Бесвица

Координати: 41°23′04″N 22°10′58″E / 41.38444° СГШ; 22.18278° ИГД / 41.38444; 22.18278
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бесвица

Сретселото

Бесвица во рамките на Македонија
Бесвица
Местоположба на Бесвица во Македонија
Бесвица на карта

Карта

Координати 41°23′04″N 22°10′58″E / 41.38444° СГШ; 22.18278° ИГД / 41.38444; 22.18278
Регион Предлошка:Грбови
Општина  Демир Капија
Област Бошавија
Население 1[1] жит.
(поп. 2021)[2]

Пошт. бр. 1442
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18002
Надм. вис. 300 м
Бесвица на општинската карта

Атарот на Бесвица во рамките на општината
Бесвица на Ризницата

Бесвица — село во Општина Демир Капија, во областа Бошавија, во близина на градот Демир Капија.

Потекло на името

Името на селото првпат е документирано во турските документи од XV век. Името се поврзува со постариот хидроним Бесовица или Бесница, што означува „бесен, луд“ од старословенскиот корен. Другата теорија е дека доаѓа од женското име Бесва.[3]

Географија и местоположба

Поглед на селото

Ова село се наоѓа во областа Бошавија, во западниот дел на територијата на Општина Демир Капија, на левиот брег на реката Бошава, а на иста страна и од земјениот локален пат Демир Капија-Конопиште, кој поминува низ самото село.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 300 метри, а од градот Неготино е оддалечено 23 километри.[4]

Бесвица се наоѓа во рамна котлина, на местото каде се соединуваат Горноселски Дол со Јагњила и Вртопенски Дол. Под селото долината се стеснува на влезот во долниот дел на Баровската Клисура. Во селото се наоѓаат неколку чешми, како и во околината.[5]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Горно Село, Кукуденче, Горно Јагњило, Романец, Наново, Локва, Падиње, Долишта, Барје, Долно Јагњило, Лопатица, Горна и Долна Чука, Равниште, Ораји, Криви Дабец, Легово, Сечивишта, Грипа, Нерези, Вртепен, Галабово Лојзе, Среќен Пат, Поле, Смрека, Желковец, Трикливо Долче, Торјанов Камен, Бела Лоза, Дага Њива, Чутуркова Орница, Црвена Земја, Коловозник, Коштан и Пржевска Нерезина.[5]

Селото има збиен тип, издолжено во насока на главната долина. Поделено е на Горно и Долно Маало, помеѓу кои се наоѓа Сретсело. До 1913 година, селото било доста поголемо, а по неговото опожарување, тоа е разретчено.[5]

Бесвица се одликува со традиционална градителска архитектура.[6]

Историја

Бесвица некогаш се наоѓало на друга положба, која мештаните ја нарекуваат Горно или Старо Село. Тоа се наоѓало еден час одење возводно по Горноселски Дол. Мештаните избегале од таму на крајот на XVIII век поради чума. Таму се сретнуваат остатоци на куќи, а порано имало и црквиште.[5]

Селото било христијанско, но подоцна се населило муслиманско население, кое станало мнозинство. Во старото село, мештаните живееле заедно, но по преселувањето дел од христијаните го прифатиле исламот, додека други се иселиле од Бесвица (последните кон крајот на XIX век).[5]

Селото било запалено во 1913 година од страна на бугарската војска, кога броело околу 160 куќи. При упадот на војската и палежот загинале над 100 селани, а подоцна дел од селаните се иселиле во Мала Азија.[5]

Стопанство

Сретселото

Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 20,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.423,8 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 588,1 хектар, а на шумите само 4,8 хектари.[4]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во минатото во селото постоела продавница.[4]

Селаните живееле од земјоделство, иако имало услови за сточарство. Муслиманското население поседувало свои чифлици во околните села, а некои од нив биле и сајбии. Додека живееле христијанско население во селото, сточарството било доста повеќе развиено.[5]

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бесвица имало 1.100 жители, од кои 1.050 Македонци муслимани, 20 Македонци христијани и 30 Роми.[7]

Селото е мало, доведено во фаза на раселување. Во 1961 година селото броело 319 жители, од кои 270 биле Македонци, а 37 жители Турци, додека во 1994 година бројот се намалил на 81 жител, македонско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Бесвица имало 18 жители, сите Македонци.[1]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Бесвица има 1 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 1
Албанци 0
Турци 0
Роми 0
Власи 0
Срби 0
Бошњаци 0
Други 0

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.100 639 770 319 304 172 69 81 18 1
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови

Бесвичкиот јавор, стар 500 години

Бесвица било мешано македонско село.[5]

Според истражувањата на Воислав Радовановиќ во 1924 година родови во селото се:

  • Староседелци: Хаџи-Алимовци (1 к.), Танчевци (2 к.), Базтијаровци (2 к.), Незировци (1 к.), Шабановци (1 к.), Штенгеловци (2 к.), Аловци (2 к.), Пашалијовци (1 к.), Мутишовци (2 к.), Балковци (1 к.), Тучиновци (3 к.), Нуревци (4 к.), Халковци (1 к.), Хаџијовци (3 к.), Башагини (1 к.), Јашковци (1 к.), Алиманковци (1 к.), Бековци (3 к.), Чашкировци (3 к.), Рустемовци (1 к.), Јашарбеговци (2 к.), Косевци (1 к.), Дерменџијовци-Гушниковци (1 к.), Глондевци (3 к.), Баталовци (1 к.), Беријовци (2 к.), Кавенџијовци (1 к.), Мемчевци (1 к.), Хулевци (3 к.), Ќетовци (1 к.), Османковци (1 к.), Чинчевци (1 к.), Џамбазровци (3 к.), Пундевци (2 к.), Мола-Мустафовци (2 к.), Кајовци (2 к.), Субашовци (3 к.), Брајовци (3 к.), Зејмеловци (2 к.), Дели-Медовци (2 к.), Јајовци (2 к.), Аличковци (2 к.), Јоревци (1 к.), Фератовци (1 к.), Берберовци (3 к.), Башовци (3 к.), Коцевци (3 к.), Муфтијини (2 к.), Тајирагини (1 к.), Халпаровци-Ногановци (2 к.), Налбантиновци (1 к.), Абдилагини (2 к.), Куртовци (1 к.), Вачковци (2 к.), Меметковци (1 к.), Максудовци (1 к.) и Калајџијовци (2 к.)
  • Доселеници: Шушлевци (2 к.), доселени се од селото Горни Дисан во почетокот од XIX век, а уште подалечно потекло од Долни Дисан; Дубровчани (1 к.), доселени се од селото Дуброво; Ѓевгелички (1 к.), доселени се од Гевгелија; Муцајовци (1 к.), доселени се од селото Тимјаник; Брлевци (1 к.), доселени се од селото Барово; Маловци (1 к.), доселени се од некое село Наќ; Исламовци (1 к.), доселени се од селото Горно Врановци кај Велес и Мамковци (1 к.), доселени се од селото Бохула, а уште подалечно потекло од селото Долни Дисан.
  • Турски Цигани:
    • Доселени: Демировци (1 к.), дошле како ковачи од Прждево во 1916 година.

Општествени установи

  • Поранешен дом на културата

Самоуправа и политика

Селската чешма

Во XIX век, Бесвица било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Демир Капија, која била една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Демир Капија.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на некогашната општина Неготино во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот 1955-1957 селото влегувало во рамки на општина Демир Капија.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Демир Капија, во која покрај селото Бесвица, се наоѓале и селата Бистренци, Демир Капија, Драчевица, Дрен, Иберли, Клисура, Копришница, Корешница, Кошарка, Человец и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Прждево, во која влегувале селата Бесвица, Прждево и Тремник.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1247 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[13] На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 17 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[15]
Џамии[5]

Во селото имало две џамии, во Горно и Долно Маало, од кои само од едната е останато минарето.

Споменици[4]
  • Споменик во чест на НОБ

Галерија

Наводи

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2021.
  2. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  3. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 50. ISBN 978-608-220-026-2.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 27. Посетено на 23 август 2021.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. стр. 318–320.
  6. „Стратегија за развој на туризмот во Општина Демир Капија 2020-2024“ (PDF). Општина Демир Капија. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-05-21. Посетено на 22 август 2021.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 155.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 24 август 2021.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 224. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано

Надворешни врски