Рококо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Љубовна двојка од порцелан од дворецот Нимфенбург, околу 1760 година, измоделирана од Франц Антон Бустели
Базиликата во Отобојрен (Баварија) во рококо стил – архитектурните елементи се слеваат и изобилуваат со живот

Рококо (фр. rococo, а поретко и roccoco), исто така познат како „доцен барок“, е стил и уметничко движење од 18-от век, кој влијаел на неколку видови уметност, вклучувајќи ги сликарството, вајарството, архитектурата, внатрешното уредување, декоративната уметност, литературата, музиката и театарот. Стилот рококо се развил во раниот 18-ти век во Париз, Франција, како реакција против надменоста и строгите правила на барокот, особено на оној во Версајскиот дворец[1]. Така, уметниците на ова движење избирале повесел, понакитен и пограциозен пристап кон барокната уметност и архитектура. На тој начин, уметноста и архитектурата во рококо стилот биле накитени и во нив често се користеле кремасти, пастелни бои, несиметрични конструкции, криви линии и злато. За разлика од барокот кој бил политички насочен, рококо стилот имал разиграни, а често и духовити уметнички теми. Што се однесува до внатрешното уредување, просториите во стилот на рококо биле изработени како цели уметнички дела со елегантен и накитен мебел, мали скулптури, украсни огледала и таписерија која ги надополнувала архитектурата, релјефите и сликите на ѕидовите. Исто така стилот рококо одиграл голема улога во театарот. Во книгата „Рококо“ (The Rococo), пишува дека нема ниедна друга култура која „создала подуховит, поелегантен и поисмејувачки дијалог полн со нејасен и прикриен јазик и гестови, префинети чувства и суптилна критика“ од оној на театарот во стилот на рококо, особено во Франција.[2]

Кон крајот на 18-ти век, стилот рококо започнал да излегува од мода, и бил во голема мера заменет со неокласицистичкиот стил. Во 1835 година Речникот на Француската Академија изјави дека зборот рококо „обично го опфаќа оној украс, стил и дизајн кој е поврзан со владеењето на Луј XV и почетокот на владеењето на Луј XVI “. Според тоа, ги вклучува сите видови уметности создадени околу средината на 18 век во Франција. Зборот рококо се гледа како комбинација од француските зборови „rocaille“, што значи камен, и „coquille“ што значи школка, поради тоа што овие предмети биле користени како мотиви во декорирањето.[3] Поимот рококо може исто така да се протолкува како комбинација од италијанскиот збор „barocco“ (бисер со неправилна форма, од кој веројатно потекнува зборот барок – „baroque“ ) и францускиот збор „rocaille“ (познат вид на градина или украсување на ентериер со школки и камчиња). Зборот може да се користи да го опише префинетиот и необичен стил кој станал модерен во некои делови од Европа за време на 18-от век. Поради љубовта кон кривите линии во форма на школки и фокусот кон декоративните уметности од страна на стилот рококо, некои критичари го користеле терминот за потценувачки да посочат дека тој бил безвреден и помоден. Кога терминот, во околу 1836 година, за првпат започнал да се користи во англискиот јазик, неговото разговорно значење било „застарен“. Всушност, стилот бил остро критикуван, и некои го сметале дека е површен и дека има лош вкус[4][5], особено во споредба со неокласицизмот. Но и покрај ова, неговите естетски квалитети се фалеле и во средината на 19 век уметничките историчари го прифатиле терминот. Иако сè уште постои спор во врска со тоа дали стилот е историски важен за уметноста во целина, тој е широко признат како важен период во развојот на Европската уметност.

Историски развиток[уреди]

Иако обично се смета дека рококото прво се развило во декоративната уметност и во внатрешното уредување, тоа потекнува од делата на доцната барокна архитектура на Боромини (1599-1667) главно во Рим, и на Гварини (1624-1683) главно во Северна Италија но исто така и во Виена, Прага, Лисабон и Париз. Локалните кнезови, бискупи и кнез-бискупи ги навлекувале италијанските архитекти од доцниот барок/раниот рококо стил кон Католичка (Јужна) Германија, Бохемија и Австрија. Инспирирани од нив, регионалните фамилии на градителите од Централна Европа отишле уште подалеку и граделе цркви и дворци и со тоа го претвориле локалниот стил на германски барок во најразработен и најсензационален рококо стил.

Еден егзотичен, но донекаде поформален вид на рококо се појавил во Франција каде наследникот на Луј XIV ги сменил дворските уметници и општата уметничка мода. До крајот на долгото владеење на кралот, богатите барокни креации им отстапувале место на полесни елементи со кривини и природни дезени. Овие елементи можат да се забележат во архитектурниот дизајн на Никола Пино. За време на владеењето на регентот Филип II Орлеански, дворскиот живот се преместил од Версај и оваа уметничка промена навлегла, прво во кралската палата, а потоа и во високото француско општество. Деликатноста и разиграноста на креациите на рококото често се смета дека совршено одговара со ексцентричното владеење на Луј XV.[6]

1730-тите години преставувале врв во развитокот на рококото во Франција. Стилот, од архитектурата и мебелот, се проширил во сликарството и вајарството, за што се пример делата на Антоан Вато и Франсоа Буше. Рококото го задржало барокниот вкус за комплексни форми и нејасни шаблони. Но во овој период, тоа започнало да поприма разни други карактеристики, вклучувајќи го вкусот за Ориентален дизајн и за несиметрични композиции. Француските уметници и изгравираните публикации го распространиле рококо стилот.

Франсоа Буше, „Појадок“ (1793, Лувр) - „ Le Déjeuner “ прикажува рококо ентериер на едно буржоаско семејство од 18-ти век. Вазата и статуетата од порцелан ја доближуваат сликата до ориенталната уметност

Стилот рококо во Велика Британија секогаш се сметал дека е „француски вкус“ и никогаш не бил широко усвоен како архитектурен стил, иако неговото влијание се чувствува силно во некои области како изработувањето на предмети од сребро, порцелан и свила. Томас Чипендејл го адаптирал и го прочистил стилот, и со тоа го преобразил дизајнот на британскиот мебел. Вилијам Хогарт помогнал во развивањето на теоретска основа за убавината на рококото. Иако не упатувал директно на ова движење, во своето дело „Анализа на убавината “ (1753 година, „ Analysis of Beauty “) тврдел дека брановидните линии и линиите закривени во форма на буквата Ѕ карактеристични за рококо стилот се основа за грациозност и убавина во уметноста или природата (што не е случај со правата линија и кругот во класицизмот). Се смета дека развитокот на рококо стилот во Велика Британија е поврзан со оживувањето на интересот за Готската архитектура во 18-от век.

Крајот на рококо стилот започнал во раните 1760-ти години кога некои познати личности како Франсоа Волтер и Жак-Франсоа Блондел започнале да ја критикуваат оваа уметност како површна и изопачена. Блондел го осудувал „бесмислениот неред од школки, змејови, треви, палми и растенија“ во современите ентериери. До 1785 година, рококо стилот излегол од мода во Франција и бил заменет со редот и сериозноста на неокласичните уметници како Жак-Луј Давид. Во Германија, рококото од доцниот 18-ти век го исмевале со зборовите „Zopf und Perücke“ (перче и перика) и го нарекувале Zopfstil. Стилот останал познат во француските провинции и во Италија сè до втората етапа на неокласицизмот, Ампир, кој пристигнал со Наполеоновите владеења и го збришал рококото.

Помеѓу 1820 и 1870 година повторно се јавил интерес за стилот рококо. Британците биле меѓу првите да го оживеат „стилот Луј XIV“ како што тој на почетокот бил погрешно наречен. Плаќале високи цени за да купат половни луксузни добра кои во Париз едвај можеле да се продадат. Но истакнати уметници како Ежен Делакроа и владетели како императорката Евгенија исто така ја откриле повторно вредноста на грациозноста и разиграноста на уметноста и дизајнот.


Стилот рококо во различни видови уметност[уреди]

Мебел и украсни предмети[уреди]

Карактеристично за стилот е неговата антиархитектурална интеграција на материјали и форми што се одгледува кај огледалото и украсите од штуко во рококо стил, во палатата во Лудвигсбург

Веселите теми и заплетканиот дизајн на рококо стилот најдобро се претставувал на поинтимно ниво од она на барокната архитектура и вајарство, кои биле наметливи. Не изненадува тоа што францускиот рококо стил бил присутен во домашните простории. Како што високите француски класи настојувале да ги опремат своите домови во стилот што тогаш бил во мода, металните предмети, порцеланските фигури и особено мебелот се издигнале на повисоко ниво.

Стилот рококо претпочитал несиметричност, вкус кој бил нов за Европскиот стил. Оваа практика на поставување на елементите надвор од рамнотежа со цел да се постигне ефект се нарекува контраст. (contraste).

За време на периодот рококо мебелот бил и физички и визуелно весел. Поимот мебел се претворил во симбол на статусот и зазел улога во удобноста и разноликоста. Мебелот можел лесно да се разместува кога имало собири. Така се појавиле многу специјализирани форми на мебел како што се фотелјата, тапацираните столици и мали столици. Имало промени во дизајнот на овие столици од типот на одделени меки потпирачи за раце, продолжени меки потпирачи за грб и одделни перничиња за седење. Исто така мебелот бил слободно поставен наместо да биде прицврстен за ѕидот, со цел да се истакне веселата атмосфера и разноликоста на сите парчиња мебел. Во производството на мебел махагонот се користел често поради неговата цврстина, а тоа било причина многу столици од тоа време да немаат потпирачи за нозе. Исто така, огледалата закачени над камините станале уште попознати кога се развило необработеното стакло.

Во креациите од периодот кога рококо стилот бил најразвиен, како што е „Собна маса“ (Table d'appartement) (околу 1730 година) на германскиот дизајнер Ж. О. Месонје кој работел во Париз, не постои никаква поврзаност со рамна површина – дури и мермерната плочка на врвот е обликувана. Основата, ногалките, и подножјето се обединети во еден тек од спротивставени извиени делови во формата на С и од камчиња. Јазолот на подножјето го покажува асиметричниот „контраст“ кој бил иновација во рококо стилот.

Модел на маса од Жуст-Орел Месонје, Париз, околу 1730 година

Стилот најмногу бил прикажуван и признат во „малите“ и декоративните уметности, и имал тенденција да ги затемнува традиционалните прифатени форми и структури или пак да се оддалечува од нив. Поради ова, противниците сметале дека стилот бил несоодветен за поголеми проекти и не го признавале како вистински архитектурен стил.

Династиите на париските столари, од кои некои со германско потекло, развиле стил за површини извиткани во три димензии (конвексни), каде што соодветни фурнири (лепењето на фурнири било во стагнација) или имитации на вернис мартин лесно се надополнувале со полици од позлатена бронза (ormolu). Познати имиња се: Антоан Годро, Шарл Кресен, Жан-Пјер Латс и Жан-Франсоа Обен.

Француските дизајнери како Франсоа де Кивилје, Никола Пино и Бартоломео Растрели лично ги воведувале стиловите во Минхен и Санкт Петерсбург, додека германецот Жуст-Орел Месонје ја основал својата кариера во Париз. Водечките духови на парискиот рококо стил биле мала група на независни трговци, претходници на модерните молери, предводена од Симон-Филип Поарие.

Апстрактен и асиметричен рококо декор – таван од штуко во Новиот замок во Тетнанг

Стилот на францускиот мебел останал до некаде порезервиран, поради тоа што украсите главно биле од дрво, или, според модата на резбање на дрво, помалку цврсти, понеприродни и поневесели во мешањето на природните со вештачките форми од секаков вид (пр. Мотиви со растенија, репрезентации на сталактити, гротескност, маски, имплементација на разни професии, беџови, слики, драгоцени камења).

Британскиот рококо стил бил повоздржан. Дизајнот на мебел на Чипендејл ги задржал кривите линии и чувството, но не и француската возвишеност и каприци. Веројатно најуспешниот претставник на британскиот рококо стил бил Томас Џонсон, надарен резбар и дизајнер на мебел кој работел во Лондон во средината на 18-от век.

Зборот „рококо“ доаѓа од францускиот збор „rocaille“ кој се користел да ги опише делата од камен и школки на пештерите во Версај. Многу од резбаните парчиња мебел од 18 век, особено рамките на огледалата, во нивната композиција прикажуваат камења, школки и вода што капи, која често потсетувала на Кинеските фигури и пагоди.[7]

Уредување на градина[уреди]

Екатеринскиот Дворец во Царско Село е една од најсеверните рококо градби
Националниот дворец во Келуш во Португалија е една од последните рококо градби кои биле изградени во Европа

Примери на градини уредени од Андре Ле Нотр:

Архитектура[уреди]

Архитектурата во рококо стил, како што беше погоре споменато, била полесна, пограциозна, пообработена верзија од барокната архитектура, која била строга и накитена. Иако овие стилови биле слични, помеѓу рококо и барокната архитектура постојат забележителни разлики. Една од нив е симетријата.[8] За разлика од Барокот, рококо стилот ги нагласувал несиметричните форми.[9] Нивните теми исто така се разликувале, и покрај тоа што двата стила биле изобилно украсени. На пример, барокот бил посериозен, му придавал големо значење на религијата и често се карактеризирал со христијански теми.[10] (Всушност, барокот започнал во Рим како реакција на Протестантската реформација).[11] Рококо архитектурата била посветовна адаптација на барокот во 18-от век, која се одликувала со повесели и подуховити теми.[10] Други елементи со кои се одликува архитектурниот рококо стил се многубројни закривени линии и украси, како и користење на бледи бои.[12]

Има голем број на примери за рококо градби и архитекти. Помеѓу најпознатите се Екатеринскиот дворец во Русија, дворецот Келуш во Португалија, Дворците Аугустусбург и Фалкенлуст во Брил, Кинеската куќа (Потсдам), дворецот Шарлотенбург во Германија, како и елементи од Версајскиот дворец во Франција. Архитекти кои се прославиле со нивните градби од овој стил се Франческо Бартоломео Растрели, италијански архитект кој работел во Русија[13] и кој се прославил со своите богати и раскошни дела, Филип де Ланж, кој работел во рамките на данската и холандската рококо архитектура, и Матеус Даниел Пепелман, кој работел во доцниот барок стил и кој учествувал во обновувањето на градот Дрезден во Германија.

Рококо архитектурата исто така значајно ги променила зградите. Таа ставала поголем акцент на приватноста отколку на големата јавна величественост на барокниот стил. Таа исто така ја подобрила структурата на градбите со цел да создаде поздрава околина.[12]

Внатрешно уредување[уреди]

Ентериер во рококо стил во Гатчина

Пример за тоа како рококото се проби во европската архитектура се дворецот Солитуд во Штутгарт, Кинеската палата во Ораниенбаум, Баварската црква во Вис, и Сансуси во Потсдам.

Во тие делови од континентот каде стилот рококо целосно навлегол, веселите, фантастичните и извајаните форми се претставувале со апстрактни орнаменти за кои се користеле огнени, листести текстури или текстури во форожма на школки, во асиметрични извивања, расцветувања или прекршени криви линии. Рококото во приватните домови ја заменува архитектонската поделба помеѓу архитравот, фризот и корнизот со сликовитото, љубопитното и ексцентричното, кои биле изразени преку пластични материјали како резбано дрво и пред се, штуко (во делата на Училиштето Весобрунер). Ѕидовите, таваните, мебелот и порцеланските и металните предмети претставувале една обединета целина. Боите користени во рококото биле понежни и побледи за разлика од примарните бои и темните тонови кои се претпочитале кај барокните вкусови.

На крајот од 1720-тите неколку антиархитектурни навестувања брзо прераснале во целосно расцветан рококо стил. Тој почнал да влијае на внатрешното уредување и на декоративните уметности ширум Европа. Во Католичка Германија се наоѓале најбогатите форми на германскиот рококо стил.

Спој на резба, штуко и фреска во рококо стил во Цвифалтен

Декоративното малтерисување во стилот на рококо на италијанско - шведските уметници-имигранти како Багути и Артари е одлика на куќите на Џејмс Гибс, а браќата Франчини од Ирска имитирале се што се појавувало во Велика Британија.

Стилот, воведен во Версајските простории, ја открива својата величественост во неколку париски градби (особено Отел Субиз). Во Германија, француските и германските уметници (Кувији, Нојман, Кноблесдорф, итн.) величествено ги уредија Амалиенбург во близина на Минхен, и замоците во Вирцбург, Потсдам, Шарлотенбург, Брил, Брухзал, Солитуд (Штутгарт) и Шенбрун.

Во Велика Британија, една од збирките на слики на Вилијам Хогарт, создадена во 1754 година, кои прават заедно мелодраматична морална приказна насловена како „Венчање по мода“(„Marriage à la Mode“), ги претставува собите за паради во една стилска лондонска куќа, во која единствено ѕидовите се направени во рококо стил. Паладијанската архитектура е доминантна. Кинеските и мандаринските вази насобрани на Kентскиот камин се сатирично претставени како одвратни мали суштества, а ѕидниот часовник во рококо стил претставува безоблична маса од гранки со листови.

Генерално, причината поради која рококото е потполно ентериерен стил е тоа што богатите и аристократите се вратиле од Версај во Париз. Париз веќе бил изграден, па затоа, наместо да се впуштат во големи архитектурни дополненија, тие едноставно го реновирале ентериерот на постоечките градби.

Сликарство[уреди]

Иако стилот рококо потекнува исклучиво од декоративните уметности, тој може јасно да се забележи во сликарството. Сликарите користеле деликатни бои и заоблени форми и ги украсувале нивните платна со херувими и љубовни митови. Портретите биле исто така популарни помеѓу рококо сликарите. Некои дела прикажуваат еден вид на непослушно и развратно однесување на субјектите, и со тоа имплицираат на историскиот тренд на оддалечување од барокната црковна и државна ориентација. Пејзажите биле пастирски и често ги прикажувале излетите на аристократските парови.

Антоан Вато, „Аџилак на островот Китера“ (1717, Лувр) - („ L'Embarquement pour Cythère “) ја претставува површноста и сензуалноста на рококо сликите

Најчесто, прв важен рококо сликар се смета дека е Жан-Антоан Вато (1684-1721). Тој имал големо влијание врз подоцнежните сликари, вклучувајќи ги двајцата мајстори од доцниот период, Франсоа Буше (1703-1770) и Жан-Оноре Фрагонар (1732-1806). Дури и деликатноста и чувствителноста во сликите на Томас Гејнсборо (1727-1788) се одраз на рококо духот. Стилот на Елизабет-Луиз Виже ле Брун (1755–1842) е под големо влијание на рококо стилот, особено во нејзините портрети на Марија Антоанета. Други рококо сликари се Жан Франсоа де Трој (1679–1752), Жан-Батист ван Лоо (1685-1745), неговите два сина Луј-Мишел ван Лоо (1707-1771) и Шарл-Амеде-Филип ван Лоо (1719-1795), неговиот помлад брат Шарл-Андре ван Лоо (1705-1765) и Никола Ланкре (1690-1743). Жан-Батист-Симеон Шарден (1699-1779) и Жан Батист Грез (1725-1805) биле важни француски рококо сликари кои се смета дека биле против рококо стилот.

За време на периодот рококо, портретите биле важен дел од сликарството во сите земји, особено во Велика Британија, каде главните имиња биле Вилијам Хогарт (1697-1764), со неговиот остар реалистичен стил, Франсис Хејман (1708-1776), Ангелика Кауфман од Швајцарија (1741-1807), Томас Гејнсборо и Џошуа Рејнолдс (1723-1792), со поласкави стилови под влијание на Антонис ван Дајк (1599-1641). Додека пак, во Франција за време на периодот рококо, Жан Батист Грез бил омилениот сликар на Дени Дидро (1713-1785), а Морис Кантен де ла Тур (1704-1788) и Елизабет-Луиз Виже ле Брун биле вешти сликари на портрети и на историски теми.

Вајарство[уреди]

Уште една област во која стилот рококо бил во голема мера прифатен е вајарството. Етјен-Морис Фалконе(1761-1791) е широко познат како еден од најдобрите претставници на францускиот рококо стил. Генерално, овој стил бил подобро изразен преку деликатните порцелански скулптури отколку преку впечатливите мермерни статуи. Самиот Фалконе бил директор на фабрика за порцелан во Севр. Статуите одразувале љубовни и среќни теми, како и природни елементи, закривени линии и асиметрија.

Статуата на гробницата на Амалија Мнишеки во Црквата Свети Марија Магдалена во Дукла, од Јан Оброцки, 1773 година. Во рококо стил се само деталите на нејзината облека со ленти

Вајарот Едме Бушардон го претставил Купидон каде што ги резба своите љубовни стрели од боздоганот на Херкулес, кој служи како одличен симбол на рококото. Полубогот е преобразен во нежно дете, опасниот боздоган се претвора во стрели за прободување на срцето, исто онака како што мермерот е така лесно заменет со штуко. Тука исто така попатно можат да се споменат француските вајари Жан-Луј Лемуан, Жан-Батист Лемуан, Роберт ле Лорен, Луј-Симон Боазо, Мишел Клодион и Жан-Батист Пигал.

Музика[уреди]

Во музичката историја исто така постоеше рококо период, иако не толку познат како претходната барокна и подоцнежната класична форма. Самиот музички рококо стил се разви од барокната музика како во Франција, каде што новиот стил беше познат како „галантен стил“ (style galante, односно „елегантен“ стил) така и во Германија, каде што тој беше познат како „чувствителен стил“ (empfindsamer stil). Тој може да се опише како лесна, интимна музика со детално обработени и префинети украсни форми.

Како пример, претставници од Франција се Жан Филип Рамо, Луј-Клод Дакен и Франсоа Купрен. Главни претставници на овој стил во Германија се Карл Филип Емануел Бах и Јохан Кристијан Бах, двајцата синови на прочуениот Јохан Себастијан Бах.

Увид во Францускиот термин „галантен“ може да се забележи во сликата на Буше „Појадок“ (Le Déjeuner), која нуди поглед на општеството кој го одразувал рококо стилот. Би било претенциозно за овие високи буржоазиски кругови да се искористи зборот „учтиво“. Сепак, гестовите на човекот се галантни. Стилскиот, но истовремено и удобен ентериер, неформалната и пристојна интимност во однесувањето на луѓето, интересните и восхитувачките детали кои се насекаде каде што ќе се погледнеш, луксузот во пиењето чоколадо – сето тоа е „галантно“.

Во втората половина од 18-ти век се појавила реакција против рококо стилот, првенствено против воочливите прекумерни украси и декорации што се користеле. Предводена од Карл Филип Емануел Бах (успешен рококо композитор со право), Доменико Скарлати и Кристоф Вилибалд Глук, оваа реакција била поведена во Класицизмот.

Световноста на стилот рококо и Римокатоличката црква[уреди]

Критичкиот поглед кон рококо стилот што е забележан во Католичката Енциклопедија од 1913 година дава занимлив приказ на непријателскиот став кој понекогаш го предизвикувал овој стил, кој бил сличен на оној на раните модернисти на високиот викторијански стил.[14] Овој критички став особено бил забележлив во врска со нестабилната природа на рококо стилот за религијата, поради тоа што тој не бил едноставен туку површен и будел емоции поврзани со материјалното. Тоа имало тенденција да ги одвлекува луѓето од молитвата и од воздржувањето. Кога таа световност на стилот се ублажувала, станувала поприфатлива во религиозните околини и опкружувања. Како таква, декорацијата во стилот рококо можела да се примени во свети градби, иако резултатите не секогаш биле задоволувачки поради тоа што стилот бил нападен дури и кога се користеле религиозни мотиви.

Стилот можел да се прифати во внатрешноста на црквите, особено кога неговите елементи биле мали или кога тие не привлекувале многу внимание. Тој бил посоодветен за ризницата или другите места кои не биле наменети за богослужение, отколку за во самата црква. Рококо стилот не бил соодветен ниту за свеченоста на божествената литургија ниту пак за богослужбените места како табернакулот, олтарот или амвонот. Рококото можело да изгледа привлечно кај големите структури и градби, иако можеби само поради тоа што неговите барокни корени, кога тогаш, доаѓале до израз. Но неговите фантастични призвуци и одлики најчесто не се долични за големите ѕидови на црквите.

Наводи[уреди]

  1. „Rococo style (design) - Britannica Online Encyclopedia“. Britannica.com. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/506448/Rococo-style. конс. 24 април 2012. 
  2. The Rococo - Google Libri“. Books.google.it. http://books.google.it/books?id=C5MfwImor7YC&printsec=frontcover&dq=rococo&hl=it&sa=X&ei=nO3tTvCXN6Hk4QT8spyOCQ&redir_esc=y#v=onepage&q=criticism&f=false. конс. 24 април 2012. 
  3. Monique Wagner, From Gaul to De Gaulle: An Outline of French Civilization. Peter Lang, 2005, pp. 139. ISBN 0-8204-2277-0
  4. Ancien Regime Rococo. Bc.edu. Retrieved on 2011-05-29.
  5. Rococo – Rococo Art. Huntfor.com. Retrieved on 2011-05-29.
  6. Kleiner, Fred (2010). „Gardner's art through the ages: the western perspective“. Cengage Learning. стр. 583–584. ISBN 978-0-495-57355-5. http://books.google.com/books?id=IJrN8rDirxkC&pg=PA587. конс. 21 февруари 2011. 
  7. Riley, Noël. "The Age of Rococo." World Furniture. Secaucus, New Jersey: Chartwell, 1989. Print.
  8. Rococo Architecture – History of Rococo Architecture – Definition of Rococo Architecture. Architecture.about.com. Retrieved on 2011-05-29.
  9. Characteristics of Baroque Architecture. Life123. Retrieved on 2011-05-29.
  10. 10,0 10,1 The Dizzying Grandeur of Rococo/
  11. Baroque architecture – Britannica Online Encyclopedia. Britannica.com. Retrieved on 2011-05-29.
  12. 12,0 12,1 Rococo Architecture. Artsz.org (2008-02-21). Retrieved on 2011-05-29.
  13. Parquetry Floors. Datatest.buildingconservation.com. Retrieved on 2011-05-29.
  14. Rococo Style – Catholic Encyclopedia. Newadvent.org (1912-02-01). Retrieved on 2011-05-29.