Тартиф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Тартиф  
Tartif.jpg
изданието на Детска радост
Автор Молиер
Земја Франција
Жанр(ови) комедија

Тартиф (француски: Le Tartuffe ou L’Imposteur) е драма (од жанрот комедија) на Молиер.

Ликови во драмата[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]

  • Госпоѓата Пернел, мајката на Оргон
  • Оргон
  • Елмира, неговата жена
  • Дамис, неговиот син
  • Маријана, неговата ќерка
  • Валер, свршеникот на Маријана
  • Клеант, шурата на Оргон
  • Тартиф, лицемерен богомолец
  • Дорина, придружничката на Маријана
  • Г-н Лоајал, судски извршител
  • Полицаец
  • Флипота, слугинката на г-ѓа Пернел

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на драмата се одвива во Париз.

Прв чин[уреди | уреди извор]

Во домот на благородникот Оргон се доселил побожниот човек Тартиф, кого Оргон и неговата мајка, г-ѓата Пернел го возвишуваат, додека сите други членови на семејството го напаѓаат, нарекувајќи го измамник. Кога Оргон се враќа дома, неговиот шура Клеант се обидува да го убеди во лицемерието на Тартиф, но Оргон е заслепен од неговата побожност. Клеант го прашува Оргон за плановите во врска со мажачката на неговата ќерка Маријана, а Оргон дава неодреден одговор.[2]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Оргон ѝ ја соопштува на Маријана својата одлука да ја омажи за Тартиф, наместо за свршеникот Валер. Маријана му се покорува, додека нејзината придружничка Дорина остро му се спротивставува на Оргон, а потоа ја прекорува Маријана за нејзината послушност кон татко ѝ. Слушајќи ги тие вести, Валер ја посетува Маријана и меѓу нив доаѓа до кавга, но Дорина успева некако да ги смири.[3]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Тартиф ѝ изјавува љубов на Елмира, сопругата на Оргон, но таа го одбива. Љубовната изјава на Тартиф ја слуша и синот на Оргон, Дамис, кој му кажува на Оргон. Тартиф го признава својот грев, но Оргон го обвинува својот син за клевета и го брка од домот. Тартиф лицемерно му соопштува на Оргон дека ќе ја напушти куќата, но Оргон го моли да остане и му соопштува дека ќе му го препише имотот.[4]

Четврти чин[уреди | уреди извор]

Клеант го обвинува Тартиф за лицемерното однесување. Оргон јавно ја соопштува својата одлука да ја омажи Маријана за Тартиф, а Елмира го замолува да се скрие во собата и самиот да го слушне додворувањето на Тартиф. Подоцна, таа го повикува Тартиф во својата соба, а Оргон се крие под масата. Кога Тартиф ќе посака да води љубов со Елмира, Оргон го брка од својот дом, но Тартиф му се заканува, изјавувајќи дека тој е сопственик на куќата.[5]

Петти чин[уреди | уреди извор]

Во домот на Оргон доаѓа судски извршител, кој му дава рок од еден ден за да се исели. Положбата на Оргон е влошена уште повеќе, бидејќи претходно тој му дал на Тартиф некои документи кои докажуваат дека Оргон му помогнал на еден свој пријател да побегне од одмаздата на кралот. Тартиф, пак, тие документи му ги предал на кралот. Во куќата доаѓа Валер, кој веќе организирал како Оргон безбедно да се засолни. Но, токму тогаш, во куќата доаѓа Тартиф со еден полицаец, кој треба да го уапси Оргон. Додека Тартиф задоволно ги трие рацете, полицаецот го апси него, бидејќи кралот дознал за неговите злобни постапки. Истовремено, поради претходните заслуги, кралот му го простува гревот на Оргон. Благодарниот Оргон ја прогласува својата одлука да ја омажи Маријана за Валер.[6]

За ликот Тартиф[уреди | уреди извор]

Првата црта со која се одликува Тартиф е сложената тактика со која се служи при измамата на луѓето што му требаат. Лицемерството, интригата, способноста брзо да ги открие слабите страни на човечката душа, се средствата со кои се служи Тартиф.

Втората карактеристика е тоа што нема измама и лага кои Тартиф не би можел да ги оправда со повисока цел. Тој го прима подарокот (куќата на Оргон) единствено од страв дека имотот може да падне во лоши раце, и дека нема да биде употребен како што треба. Дури и кога доаѓа за да го истера Оргон од неговата сопствена куќа, тој себеси се нарекува „осветник на небото“. Оваа карактеристика е толку вкоренета во душата на Тартиф, што тој кога го прививкува Господ изгледа искрен.

Третата црта на Тартиф се одвратните карактеристики на неговата душа во моментот кога ја трга маската и се покажува каков е, а тој е лаком, ненаситен, а најмногу развратник, што претставува остра спротивност на она што самиот го зборува. Во додворувањето кон Елмира, Тартиф покажува необичен цинизам. Но, можеби најважна особина на Тартиф е тоа што тој има врски насекаде, и во дворот и во административните кругови. Тој брзо го наоѓа полицискиот службеник кога му затребал, и лесно може да дојде до кралот. Лесно може своето лично прашање да го претвори во општо државно прашање. И во моментот кога станува против Оргон, тој се претвора во ревносен шпион.

Како и бројни други големи дела, „Тартиф“ може да биде сфатен на повеќе начини. Уште со првобитниот наслов „Тартиф или лажливец“ Молиер сакал да се одбрани од нападите на католиците, нагласувајќи дека ги исмејува само лицемерите, а не и вистинските верници. И во самото дело има стихови што ја потврдуваат таа теза. Сепак, постојат и мислења дека на тој начин авторот само сакал вешто да се одбрани од потенцијалните напади на непријателите. Навистина, членовите на моќната организација „Света причеста“ истакнувале дека неговата критика се однесува на сите побожни луѓе. Во секој случај, личноста на Тартиф е толку силно прикажана што на режисерите и на глумците им дозволува широки можности за интерпретација. Исто така, темата воопшто не е локална, туку универзална бидејќи, покрај луѓето кои цврсто веруваат во одредени идеи, секогаш ќе постојат и лицемери. Вештината на Молиер во ова дело се состои не само во прикажувањето на главниот лик, туку и во извонредната постепеност на дејството која што делумно е расипана со брзоплетиот и неверојатен расплет.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962.
  2. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 7-25.
  3. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 26-51.
  4. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 52-69.
  5. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 70-86.
  6. Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 87-104.
  7. N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 206.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikisource-logo.svg
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема: