Црква Света Софија (Истанбул)
Од Википедија
| Црква „Света Софија“ | |
Изглед на џамијата, денеска музеј |
|
| Основни податоци | |
|---|---|
| Локација | Истанбул, Турција |
| Географски координати | Координати: |
| Религија | Ислам |
| Осветено | 325 |
| Архитектонски опис | |
| Архитектонски тип | џамија, музеј |
| Завршено | 1934 |
| Специфичности | |
| Минаре/иња | 4 |
Света Софиja или Црквата на Пресветата Мудрост (на грчки: Αγία Σοφία, турски: Ayasofya, Agίa Sofίа, латински: Sancta Sophia) е поранешната престолна црква на Византиската империја во Константинопол (денешен Истанбул), која била преобразена во џамија од страна на османлиите, кога паднал и самиот град под нивна власт на 29-ти мај во 1453 година. По 1934 година џамијата била претворена во музеј. Објектот бил изграден за само пет години (532-537).
Содржина |
[уреди] Историја
На местото на денешната Света Софија, црква постоела уште од времето на императорот Константин I, која била започната да се гради уште во 325 година. Но црквата горела до темел два пати, вториот пат од пожарите за време на Бунтот Ника во времето на Јустинијан I во 532 година.
[уреди] Градба
Уште истата година започнала изградбата на новата црква, која ја имала и новата архитектура. За главни архитекти биле избрани Исидор од Милет и Антимиј од Трал, познати во тоа време теоретичари во архитектурата и математиката. Императорот им поставил за цел многу амбициозен план, чија цел била да се создаде најголемиот храм во историјата. За таа цел не биле штедени никакви средства и црквата била завршена во многу краток период од 5 години под контрола на Јустинијан. Биле користени скапи и многу вредни материали од територијата на целата империја. Целата внатрешност на црквата била украсена или со злато или со некој скап вид на мермер. Многу од мермерните плочи биле донесени од стари храмови од античките градови во Мала Азија.
При осветувањето на црквата на 27 декември 537 година, се вели дека Јустинијан ги изрекол следните зборови: „Соломоне, јас те надминав“, мислејќи на Храмот на Соломон во Ерусалим. Св. Софија била најголемата црква во светот во продолжение на скоро 1000 години, и сѐ уште е четврта по плоштина во светот. Нејзината купола долго време останала ненадмината по својот распон и висина.
Во август 553. и на 14. декември 557. два земјотреси во Константинопол предизвикале пукнатини на главната купола и на источниот свод. По уште еден земјотрес на 7. мај 558. година, главната купола целосно се урнала. Јустинијан веднаш наредил да се направат поправки, кои се завршени дури во 562. година. По завршувањето на поправките, била повторно осветена од патријархот Евтихиј на 23 декември 562. Оттогаш, црквата го има денешниот изглед. Внатрешните мозаици биле направени во времето на Јустин II (565–578).
[уреди] Освојувања и претворање во џамија
По доаѓањето на крстоносците во текот на 1204 година, црквата била опљачкана и многу вредни предмети со религиозно и историско значење биле уништени или открадени. Исто така бил разрушен и сребрениот и златниот иконостас и вратите. Во периодот на Латинската империја (1204-1261 г.), во црквата се користел католичкиот обред.
По завземањето на градот од страна на османлиите (1453), султанот Мехмед II наредил црквата да биде претворена во џамија. Црквата, а најмногу нејзиниот иконостас, биле покриени со малтер и потоа била построена во исламски дух. Во периодот на користење како џамија, црквата била неколкупати доградувана и санирана: добила 4 минариња, кујна за сиромашните, медреса, мавзолеи, ложа за молитва на султанот, а биле извршени и неколку санации: првата од Синан во 1577., а последната во 1847.-1849. во времето на султанот Абдулмеџит I. При последната ресторација биле додадени и дисковите на кои се испишани имињата на Алах, пророкот Мухамед и првите четири калифи: Абу Бакр, Умар, Утман (Осман) и Али, од калиграфот Казаскер Изед Ефенди (1801–1877).
[уреди] Претворање во музеј
Од 1934 година, во време на градењето на новата турска држаа на чело со Мустафа Кемал Ататурк, џамијата била претворена во музеј. Во текот на 1930-тите е извршена уште една ресторација, во која дел од исламските декорации се отстранети за да се прикажат вредните христијански мозаици. Но, поради баланс помеѓу исламската и христијанската уметност, добар дел од исламската калиграфија и декорации се оставени. На пример, на главната купола се претпоставува дека се наоѓа мозаик на Исус Пантократор (ако не бил отрстранет), но тој е покриен со исто така вредна исламска калиграфија.
Денеска, во Истанбул базиликата Света Софија претставува најголема туристичка атракција на градот.