Љубојно

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Љубојно
Ljubojno.JPG

Центарот на селото

Љубојно се наоѓа во Македонија
Љубојно
Љубојно (Македонија)
Координати 40°53′39″ СГШ 21°08′26″ ИГД / 
Регион Долна Преспа
Општина Општина Ресен
Население 186 жит.
Надм. височина 900 м
Портал Љубојно
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“


Љубојно е село во Општина Ресен.

Географиja и местоположба[уреди]

Селото Љубојно се наоѓа во јужниот дел на Општина Ресен на околу 2 км источно од Преспанското Езеро, на надморска височина од 920 метри, вгнездено во западните пазуви од планината Баба[1]. Од градот Ресен селото Љубојно е оддалечено 28 километри[2]. Иако Љубојно е рамничарско[3] сепак според одликите на пошироката околина тоа повеќе е типично ридско-планинско и печалбарско село, од збиен тип составено од неколку селски маала. Низ атарот на селото тече Брајчинаска река, водоносна, брза и бистра и на која до годините на Илинденското востание работеле 16 воденици. Љубојно се граничи на север со Штрбово, на исток со Брајчино, на југ со Долно Дупени и на запад со Наколец. Самото село е директно поврзано со асфалтен пат со Наколец и Долно Дупени кои лежат крај главниот регионален пат кој го поврзува источниот брег на Преспанското Езеро со магистралниот пат за Ресен и Битола, а од Љубојно води и единствениот пат кон Брајчино кој е обновен, проширен и асфалтиран во најново време. Атарот на селото кој се допира до државната граница со Грција зафаќа површина од 13,6 км², од кои обработливото земјиште зазема површина од 477 хектари, пасиштата зафаќаат 396 хектари, а под шуми се 356 хектари[4].

Македонска куќа со убав градски стил во Љубојно

Историja[уреди]

Селото за прв пат се споменува во една повелба на Цар Душан од 1337 година кога тој ја подарил селската црква Свети Никола на манастирот Трескавец[5]. Подоцна Љубојно повторно се споменува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба. Во периодот на Илинденското востание борби со турската војска и башибозук започнале уште во март, а како одмазда турските војски и башибозук ги изгореле Љубојно и Брајчино, при што во Љубојно населението гладувало затоа што турците ги изгореле снопјето и го однеле сето овршено жито[6]. Според записите на хуманитарната делегација на Скопската митрополија во книгара „Спомени од една обиколка во 1903“ (издадена во 1910 година), за време на Илинденското востание Љубојно било опколено од војска од три страни при што биле изгорени 105 македоннски и 11 турски, а само една мала куќичка среде селото останала здрава[7]. Страдањата и случувањата за време на Илинденското востание во Љубојно се запишани на спомен плочата која се наоѓа на куќа веднаш до патот кон Брајчино во горниот дел на селото. За време на Втората светска војна од 1941 година селото Љубојно било седиште на општина во рамки на албанската окупациона префектура во Царев Двор[8]. На 8 септември 1943 кај селската црква во борбите против хитлеровските германски банди при разоружувањето на италијанската фашистичка војска јуначки загинале Кичо Чулаковски од Љубојно кој живеел во битолското с.Бистрица, Ристо Т. Ѓоршевски од с. Канино - Битолско и Фари К. Ибраиме од с.Нижеполе - Битолско. Овој историски настан е запишан на спомен плочата на НОБ која се наоѓа на оградата до влезот во дворот на селската црква и гробишта на средсело.

Љубојно е многу познато по тоа што одамна бил и просветен центар и дека во селото имало школувани луѓе и пред втората светска војна, а оттука потекнуваат и повеќе луѓе кои биле или се доктори на науки и универзитетски професори, но и луѓе кои достигнале високи успеси.

Мост кај Љубојно за време на Првата Светска војна

Преданија за потеклото и значењето на името[уреди]

Во историските извори, ова село е забележано како Љубовино. Тоа се совпаѓа со едно предание според кое имато дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“ Љубојно е село од збиен тип со околу 350 куќи, градени наблиску или поврзани и правилно распоредени од двете страни на тесните улички. Куќите изградени меѓу двете светски војни ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади на кои висат пространи балкони. Дворовите се оградени со високи авлии и со широки порти.

Друга верзија за името спрема народните преданија, Љубојно своето име го добило од зборот љ у б о в. Поточно, многу оддамна се вљубиле момче и девојка од соседните населби, но поради недобри соседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и да побегнат. Се доселиле во близината на реката и останале среќно да живеат. Подоцна, во близината на местото на вљубените се доселиле други семејства и, поради тоа, местото го нарекле Љубојно.

Демографија и население[уреди]

Според пописот од 2002 година селото има 186 жители:[9] од кои најголем дел од населението се православни Македонци (94,09%).

Националност Вкупно
македонци 175
албанци 10
турци 0
роми 0
власи 1
срби 0
бошњаци 0
други 0

Поради традицијата кон печалбарството и иселеништвото, Љубојно забележува голем, значаен и постојан пад на бројот на своите жители. Така Љубојно некогашбила голема печалбарска селска населба но од неа се иселил значителен број на населението и таа преминала од големо во мало село[10]. Во 1961 година во Љубојно живееле 884 жители, од кои 868 биле Македонци, 10 Албанци, додека во 1994 бројот се намалил на 238 жители од кои 223 Македонци, 12 Турци и 1 Влав[11].

Администрација и политика[уреди]

Куќа во Љубојно, со натпис со име на сопственикот на фасада и година на изработување.

Во Љубојно опстојува месна заедница со нејзин претседател Митре Лембовски. Во селото има и основно училиште -ОУ "Димитар Влахов" Нема пишани документи, но според кажувањето на постарите љубојнчани, првото училиште во селото било изградено во втората половина на 19 век. Училиштето било малечко и само со две училници. Потоа, во 1907 година, со доброволна работа на селаните, изградено е ново и просторно училиште на два ката, во близината на центарот на селото, а во дворот на старото училиште. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци од Охрид, што докажува дека во крајот на 19 век во Охрид брзо напредувала писменоста. Во текот на Првата светска војна, како и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија, тоа било користено за болница на француските војски, за потоа во него да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја обавувале својата просветителска должност, а некои биле само маша на буржуарскиот сталеж; го малтретирале македонското население, а децата ги учеле на туѓи јазици, неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно “ги учеле”: спрски, италијански, албански и бугарски “учители”. Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон македонското население и невините Македончиња се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторите. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижување. По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, за прв пат во Љубојно се отворило училиште на мајчин - македонски јазик. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, гордост на плеада интелектуалци кои го започнаа своето школување на мајчин јазик. Посебно внимание заслужуваат напорите на првите македонски учители во Љубојно, а тоа биле: Методија Јовковски, Благоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија. Секако, посебно внимание и благодарност треба да им се даде и на голема група учители и наставници што ја продолжија наставната дејност во Преспа.

Културни и природни знаменитости[уреди]

Стара куќа во Љубојно
Цркви
  • Манастирската црква Свети Петар и Павле - се наоѓа на 1,5 километри источно од селото. Изградена е во 1923 година. Има убава камбанарија и е прекрасен видиковец. До црквата води земјен пат.
  • Свети Јован - селска црква изградена во 1861 година, по опожарувањето во 1903 година обновена е во 1921 година. Црквата е трокорабна со полигонална апсида (седумстрана). Во олтарниот простор има ѕидно сликарство кое датира од 1928 година.
  • Свети Атанасие - се наоѓа на околу 1 километар источно од селото. Подигната е во 1623 година, а обновена во 1968. Во олтарот има сочуван фреско-живопис.
  • Света Богородица - западно од селото, мала по димензии и со скромна архитектура.
  • Света Марена - се наоѓа на западниот крај на селото, претставува мала и неугледна градба во маалото на Шерденковци. Култот на Света Марена е многу раширен во делот на Преспа кој денес се наоѓа во границите на Албанија. Во Љубојно го почитува фамилијата Шерденковци.
  • Света Богородица (Пречиста) - мала еднокорабна градба со полукружна апсида изградена врз постар објект од кој е зачуван олтарен фреско-живопис од седумнаесеттиот век.
  • Свети Никола - мала градба со полукружна апсида, која најверојатно е изградена во XIV век, бидејќи се споменува како подарок на манастирот Трескавец во повелба на царот Душан од 1337 година[12]
  • Свети Димитрија - се наоѓа на околу 1 километар западно од селото, има мала градба
  • Свети Илија - се наоѓа источно од селото на патот кој води кон с. Брајчино, се претпоставува дека е изградена во деветнаесеттиот век, а подоцна е обновена. Нема живопис, а фреските се од понов датум.
Археолошки локалитети[13]
  • Куѓишта - населба од римско време;
  • Рудина - населба од римско време;
  • Кула -населба со некропола од доцноантичко време;
  • Граишта - некропола од римско време;
  • Присој - населба од римско време;
  • Св. Димитрија - црква и некропола од среден век;

Редовни настани[уреди]

Суроа.

Во Љубојно, „Суроа“ се одбележува вечерта спроти Василица, во близина на Полената (сред селото). Вечерта се пали голем оган и се принесува трпеза на која главниот дел од јадењето го носи „кумот“, се пие топла ракија и вечерта се развива во народна веселба во која селото функционира како духовна целина. Заедницата ги гони лошите работи од годината која заминува и ја прославува новата година. Рано наутро на самиот ден Василица, мали коледарчиња ги обиколуваат селските куќи и пеат пригодни песни, а домаќините ги даруваат со прилози во слатки, овошје и ситни пари.

Богојавление-Водици (19 јануари)

Ова е уште еден од празниците кои можат да се вклопат во културната понуда. Во зависност од поставеноста на селата, осветувањето на водите и фаќањето на крстот се врши на езерскиот брег (Стење), или во локалните реки (Љубојно, Брајчино).

Илинден (2 август)

Овој празник во Љубојно се прославува како верски празник и како современа манифестација од циклусот на „иселенички средби“. Прославата започнува на 1. август со културни манифестации од типот на промоции на книги и монографии за селото и литературни читања. Наутро на 2. август, жителите на селото одат во црквата Свети Илија каде палат свеќи, а подоцна во текот на денот сите куќи во селото се отворени за гости кои доаѓаат на „визита“. Селото е едно од опожарените места во Преспа за време на Илинденското востание, настан кој се одбележува со полагање на свежо цвеќе на спомен-плочите на загинатите во Илинденското востание и во Втората светска војна. Вечерта на 2 август на селската Полена (средсело) се организира голема народна веселба, на која гостуваат културно уметнички друштва, врвни македонски фолк и поп-ѕвезди. Овој дел од прославата е најмасовен и според Љубанци се собираат помеѓу две и три илјади посетители. Локалната НВО за развој на туризмот организира и продажба на промотивен материјал од Љубојно (престилки, капчиња...) се продаваат и слатки и домашни бели печива на посебно поставени штандови. За Љубанци, Илинден е „најголемиот ден“ во годината и сите масовно се трудат да бидат присутни во селото, без разлика каде живеат во светот.

Економија[уреди]

Поради карактеристичната местоположба на селото и живата природа, Љубојно е типично македонско село со огромен потенцијал за еко туризам. Туристички активности во селото се поврзани претежно со езерскиот туризам. Останатите активности на селскиот туризам се многу скромни. Во селото, туристичкиот престој на наголем број од посетителите е поврзан со локалното население, заснован на роднинска поврзаност со посетителите кои доаѓаат од градските средини. Тоа е население по потекло од ова село коешто се иселило пред многу децении. Во обновените селски куќи или новоизградените, претежно во летниот период во текот на летните одмори и за време на викендите и празниците, во семејните куќи престојуваат сопствениците со семејството, со свои роднини или со пријатели. Најчест мотив за посета на туристите претежно домашни е езерото за капење и сончање. Според составот на селскиот атар селото Љубојно во основа има полјоделска функција[14], меѓутоа земјоделството е послабо развиено второстепено занимање на населението. Најчесто за домашни потреби се одгледува зеленчук во дворовите и градините како домат, пиперки, краставици, од житата во помала мера се сеат пченица и пченка, додека многу малку куќи чуваат по неколку глави крупен добиток (крави и волови) и кози. Како и во другите села во Преспа единствена земјоделска гранка која е застапена за надворешни пазари и трговија е овоштарството, односно производството на јаболка.

Личности[уреди]

Општестевни установи, култура и спорт[уреди]

Во селото постои деветгодишно ОУ Димитар Влахов[18] во кое се образуваат околу 60 ученици. Исто така во Љубојно постои Дом на Културата, здравствена амбуланта и повеќе други услужни објекти[19]. На самото средсело на оградата од селската црква и гробишта постои споменик посветен на загинатите во НОБ[20], а во горниот дел на селото на последните куќи во правец на Брајчино постои спомен плоча за борбите против турскиот аскер и башибозук за време на Илинденското востание.

Иселеништво[уреди]

Повеќето Љубанци одамна започнале со печалбарство и најмногу ги има во Канада и САД, а во помала мера и во Шведска. Дел од нив ги имаат обновено своите куќи и имоти на кои имаат изградено современи и луксузни вили и сместувачки капацитети.

Наводи[уреди]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  4. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  6. Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр.89-91
  7. Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр.90
  8. Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр.156
  9. Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови
  10. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  11. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  12. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  13. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  14. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  15. Може да се спомне дека во Љубојно е родена и се школувала веќе една од најпознатите македонски естрадни ѕвезди – Ламбе Алабаковски
  16. КРИСТОФЕР МАСЛАРЏИЕВСКИ, 22-ГОДИШЕН АКТЕР ВО САД -Македонското презиме буди интерес во Холивуд
  17. ВМРО-вците во Битола и нивните акции
  18. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  19. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185
  20. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.185

Надворешни врски[уреди]