Архитектура на Истанбул

Од Википедија — слободната енциклопедија

Архитектурата на Истанбул претставува комбинација на многу архитектонски стилови и архитектонски елементи, кои биле карактеристични за радот низ историјата. Градот на некој начин бил опколен со ѕидините на Цариград, кои биле изградени од царот Константин Велики, со цел да се заштити градот од можни инвазии. Архитектурата во градот содржи градби, статуи и други конструкции, а за тоа сведочат и бројните староегипетски, старогрчки, византиски, џеновски, отомански и современи турски извори.. Како резултат на тоа, постојат многу историски џамии, цркви, синагоги, дворци, замоци и кули. Некои од овие историски градби, денеска го претставуваат срцето на градот и истите се најголемите туристички атракции на современа Турција.[1]

Стара Грција и Рим[уреди | уреди извор]

Познатата Леандерска кула, е еден од симболите на Истанбул. Кулата била изградена во времето на Алкивиад во 408 п.н.е. целта на изградбата била поголема контрола на движењата на персиските бродови во теснецот.[2] Тогаш кулата била сместена помеѓу античките градови Византион и Усќудар. Кулата подоцна била проширена и изградена како тврдина од страна на византискиот цар Алексеј I Комнин во околу 1110 година, а истата била обновувана и на неколкупати за нијанса изменувана од страна на отоманските Турци, позначајно во 1509 и 1763.[2] Кулата со векови се користела како светилник. Денеска, во внатрешноста на кулата има кафуле и ресторан, со одличен поглед кон поранешната римска, византиска и отоманска престолнина.[3]

Еден од најзначајните споменици на Римската архитектура во градот е Колоната на Константин (турски: Çemberlitaş), која била изградена во 330 година од страна на Константин I Велики за одбележување на новиот главен град на Римското Царство.[4]

Другите градби кои потекнуваат од римскиот период се аквадуктот Валент, Готската колона, Големата палата во Цариград која претставувала голема империјална палата во југоисточниот дел на денешниот Стар Истанбул (односно населбата Фатих) и истата служела како главна резиденција на византиските императори во периодот од 330-1081 година, Хиподромот во Цариград кој бил изграден во 3 век за време на владеењето на Септимиј Север итн.

Изградба на Цариградските ѕидини започнале да се градаат во времето на Константин Велики,[5], чија цел била одбрана на Новиот Рим од непријателот. Ѕидините на градот биле продолжени и обновени во времето на византискиот цар Теодосиј II, кој ги обновил по земјотресот во 447 година, и како такви во голема мера се задржиле до денес. Колоната на Маркијан (турски: Kıztaşı) била изградена од страна на императорот Маркијан (450-457).

Византиска уметност[уреди | уреди извор]

Црквата посветена на Света Ирина датира од 4 век, и била првата црква која била изградена од Константин по преместувањето на престолнината

Раната византиската архитектура се одликува со класичните римски модели на арки и куполи. Како една од првите цркви кои биле изградени во новата престолнина на Источното Римско Царство била црквата Света Ирина во 4 век односно во времето на Константин I Велики. Од раната византиска архитектура, освен црквата посветена на Света Ирина, се одвојуваат и црквата Мала Света Софија и црквата Голема Света Софија кои датираат од 6 век во времето на Јустинијан I. Црквата Аја Софија била најголемата градба во тоа време. При осветувањето на црквата на 27 декември 537 година, се вели дека Јустинијан ги изрекол следните зборови: „Соломоне, јас те надминав“, мислејќи на Храмот на Соломон во Ерусалим.

Црквата Света Софија, која подоцна била претворена во џамија, била изградена во времето на Јустинијан

Според археолошките ископувања во Големата палата во Цариград, која се наоѓала веднаш до Аја Софија, биле пронајдени голем број на мозаици и ѕидни декорации, кои денеска се прикажани во Музејот на Мозаикот од Големата палата. Во близина на оваа локација се наоѓала и кулата Магнаура, врз која сѐ уште се вршат археолошки ископувања[6]. Големата палата била изградена во времето на Константин Велики, но истата градба на неколкупати била проширувана, а најголемото свое проширување го имала во времето на Јустинијан. Палатата Букелеон, алтернативно позната како Палата на Хормизд, била изградена во времето на Теодосиј II во 5 век, а во времето на Теофил во текот на 9 век била проширена, а во текот на 10 век во времето на Никифор II Фока биле изградени ѕидините околу големата палата, и самиот Букелеон бил сместен во дворскиот комплекс.[7] На источниот дел од големата палата се наоѓал Хиподромот, кој исто така бил поврзан директно со Големата палата.[8][9]

На местото на денешната Света Софија, црква постоела уште од времето на императорот Константин I, која била започната да се гради уште во 325 година. Но црквата горела до темел двапати, вториот пат од пожарите за време на бунтот Ника во времето на Јустинијан I во 532 година. Целата внатрешност на црквата била украсена или со злато или со некој скап вид на мермер. Многу од мермерните плочи биле донесени од стари храмови од античките градови во Мала Азија. Во август 553 и на 14 декември 557 година, два земјотреси во Цариград предизвикале пукнатини на главната купола и на источниот свод. По уште еден земјотрес на 7 мај 558 година, главната купола целосно се урнала. Јустинијан веднаш наредил да се направат поправки, кои се завршени дури во 562 година. По завршувањето на поправките, била повторно осветена од патријархот Евтихиј на 23 декември 562 година. Оттогаш, црквата го има денешниот изглед. Внатрешните мозаици биле направени во времето на Јустин II (565578). Црквата Мала Света Софија, која според податоците била меѓу првите цркви во градот, била земена како модел при изградбата на црквата Света Софија.

Во раната византиска архитектура, исто така се издвојува и градбата цистерна Базилика, која во времето на Византија, оваа подземна цистерна го снабдувала Цариград со вода доколку истиот се најде под некаква опсада. Се наоѓа помеѓу поранешниот Хиподром и Аја Софија, а позната е по своите столбови. Цистерната е долга 146 метри, широка 65 метри и зазема површина од 9.800 m². Во текот на 462 година бил изграден и манастирот посветен на Свети Јован Крстител, кој денеска се наоѓа под урнатини и рушевини.

Можеби една од најстарите византиски градби бил затворот Анемас[10], изграден во времето на Ираклиј I (610-641). Градбата се наоѓала во ѕидините на Влахерна, на западниот крај на Цариград, во близина на ѕидовите на Теодосиј II. Името "Анемас" доаѓа од Михаел Анемас, византиски војник кој се обидел да убие императорот во 1107, но бил фатен и затворен на ова место. Палатата на Константин Порфирогенит (турски: Tekfur Sarayı) е единствената градба која е зачувана до денеска од Влахерна, и истата датира од периодот на Четвртата крстоносна војна. Палатата Букелеон била примарна за престој на латинските императори во Цариград во периодот од 1204 до 1261 година.

По повторното зазимање на Цариград на сметка на крстоносците во 1261 година, византиските императори Големата палата ја посретнале речиси целосно напуштена. Главната византиска резиденција била преместена во Букелеон, која се наоѓала во западниот дел на градот. Најважните цркви, кои биле изградени по византиското повторно заземање на Цариград во 1261 година се: манастирот Богородица Памакаристос и црквата Исус Спасител. Исто така во овој период, Џеновската популација во 1348 година ја обновила Кулата Галата, која се наоѓа во областа Галата, северно од Златниот Рог. Тогаш кулата била наречена Christea Turris (односно Кулата на Христос). Од овој период датира и замокот Јорос.

Османлиска архитектура[уреди | уреди извор]

Топкапи-сарај била резиденција на османлиските султани

Во текот на османлискиот период во градот биле изградени безбројни објекти од најразличен карактер. Во 1394 година, во Анадолија (време кога градот сѐ уште не бил под власта на Османлиите) бил изграден Анадолски Хисар на азиската страна од денешниот град (тогаш област) и Румелихисар на европската страна во 1452 година, на само една година пред освојувањето на Цариград од страна на Османлиите. Основната цел на овие замоци, кои биле опкружени со најразлично оружје, била да се блокира поморскиот сообраќај на Босфорот и да се спречи пристигнувањето на бродови од џеновските колонии преку црноморското пристаниште на денешните украински градови Кафа, Синоп, и Амарса кои доаѓале за да им помогнат на Османлиите во турската опсада на градот[11]. Првата џамија која била изградена на европскастрана во Цариград била во внатрешноста на Румелихисар во 1452 година.

По отоманското освојување на градот, султанот Мехмед II наредил да се изготви голем план за промена на архитектурниот изглед на градот. Во ова време започнале да се градат Топкапи-сарај, Голема чаршија, златната порта (главна порта за влез во градот).

Првата џамија која била изградена во градот од страна на Османлиите била Ејуп Султан џамија во околу 1459 година. Џамијата била изградена на местото на гробот на Ајуб Абу ал-Ансари, придружник на пророкот Мухамед кој загинал надвор од земјата во 669 година[12], во текот на првите престрелки во Опсадата на Цариград од страна на арапите чија цел била да го преземе градот. Првата царска џамија во внатрешноста на градските ѕидини била Фатих џамија (1470) која е изградена на местото на Црквата на Светите апостоли, важна византиска црквата во времето на Константин Велики. Многу други царски односно султански џамии биле изградени во следните векови, како на пример познатата Сулејманова џамија (1557), која била посветена на Сулејман Величествениот и дизајнирана од страна на османлискиот голем архитект Синан, Султан Ахмедовата Џамија (1616) која исто така е позната како Сината џамија поради сините плочки кои стојат во нејзината внатрешност. Таа е првата џамија во Османлиското Царство, која има 6 минариња. Во 1597 година била изградена и третата т.н. султанска џамија, наречена џамија Јени.

Во текот на XVIII век и XIX век, отоманските традиционални архитектонски стилови постепено започнале да се заменуваат со европски стилови, како на пример во барокски стил бил изграден ентериетор на Палата Ајналикавак (1677-1679) и Нуруосманлиската џамија (1748-1755, првата барокна џамија во градот, исто така позната по својата барокна фонтана). Во текот на XVIII век, во Топкапи-сарај бил додаден женскиот харем, исто така во стил на барокот. По танзиматските реформи кои делотворно го започнале процесот на европизација на империјата во 1839 година, новите палати и џамии биле градени во стил на Неокласика, Барок и Рококо. Од ова време датираат палатите Долмабахче и Беглербеговскиот дворец, како и Џамија Ортакој.[13] Најпознати градби од XX век кои биле изградени во денешниот Истанбул се: Палата Џилдиз, Палата Хедив итн.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Istanbul Metropolitan Municipality attends to Madrid-FITUR Tourism Fair“. Посетено на 2008-07-05.
  2. 2,0 2,1 Ana Britannica: Turkish edition of Encyclopædia Britannica.
  3. „Maiden's Tower official website: Photo gallery“. Архивирано од изворникот на 2017-10-26. Посетено на 2009-12-30.
  4. „Çemberlitas (Burnt Column), Istanbul“. TurkeyTravelPlanner.com. Посетено на 2008-05-15.
  5. Bury, John Bagnell (1923). History of the Later Roman Empire Vol. I. Macmillan & Co., Ltd. стр. 70.
  6. „The Great Palace, Istanbul“. Emporis. Посетено на 2009-06-24.
  7. „Boukoleon Palace“. Byzantium 1200. Посетено на 2009-06-24.
  8. „Hippodrome“. Byzantium 1200. Посетено на 2009-06-24.
  9. „Hippodrome of Constantinople, Istanbul“. Emporis. Посетено на 2009-06-24.
  10. „Anemas Dungeons“. Emporis. 2009-06-15. Посетено на 2009-07-14.
  11. Freely, John (2000). Blue Guide Istanbul. W. W. Norton & Company. ISBN 0-393-32014-6.
  12. Mansel, Phillip (1995). Constantinople: City of the World's Desire, 1453-1924. John Murray. стр. 28.
  13. Kartın. F, 1974, Ortaköy Camii, Rölöve ve Restorasyon Dergisi, 1., Ankara, p. 87–89

Списоци[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]