство од високите општествени слоеви. Така, главниот лик во делото, благородникот Алсест, е олицетворение на правичноста и искреноста и зазема бескомпромисен став кон припадниците на неговата класа. Токму тоа незадоволство преминува во општа омраза кон сите луѓе. Поради тоа, во оваа комедија, Молиер дава крајно песимистичка слика на своето време.[19]

Во комедијата „Граѓанинот благородник“ предмет на исмејување е буржоазијата, која се одликува со неприродност и разврат, како и со стремеж да стане иста како благородништвото. Во „Сркжавецот“ ги разобличил граѓаните кои во трката по парите го забораваат сето она што е човечко, па дури и љубовта кон своите деца. Во „Смешните кокети“ Молиер ги критикува девојките кои живеат во модерен стил кој е спротивен на самата природа, а во „Учени жени“ ги исмејува жените од граѓанската средина кои сакаат да се истакнат со лажната ученост и бегаат од природните обврски на жени и мајки.[18]

Молиер сметал дека животот на човекот треба да биде во согласност со природата и со здравиот разум. Оттука, во своите дела тој често ги критикувал шарлатанството, лажната ученост, извештаченоста и снобизмот, а исто така ги исмевал и утврдените норми и правила кои се спротивни на здравиот разум. На пример, во повеќе свои дела („Тартиф“, „Скржавецот“, „Вообразениот болен“) тој ги критикувал патријархалните обичаи според кои таткото го договара бракот на своите деца и се залагал за слободен избор на брачниот другар.[20]

Влијание и значење[уреди | уреди извор]

Гете имал високо мислење за Молиер, велејќи дека од него можеме да научиме како да се однесуваме на театарската сцена. Гете го познавал творештвото на Молиер уште од младоста и од него учел во текот на целиот живот при што секоја година задолжително читал по неколку Молиерови дела. Тој бил воодушевен не само од совршената уметничка постапка на Молиер, туку особено од неговиот благороден и високообразован дух и сметал дека Молиер се одликувал со такт за сето она што е пристојно и убаво во однесувањето.[21] Исто така, Гете го оценил Молиер како „чист човек“, велејќи дека кај него „ништо не е извитоперено ниту лошо створено. А потоа, таа возвишеност! Тој завладеал со моралот на неговото време... Молиер ги поправал луѓето прикажувајќи ги онакви какви што се.“[22] Во друга прилика, Гете изјавил дека Молиер „е толку голем, што се восхитуваме кога го читаме. Тој е човек од сопствен вид, неговите драми се граничат со трагичното и никој нема храброст да го имитира.“[23] И германскиот филозоф Фридрих Ниче го истакнува Молиер како еден од омилените автори.[24]

Рускиот писател Михаил Булгаков напишал неколку дела посветени на Молиер или инспириани од неговите дела: Така, во 1929 година ја напишал драмата „Братството на лицемерите (Молиер)“ посветена на односите меѓу Молиер, Луј XIV и Братството на лицемерите, а во 1932 година ги напишал книгата „Животот на господинот де Молиер“ и драмата „Малоумниот Журден“.[25]

Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс вели дека Молиеровата „сочна комика“ може да се спореди, „од гледна точка на уметноста, со оние мајстории со обрачи кои ги развеселуваат луѓето на панаѓурите.“[26]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 202-203.
  2. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 109-110.
  3. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 203.
  4. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 110.
  5. 5,0 5,1 N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 204.
  6. 6,0 6,1 6,2 N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 205.
  7. 7,0 7,1 N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 207.
  8. 8,0 8,1 Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 112.
  9. 9,0 9,1 Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 111.
  10. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 206.
  11. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 204-205.
  12. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 114-115.
  13. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 202.
  14. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 109.
  15. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 120-121.
  16. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 115-116.
  17. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 118-120.
  18. 18,0 18,1 Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 116.
  19. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 117-118.
  20. Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 116-117.
  21. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 74.
  22. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 53.
  23. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 69.
  24. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 52.
  25. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 124-125.
  26. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 202-203.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]