Гварино Гварини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гварино Гварини
Портрет на Гварино Гварини
НационалностИталијанец
Познат(а) поархитектура
Правецбарок, сицилијански барок

Гварино Гварини (италијански: Guarino Guarini; 7 јануари 1624, Модена - 6 март 1683, Милано) — италијански архитект, математичар, филозоф, автор и театински свештеник, кој се смета за значаен претставник на доцниот барок и на т.н. сицилијански барок.[1][2]

Како архитект, најактивен бил во Торино, каде што проектирал неколку градби за членовите на семејството Савоја. За најзначајно негово дело се смета Палацо Карињано, кое се одликува со заоблената фасада во барокен стил и се вбројува меѓу најубавите палати во втората половина на XVII век.

Автор е и на неколку дела, чијашто содржина главно се однесува на математиката и архитектурата и претставуваат основа за појавата на нацртната геометрија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Гварини се родил во Модена во 1624 година. Се приклучил на религиозниот ред на Театинците во 1639, а се школувал во манастирот Сан Силвестро ал Квиринале во Рим, каде изучувал теологија, филозофија, математика и архитектура. Во родната Модена се вратил во 1647, а следната година бил посветен. Брзо напредувал низ хиерархијата на редот, па најпрво станал ревизор, па администратор на дела, благајник, предавач по филозофија, собирач на данок, а најпосле во 1654 година станал пробст. Но, принцот Алфонсо поддржувал друг кандидат, па Гварини наскоро бил сменет и бил принуден да ја напушти Модена.

Внатрешноста на куполата во црквата Сан Лоренцо

За следните години од неговиот живот многу малку е познато. Во 1656 година, станал член на Театинскиот ред во Парма, а веројастно отпатувал до Прага и Лисабон. Од 1657 до 1659 година, престојувал во Шпанија, каде ги проучувал маврските градби, што подоцна влијаело на неговите градби изградени во Торино[3]. Во 1660 година, во родната Месина го издал делото „La Pietà trionfante“, каде што предавал математика,[4] а пет години подоцна и математичко-филозофското дело „Placita Philosophica“, во кое застанал во одбрана на геоцентричниот универзум, спротивставувајќи им се на Никола Коперник и Галилео Галилеј.[2]

Compendio della sfera celeste, 1675

Се тврди дека за првпат работел како архитект кај грофот Филибер Савојски во Торино, каде што заминал во 1666. Поради влијанието во неговите дела од страна на Франческо Боромини, бил прогласен за негов наследник. Во Торино, главно работел за сметка на семејството Савоја. Така, проектирал изградба на палати по барање на Карл Емануел II и неговата сестра, Лујза Кристина Савијска, а во периодот од 1666 до 1680 година работел на изградбата на црквата Сан Лоренцо. Во 1667 година, му била доверена изградбата на Капелата на Светиот Плашт („Сидоне“), во склоп на веќе започнатата Торинска катедрала, каде што денес се чува Торинското платно. По налог на карињанскиот принц, Емануел Филибер, во 1679 година ја започнал изградбата на Палацо Карињано, коешто се смета за една од најурбавите палати од втората половина на XVII век.[1]

Гварини починал во Милано во 1683 година. За негови наследници се сметаат Филипо Јувара и Бернанрдо Витоне, кој бил ученик на Јувара.

Дела[уреди | уреди извор]

Палацо Карињано во Торино

Најзначајните дела на Гварини се наоѓаат во северна Италија, каде што работел на должност кај семејството Савоја. Како театински свештеник, главно се занимавал со изградба на цркви. Неговите дела се одликуваат со раскошност и се богато украсени.

За негово најзначајно дело се смета Палацо Карињано во Торино, кое не успеал да го доврши додека бил жив. Палацото се одликува со својот раскош, а особено со заоблената фасада во барокен стил. Меѓу останатите позначајни дела се и дворецот Рекониџи, кој како едно од живеалиштата на семејството Савоја се вбројува на списокот на светско културно наследство на УНЕСКО, како и црквата Сан Лоренцо.

Освен во Торино, проектирал и дела во други италијански градови, но и надвор од Италија. Значаен таков примерок била црквата Сан Ане ла Ројал во Париз.

Покрај неговата практична работа, Гварини е автор и на неколку дела, главно посветени на математиката и архитектурата. Книгите „Placita Philosophica“ (1665), „Euclides Adauctus“ (1671) и „Architettura Civile“ (1686) заземаат првенствено место во нацртната геометрија.[5] Последната од наведените, која била издадена посмртно, содржи признание за готиката, чијшто стил е всаден во црквата Сан Лоренцо. Исто така, во 1737 година, од страна на Бенардо Витоне, посмртно било издадено и делото „Architettura Civile“, коешто ги содржи неговите нацрти.[1]

Список на дела и проекти[уреди | уреди извор]

Црквата Сантисима Анунцијата во Месина

Галерија на слики[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Црквата била изградена за Театинскиот ред. Била уништена во силен земјотрес во 1908 година.
  • б Нацртот за црквата на Сомаскискиот ред е негово дело, но проектот останал недовршен и црквата никогаш не била изградена.
  • в Црквата била уништена во 1823 година.
  • г Црквата била уништена во силниот земјотрес, кој го погодил Лисабон во 1755 година.[1]
  • д Изградбата на црквата ја извршил Филипо Јувара.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Guarino Guarini. Encyclopedia Britannica on-line
  2. 2,0 2,1 O'Connor, John J., Robertson, Edmund F.: „Guarino Guarini“, MacTutor History of Mathematics archive, University of St Andrews.
  3. Meek, Harold Alan: Guarino Guarini and His Architecture. Yale University Press, 1988.
  4. Meek, стр. 6–11, 19.
  5. Guarini, Guarino во James Stevens Curl: A Dictionary of Architecture and Landscape Architecture. Oxford University Press, 2006.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Gerd Schneider: Guarino Guarini, ungebaute Bauten Dr. Ludwig Richter Verlag, Wiesbaden 1997, ISBN 3-89500-036-1.
  • Wittkower, Rudolf (1980). Art and Architecture in Italy, 1600–1750. Pelican History of Art. Penguin. ISBN 0-300-07939-7. стр. 403–415.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]